Јордан Плевнеш

Народните игри - русалии и бабари како врвен израз на македонската народна драма и фолклорен театар

Самиот факт што Македонија се наоѓа многу блиску до изворот на најстарите народни обичаи, Дионизиските игри и тракискиот град Виза, трагите кои се забележани во овие простори значат и можност за реконструкција која допира до далечните временски недогледи на човековата желба да се надживее себе си низ физичка реализација на митот. Во својот труд „Кукери и русалии“ објавен во Зборникот на Народни умотворенија и Народопис од Михаил Арнаудов1 ги разгледува врските на паганските игри со античките празници. „Овие наши празници претрпеле многу промени, но сепак е јасно дека има доста сличности со десетте игри на Дионисос. Првите четири вида симболизираат брак и полно возбудување што според Џемс Џорџ Фрејзер не значат ништо друго до празници на пролетното будење на природата. Во шестата игра има голема сродност со војничките игри, во седмата и осмата со маскирањего, во деветтата со симболичното орање. Десеттиот обичај е Ликритес од старото „ликрон“, кој не е познат во современиот грчки јазик, а постои исклучиво како термин за овој обред. Неговата смисла е симболичното раѓање на детето кое нема татко а е родено на седум месеци. Зарем ова не се спомени на Дионисиевото раѓање?

Патот по кој голем број празници и обичаи, мотивирани пред сè, најпрвин од обредни, симболички или магиски причини прераснувале во особен дел на народната уметност може да се следи преку реконструкцијата на нивното траење низ времето. Миметските игри2 како што ги нарекува Христо Вакарелски се сврзани со плодородието и благодејствието на семејството. Тие игри се изведуваат од подготвени и маскирани мажи. Во разни места тие се нарекуваат: кукери, бабугери, ешкинари, старци, дервиши, дедици, џамалари и разни други. Маскарадната форма на игрите со текот на времето ги довела до атракционото осмислување како народен театар. Во врска со тие театарски претстави, народот создал големо разнообразие од човечки и животински маски во кои се пројавува како голем уметник. Со малку средства тој им го придава на маските и костумите најкарактерното во изразот и во движењето на имитираните или исмеваните луѓе од животната и општествената средина.

Заедничката особина на Бабарите и Русалиите е во тоа што се играат во периодот на Некрстените денови и со тоа ја збогатуваат нивната бурна и неизвесна стварност.

Со оглед на постоењето на повеќето имиња во врска со бабарските игри ќе се задржиме на именувањето на оваа игра како Џамала, обредна магиска игра што се изведува за време на некрстените денови со цел да се изгонат разните лоши духови. Самиот збор џамала, нè упатува на нејзиното древно потекло дојдено до зборот „џама“ што според индиската митологија означува човек или бог на мртвите во подземниот свет.3

Второто значење одговара на симболиката на овие игри бидејќи во ова време спаѓа и празникот на душите — некрстените денови, кога тие слободно шетаат по светот и се веселат. Оваа игра е позната низ цела Македонија само што насекаде се наречува различно: во Тиквешијата Џаламари во Прилепско и Битолско-Бабари, во Охридско Василичари, додека во Егејска Македонија се наречуваат Ешкари. Според истражувањата на Михаил Арнаудов и Тихомир Горѓевиќ како и во студиите на Христо Вакарелски и Вера Кличкова се употребуваат истите овие имиња.

Присуството на народната драма во играта Џамала или во Бабарските игри, најзаокружено функционира од самиот почеток на нејзината подготовка: „Се собира во едно село тајфа-дружина од 30- 50 души кои знаат поубаво да се шегуваат т.е. кои имаат дарба за таа работа. Тие се собираат во една куќа одвечер, најчесто спроти Нова година. Од тајфата се избираат четворица најдобри „маскирџии, т.е. луѓе кои имаат смисла за хумор. Меѓу нив се избираат „двајца старци“ и „две жени“ — невеста и орвана, односно двајца помлади мажи кои ќе ги изведуваат овие улоги. Другите играчи претставуваат деца или војска. Откако ќе се определат улогите на четворицата главни играчи, се облекуваат во специјална џамалџиска премена: старците во постарска машка облека искитени со разни ѕвонци и клопотарци, невестата и орваната во женска премена — невестинска и постарска женска носија. Џамалџиите — старците за да изгледаат што пострашни и смешни се маскираат во грбави и грозни луѓе. По лицето се исцртуваат со „горовина“. Си ставаат мустаќи и брада т.е. перика од коноп. Се облекуваат во гуњи и тумани и тоа поискинати. Околу појасот опашуваат ремен или врвка прикачувајќи клопотарци и ѕвонци и ставајќи слама под гуњата за да изгледаат грбави. На појасот ставаат уште и некое дрво што им служи наместо шупелка или пиштол. Во рацете држат кросно или патерици за чукање по куќите при џамаларењето. Некои села имаат и своја одделна џамалџиска промена која се чува во текот на целата година. Меѓу нив се одбираат двајца кои ќе свират за време на џамаларањето. Најчесто се свири на гајда и шупелка и наместо на тапан удираат на тенеќе. Доаѓањето на џамалџиите се слуша оддалеку бидејќи тие прават голема врева. Оддалеку се слушаат џамалиџиските песни:

Отвори домаќине
да видиш млади
и моја силна војска
како се белеје
како се лелеје
како прат над вода
како лист над гора.

Потоа се одвива вистинска театарска процесија која во својата функција на извежбаност на дијалозите, репликите и физичките дејствија ја остварува својата драмска окосница: „Потоа невестата му бакнува рака на домаќинот кој од своја страна побарува од домашните трпеза и сукало и сучи баница, односно прави гестови како да сучи баница за својата дружина — војска. Орваната ги мери ракавите на другите актери а тие пак три пати го завртуваат огништето со ситното оро. Тука во мешаницата се водат дијалозите:

— Не си ја научил невестата на ред!

— И ти не си ја научил!

Потоа настанува кавга и убиство. Паѓа „убиен“, едниот од двајцата старци. Му ја соопштуваат веста на домаќинот:

— Домаќине го пое ... го отепав другарот!

— Ти го отепа, ти тражи му чаре!

— Ајде да одиме Војската се спротивставува:

— Ние без татко не одиме!

Потоа настанува голема „драмска расправа“ над „убиениот старец“ со подробни шеговити описи на сите делови на неговото тело.

Старецот:

— Има уште нешто домаќине! Во селово има сува река, кога ќе врне ќе надојде реката (покажувајќи на полниот орган на „убиениот старец“) ќе си го туриш место мост, свите ќе пројдат по суво, ти допојас во вода, згодно како кај Водно!

Потоа старецот му вели на домаќинот:

— Да  го дигнеме мостов?

(Го шибнува со кросното „умрениот“ човек, тој скокнува и оживува.)

Низ овие примери во кои се задржавме само на некои особености на играта Џамала или бабарските игри кај нас дадени според описите иа Вера Кличкова сосема јасно се гледа нивниот голем симболички устрем да говорат со јазикот на секојдневието во една повисока алегориска функција во која не само што е застапен оној „баран естетски адекват“ за една фолклорна ситуација да биде наречена народна драма туку, тој по многу свои елементи е неповторливо оригинален во споредба со другите словенски народи исто така во различни облици ја познаваат оваа игра.

Дека човекот е во средиштето на овие игри ослободен од сиот идеолошки страв на религијата докажува и варијантата од скопските села Вучидол и Орман во која сите благослови развиваат „негативна“ логика:

— Еј домаќине да ти даде господ две коли тикви, и тие да ти скапат!

— Амин и тоа ќе му биде!

Од деловите на колената на „умрениот“ се препорачува да се направат балвани за бочви, градите — самар за магаре, рацете — кривулицн за брапа, устата-ќупче за нужда, туте, очите — виделца, носот — масолник, цревата — тетива, полниот орган бастумче за кметот, како најпочесен член во селото“.

Интересно е дека две бабарски групи не смееле да се сретнат бидејќи настапувала голема тепачка во која не се заминувало без жртва. И овој момент доаѓа како поткрепа на нивната далечна древност која со векови се одржувала и која дури кон крајов на нашиов век исчезнуваат пред напливот на цивилизацијата, денес. Бабарскиот обичај иако по севкупноста на содржината бил многу интересен, останал незапишан дури и од Миладиновци и од Цепенков. Тој и по начинот на изведувањето и по бројот на учесниците и по нивните подготовки, открај докрај во Македонија се разликува или има сличност.4

Присуството на македонската народна драма во Русалиите е многустрано евидентно. За потеклото на русалиите постојат разни претпоставки.3

„По едно мислење кое го застапува П. Ј. Шафарик зборовите Русалии или Русалки се од словенско потекло. Врз основа на списи и документи за словенската митологија од понов датум Шафарик мисли дека изразите Русалии и Русалки означуваат обожувани женски суштества кои се сметаат како богињи на реките и потоците. Тие биле еден вид нимфи кои се сродни на германските елфи и валкири. Врз основа на етимологијата на некои географски називи Шафарик докажува дека Словените ги викале реките руса и дека ги обожувале како живи суштества како Русалки. Во прилог на оваа Шафарикова хипотеза оди и празноверицата на нашиот народ од околината на Неготино, неколку дена пред Дуовден луѓето да не се капат во реките за да не влезат Русалиите во нив. Според едно друго мислење кое го застапува Ф. Миклошиќ зборот русалии доаѓа од латинскиот збор rоѕа. Миклошиќ поаѓа од фактот според кој цветот ружа во Рим бил нарекуван и поврзуван со празникот на Духовите и оттука настанале изразите ра ѕcha rosata и rosalia.

Независно од фактот кое од овие тврдења ќе биде земено како точно што се однесува до етимологијата на името за нас е важен моментот кој го докажува присуството на Русалиите кај сите балкански народи.

Русалиските дружини се формирале од најдобрите луѓе во селото или во крајот. Дружината требало да биде составена од 32 души (според една легенда од Гевгелиско во која се дават двајца љубовници, момче и девојка во Вирот кој се полнел од 32 извори 6 од кои 12 биле играчи а другите придружници — „нивна војска“. Меѓу нив се избирал кеесебашија, двајца питачи кои требало да ги собираат даровите, танчар и еден балтаџија. При изведувањето на игрите танчарот ја имал раководната улога во групата, додека балташијата ги управувал играчите и ги бранел од секакви напади, како што вели народот „видими и невидими“. Тој всушност бил и нивни старешина кој ги водел низ него, за разлика од другите играчи кои во играњето носеле сабји — „кол'чки“ се одликувал со тоа што во десната рака држел балта — секира со која ја вршел таа задача, односно го управувал и го бранел орото од невидливи сили. За изведувањето на овие игри русалиите се променувале во специјална облека — бела русалиска промена, свечена народна носија богато украсена со разни украси и со крпи вкрстени на градите и на плеќите. Вака променети тие ги имитирале самовилите ветрушките, замислените суштества, кои според народното верување биле облечени во бела промена и се шетале тоа време, скитале, односно биле слободни и можеле да одат каде што сакаат. Русалиите за време на овие деништа требало да се борат за да ги изгонат нив или да ги омилостиват душите за да не им пречат на луѓето преку годината.

И Кузман Шапкарев во спојот фолклорен прилог за овој „древен обичај од јужна Македонија7 изнесува драгоцени податоци за Русалиите. „Пред да се соберат за тргнување секој од играчите се простува од дома како да тргнува на дејствителна војна од која не се знае дали ќе се врати назад жив и здрав. Многу пати се случувало мнозина русалии да не се вратат ниту живи ниту умрени затоа што ги погребувале на местото на смртта во пресметката со друга русалиска дружина“.

Присуството на народната драма во Русалиите се огледува и во нивната општествена функција. Имено „нивната кооперативна, социјална и хумана основа“. Познато е дека русалиите се изведуваат поради „вакуф“, што значи за општо добро. Тенденцијата со здружени сили да се направи нешто корисно можеби и по цена на жртви доаѓа до полн израз и реализација. Од парите кои ги собира русалискиот благајник, ќе се подигне школо, ќе се купи камбана, ќе се ископа бунар или ќе се помогнат сиромашните. Затоа тие играат околу куќите за бериќет, околу болните што ги оздравуваат, околу несреќни што ги љубат нивните сабји или според Шапкарев влегуваат во кругот на играчите низ нивното оро да го бараат својот спас.

Според описите од Гевгелиско прво се игра Кошијата — обредно оптрчување на местото каде што играат, вртењето околу себе со прави вкрстени стапки и замавнувањето со сабји, со клекушки или коленички и други русалиски елементи. Тие се вистински борбени витешки игри со одредена магиска улога. Македонската народна драма како присуство во овие игри ја среќаваме во „Русајлика, „Злата, „Кажи моме вистината, „Тодоро бира капидан, „Капидан аваси, „Бојмија аваси, „Кара Јусуф и повеќе други кои биле изведувани на средсело и „секој што имал нужда, болест или некоја желба оставил нишан на земи кого го пречекорувале русалиите за „здравје и селамет“ на оној што бара помош од нив. Тогаш на танчарот му се давало дете што е болно и со него да го одигра првото оро до три пати.

Доколку се бараат споредби со другите игри со мечување според истражувањата вршени на македонски терен се наведуваат и „некои други наши игри кои имаат повеќе реалистички отколку магиски карактер. Тоа се пред се игрите Кумпанија и Морешка. Во магиска смисла Русалиите имаат слични црти и со некои игри во кои се оживува убиениот како што се Гостиварската касапска игра и играта со неверојатна драматика во која умрениот повторно се враќа во животот со многустрано значаен наслов Македонски колеж.

Земајќи ги сите овие околности како стојалиште на кое ја засниваме врската меѓу народната драма и Русалиите, ние всушност го потврдуваме сознанието дека „русалиските игри се ајсоцијалните игри. Секој актер во русалиските игри го покренува желбата да биде соработник во заедничкиот потфат“. Тој потфат се одликува со застапеност на сите потребни компненти кои го конституираат драмскиот род во фолклорот со својата длабока поврзаност со најархаичните пагански остатоци на магиско обредните елементи.

Овој народен театар кој го среќаваме како чиста определба во современата наука за фолклорот можеби токму во Русалиските игри во Македонија го достигнува степенот на својот врвен израз не само како доказ кој поаѓа од неговата изведувачка страна туку по длабочината во која народната уметност преку една структурална мултитеза го пресоздава обликот кој е предмет на нашиот интерес.

 Ваков тип на игри е присутен и  „кај другите европски народи,  Азија,  Африка,  Америка,  и  Австралија“ но нивната поврзаност со „духот на вегетацијата“ повеќе ги приближува кон материјализација на митот отколку кон драмската фактура на реализацијата. Можеби играта Карамањола или Играта на револуцијатата8 која е позната во повеќе простори на Западна Европа се доближува во компаративното поле на нашите Русалии кои остануваат голем предизвик за истражувањето на народната драма и народниот театар во Македонија токму низ нивните богати врутоци што ќе бидат вистински бисери на нашата духовна традиција.

1 Михаил  Арнаудов: Кукери и  русалии, Зборник на народни  умотворениа и  Народопис, XXXIV, стр. 96—105.

2  Христо Вакарелски: Българско народно изкуство, Софија, 1969, стр. 26.                 

3 Вера Кличкова: Божиќните обичаи во Скопска котлина, Гласник на Етнолошкиот музеј Скопје, бр. 1, год. I, стр. 233.

4 Радован П. Цветковски: Бабарскиот обичај во селото Буф и други села северозападно од Лерин. Фолклорот и етнологијата во Битола и Битолско, Битола, 1981, стр. 597, За бабарскиот обичај во Демирхисарско, Развиток, XIII, 4—5.   

5 Љубица и Даница Јанковић: Народне игре, IV книга,  Београд, 1948, стр. 186.        

6 Вера Кличкова: Русалиски обичаи по Гевгелиско, Македонски фолклор, год. II, 3—4, 1969, стр. 380.

7 Кузман Шапкарев: Избор, приредил Т. Тодоровски, Скопје, 1984,  стр. 197.

8 Сестри Јанковић, ор. Сit. 193.

(Од книгата: Бесовскиот Дионис, Наша книга, Скопје, 1989, стр. 103-111)

На Растку објављено: 2008-04-15
Датум последње измене: 2008-04-15 22:39:02
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија