Јадранка Владова

Битпазар

Питом со глетката на овошјето, зеленчукот, цвеќето под погледите што извикуваат од лицата на набрчканите селани и румените, забрадени селанки.

(Прекупувачите се веќе нешто друго. Се препознаваат по итрината во гласот кој не може да ја скрие негрижата за судбината на стоките. Сигурни се дека убаво ќе ги продадат. Со дупла добивка.)

Жесток во претчувството дека крие тајни катчиња за најстрашни злостори.

Се чекори низ неговите сокачиња со дробови полни болка и издишки поради стравот дека зад аглите демнат непознати зла. Скрцнуваат тешките порти. Шепотливи гласови повикуваат во несигурната темнина на дворовите. Од нив навева миризба од тешки растителни масла што е доказ дека има многу жени во тие празнини што довикуваат.

Се чувствуваат — мазни, меки, со свилени коси. Во лелеави алишта како живи кандила го миросуваат воздухот — со излачени насмевки во аглите на усните, со солзите задржани врз клепките, со потта врз бело-темниот тил ... Го заситуваат воздухот со својата смеа, со безнапорната игра на плотта и со ветрето што го раѓаат нивните занишани глави кои со фрчењето на косата (како грива од затрчан коњ) велат меко и нејасно, отсечно и јасно, јасно — НЕ!

Допираат музика со своите седефни нокти и пеат на неразбирливи јазици за посакувањето на далечините...

Гиздави, сочни, со очи на тажни галабици и бесрамни како најпресметаните кокети, поттикнуваат вриеж на крвта. Секогаш во темнината или во денската полусенка помеѓу билките, водата на шедрваните, бршленот што ги крие вистинските ѕидови...

И сигурно, со некој свој беспричински инает, поради некоја неисполнета волја, предизвикуваат чудни злосторства по уличките на Битпазар ноќе. Ноќе, согласно со бојата на небото без месечина се случуваат сите темни нешта на Битпазар. Токму поради нив.

Под закрилата на ноќта, мускулести, намуртени мажи ги внесуваат своите бледи жртви низ подотворени порти кои молскавично се затвораат зад нив изедначувајќи се со соседните, со што за секогаш се губи можната трага за откривањето на злосторот.

А сосема се безопасни дневните купувачки. Полускриено може да се купи и злато, стари сребрени пари, оружје, секакви видови часовници, тешки свили за свечени фустани, амајлии од тиркиз, срма, монистра, афионов катран, белило, чајови за убави соништа, иситнет тутун, странски запалки, шпилови карти со срамни слики, шарени лулки, големи тепсии, толчници, ѕвонци за овци и ѕвонци со кои е неможно да ве изненадат дојденците во куќа со голема порта, дигитрони, катинари, износена облека, касети со ориентална музика, стари предмети за употреба во домаќинството ...

Секогаш се движам низ преполниот Битпазар со чудно чувство дека некој од грб ќе ме допре за да ми се обрати.

По свртувањето, во најлош случај, ќе здогледам мустаклест човек со насмевка од расипани заби што само го засилува стравот. И бекството. Но, најчесто здогледувам безопасна жена љубопитно заѕверена во она што го нуди следната тезга.

Патем му се насмевнувам на Големото Дрво што го наткрилува Битпазар со црцорот на птиците. Продолжувам подлабоко, до тезгите со теглички преполни разнобојни монистра. Се продаваат црпнати со мали лажички за чај. Купувам розови, зелени и жолти. Срмен конец, секако. Старицата со каносани прсти ги завиткува во груба хартија. Ги туткам во темнината на џебот, со движење како да ронам ситна зрна од суво стебленце. Испробувам црвила врз внатрешната страна на дланката.

(Подоцна, недобришана, долго ја гледам, со чудно гадење како туѓа рака по тукушто извршено злосторство.)

Купувам обетки од излитени парички што, најверојатно, многу долго ги носела некоја Веќе мртва.

Забрадена старица со подзамижани очи продава во платнена вреќичка „вистинска" к'на и некакви дребулии што шарено го привлекуваат погледот. Меѓу нив стара, исчадена и маслосана ламба. Ќе ја купам. Уште во дворот, на мајка ми ќе и викнам:

— Види што купив! Личи на Аладиновата! - ќе ја дувнам мазнејќи ја со показалецот.

Од неа тогаш, како од страшна, подземна длабочина ќе грмне гласот на Духот:

— Е, како да не! Нема веќе исполнување желби!

На Растку објављено: 2010-05-17
Датум последње измене: 2010-06-29 08:53:52
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија