Филип Клетников

Гранитни зеници

ГРАНИТНИ ЗЕНИЦИ

Уморените огнокршачи минуваат низ
Арката на залезот, носејќи  им на
Своите деца по една гламна...
Во неа – веруваат тие,
Се смраморила песната
На некоја дамнешна ноќ
Што му ја отпеала на сонот љубовник
Како предворје раскошно
На невиноста своја.
И децата гордо ја носат
Гламната на своите гради,
Од неа потоа коваат тие
Богови и судбини,
На кои им градат олтари и жртвеници
Од камени солзи.

А тоа се всушност гранитните зеници,
Постојано кои се собираат  и шират
Со ритамот на неизречената тајна
На нашето постоење.
Очи, очи кои ништо не гледаат,
А сè паметат,
Очи – демначи на сите крстосници,
Очи – стражари искачени на кулите на привидението.
Зашто невозможно е да видиш,
А да не бидеш виден,
Само илузионистот може да изведе таков трик,
Во куклениот театар врежан во една периферија
На гранитните зеници.

На Растку објављено: 2010-05-17
Датум последње измене: 2010-06-29 08:56:21
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија