Гане Тодоровски

Избрани песни

БИОГРАФИЈА

КРСТЕ МИСИРКОВ ПО 1903-та ГОДИНА

Знам, ќе ме ломат, и ќе ме сломат!
Силните секога се и прави и груби –
Туку најгрдото поглавје од мојот роман
ќе носи наслов: од свои убиен!

Ко сеништа ќе облетуваат крај мене,
ќе колват ко мршојади, кобно ќе грачат,
грижливо ќе ми сплетат трнов венец
и ковчег скапоцен приживе ќе ми порачаат!

Еј, век, испошаран со лути рани!
штом се судираат зборот и мечот нема дилеми –
Устата пепел наполни ја, камен стани,
јади го срцето полека и гледај вземи.

Ножот е нож, штом ти се готви нема шега,
функција тој е на доброто, но интимен со злото –
Ех, болка дива в срцето молска, стега,
кога на правдата се зарие до дното.

Сал еден потег доста е да е закана.
Галабу бел на моите македонски мисли, летни!
Железо ѕвецка, им светка метален сјај в рака
На неколкумина безочни и неприветни.

Оган ја вжарил мислата, таа е крик што јачи:
жив си $ нужен на татковината, гробови има доста!
Бидејќи за да значиш подолго треба да зрачиш
и трајна трага да оставиш!

И знај, до целта патишта има многу,
по еден или друг, до неа секако ќе втасаш,
затоа, со идеалите никога не се збогувај,
тие и поразените ги красат!

Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност.
Високо челото! Високо знамето на своите визии!
Вистината се провира низ противречности
за да се облагодари низ ризик!

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, no кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за
                                                                 скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —
Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку (кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,

коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

НАШИНСКА

Да ние е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

ДЕЛНИЧНО БУДЕЊЕ НА ГРАДОТ

Наутро, катаутро, вријавец, по улиците,
се запоточува река од луѓе,

отспани, недоспани, зловолни, шеговити,
гладни, појадени, намирисани, небричени,
добродушни, немиени, потстрижани, болни,
куци, мамурни, брзоплети, тажни,
кашличави, песнопојци, доодени,
Па,
исчезнуваат како во тло песокливо
бргу-бргу некаде помеѓу 6-те и 8-те часот.

Почнува делникот еднолично и ненаметливо
како најпозната но сепак пријатна мелодија!

Секој кон своето:

Пожарникари, милиционери, гинеколози,
свештеници, семкаџии, келнери,
улични метачи, народни пратеници, студенти,
инкасанти, столари, продавачи, ѕидари,
софисти, спортисти, адвентисти,
мизантропи, крадци, писатели,
медиокритети, нарциси, хипокрити,
филистри, дрдорковци, шмеќари,
доброволни дарители на крв и латентни убијци,
есеисти, голмани, композитори,
неротки, сифилисти, филателисти,
конјуктуристи, кондуктери, проститутки,
судии, дреари, прекупачии, еквилибристи, директори,
вратари, телефонисти,
секој ден тие па тие,
секој ден тие па тие,
                      - едни та исти,
                      едни та исти!

ПЕСНИ ЗА ЖЕНАТА

1.

Жената е... жената е ...
Бело маче годиначе,
речна слатка тресопатка,
вита ива миризлива,
мека трева што подгрева,
боцкав венец крај кладенец,
мрава, сешто што преправа,
кревко птице назимниче,
тивка соба во злодоба,
прва љуба до прељуба,
свила што се распостила,
лето в сенка засолнето,
глина полна сончевина,
утро в сина виделина...

2.

Жената е... жената е ...
гиздавица, жегавица, кивавица,
лизгавица, лигавица, ждригавица,
брадавица, државица, ракавица,
секавица, плусквица, букавица,
кукавица, валавица, палавица,
рскавица, витлавица, капавица.
брблавица, наздравица, и — лавица!

3.

Жената е... жената е ...
Мома грда немаЖЕНА,
мома лична премаЖЕНА,
мома вредна трижмаЖЕНА,
млада вдова натаЖЕНА
пресна плуска раздраЖЕНА,
прва љубов разнеЖЕНА,
доцна вечер поснеЖЕНА,
златна лира обжеЖЕНА,
злост трижклета наеЖЕНА,
жед в сто грла намноЖЕНА,
ѕвезда в дланки доблиЖЕНА,
младост в жили раздвиЖЕНА,
мајка кутра загриЖЕНА,
сказна долга најслоЖЕНА,
жар во искри разлоЖЕНА,
желба в живот продолЖЕНА,
немаштина задолЖЕНА,
моќ со занес воруЖЕНА,
нејаснина опкруЖЕНА,
таа ЖЕНА ... ЖЕНА ... ЖЕНА!

4.

Жената те... жената те ...
загледува, подгледува, надгледува,
завабува, забавува, заграбува,
преграбува, заслабува, доабува.
настрвува, зацрвува, оветвува,
расчувствува, блаженствува, тиранствува,
поседува, последува, проследува,
прославува, исправува, претставува,
прејадува, појадува, дојарува,
подгребува, прегребува, погребува,
досадува, засладува, подмладува,
зацедува, прецедува, доцедува,
у-ва, а-ва, и-ва,„
да е жива! да е жива!

ЉУБОВ

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе...

Прашинка љубов, прашинка ништотна,
прашинка невидна,
но сепак љубов, сепак љубов.

Дај да те имам во дланкиве
Нетежина, Несетило.
Дај да поверувам дека си во мене,
стуткана некаде во мене.

Милувам прашинка да си,
Тих повеј да ми те донесе...

Како што на пролет цветниците зачнуваат
дај да те заплодам,
за да се родиш во мене
љубов богатница, љубов имовита,
љубов плод љубов надрочен.

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе...

Но, јас те имам немаштино
најтрајна недостиг,
најблиска недофат,
најголем недорек,
па место грижата за тебе
поначесто сум доволен од себеси.

ГЛАС

Пак ме сонуваше, нели?
Не реков: не. Не пуштив гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
секој ден, секој час, секој миг.

Сон биди, сон што ме мами,
сон в денот, ден в сонот, сон будно бладање.
За да се разберам колкав сум самик,
да го зачекорам честакот Човешко Страдање.

Пак ме сонуваше, нели?

Да реков: да, ќе пуштев гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
сон вечен, вечна недостиг.

БИОГРАФИЈА

Гане Тодоровски е поет, преведувач, есеист, литературен критичар, историчар, публицист. Роден е на 11 мај 1929 година во Скопје. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал на темата „Веда Словена и нејзините мистификатори“. Работел како новинар во Танјуг, „Млад борец“ и „Студентски збор“. Бил долгогодишен професор по хрватска литература и македонска литература - 19 век на Филолошкиот факултет во Скопје. Бил претседател на ДПМ (1969-1971 и 1985/86), претседател на Советот на СВП (1970-1971) и бил одговорен уредник на списанието „Млада литература“. Амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. Член е на ДПМ од 1951 година. Член на Македонскиот ПЕН центар.Член на МАНУ.

Автор е на книгите поезија: Во утрините (1951), Тревожни звуци (1953), Спокоен чекор (1956), Божилак (1960), Апотеоза на делникот (1964), Горчливи голтки непремолк (1970), Снеубавен ден (1974), Скопјани (1981), Неволици, неверици, несоници (1987), Недостижна (1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996).

Автор е и на повеќе книги литературни записи (есеи, критики, огледи) и тоа: Претходниците на Мисирков (1968), Трактати за сонцељубивите (1974), Веда Словена (1979), Маѓепсан мегдан (1979), Подалеку од занесот, поблизу до болот (1983), Со збор кон зборот (1985), Поход кон Хеликон (1987), Неодложни љубопитства (1987) Книга нашинска сиреч славјанска (1989).

 Ги составил антологиите: Песната – храброст (1975), Австриската поезија на ХХ век (1982), и други, а како коавтор ги приредил антологиите: Словенечки поети (1956), Езерска земја (1967), Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968), Нова хрватска поезија (1973), Современа хрватска поезија(1981).

Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, наградата за книжевен опус на „Мисла“ и на преведувачките награди „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Златно перо“.

На Растку објављено: 2009-02-26
Датум последње измене: 2009-03-09 21:48:45
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија