Васе Манчев

Избрани раскази

БИОГРАФИЈА

ПОДИГРАВКА

Кога дојде во Цветово, Чехов веќе не ги претвораше своите чувства и мисли во книги за пресудни чинки; и самиот беше голема, силна и сложена чинка.

***

Сеир во Цветово, свет како жито, класје на повев, се ниша, игра од живот и зрелина. Над тој течен врав се раскрилила вртелешката, ги раширила, кошничките врзани со тенки синџири, како плетенки со фљонги, сето небо го покрила. Чудесна сила блика од столбот што ја држи круната и ги врти кошничките. По неколку мига ќе се спајне кругот, ќе прецвета латицата, ќе се обесат плетенките и небото празно ќе остане. Се турка народ кој попрв да фати кошничка, да седне и да лета. Сите му се предале на сеирот и гледаат што повеќе да се поиграат отаде грижите и обврските, строгите закони на нуждата и поредокот.

Рака по рака со најверната другарка, румена и насмеана, небаре од друг свет дојдена, шета и Фанчето. Косата $ свети како сончева вршидба, дури заслепува, а усните трепетни и потсушени, со сјај на пролетно здравје и плоден оган. Замижан и збрекнат, Чехов ги бута луѓето, ги гази децата, урива старци, $ притрчува на чекор и збивта како спотнат бик. Фанчето штрепнува, застанува напрегната како птица што сака да излета дури над сонцето, зинува и цикнува. Се натрупуваат мажи да помогнат, да одбранат од лошо, да спасат од зло. Чехов стои како трештен од јаснина, а крвта го тепа во грлото, коренот на јазикот му се здрвува и сето тело печена дреновина станува. А знае што сака да каже и што мора да стори. Којзнае колку пати насамо го изговорил и повторил, може да го пее а немее како ќутук. Д’т, д’т, д’т, му се крева гласот како силен земјотресен бран, се може да разурне, цела земја да распукне, но бентот во градите и јазелот во грлото не може да ги разнесе, да бликне по падините над Цветово, по расцутените багремарници како млеко од небесно ведро, со фанчето на врвот, бела и мирисна, синило во очите, розови јаболкници во лицето, да ја бакнува, милува и гали, од себе и стварноста да излезе. А само јад и грч и морници, темен клетник на клетници.

Вртелешката полека запре, народот зовре. По мигновено колебање, Фанчето и друшката $ се втурнаа во толпата да си фатат кошнички. Небаре збеснат елен по кошути, Чехов се фрли меѓу луѓето, да не ги изгуби. Онака силен и крупен, напнат и полуден ги расфрли сите што му влегоа во зениците. Не чу ни навреди, ни прекори, ни пцости и сиот во дива сила истргна кошничка од рацете на едно поголемко дете. Му тутна илјадарка за сладолед и боза и се загледа во нежните, чудесно лесни движења со кои Фанчето го сместуваше своето тело во кошничката. Се напна фустанот, се оцртаа рабовите на долната облека, стегнаа еден многу врел немир што полудува и покорува и ни срам ни ум признава. Ü ги погледна дланките и одголените лакти, го скокотна мекиот трепет на половината и нежното прелевање на косата по рамињата како светлина во бистра вода. Така и го виде сеќавањето за една слика на момче и девојче, што една зима, на една санка, се спуштаа од една далечна ритка. Санката чиниш лета, воздухот фучи и брзината станува молневита, а момчето вика: „Те сакаааам!“ И земен од сликата, се закикоти како луд.

Фанчето плашливо се сврте и зачудено го погледна, како што се проверува што ниет може да има нетокму човек. Чехов се вцрви, грлото цемент му се наполни, гр, гр, гр, во дробовите и желудникот му се стврдна. Моторот почна да бревта, гушејќи се од напор да ја заврти вртелешката, небаре одеднаш товарот му се удвоил. Кошничките се занишаа и бавно тргнаа напред, како да почнуваат да се лизгаат по снежна удолница. Чехов пак се насмеа, дури подвресна како прч, од дива радост што нагло се ослободи во него. Фанчето пак се сврте и широко го погледна со сонцето во очите. Фатена за синцирите, со ветер во ракавите и стегнатиот фустан, личеше на лебед што се крева кон небото. Моторот забуче посилно, ги подигна кошничките, народот наоколу се претопи во шарен вртоп. Воздухот збуче во ушите, косата на Фанчето блесна како комета. Беше толку убава што возбудениот Чехов помисли дека може да исчезне како светлина што ненадејно сегаси. И се наведна напред, силно ги испружи рацете да ја фати. Косата се вееше пред неговите прсти како недостижна чинка, а нежниот круг на толпата се претвори во многу бел и густ памук.

Моторот речиси ревна и кошничките се извишија над околните тополи. Чехов се уплаши и уште посилно ги истегна рацете по Фанчето, сега обесен на синџирите. Сиот во морници пак ја здогледа санката како лета молневито по ритката, а воздухот грми во ушите и душите. Се слушнаа врисоци на вџашени жени од голема далечина и длабочина. Синџирите му ги притиснаа стомакот и градите, нешто темно извирна од ушите потемно и му ги попари здивот и видот. Рацете и прстите му истрпнаа, замавна со нозете да се отфрли напред, да се фати за кошничката на Фанче да се издиши. Но од тоа спретнување само уште повеќе заостана, незгодно се сврте и се запетла. Таа леташе како метеор, слободна и недофатна, а тој беше врзан и немоќен да ја допре дури ни со погледот. И токму кога, јаден и беден, му се стори дека никогаш нема да ја стигне, Фанчето се сврте и го погледна со насолзени очи. Истиот миг, Чехов сети во градите и умот чудесна сила што ги врти и вртелешката, и небото, и земјата. Тоа космичко движење стана глас и му грмна од душата и свеста: „Фанчееее, те сакаааааам!“

Бучавата на воздухот го раскина гласот и го проголта. Фанчето летна уште побрзо, како да паѓа во бездна, со глава речиси во скутот, сиреч плаче. Чехов се напрегна, синџирите ќе ги искинеше и пак слушна писоци на избезумени луѓе. Се наведнав уште понапред, се издолжи одвнатре, ептен се обеси и со десната рака очајнички посегна по неа. Одвај држејќи се да не одлета кон тополите и сеирџиите, кои сега лишеа на валкан памук, успеа со врвовите на прстите да ја допре нејзината кошничка. Недостигаше само уште еден грч, уште еден трепет да ја стегне за излижаната оградичка, светната како жива змија. Косата на Фанчето му го заплиснуваше вжареното лице, мирисаше на жито, а воздухот баботеше како бескраен оган. Со некоја сосем неумна сила, тој замавна со нозете како пливач во многу брза вода и на чудесен начин се отфрли напред. Иако тоа личеше на паѓање, успеа да ја фати кошничката и да ја стисне до сраснување. Устата му се наполни врели соспи пена, воздухот загрме и во безмерни количества почна да му ги полни градите. Истиот миг, Фанчето се исправи и тој се нурна во блескавата жива коса. „Фанче те сакам“.

Таа се сврте како срна на злокобен шум, го погледна со насолзени очи, вкочанета и бледа, уплашена и болна. Така извиткана и трепетна, лесно му се потпре на прстите, сиреч му ги притиска, како да му порачува нешто тајно. Моторот почна да стивнува, напнатоста на синџирите попушти, воздухот глувна, кошничките папсаа, од вртопот извирнаа ридовите, тополите, куќите и сеирџиите. Светот одново се роди, стварноста се воспостави онака каква што единствено може да биде. Чехов уште ја држеше кошничката на Фанчето, маѓосан од чудесната убавина и смисла на летот. Вртењето стана сосем бавно, сеирџиите веќе се туркаа еден во друг, подготвени да јурнат по кошничките како жедни животни по вода. Вртелешката запре и некаква нестрплива рака бездушно го повлече Фанчето. Чехов жгрибна заби, се напрегна и накостреши како рис на плодење.

Турмата и џагорот беа пеколни, децата разлелекани од неисполнети желби, момчињата нервозни и воинствени. Фанчето седеше со наведната глава, небаре размислува за гласот што во баботењето на воздухот го чула или $ се причинило. Другарката $ се протна меѓу збутаните сеирџии и пријде, силно ја гушна и нешто $ шепна во косата и пазувите. Фанчето оживе, мачно ја крена главата, се слизна од кошничката и, потпрена на рамото на друшка си, не свртувајќи се ни случајно кон него, втона во толпата. Чехов штрепна, ја испушти празната кошничка и се втурна по неа, но збиените човечки тела, спотнати од мрсни јадења, дебело вино и љубовна стрв, лавнати по игра и забава, го запреа како каменен бент. Опре еднаш –двапати, налегна со сета сила и тежина но не беше повеќе оној од пред вртењето. Малакса и клекна, за малку ќе го изгазеа како пашитни говеда лепешка. Се извлече дури откако вртелешката ги крена кошничките и сите зинаа по летачите како по среќни птици. Недалеку од црквата, зад стари капини, под трепетликите, клечеше Фанчето и силно се тресеше. Челото $ беше на земјата, косата заплетена во суви треви. Другарка $ стоеше над неа и ја придржуваше за рамењата. Чехов потрча безумно, со подадени раце да $ ја крене светлата коса. Небаре го насетила неговото трчање, Фанче се исправи и го погледна со згрчено лице. Беше бледа и си ги избриша извалканите усни со морничаво варосана дланка. На сувата трева се гледаше дека повраќала. Чехов се повлече како виновник, си потона во испотените раце и од некое многу силно внатрешно студенило се претвори во грутка емајлиран порцулан.

***

Чехов, Антон Павлович. Книгите се, сепак, само купишта чинки. Освен себе, стварноста не признава други вистини.

НЕДЕЛЕН РУЧЕК

Света недела, утро позлатено. Тивко небо над дворот, свечен мир над животот.

***

На буништето, бележито меѓу чемерливите кокошки, кренало глава кусото петле, со три жолти фуфули, како златна круна, царче на живината. Во темните окна на прозорчето се излева сонцето како крв, цело поле го исполнува. Под изгревот, во сура сенка, од куќата излегува тате и тргнува кон буништето. Зад грбот крие криво стапче и кротко, со подмолност во чекорот, му се приближува на кусото петле. Му потсмукнува како на дете, нeбаре бакнежи му праќа и бисерно зрно ќе му даде. Кокошките скокодакуваат немирно, како од змија или невестулка, а петлето, омаено од сјајот на утрото, тивко искукурикува.

Подгрбавен и темен, тате речиси незабележливо подместува нога пред нога, небаре гази по жива душа и отворени очи. Петлето го истегнува вратот и, напнато за скок, трепнува накај него како да му ја испитува намерата. И пак искукурикува, сега посилно, небаре ја разбрало смислата на неделниот ручек: мрсен оризник со петел. Истиот миг, како молња блеснува дреновото стапче и му летнува накај шијата. Со иста таква брзина, петлето одрипнува настрана и застанува како маѓепсано. Тате плукнува и пак замавнува, стапчето фиукнува, петлето пак одрипнува и, ослободено од магијата на смртта, почнува да бега, кривејќи ја шијата како да моли за живот. Тате јурнува по него и го фрла стапчето накај раширените крила, накај напнатите нозе, накај смрзнатите очи од страв, но петлето во последен миг се сокрива зад оборот. Озабен и свиреп, пцуејќи нечија крв, тате се загнува кон нужникот, да го пресретне зад ќошето, во заседа. А петлето летка, прерипнува дупки, сачки и ѓубре, ја прескокнува кочината, го прелетува кокошарникот, се качува на црничката, од неа на копата, од копата ќорлемички се втурнува кон нужникот, да фати дрими низ полето. Црно пиле, црна судба.

Веќе засолнет зад капините, со скриено стапче, крвожедно напнат, тате чека. Петлето безумно лета накај него, право врз смртта, и креска; само се оплакува. Тате одвај дочекува да му дотрча и крвнички замавнува, душа да му распердуши. Но петлето со нестварна брзина се наведнува, се стркалува, спретува, земја да зине да го скрие. Стапчето му го прободува крилото, десно-то, кусото, поткубаното, подгореното. Скрескува жалното пиле, спискува како човек, влечејќи си го крилото како претешка наметка, се мушнува под лободите, во штирот, троскотот и таталиштата, се вовира во камарата лигаво камење.

Тате исплукува балган, зелен како смола од лешки, ригнува пена, земја и небо пцуе, свет превртува, клекнува на колено и ја вовира раката под камерата да го зграпчи петлето. Црното пиле прета, се пика меѓу студеното камење, му се кине крилото, му тече крв од пазувата. Прстите на тате, со нокти како чингели, палаат, гребат, пипкаат, крилото го допирнуваат, франгачите ги кубат. Петлето се тресе, го чопка по ноктите и подноктиците, живец му клука, се брани, пуста душа да спаси. А тате ја турка камарата, го подместува камењето, прстите, канџите, крилото да го зграпчат. Се мушка петлето, се пика, трепери, процеп бара, да излезе накај полето, да дотрча до лаките, до валозите, да се скрие во драки и лути ѓинѓерлици, да се искачи на тумбите, од тумбите на ридовите, од ридовите вид виделија во небото да фати.

Рамото на тате ја урива камарата, но кусото петле се втурнува низ тревјето, дотрчува до плетот, рипа да го прерипне, да се искачи на прачките. Скршеното крилце му се вее како волшебна шамија за летање. Се тресе, се грчи, во напор да полета, да ја прелета темната смисла на смртта што го прогонува, да одлета во полето и уште да гледа, и уште да слуша, и уште да јари јарки и кокошки, и буништето да го чува. Рипа, рипа, ги гребе прачките, не може да се заграби, да се искачи, да стигне отаде опасноста, во чудесно недостижниот простор на спасот, да куртулиса од ужасните правила и свирепата смисла на стварноста што го испилила. Таму да побегне, таму да стапне, да здивне, да заспие.

Тате ја прерипува камарата и со раширени раце го спогнува шијата да му ја искубе. Огромните рачишта, како две искастрени лешки, паѓаат врз кусото петле, го поклопуваат, црн опинок скршеното крило му го згмечува. Ги напнува клетото пиле нозете и градите, пафнува со левото крило, десното сосема му се откинува. Како лигава жаба се ислизгува од шепите на својот крвник и настранливо, превртувајќи се, со последниот здив се вовлекува во темниот густеж од татал, коприви, капини, безгел, паламида и смолесто кучко грозје. Исчезнува во збувнатото зеленило како во кошмарен сон.

Тате го згмечува откинатото крило, ја грабнува косата и, замавнувајќи од раб до раб на видикот, почнува да го коси бурјанот. Паѓаат сочните татали и коприви, се пласти кучешко грозје и безгел, паламидите легнуваат како заклани кози. Мава тате, фрчи, плука балгани како жолта мил, перуникова пена му лета од мустаќите, мрсна пот го облева по плеќите, гаштите му стежнале од зла сила на крвожед. Косата се зарива во густото руно на зеленилото, с'ска како разлутен поскок, се заплетува, се отплетува и ѕунејќи блеска на сонцето. Мава тате, сече, земјата се разголува, див ветер издишува. Лета таталот, се виткаат капините како прекршени змии, уште малку има, уште еден преграб, уште ракатка, уште една грст, уште еден корен. А под тој корен - кусото петле, црно и мокро од крв, небаре од долниот свет воскреснало, трепери. Лежи на десната страна, на пресната рана, нозете му се вкочануваат од претсмртно студенило, канџите му се згрчиле во очајничко посегање по полето.

Тате здивнува, ја фрла косата, се расчекорува над дребната жртва, си ја брише потта од челото и вратот, си ја дува пената од мустаќите. Црното пиле замижува, небаре се предало на ужасната неминовност на своето погубување, како на неподмитлив закон за стварноста на која ñ припаѓа заедно со својот свирепо надмоќен душман. Глетката на одземање на неговиот живот го исполнува дворчето со морничав молк од врв небо до дно земја.

Прстите на тате веќе ги допирнуваат влажните пердуви на кусото петле го чувствуваат зарипнатото срце под откинатото крило. Тупка срценцето, тупка, тупка, сака да го иступка сиот оној живот што му го одземаат, да ја собере сета светлина што му ја згаснуваат и да ја почувствува сета љубов што би го опивала до судениот час. Ноктите веќе се вовлекуваат под мокрото перје, под топлата наежена кожа, палецот во раната се забодува.

Кусото петле морничаво скрескува, спретува со некоја неверојатна сила на неуништив дух, изрипува од бездушната надмоќ на својот убиец, се стркалува накај куќата, од смртта излетува во пазувите на мама влетува. Таа го гушнува, го покрива со прегачот и тивко заофкува со соборена глава и расплетена коса врз него. Тате се нафрла зазбивтан, со испружени раце, ги отвора канџиштата да ја раскине. Мама детински се склопчува, клетото пиле не го дава. Тате замавнува, ја трештува мама по лицето, снежни пеперуги се посипуваат по гумното. Две црвени шурки и потечуваат по градите, врз прегачот, кусото петле го залеваат. Тате ñ ги раздерува пазувите и, како да ñ ја вади душата, го стиснува пилето за фуфулот. И, небаре се одмаздува, му ја откинува златната круна од главата.

Света недела, пладне посребрено. Тате кажува молитва, испива две чашки препек и ја забодува вилушката во оризникот.

- Ајде кркајте, не дремете!

ЛИЧЕН МИЧЕ

Излезе Миче од болницата и удри право во сонцето. Под вишинката, на која се белееше зградата на клиниката, лежеше Солун, извиен околу главата на заливот како ореол. Морето се брануваше меко, дишејќи со чудесната моќ на својата огромна природа. Имаше во тој немир отсјај од најтаинствените длабочини на модрата шир, од најдалечните, најпрочуенитс и најпривлечни места, полни со богат живот и чудесни можности за вознес на душата и свеченост на сетилата, што ја надминуваат и човечката мечта. Во него се слеале оние убавини пред кои умот занемува а срцето игра, неодоливост што во својата магија го пресметале и најтешкиот бол, и најжестокото искушение, и најненадоместливата жртва.

Заслегува по стрмните скали од бел, делкан камен, внимателно придржувајќи се за оградата. Стигна до тесна, но мирна уличка и застана. Со дланките си го покри лицето, како да проверува дали, по три недели во осојна соба, замирисан од лекови, е доволно подготвен да ги поднесе ризиците и искушенијата на новиот живот. Уличката беше мазна, без возила, со малку минувачи и тие бавни како полжави. Чекорејќи претпазливо, изби на голема, пеколно жива улица. Неброени автомобили грмеа, тресејќи ја земјата, а по тротоарите, пред излозите и семафорите, вриеше од нервозни луѓе. И сè едни силни и остри рамиња, едни размавтани раце како приралки. Сите заитани, како заќоравени, туркаат, бувтаат, газат, безобѕирни, предадени на некакви сурови намери и цели, да паднеш питулица ќе те направат. И сè со некои очи без поглед, излезени од природата, од чувствата и душата, сигнални светилки. Едни небричени и нестрижени лонгури, немиени и нечешлани од раѓање, за малку ќе му го скршеа носот со лактите.

Со подигнати раце пред себе, сè скраја, по работ на тротоарот, напрегнат секој миг да одрипне настрана, да се извитка или отстапи, тргна кон морето што шумеше се посилно како да го довикува. На две-три места застана да се огледа во големите стакла на излозите. Ставата му беше чудесно стројна, витка и права, а главата - волшебно убава, нова. Грозните тртки и диви меса што до пред три недели му ја потемнуваа и самата желба за живот, сега беа слеани во занесна хармонија, како во бајка за принц што се ослободил од грда магија.

Стигна на брегот и се загледа во немирната вода како да го бара одговорот за својата нова судбина. Зад него шеташе многу народ, потонат во вревата на своето секојдневие, небаре во магла што му го покрила видикот. Како чудесен повик за игра, силна и возбудлива понуда за опивна животна игра, се излачуваа многу млади и немирни женски гласови во полнокрвно смеење. Некогаш бегаа од него, се плашеа од неговиот изглед, исчезнуваа во некој силен вриеж, како случајни одблесоци во лажна вода. Сега се до него, му се нудат да ги згрне, да ги има како цар на среќата и убавината, иако само пред три недели немаше смелост ни во мислите да повте по нив.

Морето го плисна со неочекувано студен ветрец и тој се уплаши да не го настине младото ткиво на штотуку зараснатите рани, да не загнои и пламне. Си го покри лицето со дланките и се упати кон најблискиот ресторан. Најде слободна мала маса до големо чисто стакло, свртено кон морето. Од снротива, над долг аквариум, имаше широко и бистро огледало. Порача јадење од риба и половина литар бело вино. Срцето возбудено му тупкаше поради почетокот на големата свеченост на која тој полека и внимателно ñ се предаваше. Се сврте кон огледалото и строго, испитувачки, како човек што проверува резултат од ризична и мачна постапка, почна да го анализира своето лице. Лесното руменило од морската свежина беше како внатрешен отсјај на конечно досегната среќа. Место бабурестиот, грдо испакнат нос, што ги изобличуваше образите и очите и му ги покриваше челото и устата, влечејќи ги напред дури и ушите, сега гледаше бебешко, нежно носе, благи и весели очи, правилни усни, отворено мазно чело и детски образи. Имаше нешто, би се рекло, божествено во новиот изглед, со најубавото значење на поимот слобода.

Го провери впечатокот уште неколку пати, да утврди дека не подлегнал на некој од безбројните соништа со кои лажно и кратко го разблажуваше болот пред операцијата. Задоволен, се напи вино и се сврте кон морето. Седеше како во брод, упатен кон далечни земји и пристаништа, во насоката на својата потреба од триумфален надоместок на безмерна загуба. За миг, како што се случу-ва само во запалена мечта, брановите се преобразија во живи и уверливи слики со возвишена смисла, на која тој полагаше неприкосновено право како на свое царство. И најрајските глетки од Хаваите и Тахитите, што ги беше видел во туристички проспекти, беа грди наспроти тие неописни визии. Убавина што самата себе се надминува. Ке пивнеше нова голтка, ќе трепнеше и веќе ги гледаше расните танчерки на Рио де Женеиро во прекрасниот за-нес на самбата, разиграни само за него. Ново трепнување. Хонг Конг; малите продавачки на љубов со устиња од темјанушки и цициња од зрели смокви му се мазнат од градите. Потоа лет до скандинавските бели самовили, со крцкави тела во нестварно топол снег...

Го допи виното, плати и, со достоинство на суверен на светот, излезе. На големата улица фати такси и безбедно, на задното седиште, стигна на железничката станица. Пред билетарницата немаше турканица, спокојно си купи билет и со ситни чекори, крајно внимателно, тргна кон возот. На перонот имаше невидена турма, како во голема несреќа или веселба. Со лакти над главата, како рогови, се проби до најблискиот вагон и, не обрнувајќи внимание на резервацијата, брзо се качи.

Не стигна ниту да здивне, а веќе забележа дека токму тој вагон е преполн. Многумина стоеја во ходникот и, како за несреќа, беа дебелковци. Помисли да слегне и да појде во некој од задните вагони, но само што се сврте се откажа; глетката потсетувашс на обор разјарени говеда што се ритаат и бодат. Тргна по ходникот и моише вешто ги мина сите пречки. Меѓутоа, негде пред крајот, е заитан бизон, со торби како силоси, така безобѕирно го притиска до прозорецот што виде ѕвезди. Да не се наведнеше молневито та да удри со темето, лицето ќе му станеше пача.

Сепак стигна во соседниот вагон, за влакно избегнувајќи трагедија на самиот премин. Двајца се довикуваа на некој непознат јазик и брзаа во спротивната насока па тој се најде на колена. Но не им се налути премногу, зашто веднаш седна на ослободеното место во првото купе. Лесно се прибра од возбудите и внимателно ја испита околината. Патниците што веќе седеа, го гледаа со чудно љубопитство. Изгледаа благородно и мирољубиво, можеше од нив да се очекува дури и помош. Грижливо си го испипа лицето и иако не откри ни сомнително јазолче, ни морничава дланка, стана и се огледа во малото огледало. Се залиса: изгледаше несомнено божествено. Се спушти на седиштето и блажено ги затвори очите.

По едно многу долго време, возот наеднага се затресе од страотно силни удари и по опасно нишање одвај се смири. Миче штрепна и првото што го здогледа беа три огромни куфери, наредени на пирамида врз багажникот од спротива. Беа црни и тешки и злокобно се нишаа. Го пресече јанѕа дека при првото наредно нагло запирање на возот можат да му паднат врз лицето и тоа да биде крај на неговиот живот. Премери со погледот, испишаа можна линија на летот и сè беше неумоливо: страотниот удар беше непобитен. Затоа, не губејќи ни миг повеќе, скокна и побегна во ходникот.

Се фати за држачите и се обѕре лево-десно да нема некоја нова подмолна опасност. Се смири мошне брзо. Ходникот беше неверојатно тесен и силно осветлен. На спротивниот крај, загадочно осамена, стоеше една млада жена. Добро осветлена, изгледаше мошне убаво. Имаше долга и сјајна коса, меко извајани рамења, едри колкови и високи гради. Носеше чизми и неверојатно тесни панталони, болно вовлечени во стегното, безбели до матката. Штом сети дека ангажирано ја набљудува, таа полека се сврте кон нрозорецот, со грациозност во движењето што предизвикува и мами на приближување. Тој дури виде ѓаволеста насмевка на блескави усни и бисерно бели заби, која открива особен телесен и душевен немир.

Се пушти од држачот и зачекори кон неа, вдишувајќи и издишувајќи го сиот воздух на земјата. Таа се сврте и уште еднаш се насмевна, сега со многу сјај во очите. Му збуче надојдена вода во градите и ушите. По еден ужасно долг живот на навреди и понижувања, тој почнуваше да го користи своето свето право да ужива силно и страстно, без молба и извинување, машки. Чекорејќи така, во занес, побрзо од брзината на возот, не виде една голема нога на заспан или пијан патник, подадена од претпоследното купе. Се сопна, просто летна, со лицето удри во рачката на вратата, се расече и си го скрши носот. Се згрчи на подот како прострелан во срцето. Му бликна многу крв и тој потона во темнина што ни природата не може да ја создаде толку црна.

Како последен зрак светлина за неговите очи, длабоко во себе, во јадрото на каењето и оплакувањето, одвај стигна да ја види мајка си. Гологлава и боса, со раширени раце и расплачени очи, трча накај него да го прегрне, да го притисне на срцето. Јури со чудовишна брзина и се чини нема да може да запре. Така залетана, ќе удри во него со таква силина и ќе ја упропасти сета убавина и складност што не успеала да ги роди. Тој инстинктивно се напнува, ги исфрла рацете напред и молневито ја зграпчува мајка си за гуша. Таа налега, тегне раце да му го допре лицето, извива врат да го бакне, а тој ја одбива, ја одбива, ја одбива и избезумен од гнев ја отфрла од себе. И заедно тонат во темнината сè до сознанието дека стварноста е строга и непроменлива и дека секој престап скапо го наплатува.

БУНАР

Суворек - зината уста; штотуку замрен лелек.

Свирепа суша и мачна самотија.

Озабени, распукани, од сурово сонце исчадени карпи, песок и пепел. Спечени од истизавање, загорени од жед, клети прнарчиња и тревки. Нема и глува бездна под карпите, ни спомен од дива вода на разрикан порој, од морето на небото бликнат. Зеат темни урви, тежат суви одрони, црни варџилници се стегнале како крастави садни полни запечен гној.

Во сенката на карпите - куќарка од сив ќерпич и темен камен. Двор - чир. Под струпката - бунар! Незнајно стар; излак на времето и светот? Длабоко студен, таинствено сенчест, ладен здив и чудесен мир.

Крај оградата, до изглодана копанка, коза. Слика на мака. Тежина; врзана празнина; грч.

Тврдо небо, тврда земја, тврди жили и мускули, душа задумана, надеж подгорена! Тишина и копнеж, тлеење и чемреење!

Од куќарката, со чекор на сенка, излегува тенка жена, забрадена со сина шамија. Го погледнува небото, како да бара во него некаков знак. Потоа долго ги набљудува карпите, небаре проверува има ли во нив на живот знак. Воздивнува, градите ñ спласнуваат меѓу рамињата. И приоѓа на козата, ја милнува по вратот и клекната и се огледува во бистрите тажни очи. Козата невино мекнува, ја подава устата и не трепнува. Жената ја симнува забратката, ја гушнува и бакнува, небаре паѓа во несвест.

Останува така неподвижна, со силен трепет под полите на елекот. Козата мекнува како да се гуши. Жената штрепнува, се исправа и како збунета прељубница, фатена во грев, потрчува кон бунарот. Брзо го подига капакот, ја фрла кофата во длабочината, трескавично го занишува синџирот и ја крева со долги замавнувања на рацете. Бистрата, синкава и жива вода подблеснува на каменот, небаре во тој трепет на светлината може да се одгатне долго очекувана порака. Празнината на небото ужасна глетка, длабочина во длабочина, бескрај во бескрај; меѓу две бездни згрчени зеници и јад.

И како да спречува бол, жената ги нурнува дланките во кофата и силно си го исплискува лицето. Водата е како скреж, кожата се наежува, усните и слспоочниците се стегнуваат. Челото се намалува и за миг згаснува како сонце зад облак, потоа, изгрева над многу високи, темни и студени карпи. Жената си ја подига фустата и си го брише лицето, триејќи си ги образите со жестина, небаре од остра брада на небричен маж. Козата мека, го тегне јажето, го ниша колецот и се гуши. Не обрнувајќи ñ внимание, како да не постои, жената си ја измазнува косата и се наведнува над бунарот. Како чисто огледало, ја дочекува мирната вода. Горе небо, долу небо - празнина, самотија и грч.

Се гледа не трепнувајќи, како да се препознава во некоја друга стварност. ñ се оцртуваат црнките во очите, речиси секое влакненце на трепките може да си го види. И густите, црни и испреплетени брчки кон носот, како жилички на болест од која сè темнее и ослепува. Остри сенки ñ се лизгаат од слепоочниците кон брадата, сечејќи ñ ги образите со преспи налик на сувите преспи од чакал и нанос по дивеење на порој. Косата ñ паѓа околу лицето и ñ го засенува. Се наѕираат само грдо зашилената брада и долгиот, сув и морничаво жилест врат, со згрчена, од внатрешен оган изгорена кожа.

Студен трепет ñ стечува од градите кон грлото. Си ја подига главата, зафрлувајќи си ја косата кон тилот и го враќа студенилото. Пак се наведнува и заслепителен сјај од незнајно сонце ја прелева со белина на млеко. Мазно и здраво лице, широко отворени очи, тајна насмевка на грешна светица, јаболко од светлина и сок. Небо на небо легнува, бескрај во бескрај влегува, бездна со бездна се стегнува.

Козата мекнува, морничаво лелекнува.

Срамен грч по силен прч!

            Жената стреперува и уплашено ја крева главата со инстинкт на срнка во опасност. Сета напрегната, со запрен здив, прелетува со погледот наоколу. Нема никој; пустелија; клето билје и песок; црни варџилници; сури карпишта и празно небо. Болното мекање на козата ñ го кине увото и вчасот залегнува штама, тешка и бескрајна, мртва и безнадежна. Жената длабоко издивнува и уште еднаш, напната и возбудена, ги погледнува карпите и поројот, пребарувајќи ја секоја сенка и ловејќи го секое ливче-здивче на спечените билки. Патеката се губи во песок и камења, гола и сива, небаре нестварна, како мамка за ундисање на очите и душата.

Тажна и измамена, жената пак се наведнува над бунарот. Во светлиот круг на водата - лик од света слика со сребрен ореол. Отворени кон глетка што ја нема, очите ñ го зеле целото лице. Само поглед; сиот живот во тој миг, сиот бескрај што го населуваа нејзините мисли и чувства - само поглед што жедува и трпне. Поглед што одвај преживува ужас; што колни и моли, што обвинува и се

заканува.

Жената штрепнува, очите ñ стануваат јагленчиња, образите ñ се исцедуваат во сенки, усните ñ се истенчуваат како црни влакна. Се гледа збунета, не може да си го препознае сопствениот изглед. Водата на бунарот ñ го претопува лицето, ñ соблекува една и ñ облекува друга кожа, грда и темна. Срцето ñ ступкува како камен стркалан во длабок дол. Таа се згрчува и истиот миг, рамната и чиста поврвина на водата се искршнува во ситни црни брчки, жива мрежа распната меѓу студените камења.

Жената се исправа како подгорена, отчекорува од бунарот и со фустата си ги брише солзите што ñ зовираат во погледот. Трпнејќи од врелина, ñ приоѓа на козата и ја пушта кон прнарите, небаре постапува по многу строг закон, се враќа кон куќата, седнува на прагот и се здрвува Окото ñ се разбива од карпите, се плиснува кон озабениот срт, загризан во небото, истечува по пустата патека. Главата ñ паѓа на сувите чогланливи колена и заличува на заборавена бовча од патник што којзнае кога ќе се врати да ја земе.

Предвечер, тешка и уморна, козата се враќа и, мекајќи и душкајќи ја, ја буди да ја напои. Жената се исправа со суво крцкање во зглобновите, оди на бунарот и се наведнува над оградата. Во мрачната длабочина одвај се наѕира огледалото на небото. Со напор на жеден корен во прегар ја извлекува кофата, небаре сета небаре тешка темнина, собрана во црниот венец камења, ја крева. Козата ја испива сета вода и тажно мекнува. Жената штрепнува, врз карпите тече стопен ѕифт и ја залева патеката. Црн безизлез и морници. Брзо ја поведува козата кон колецот, ја врзува и, небаре бега, се сокрива во куќата.

Темнина и тишина, бескраен гроб. Сал мислите и чувствата гледаат и слушаат, ундисаат по тешка, но сигурна стапка на уморен патник. Ноќните часови татнат отаде глувата мора на Суворек. Сушата и жедта имаат големи и страшни граници. Спроти ужасниот бескрај на времето и просторот, душата ѕемне и се намалува, одвај забележлива ѕ'мба. Телото расте од бол, во коските тажни кавали свират. Вкаменети од чекање и јанѕа, мислите се уриваат како карпи. Затрупана, душата ја моли маката за сон.

Суворек, болен недорек.

 Ката ден: тежок камен - душа пламен!

Споулавена од убав сон, страстно неспокојна, жената излегува пред сонце изгрева. Козата немирно мека и снове околу колецот. Карпите личат на многу густа и темна магла, а над патеката грее мошне силна светлина. Жената. тргнува кон бунарот, козата уштс посилно и со сосема човечки глас мека по неа. Жената се вкочанува, се обѕира околу себе, мигновено го испитува сиот простор на Суворек и си го покрива лицето со дланките. Останува така неподвижна, небаре си ги брои и пребројува сите мигови на чекање и трпнење и си го мери болот. Козата продолжува да мека, лелекаво и испрекинато, како споулавена жена. Гласот ñ се одбива од карпите, се дроби на многу ситни одеци и замира во црните варџилници. Жената си ги тргнува рацете и сонцето, блеснато на црниот срт, ñ го покрива лицето со жар. Нема и истрпната, ñ притрчува на козата, силно ја гутшнува и жалното мекање ñ стивнува во пазувите.

Кога ја крена главата, сонцето беше извишено над куќата и сјај го исполнуваше сиот Суворек. Сè беше како на дланка - без таинствени сенки. На белата патека, и самата светлина, небаре го чекал токму најсветлиот час, се појави мажот! Во бел костум, бел шешир и бели чевли, чекореше лесно и сигурно, кон сосем јасна цел.

Жената срипа и безумно се стрчна кон бунарот. Се наведна над оградата и под силниот сјај на небото си го виде лицето во блескавиот круг на водата. Беше многу светло, чудно насмевнато и несфатливо убаво. Кругот лесно се нишаше како да ја омајува со личба што никогаш не можела да ја има без маж. Стана чудесно лесна, здивот ја поткреваше како пеперутка. Заборави да ја пушти кофата, да извади вода и да си ги измие гурдите од очите и маснотијата од челото. Како шум од друга стварност, но сосем блиску и несомнени, се слушнаа стапките на мажот во дворот. Жената истрпна и се сврте. Козата веќе мекаше со мошне рапав и зарипнат глас, занемувајќи. Мажот чекореше тешко, пристапувајќи со поднаведната глава и подзамижани очи. Беше бел и врел, сосем од сончевина. Жената ги рашири рацете и, со крик што ги разниша кар- пите како платна, се втурна кон него.

Врел и цел!

Веќе стигнат до козата, нем и таинствен, мажот застана и се вкамени. Жената се стаписа, нозете и рацете и се здрвија во блесокот заличе на искастрена овошка. Срцето и рипаше под грлото, биејќи со сила што одвај ја издржуваа и небото и земјата.

Мажот ја подигна главата, си го поткрена шеширот, исплука густа црна плунка и студено ја погледа. Сиот во бела прашина, наеднаш заличе на сениште со многу зла моќ и смисла. Очите му беа матни од жолтило, немаше никаков отсјај во човечињата. Стоеше и трепкаше како слепец. Небаре се мачи да се сети зошто дошол, долго си го мрштеше челото. Потемнет од напор, сенишно се наведна, ја одврза козата и бездушно ја завлече по патеката.

Жената лелекна и молкна. Оганот на високото сонце ñ ги стопи градите. Саштисана од бол, летна кон бунарот, извади вода и трескавично се исплиска. Мекањето на козата замираше меѓу карпите, светлината трепереше и над куќата се брануваше како чудовишен пожар. Врелината стана пеколна, телото и небото гореа во еден оган и немаше каде да се избега. Жената извади уште една кофа, избезумено си ги поли лицето и градите, но водата небаре го разгоруваше оганот. Мажот и козата согореа на патеката, Суворек се исполни со слепило.

Запалена и сама, пак лелекна. Гласот не ñ излезе од дворот, остана пред прагот на куќата. Отворената врата, зината со многу темна сенка, сакаше да ја проголта како залак што оддамна го очекува. Жената вресна и, небаре само тоа ñ преостанало, се наведна над бунарот. Главата ñ беше тешка и ја влечеше кон длабочината. Се виде во светлиот нежен круг на небото во бистрата вода. Сопствените очи ја погледаа со чудесна благост што ја објаснува вечната потреба на човекот да биде гледан со љубов и нежност.

Се наведна во својот поглед и нечујно падна во неодоливо и неопходно бесознание.

СУША И ДУША

Чингов едноставно не можеше да не дојде во Пасквелија.

Нешто што не е закон на природата, а има таква сила, со години го прогонува, му го камшикува срцето со огнен камшик, го гуши, му ја труе секоја помисла на среќа и деноноќно, како ненаситна бездна, му ги голта сите усилби со кои тој непрестано се обидува да живее онака како што мисли дека треба да постои под сводот небесен - во слободна љубов со душичката своја, без недоразбирање.

Чингов стигна до средината на полето кога сонцето тој ден стигна до средината на небото. Нивите личеа на вжарени калајдисани тепсии. Во земјата се беше притаила огнена суша. Сончогледите по меѓите изгледаа како тажни грбави старци, чија крв и младост ги испила болест со сила на пожар. Котлината беше исполнета со мирис на изгорено жито. Во воздухот лебдеше невидлив пламен, трепереше проѕирен, безбоен оган.

Царство на сушата.

Еден пошантавеан скакулец прескокнува некакви невидливи ѕидови, меѓи и плотови. Под крилцата му тупка срценцето. Можеби клетникот пати од осаменост? Кој ќе му ја дознае маката? Можеби се вљубил во некоја убавица од својот род? Или пак од сушата му се разболела душата.

Грлото на Чингов беше суво, усните распукани како на тифусар. Плунката му беше густа и бела. Сонцето му вршеше во мозокот. Котлината, бледосините планини и далечниот хоризонт, бавно му се вртеа околу главата. Едри капки пот му се откинуваа од брадата и паѓаа на белиот нотес во бледожолтите дланки.

По меѓата, покрај наведнатите сончогледи, поминува криво куче. Застанува за миг, го погледнува Чингов и залајува. На грбот, од десната страна, му се гледа црвена засушена рана. Загарот се вовлекува под грбавите сончогледи и зачекува. Можеби очекува да наиде дивиот нерез што му ја одрал кожинката, во бесен осветнички скок да го раскине? Или од сушата му се разболела душата?

Пред два дена, во Пасквелија, Чингов го пречекаа како туѓинец. Селаните го бакнуваа и нудеа со пресна лубеница и блага диња. „Лицето му пожолтело како псалтир“, шепотеа жените и момите. А тој гледаше некаде. Добрите луѓе веднаш се запрашаа зошто Чингов гледа таму. „Зарем е можно сè уште да ја чувствува некогашната љубов кон Невенче?“ Веројатно измислува раскази и песни или долги истории за познати и непознати луѓе, помислија. „Нему тоа му е работата“, сложно го протолкува неговото чудно однесување. „Државата му дава пари секогаш и секаде да измислува лаги“, се согласија граѓаните на Пасквелија.

Чингов чекореше бавно. Селаните набргу го оставија сосема сам. Нека оди каде сака, и по ѓаволите. Трошните куќарки прекорно го гледаа со мижуркавите прозорчиња. Од стреите капеа врапчиња со подгорени крлица. Пасквелија - пустелија.

Дури на крајот од едно ќорсокаче ја запикаса Невенче. Истиот миг, обневиде од возбуда, дип арно не ја ни виде. Сепак безумно се зарадува, зашто недвосмислено му се стори дска е убава како некогаш. Душата вчасот почна да му се бранува како пролетна поплава, повеа како ветре вљубено во зелени жита, збуче како налуничаво небо. Сите поминати години, кои до тогаш во неговите спомени беа млади и плодни, наеднаш се вратија и како црвени молњи на сушата му ги изгореа чувствителните гради.

Чингов и порано чувствуваше како во неговата свест минатото се обновува неконтролирано, дури деспотски. Некогаиш мислеше дека тоа е нормално и единствено така можно. Ни не сонуваше за какво и да е недоразбирање со неподмитливите иравила на обновувањето на дамнешните настани. Со наивна рамнодушност ја разблажуваше болката што во него се раѓаше поради неможноста да се заштити и одбрани од горчливите витли на старите облаци. Но со секој ден сè појасно сфаќаше дека се наоѓа наспроти некој чуден непријател од душмански ков, против кого не знае како и со што да се бори.

Овојпат, меѓутоа, мисли дека му е соссма јасно зошто се вратил во Пасквелија. Кога, пред десетина години, замина од неа: „Ќе пишувам романи“, си велеше, „ќе им ја покажам на моите селани нивната вистинска душа и тие ќе ме почитуваат како Господ“. Душата човечка, таа чудна река со непознат извор и утока, бескрајно широка, бескрајно длабока, бескрајно долга, што собира разно водје и тече час матна и разрикана, пенлива и бигорлива, час бистра и таинствена, час галовна и залисана, час низ недогледни полиња бликната, час испиена од пожарот на сонцето и жална, и болна, и клета... Душата човечка сакаше да ја сознае тој Чингов од Пасквелија и на светот да му ја каже вистината за неа.

Кога, пред една деценија, тргна кон Скопје, Чингов имаше румени образи, златна кадрава коса и широки и прави плеќи. Чекореше како ждребец и со пламнати очи од силен копнеж гледаше некаде далеку. Отиде тогаш Чингов да научи како се отклучуваат вратите на човечката душа и како се чита нејзината маѓија. Крај патот, скриена зад високите, кон сонцето незадржливо вивнати, малди сончогледи, стоеше Невенче. Беше божествено убава и плачеше.

Учеше Чингов од Пасквелија, пиеше мудрост заробена во стари книги, а пожолтените страници безмилосно и подмолно му ги пиеја бистрите очи, руменилото од образите и златото од косата. И напиша тој дебели романи за селаните на Пасквелија. Сите се одушевија од неговата неповторлива способност да продре до најдлабоките простори на најголемата тајна, душата човечка. Доби високи признанија и вредни награди. Весниците објавуваа негови фотографии, зборуваше преку радиото и теливизијата и мошне се прослави во сите културни средини на светот. Се разбира, тој поради тоа беше среќен.

Годините молневито минуваа. На волшебен начин животот го доведе Чингов во сувото поле на Пасквелија, при жедните сончогледи. Сонцето на сушата пеколно пече. Скакулецот сè побавно и побавно скока, а загарот, со голем јазик како мала ламја, зазбивтан трча во круг и завива. Ништо друго не се помрднува во близината на Чингов. Врела штама, како здив на оган, тлее над нивите. Романописецот гледа некаде и, како прегладнето рулче млечна дојка чека, немирно чека нечто неопходно. Тој насетува нечие доаѓање. Срцето, како некогаш, му трча по градите.

Зад сончогледите, како сенка, светлинска мамка, како привидение со опивен мирис на лажна влага, извирна Невенче. Таа тука стоела со години, помислува Чингов. Не, ова не е никаква случајност, се брани од некакво нејасно сомнение. „Ти непрестано овде ме чекаш, нели?“, ја прашува шепнешкум, нежно. Невенче молчи со подзината уста. Лицето ñ е темно од сонцето, уморно и набрчкано, очите невидливи, усните сува трска, под побелениот каврак – побелена коса. Нејзиниот таинствен поглед плови по бледосиниот хоризонт како птица преселница која не може да се врати во родното гнездо.

Чингов нестрпливо потрча кон Невенче. Сакаше да ја прегрне и да ја праша нешто мошне важно, дури пресудно; нешто што толку години го прогонува и мачи; што не личи на ништо, а боли, гризе, душа кине; нешто што ништо не значи и претставува сè што ранува неизлечиво. Но, гласот неочекувано му замре. Сушата од воздухот му го попари грлото. Судбоносното прашање, тој час, се претвори во болен и страдалнички грч на неговото лице. Ни жив, ни мртов. Чингов направи неколку круга околу Невенче. Онака нем, личеше на непознатата ѕверка, подготвена за крвожеден скок.

Одненадеж Невенче крикна. Нејзиниот крик одлета во врелото небо и се стопи. Никој, изгледа, освен Чингов, не го чу во врелината. Но, како напротив, сепак дотрчаа загрижени и од сонцето изгорени аргати. Не погледнувајќи го романописецот, ја кренаа онесвестената жена и - плампотејќи за нешто непријатно - се упатија кон пламнатите покриви на селото.

Чингов пак остана сам. Избезумен како кривото загарче, тргна кон својот нотес во средината на страништето. Сè што се случуваше и се гледаше стана ептен чудно, несфатливо. Кога стигна виде страшна глетка: врз белата хартија лежеше веќе умрениот скакулец. Се обѕре: кучето исчезна како капка вода во сувото небо.

Сето она што на Чингов прсд малку му бешс сосема неразбирливо, наеднаш доби ужасна смисла. На волшебен начин тој се најде зад некакви бескрајни огради од невидливи и лути глогови, усвитени тутунски игли, мотики и вили, саштисан од оган, жед, суша, мртви кучиња што злокобно завиваат среде вжарена пустелија. Пред него, како подбив и прекор, лебди Невенче, бело пламенче од безграничен пожар што ги зафатил и небото и земјата. Телото му гори и се топи, се претвора во болно тлеење. Тој бол ненадејно станува страв од неколна смрт и Чингов, небаре спогнат од неизбежна казна што не ја заслужил, се стрчна кон вирчето спроти пасквелиските гробишта, пијавиците да му го исцицаат оганот од слепоочниците.

Кога пристигна, згази распукана земја. Се вгледа во кривите пукнатини и истрпна: во тие неми усти, зинати од свирепа жед, ја најде вистината што толку години залудно ја бара во пожолтените книги. Со страшно писмо сушата го беше напишала она што тој никако не можеше.

Падна на колена, како да моли прошка, со челото ја допре земјата и потона во син пламен широк како море. Во бескрајните простори на јадозливата фантазија се виде себеси како, осамен, во бела кушула или антерија. шета низ Пасквелија. Празно село, пустелија. Таа визија на сопствената невола, однекаде веќе сосема позната, го скрши. Се обиде да стане и побегне сеедно каде е далеку. Сраснат за сувите пукнатини под себе, успеа само да се нурне во волшебните бранови на инстинктивно пробуденото мечтаење и да исплива во деновите на своето детство, во полето натопено со блага вода и покриено со емиш и бујни жита. Но здивот на проклетата суша, кој неумоливо и безмилосно го прогонувашс, допре и во тој предел на блаженство, горејќи го со свиреп оган.

Вџашен од силата на неволата што ја носи во себе, Чингов заплака горко. Градите му се тресеа, грлото му се корнеше, очите го глодаа како суви, жаросани каменчиња. Во вителот на болот, како споулавена птица, дојдена од небото на една одамна помината година, кружеше уморна мисла: „Можеби поради сушава не си ја разбирам душава“. Истовремено, по сокаците на Пасквелија, над вирот, полето и околните ридови, трчаше едно златогривесто ждребе и го довикуваше како заборавен познаник од младоста.

Погледот му се маглеше, пукнатините на земјата трепереа како неизбршлив кобопис за неизлечивата суша во човековата душа.

КАСИУС КЛЕЈ И ЌЕЛАВИОТ ЗМЕЈ

Враќајќи се од Цариград, или како што уште го викаат Стамбол, каде одвај успеа да го победи најголемиот човек на Мала Азија, злогласниот и грозен јаничар Али Караќор, пеливан од прастаро змејско колено, апсолутниот светски првак во бокс Мухамед Али, муслиман, порано Касиус Клеј, католик, а од раѓањето до ден денешен непрестајно американски Црнец, сосема ненадејно наврати во Робово, по многу нешта најчудното селце во цела Македонија. Токму кај Црна Мера, спроти Карабурот, таму каде змиестото џаде гине во длабоките урви карши гробиштата, лимузината му се заринка во пепелав песок и моторот вчасот се загуши како дамлосан бивол во суво мочуриште. Клеј силно удри со главата во железо обложено со мека пластика и од тоа му се стемни пред очите, небаре покојниот Листон недоапица се повампирил и свирепо го треснал по брадата. Го стресе жешка треска, врела вртоглавица му го смати погледот, смрдливи матоци му се разлија под грлото. За среќа, несвестицата лечко му мина, но во најсветлиот простор на мислите и чувствата му останаа чудни петна и пукнатини. Гневно го изгрди возачот, што избрал лош и опасен пат, ги турна менаџерот и тренерот и како налуничав потрча кон малото купче куќарки, притаени под подгорени трепетлики, опечени грнички и жални врби среде сушното Поле Струмичко.

Воздухот гореше над нивите, сиреч денот ќе изгори и сонцето никогаш повеќе нема да светне на небото. Клеј гореше од жестока жед како по исцрпувачка борба со цврст и безмилосен противник, среде пустина, на пука пладнина. Штом ги мина распуканите селски бавчи и прескокна неколку разурнати сарајчиња, ја здогледа чешмата, на слатинестата тумба, пред црквата. Имаше многу луѓе, сновеа по жегата, сиреч се тетеравеа, како добиток околу секнато поило. Клеј безумно јурна, гаили плетови турна, се втурна во турмата и зазбиван лапна една шепурка, како прежеднето малаче млечна цицка. Јазелот на гркланот молневито му се зализга горе-долу, сиреч го обзел натприроден нагон да исцица некаква недосежна лековита вода, скриена длабоко под земјата. Пиеше грчевито, потпрен со лактите врз поткопаната ограда, наликувајќи на црно животно, ептен балдисано од незгаслива жед, претворена во морничава закана на тајна и зла сила. Тешката и густа вода со мирис на ќуќур, матоци и мил, наеднаш му стежна под лажичката, како да испил смрдлив отров. Штрепна, лицето му се искриви од болен грч, небаре вчасот открил страшна измама, се исправи како попарен и со вжарени очи, запалени од темноцрвен сјај на сушно зајдисонце, се впули во чешмата. Поднаведнатиот пехар, напукнат и обраснат со жолта мов, како гнојлива краста, налик на престарено, грбаво и лишаво сениште, што на главата одвај додржува камено ведро, од кое истечуваат девет жолтосани ниски вмигот го потресе со морничавата смисла на својот жалногрозен изглед.

Иако порано никогаш не ја видел, Клеј истрпна и длабоко во душата, таму каде болното се гледа секогаш, ја здогледа сета изгубена красота на чешмата робовска. Леле колку беше убава, асли мермерна самовила со бисерна круна на главата, сребрени плетенки до петите, везден, саноќ залисана од личота, бујност и овежина. Над белиот пехар, нескротливо скока воден блик, како неуморлив змеј вљубен во небото. Околу виткиот врат на самовилата се извила бујна лоза, натоварена дрочни гроздови, а по венецот се сплеле разиграни аждерчиња, од чии детски устиња шурти бисерна вода, небаре до таинствените длабини на земјата бие сребрен извор што никогаш нема да пре-суши. Но, ете, чукнал тажен час, гровнала некогаш за приказ личната камена става, папсале градите, секнале жилите и сега само солзи горчливо, небаре нечујно си ја оплакува убоста своја и младоста.

Чекорејќи бавно како дамлосан, Клеј мачно се оддалечи кон целинката пред црквата, сиреч сака да побегне од болната маѓија на чешмата, Таму, се испружи во сенката на трепетликите и немо се вгледа во трепетното синило над себе, чувствувајќи ја едновремено тврдата и вргава почва под себе. Одеднаш се сети очајно дребен, немоќен и речиси наполно бесмислен меѓу тие две сили, во чиј вечен опој од дамни дамнини непрестајно настануваат и неизбежно исчезну ваат сите поколенија на човечкиот род, сосе мислите и радостите, лагите и тагите, надежите и страдежите, како страшна игра на природата, без јасен почеток и насетлив крај. (Што е моќта на човекот во споредба со тие безмерни сили кои и најголемиот јунак го по бедуваат уште пред да се роди?)

Се собира свет околу него, го гледа љубопитно и со чуден немир. На едни им личи на Црна Арапина, на други на катраносано сениште од најтемното дно на пеколот, трети се пулат во него како во незнајно божество со огромна моќ, четврти овргалиле очи над негови фотографии во пожолтени весници како над древни икони на светец чудотворец. Шепотат за неговите подвизи и непобедливоста: имал девет срца ајгарски, по четири под секоја мишка и едно, големо, среде градите; катаден, наутро, напладне и навечер, пиел по една врчва мед и млеко и благ сок од волшебни билки, та затоа бил посилен дури и од змејовите во сказните; Листон бил голем и тежок кахо лагадински бивол, арно ама кога Клејче го треснал по чурилката, го исфрлил од рингот како арар наполнет трици и колчишта; само Марко Крале, да бил случајно уште жив, би се решил можеби да му излезе на мегдан...

Сонцето безмилосно истура оган врз подгорените тополки, покривите тлеат како усвитени вршници, треперат жалните врбички налик на седобрадести сеништа.Клеј ги гледа луѓето, во заслепителниот сјај на вжареното пладне му се чинат несфатливо клети, чудни очајници. Сека брчка на нивните лица, сека рана и пукнатина на вкоравените усни, сека лузна, длапка и струпка на тие од страотен оган прегорени суштества е морничав белег на ужасен страдеж од безмерна немоќ. Им се втирува во зениците загорени од долготрајна и сурова жед по разбранувани жита, росни ливади, зеленокадифени рудини, бујни и неизодни кории, лозја залисани од благи сокови, дрочни јаболка, круши, дуњи и калинки, круши, дињи ем лубеници. Божева убавина од црна суша изгорена. Трепка Клеј пред тие очи маченички, се ежи од болната смисла на изгорениот зелен копнеж меѓу гурелавите и запечени клепки, како показ што вџасува со претешка вистина, од која му се замати и најблескавото огледало на силата и славата.

Истиот миг, врела магла му потемне едно мигновено сеќавање. Од синкавата коприна на изминатите години светна модриот венец на Бистра Планина. Укит се прснал по боровите кории, како златеста наметка од седеф и месечина. Меѓу високите залисани стебла се спровира тенка патека, попрскана со густ искричав скреж. Месечината трепери во безбројните кристалчиња, живо и таинствено одблеснува во очите на Клеј и како магија го преобразува пејзажот во чудесна визија. Полн сила, млад и здрав, тој восхитено чекори по ѕвездениот ќилим што му се раздиплил под стапката. Одот му е овечено нечуен, како скришно навлегување во друга стварност, возвишена и божествена. Сè е тивко, сиреч залисано и маѓосано, како во волшебен предел во кој времето стои и восхитот не минува.

И кога се врати во прекраониот хотел сè околу него блескаше со божева сјајност. Му приоѓаа милно извиени самовилки со млечни колкови и напупени гради, му подаваа румени устенца како зрели горски јаготки, ѕвезди деници им беа очите, утринско небо образите. Му плетеа меки рачиња околу вратот и половините, го мазнеа како вљубени лебеди, а тој бленуваше и нежно ги поттурнуваше, бакнувајќи ги бегло колку за утеха и ветувајќи им дека штом стане шампион на шампионите ќе им ја подари сета своја божествена мажественост и убавина како најсвета метафора. Потоа долго се капеше во миризлив сок од толчници на јаболков цвет, а надвор, среде зима, буеше едно сочно билје оплодено со растопен шеќер. Восхитен од неописното чудо, заспа на поленова лулка од млада месечина сред бескраен топол лазур, камо семоќно и неранливо суштество, сиреч бог и човек заедно. И ни на крај памет не му падна помислата дека месечината неизбежно ќе зајде, ќе се угаси и ќе дојде зла ноќ во која ќе сони столетен даб во срцето, старо дрво со подгорен корен, на чија најдебела гранка закачиле лута секира.

Клеј длабоко воздивна и студен грч му ги стегна градите. Рипна како уплашен од змија во пазува и не обрнувајќи ни најмало внимание на молбите на шоферот да продолжат накај Струмица, влезе во црквата. По него, изненадени, втрчаа попот и клисарот, да му ги протолкуваат иконите и фреските, но тој од-мавна со раката и остана сам во тешка недоумица, испишана со длабоки брчки по челото. Бавно зачекори покрај старите ѕидови, мрштејќи го лицето како да се мачи да открие нешто безмерно значајно во сликите на древната градба. Се втири во секоја фреска и икона, се вгледа во испиените и шилести ликови на светците, во нивните широки чела и крупни очи од кои избиваа чудни погледи, полни со умор и темно сожаление. Го менуваше аголот на набљудувањето, лесно и не трепнувајќи се подместуваше за да провери да не е случаен впечатокот, но во секој миг од втренчените очи на светците извираше недвосмислено тешко сочувство и длабока тага.

Клеј се стресе, се збуни и сети тап удар под грлото, небаре одненадеж нашол црна потврда на својата најтешка недоумица. Се обѕре околу себе како да не верува во постоењето на иконите и со поглед во кој согорела некаква зелена надеж, тргна накај излезот. Чекорејќи нечујно, небаре се плаши да не ги разбуди заспаните духови на страшната смисла на стварноста заробена во црквата, заобиколи еден црносан свеќник со дебела но веќе сосема стопена лоеница. Притоа се стаписа пред тој призор, симболиката на свеќата му го искина здивот на ситни горчливи парчиња. Се збрка како човек кој одненадеж сфатил дека тргнал по погрешен пат и нема време ни сила да ги избегне опасните последици од грешката. Но вчасот, како во несфатлива игра на надеж и безнадеж, во која несакајќи влегол некогаш за да не излезе никогаш, растреперениот поглед му слета врз бели сапи на силен коњ, скокнат над голема огнена ламја, во чија пламена челуст неустрашив јунак забил остро копје. Пред таа страотна сцеиа здивна олеснително и веднаш почувствува како во жилите му се подигаат сокови на пролетно пробудено дабје, што со коренот досегнало непресушни извори и бујно развива, полнејќи го небото со својата убост и величественост. Постоја миг-два, да провери не почнала ли под тој блескав напир да се пласти морничава сенка на страв од подмолна слана. Чувството беше сигурно како некогаш, пред првото влегување во рингот, кога почна времето на триумфите и славата. Потоа се сврте и со свечен чекор на човек кој отфрлил црно предвестие на безизлез, излезе од тивката црква. Молитвата што сакаше да ја прошепоти пред олтарот, молба до небото за помош и поткрепа, ја задржа во себе. Тргна накај чешмата озарен од блескаво сознание дека е доволно силен, умен и опособен сам да си се справи со неволата. И поради тоа стана пожив, со тивок сјај на безгрижност и скришна насмевка на лицето.

И луѓето наеднаш му станаа помили и поблиски, сиреч сосема сродни. Ги бакнуваше децата и старците, ги гушкаше момчињата и девојчињата, зборуваше брзо и енергично, стегајќи ги непрестајно силните големи тупаници, како да ое заканува на невидливи душмани на човештвото. Така развеселен, тргна накај Црна Мера на сеир, да гледа ѓуреш. Околу него брзо се создаде огромна толпа, сите сакаа одблиску да го видат, да му го слушнат гласот, да чекорат покрај него, небаре ги маѓепсал со тупаниците. Одејќи среде толпата, се почувствува како силен и мудар водач на слаби и немоќни, кои од него очекуваат избав и спасение. Со такво чувство стигна во долните чаири на Црна Мера и првото што го виде беа русалиите. Малку подалеку од недогледната турма, иебаре не играат за гледање туку по некоја своја, необјаснива и неизбежна потреба, дружно подрипнуваат, чудио се свртуваат, клекнуваат и на колена паѓаат. Дваесетина мажи, во бели ленени гашти и антерии, со алови поја-си стегнати во половините, кренале сабји и косери, напнале раце и вратови, бијат некаква таинствена битка, чија смисла и цел само тие ја разбираат. На гордо подигнатите чела им блеска чудеана храброст, од длабоките и крупни очи им бие срчен поглед, во чекорот им се набрала темна сила, земјата чиниш се стресува. Таланот им ги бранува градите, крвта им плиска во жилите, јунаштво им го запалило срцето, небаре на мегдан излегле, стоглава ламја да ендисаат. Има во нивните цврсти и отсечни движења челична непоколебливост, сабјите како молскавици им се виорат, блескавите врвови се забиваат во некаква невидлива но јасна цел, а тапанот сè посилно бие, гајдата сè потенко и повисоко свири, се преплетуваат чекорот и звукот, се слеваат во гордост и надмоќност, во чудесно победничко достоинство.

Клеј немирно ги гледа русалиите, го лови секое нивно движење и поглед, трепери од возбуда, небаре сосема вникнал во смислата и симболиката на нивната убава тешка игра. И блиска ја сетил, сиреч своја, од најнезнајни претци во наследство оставена. Ги рашири рацете и вчасот се нареди меѓу играчите, цврст во чекорот и смел во ликата, сиреч митски мегданџија против злото и маките на векот и луѓето. И сети како му крепне раката, му јадрат туланиците, му се надигаат градите како дабова корија по летни дождови, го обзема сила и решителност, како во годините кога без мака ги искутка Листон и Патерсон.

Тој час, среде турмата, грмнаа пет чифта други тапани и во небото летна големо јато зурли, воздухот топло се залелеа, почна ѓурешот. Престана играта на русалиите, стивнаа алваџиите и бозаџиите, молкна народот, сите очи се свртеа кон пеливаните. Изненаден од промената, како подмолна завера против неговиот русалски занес, Клеј се проби во првиот ред гледачи, распоредени во широк луб и виде чудна глетка: едно витко, мускулесто момче, со силни раце, цврсти нозе и жилест врат, плеска со дланките и кочоперно рипа околу пеливаните, лепнати на сувата трева како балдисани јунчиња. Одвреме-навреме, кочоперното фрла остар поглед кон нив, како да мери колку ги исплашил и диво, некако фркливо како рис, ги предизвикува на борба. Тие, обесиле глави, одмавнуваат со рацете, жално помирени со својата увредлива немоќ спроти него. Но момчето е упорно, им плази јазик, се губи како баба, кашла како дедо, небаре страсно ужива во унижувањето на послабите од себе и нивната посраменост ја пие како најблаго задоволство што човек од човека може да го очекува. И навистина, тажно клети и долни се чинеа најпеливаните, дури и на Клеј му домачне.

Весели сеирџии се провикаа: „Ур, Змејчеееее!“ Одненадеж, кочоперното ѓаволесто се сврте накај Клеј, посилно заплеска со рацете и подрипнувајќи како збеснето ждребе ги надвика тапаните и зурлите: „Еј, Клејче, брееееј!“ Во неговиот глас имаше дрзок и навредлив предизвик и на Клеј му збабреа жилите околу грлото. Вчасот ја фрли кошулата, немо ги турна тренерот и менаџерот и гол до појасот, мазен и мускулест, истрча пред непознатото момче. Му пристапи на половина чекор и продорно го погледа, чиниш ќе го прониже. Градите брзо му се дигаа и спуштаа, ќе речеш нагло вдишува воздух од некое друго небо и од тоа станува посилен и поубав. Јазлестите раце му набрекнаа како млад дабов корен и очите му се запалија со чуден блесок, небаре не е обичен човек, туку јунак над јунаци од пеоните и сказните, во светот пуштен за восхит и славење.

Народот вчасот занеме, штама го зали лубот од луѓе, среде кој, еден спроти друг, сиреч си мислат најгрозно зло, стоеја црн и бел човек, олицетворенија на две спротивни сили, од векој в костец фатени. Молкнаа и зурлите и тапаните, дури и воздухот стежна од исчекување, небаре од исходот на борбата помеѓу белиот и црниот пеливан зависи судбината на човештвото.

Одеднаш младо и силно машко грло ја расцепи тишината: ,,Дрш' се, Змејчееееее!“

Момчето се стегна, ги наду градите, ги напна мускулите и вратните жили, нозете сафи врги и јазли му станаа: „Ајде, Клејчееееее! Оооопаааа!“

Клеј молневито се втурна кон Змејчето, страшно ги подаде рацете да го зграпчи и веднаш да го тресне од земја. Но момчето вчасот ја насети неговата подмолна намера и брзо одрипна како мунгос пред најлута кобра. Клеј се занесе и онака крупен и тежок одвај се задржа на нозете. Змејчето ја искористи ука-жаната прилика и секавично му се фрли на плеќите. Му ги стегна рацете околу градите и Клеј почувствува бол на пукнато ребро. Нагло се сврте околу себе, сакајќи да го отфрли момчето и заличе на дебела црна мечка, која бесно се обидува да отфрли од грбот неустрашлив и јак шарпланинец. Змејчето сè посилно и поцврсто го стегаше, рацете му беа неверојатно силни, како челично менгеме: камен да стиснеше — каменот ќе писнеше. Клеј искркоре болно, му се искина здивот и како црвени партали му се разлета пред очите. Избезумен од бол и гнев што се нашол во срамна и понижувачка положба, продолжи да се врти побрзо, но од тоа наеднаш изгуби рамнотежа и како иресечено стебло се кутна на земјата. Момчето секавично се отпушти и го прерипа како млад елен црн ќутук нагниен. Потоа почна да поигрува околу него, лесно ѕенѕајќи де на левата, де на десната нога, како во занес чии таинствени убавини ги вкусила само неговата млада и силна душа.

„Опа, Клејчееее!“ крикна гордо, победнички.

„Браво, Змејчееее!“ се заори од сите страни.

Клеј скокна како попарен и несигурно стоејќи се обѕре околу себе, како да проверува колку очи го виделе паднат на земјата и посрамен. Инстинктивно го подигна рацете, ги стегна тупаниците и осветнички ги устреми накај момчето. Но тоа не се уплаши, надмоќно го погледа и молневито му се втурна меѓу раширените нозе, неверојатно лесно го подигаа на рамената и силно го џитна, како лишав дабов трупец. Клеј одлета неколку чекори далеку и болно трати на сувата трева, за малку ќе се расцепеше како балка тиква нагниена. Писнаа зурлите, тенко и лелејно, некако тажно, како плачни писоци од рането срце, а тапаните ступотеа како офкање што избива од длабините на најболната и најневолната душа човечка.

Притрчаа тренерот и менаџерот, го подигнаа својот јунак од сувата земја и му нринесоа студена вода да се исплиска. Челото му беше наросено од матна пот, лицето му го беше прелила боја на гнила круша. Шоферот брзо му ги истри вратот и плеќите, тренерот нешто му шепна на увото, менаџерот утешно го потапка по рамото, тажно чекајќи да му се избистри погледот, да му се смират колената и да му се засили здивот. Безброј очи го гледаа со горчлива тага и болно сочувство. Имаше во тие искрени погледи болен пад од светлиот врв на гордоста во најдлабокото дно на немоќта. Трепкаа како заслепени од жестока и свирепа вистина за својата судбина во стегите на безмилосната логика на природата.

Клеј сети огромна вина на измамник што заслужува најгрозен презир и како во болен занес, чии правила сосем му ја покориле волјата, си ги стави рацете на половините и како мрднат од умот почна да степува, сиреч се вратил многу години назад, во времето кога така ја испитуваше храброста на противниците во рингот. Подрипна пет-шест пати, подѕипна и заклинка уште толку, но не успеа да ги усогласи своите движења во складна и правилна игра, зашто од сите танци знаеше само за ѕенѕање без хармонија и убавина, за инстинктивно бегање од подмолни удари и жесток бол. Момите вчасот окикотеа, децата ѓаволесто заврескаа, ергените како ајгари завискаа, зашто крупниот црн човек, славниот светски првак во бокс, јунакот чии фотографии ги објавуваат сите весници во светот и кого со почит и уважение го примаат и претседателите на најголемите држави, беше несмасен и тежок, во смешна улога на будалест кловн со спетлани нозе.

Сал момчето што го победи, тој Змејко од Самуилово, стоеше како трештено, ептен невесело и саштисано, небаре неразумно, по грешка и сосема не сакајќи, сторило ужасно зло.

И навистина, Клеј пак се струполи пред неговите нозе, сиреч сега силните удари на тапаните го урнисаа, никогаш повеќе да не се подигне. Избезумените придружници вчасот го кренаа на бело носило и брзо, како да го крадат од најкобно ропство, го понесоа накај автомобилот. Клеј болно се извиваше и јачеше, ударите на тапаните безмилосно му паѓаа под ребрата, како претешки лостови, свирепо го биеја по жилите, слепоочниците и слабините, бездушно го кинеа и разединуваа. Од нивната демонска силина се тресеа дури и неговите речиси заборавени спомени, се кршеа како стакло и му се распрчкуваа по мускулите како остар грч. Се залула сето негово време, сета негова свест за сè што правел и му се случувало и сè се мешаше и преплетуваше, се замрсуваше, крајот да не му се најде никогаш. И во сјајот на предвечерното сонце темнееше морничава бесмисленост на денот, како страшен знак на најболна душомака, а тапаните грмеа, душмански рикаа: даа! даа! даа!

Клеј мораше да остане во болницата во Банско цело лето. Лежеше на бела постела, неподвижен и тежок, црн-црносан како дабов ќутук в сува река. Небото над Беласица се палеше наутро, се усвитуваше напладне, пеплосуваше навечер, а од сите села струмички, и од Неврокопско, Џумајоко, Разлошко, Па-зарско, Воденско, Кукушко, Битолско, Дебарско, Тиквешко, Кумановско, најмногу, се разбира, од Робово, непрестајно се слеваа недогледни редици загрижени добродушни луѓе, со разни понуди и искрено сочувство за жалникот од Америка. Ое трупаа околу болницата, оставаа купишта јаболка, круши, сливи, кикирики, баклава, сусамлија алва, симиди, наутлии погачи, баница, сарајлија, кравјо и овчо сирење; печено јагнешко и пилешко, дињи и лубеници и најповеќе, како по обичај или премолчан договор, жолти дуњи, суво грозје и портокали. Клеј немо го набљудуваше тој метеж, со нејасно чувство дека сето тоа што се случува нема и не може да има директна врска со неговата невола. Но луѓето сеедно си доаѓаа, како да немаат број, ни нивното сожаление крај, огорчено шикајќи ги чавките и гавраните што во огромки јата слетуваа пред болницата да колват грозје и лубеници. А Клеј се помалку и помалку успеваше да се одбрани од страшната вистина за својата тажна судбина.

Ноќите во Банско му беа неверојатно долги, ужасно бавни и растегнати, како црни пустини врелина од нигдина до нигдина. Се мачеше да заспие, да си ги одмори запалените очи, тешки од претешката смисла на настаните и болни од болниот изглед на стварноста. Понекогаш и успеваше привидно здраво да заспие, но и во сонот продолжуваше да гледа, чувствува и страда. Страшни соништа, како повампирени фатаморгани на потовеста, извираа од некои таииствени и безмерни длабочини, според своја неприкосновена законитост и непредвидлива логика. Рипка тој на пурпурен ринг, меѓу бисерни јажиња како златести плетенки нл најубав ангел, сиреч се искачил на највиоок божествен престол, залисан од сила и здравје, како митски убавец. Огромни рефлектори, асли силни сонца, штедро го поливаат со златен сјај и воздухот му блеска како ореол околу прекрасната аполонска глава. Но одеднаш, како на измама, тивко се гаоеше таа чудесна светлина и божествениот сјај се претвораше во густа прашина, мирис на испотени луѓе, чад од безброј запалени цигари и темна пајажина, распната открај-накрај просторот. И, едновремено, како по строг и неодминлив налог на најзла сила, извирнуваше едно чудовиште, како остарен змеј со гнојливи слепоочници, сплескан нос, искривени вилици, расчекната штрба уста и надуени жлебини. Се подигаше на ковчести прсти со долги сиви нокти, сето морничаво и грбаво, налик на сув сончоглед со огромна глава. Креска налуничаво, вреска ветерничаво, чиниш лелека и се клкоти, не знаеш се смее ли или проплачува, а се некако со злобна закана и свирепост. Клеј вчасот здивуваше, ги подигаше блескавите ракавици како молскавици, ги напнуваше рацете со страотна сила и се втурнуваше кон змејот безмилошо да го раолердуши. Но чудовиштето на волшебен начин вчасот исчезнуваше, оставајќи му мачнотија во душата и вртотлавица во црнките. Клеј крикнуваше од гнев, срипуваше од креветот, како од гроб, и тетеравејќи се одеше во бањата да повраќа лигави лилјаци.

А таму, во огледалото, намаглено од болни воздишки, неизбежно гледаше една сосема чудна стварност, грда и морничава, дури страшна и гротескна, и од тоа редовно го заболуваа вилиците со безброј црвојадни катници и очници. Над искривеното лице, сиреч карневалска маска, обраснато со сива мов и пепелави веѓи, како слама што наизменично ја плискал дожд и горело сонце, се наежила ретка коса, чиниш барска трска и шамак, врз кои ветровито невреме нафрлило густ првут од сува мил и побелен окрек. Речиси вџашен од глетката почнуваше безумно да се удира со рацете по главата, надевајќи се дека ќе ја истресе проклетата пепел од лицето и косата. Прстите молневито му летаа од челото кон тилот и назад, но сивилото не паѓаше, небаре беше сраснато со кожата и влакната како нова боја што ги изедначува живото и мртвото во безбојно непостоење од тоа, уште посилно му се матеше во главата, а очите му се издолжуваа со по две матни продолженија во брчките накај ушите. Долго се полеваше со студена и топла вода, се триеше со миски сапун и ленена мијалка и не забележуваше дека меѓу прстите му остануваат сиви валма и над слепоочниците му блеснува мазна ќела, како чело на нова боксерска ракавица од дванаесет унци. А болот во натечените жлебини му растеше како ужасеи вулкан до расцепување на земјината топка на две црни полутици.

И, така, ката ноќ. А последната, Клеј се разбуди уште пред мугри и како споулавен втрча во бањата. Само што влезе, се увери дека сонот не го излажал: до огледалото, со кренати тупаници пред брадата, стоеше змејот, морничаво злокобен. Имаше голема ќелава глава, асли излижана боксерска ракавица, подигната за подмолен удар во слепоочниците. На Клеј вмигот му окипна крвта во жилите и клетките, небаре му чукнал најсудбоносниот час во животот. Веднаш и без милост замавна со левата рака; тупаницата секавично му летна кон целта, но змејот волшебно се заниша и лесно го избегна страотниот удар. Клеј се занесе и со сета тежина на истрпнатото тело бапна во кадата, како во мртовечки сандак. Спрета како ошумоглавен бивол и зазбивтага остана неколку мига потполно неподвижен. Змејот злокобно се нишаше лево-десно, напред-назад, подрипнувајќи пеливански, вртеше со тупаниците и се клештеше, како да го маѓосува и понижува.. Клеј трескавично се обидуваше да се сети за најпрецизните директи и најсилните аперкати, за најстрашните и најнепогрешливи замавнувања, со кои некогаш лесно ги куткаше сите свои про-тивници. Мислите му блеснуваа како секавици на темно бурно време, се преплетуваа и замрсуваа, болна бесмисленост стануваа. Змејот подбивно крескаше: „Дрш'се Клејчеее!“ и плазеше сиво јазичиште, како јаже за бесење.

Клеј жгрибна со забите и згрчен од 'рскав бол во зглобовите и мускулите, мачно се извлече од кадата. Во главата му летаа густи јата лигави лилјаци, од нивните бодликави крилца му зуеше воздухот во ушите. Но тој сепак успеа да ги подигне рацете, направи еден вид полуотворен контра-гард и дури потскокна пет-шест пати. Змејот презриво се насмевна, престана да се ниша како кобра и со обете раце му покажа шипинки. Клеј сосема збесна и безумно се втурна кон него, удирајќи го страотно по сувата става и ќелавата глава. Но и похрај тоа што силата на ударите речиси не беше обична, човечка, туку натприродна, сиреч божја, Клеј не успеа да го кутне сеништето. Тупаниците молневито му прелетуваа низ телото на змејот како низ редок воздух, не наидувајќи на отпор од живо ткиво, небаре противникот не постои, а ударите се бесмислени. Клеј силно се задиша и подзастана, а сеништето беше повеќе од очигледно стоеше пред него како морничашо олицетворение на најужасна сила свртена против најсилниот и најбожествен претставник на човечкиот род. И зајадливо го провоцираше: „Ајде, Клејчееее!“

            Иако тренерот безброј пати го советувал да не наседнува на провокации, Клеј се избезуми од гнев, вилиците му пукнаа од стегање. Дури и замижа. Но и под склопените клепки го виде змејот како подбивно се клешти пред огледалото и, сметајќи, белжим, дека Клеј е во тежок нокдаун, злобно си ја истегнува раката да го потегне за носот. Мигот беше идеално поволен за изненадување на противникот и Клеј ненадејно но секавично замавна со десната рака. Тупаницата, во која беше сета смисла на неговиот живот, сега навистина летна побрзо од молња и страотно го трешти сеништето по чурилката. Одекна болен крик, ноќта чиниш ја искрши на парампарчиња и морничаво се разлегна под Беласица. Змејот вчасот исчезна. Клеј не го виде ни со отворени очи. Огледалото на ѕидот го немаше, ситна срча блескаше по подот во кадата и умивалникот, сиреч сите ѕвезди од небото паднале и разбиени се распрчкале под неговите нозе.

Миг потоа, дотрчаа саштисани болничари. Клеј ги дочека со подигнати раце над главата, во поза на величествен победник, и без збор се согласи да го одведат на анти-допинг контрола. Во една теша собичка, со решетки на прозорчето, болничарите брзо утврдија дека Клеј не користел недозволени стимулативни средства. Срдечно му честитаа и додека снисходливо му се извинуваа, правдајќи се со некакви наводно престроги пропозиции, тој се смееше со запалени очи, како човек кому му било судено никогаш да не разбере дека по меѓу божевото и божемното никаква разлика нема.

Дури во доцна есен Клеј ја капушти болницата во Банско. На пат за Америка, го заобиколи Робово, иако беше речиси сосема здрав, сиреч како пред неволјата. Си немаше повеќе работа со змејови, го заборави дури и виетнамското оениште, сето пијавици и комарци, во смрдлива униформа на очаен американаки војник. Исчезнаа и змејовите во форма на дебел судија, со восочно лице и пеплосани очи, и свиреп затворски чувар, со црн синџир закачен за 'рскавицата на носот. И се чинеше дека му се обновува младоста и како божество го крева над сите зла и војни и сите темни занданн. Сал една мака си имаше: насоне чекореше по Црна Мера, нозете до колена му пропаѓаа во жолти дуњи, суво грозје и портокали. И брзо се заморуваше, душата му доаѓаше во забите. А забите му беа — вештачки.

БИОГРАФИЈА

Васе Манчев е роден на 20 февруари 1949 година во село Робово, Струмичко. Основно образование завршил во родното место, гимназија во Струмица, а филолошки студии со магистериум во Белград, СР Југославија.

Досега ги објавил следниве книги:

Проза: Суша и душа, Книжевна младина на Македонија, Скопје 1977; Подгорен корен, Мисла, Скопје 1979; Клето лето, Студентски збор, Скопје 1983; Чинки, Македонска книга, Скопје 1987; Инакво лице, Детска радост, Скопје 1988; Насушна сушност, Култура, Скопје 1990; Залудни раскази, Култура, Скопје 1993; Измислена душа, Стремеж, Прилеп 1996; Амин, Детска радост, Скопје 1998.

Поезија: Големи богови, мали богови и привиденија, Матица македонска, Скопје 1994; Свирепа вечност, Формика, Скопје 1995.

Драма: Подигравки, Наша книга, Скопје 1988.

Избор: Тажни свечености, Мисла, Скопје 1988.

Сега работи во Педагошкиот завод на Македонија во Скопје. И продолжува да се преселува во - копнежот по возвишена вечност.

» Избрани раскази (PDF)

На Растку објављено: 2009-03-05
Датум последње измене: 2009-03-09 21:45:07
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија