Васил Дрвошанов

Мониста


ТАЈНО ЖАРЧЕ

Се залажував -
а лагата е со кратки нозе -
жар в пазува ќе кријам!

Брлак!
Жарта не таи. Таа чмазди,
тлее и букнува
а пламенот узди нема
и ниедна тајна не е трајна.

ПОГАН

Клето куче си ти,
животина.
Ниту јадеш,
ниту на куче даваш,
а цвилиш
и виткаш опашка под стомакот
пред чужди врати.

ДВОКОЛКА

Секој од нас е тркало од двоколка
па така се валаме денизден
на една оска - со подвоен возник,
ни подалеку ни поблизу меѓу себе.

ЈУНИЦА

На тапан прав ако стои
па и ти да мируваш.

Врагуваш, велат, од бујаст
оганот да го изгаснеш,
а не знаеш, јунице,
оти гасејќи го огнот
повеќе го распалуваш.

СВРБОГАСКА

Ќе ги докапеш опинците,
па ќе си легнеш на брашното,
има време!

Од кол на кол и ти ќе се наденеш.

ЖИВОТ

Секоја ноќ навратувам на кладенецот
оганот да го изгаснам.

И колку повеќе одам -
изворот почесто бликнува,
а оганот - се разгорува.

ДУЊА

Прасиња те ријат -
кочина те направија.
Ти ниту раѓаш
ниту младоци пушташ.

Дреми, дуњо, драждеј,
додека бишките
коренот не ти го изријат.

ТУТАРКЛИВА КОБИЛА

Одбирав и наберав -
тутарклива кобила.
Напати душата ѝ е памук,
а напати пелин исфрла од устата.

Што да правам сега
кога очите ми останаа во неа.

ПУКНИЖОЛЧКА

Ми иде на памет
да си ги фатам очите
и да одам во несврта,
а останувам.

Каде и да отидам, пукнижолчке,
ти ќе ми ја вадиш душата.

ОТКОРНАТИК

Откорнавме рогоз од моноблат
и го пресадивме в гора.

Рогозот повиреа, овена и се исуши.

Доцна сфативме
оти коренот му остана во моноблат.

КУКУМЈАВКА

Залудно копнеам по топол збор,
кукумјавке!
Ти немаш ниту ронка благост.

Ќе одлетаат годините,
а јас ќе останам
како рибата на песокот.

МРКАЧ

Ти само едно знаеш:
да јадеш, да пиеш и да мркаш.
Тебе не ти е доста една женка
ниту цело стадо,
па повтуваш и по туѓи ѕвиски.

Мркау незаситен,
на светот постојат и други нешта.

КОЗА

Ќе ја сакаш ти неа,
а она -
ќе ти трие сол на врвот
и ќе те љуби
сè додека е века.

СРАМ

Доаѓа и таков ден
да ја сретнеш
а да нема што да ѝ кажеш.

Тогаш ти иде
во земјата да пропаднеш.

БРЛИВА ТРКА

Времето никој не може да го запре.
Оно си тече.

Ние сме брливи
што се тркаме со времето.

КОЛОВОЗНИК

Готово!
За неа ми изветреа умот,
а ќе мора да ја заборам
за да не го изгубам коловозникот.

ПРОМИСЛЕН ЗБОР

Кога ти доаѓам на гости
не ти сакам јадење и пиење.

- Душата сакам да ја отвориш
и со думи да ме нахраниш.

ШТРКОВИ

Секое лето вие изведувате по три штркчиња
и ги подготвувате за далечен лет
а едно штркче секогаш останува.

- Кому му е наменето вашето кљакање:
на оние што одлетуваат
или на она штркче што не полетува
човек не може да разбере
само сирачињата знаат.

САМОНИК

Ти не береш грижа
каде и кога ќе никнеш.
Ти сакаш само да растеш
и да заврзеш род.

- Во тоа е, самонику,
твојата единствена вина.

ГРАПОВА ЖАБА

Ти сакаш од неа да направиш човек,
а таа - станува грапова жаба,
и туку ти крека над главата.

Допрва ќе сфатиш:
- Од секоја врба не се прави свирка,
па и од секој створ не бидува човек.

ПОСМРТНА

Што ти бил човекот:
малку добрина - повеќе лутина,
а на крајот -
една торба ветар.

ЛИЦЕМЕРЕН ЅВЕР

Дури да не поверуваш!
Како може човек да биде ѕвер!?
Ти да го храниш и поиш,
а он дупка да ти копа.

- Доаѓа, брате, време
да немаш верба во самиот себе.

БРЛИВШТИНА

Ти не ја разбираш мојата смеа,
а бараш да се смеам
кога ми иде да плачам.

Ми треба време
да ја заборавам таа брливштина
за да можам пак да се смеам.

ВЕШТЕРКА

Ти сакаш да ме направиш
дома - зрно, а надвор - лав.
Ти умираш
од кожата да ме извадиш
кројката да ми ја промениш.

Не оди, вештерке, тоа туку така!
Душата не можеш да ми ја земеш.

ВРШНИК

Лека-полека ти, жено,
ми се качи на главата.
И сега иди - па види:
тоа ли беше онаа кротка девојка
на мравка што не згазнува?

Се обрнаа работите.
Ти сега си усвитен вршник
над голо теме,
а јас останав - со зинати очи.

СРНА

Во ова напнато време
кога кучиња ми лаат во главата
ти, срно, и самата не знаеш
колку ми значиш.

Твојата милина ме опијанува,
донесува спокој
и ми вдахнува нов живот.

ИСЛУЖЕН КОЊ

Добар бев кога орав и влечев
кога носев товар и ме јаваа.

Сега остарев и снеможев
па ме препуштија на волците во орманот,
одделен од ергелата и човекот,
сам да се борам
со дивината и времето.

ВИРАНА МУЦКА

Кога ќе отвори една мурла
само пелин исфрла од неа
како цел век да го собирала
некого да отруе.

- Да не би да е
затоа што ти одам по ќефот,
вирана муцко,
вирана да не останеш!

ДЕЛБА

Милина беше нашиот двор:
рамен и широк.

Но, ѓаволот ни ора ни копа.
Влезе во нас.

Тате и чиче го поделија дворот -
се поделија себе.

МОЛКОМО КУЧЕ

Не плаши се од оној пес што лае.
Тој лае и ќе прелае.

Чувај се од молкомо куче.
Тоа се тули како болва под кошула,
не лае а каса.

ДРЕМКА

Кога ме фаќа дремката,
зошто ми го грушиш сонот
а не ме оставаш на мира.

Човек кога спие
и змијата не го закачува,
а кога сака да спие -
остави го да сонува.

(1995)

На Растку објављено: 2008-07-01
Датум последње измене: 2008-07-05 14:56:10
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија