Митко Маџунков

Девет раскази

ЧИСТКА

Тогаш страдаа само невините: тоа беше некакво свето правило.

Момчето и девојката повеќе недели патуваа со возот низ едноличната снежна рамнина. Надвор, каменот пукаше од студ, вечен вител си играше со снегот не давајќи му да ја допре земјата. А возот одвај лазеше низ полето, блувајќи толку чад, што поради тоа и  небото стана црно.

Со тој воз требаше да побегнеш некаде, незнајно каде, да дојдеш до крајот на светот, и да тргнеш понатаму, по нови патишта. Беше станал неподнослив животот човечки во времја оно. Поради најразлични немили настани, што катадневно се случуваа, светот го зафати општо сомнение. Оние што не ги познаваат неговите смртоносни канџи никогаш не ќе го разберат стравот и ужасот што тој ги разбудува и во најкротките срца. Не постоеше предмет, ни суштество кое не беше сомнително поради нешто. Секој беше виновен за нешто. Раката на невидливиот крвник можеше да се спушти на рамото од секого. Недовербата и омразата пустошеа низ светот како чума.

Смислата на животот на оние што сè уште држеа до себе, може да се искаже само со еден збор: Бегај! Шлапкај како аџија по бескрајните снежни патишта, лутај по светот, гол и бос, гладен и слеп: бегај, бегај додека стапалата не ти станат живи рани, додека  здивот  во градите не  ти  замрзне.

Љубовта меѓу момчето и девојката почна во несреќен час. Зар  манијата на општо сомнение не го беше грабнала и него, момчето? Иако ја љубеше девојката, сè почесто беше готов да пронајде некоја лоша страна во таа врска. Можеби затоа неговата сопничка беше тажна, а нејзиното однесување неприродно.

Најпрво во возот беше како во кошница. Луѓе, жени со бовчи, деца. Тогаш започнаа да апсат. Кој го правеше тоа, никому не му беше познато. Но од ден на ден, од час во час, во возот остануваа сè помалку луѓе. Стануваше сè постудено.

Бесот и очајот што се таложеа во момчето избувнаа ненадејно. Седеше со девојката во празно купе. Се ѕвереше кон смрзнатиот прозорец. Тогаш дојде до најлошото.

Овде има шпиони, рече тој. Овде некој си игра со нас, поткажува невини луѓе. Остануваме малку, многу малку, можеби... десетина.

Скокна:

Кој нè предава?

Неговите зборови како да доаѓаа од голема далечина, како меѓу него и девојката одеднаш да се испречи пустото, снежно поле по кое патуваа. Не трепкајќи гледаше кон девојката и сосем јасно, дури мирно, праша:

   Можеби ти?! Непрестајно си збунета, продолжи веднаш потоа, изгледаш како човек кој нема чиста совест, кој нешто крие. А мене ме сожалуваш, немаш срце да ми сториш зло. Признај!

   Тешко може да се опише она што се случи потоа. Девојката го гледаше прво збунето, потоа прекорно, потоа уплашено. Сакаше нешто да каже во своја одбрана, но не можеше. Го истегна вратот како ранета срна — можеби затоа што почувствува како се вкочанува — високо ја крена главата и се заниша лево-десно. Потоа главата ѝ падна на градите, и пак наполу се крена кон момчето. Лицето на девојката сега не можеше да се препознае.

Некое време го посматраше тоа укочено, згрчено, од страв искривено и нагрдено лице. Тогаш забележа дека вратата од купето е отворена. Пред неа се наоѓаа двајца милиционери и еден човек во цивил. Го посматраа она што се случуваше во купето. Милиционерите, очигледно, беа заинтересирани за човекот кој — онака мал, дебел, испотен, неискажливо мизерен непрестајно повторуваше дека не е виновен.

А кој е виновен? прашуваа милиционерите, и понатаму удирајќи го дебелиот со тупаници. Кој е виновен? Кој е виновен?

   Човекот се грчеше од болка, липаше на цел глас. Најпосле, бесмислен, омрлушен, падна крај нозете на милиционерите, збивајќи тешко, свесен дека му нема спас.

Кој е виновен?

Дебелиот тешко ја крена главата, и тогаш — токму во тој момент — очите му застанаа на парализираното, од страв искривено лице на девојката.

Таа е виновна, цикна тогаш дебелиот, скокнувајќи како улав, 'ржејќи како животно, рикајќи толку силно и со таква страст што стануваше сè поочигледно дека неговата хистерија бргу поминува во лудило:

Таа е виновна!

Во тие зборови имаше толку вистинска убедливост, признанието беше толку потресно што момчето за миг сфати дека девојката е изгубена. Ќе ја обвинуваат, ќе ја оттргнат од неговите слаби раце, ќе ја одведат.

Љубовта, дотогаш исполнета со понижувања, загорчена од сомнението, како дури сега да расцуте во градите на момчето. А тоа чувство, од друга страна, беше бледо во споредба со каењето заради навредата што ѝ ја нанесе на девојката, која за неа ќе биде смртоносна. Момчето, значи, горејќи, немаше каде ами сè — својот живот, и иднината, од која толку очекуваше — сè да стави на коцка. Извади пиштол, и, како на сон, почна да пука. Едниот милиционер падна, по него другиот; падна и дебелиот. Момчето ја грабна девојката и потрча по тесниот ходник на возот.

По нив грмнаа два истрела. Кој пукаше, момчето не можеше да знае. По се изгледа, едниот милиционер бил само ранет, и тоа лесно. Првиот куршум го погоди момчето в рака; вториот се заби во тилот  на девојката. Таа падна мртва.

Момчето подоцна го фатија, среде вревата на големиот град. Тоа се случи пред една банка. Го уапсија истите оние милиционери од возот и дебелиот кого што тие го малтретираа. Момчето се изненади кога виде дека ни еден од нив тројцата не е мртов, но, свикнат на сешто, не го зачуди присуството на дебелиот. Кога му пријде, момчето веднаш не го препозна. Мал, дебел и добродушен, со тивок глас и без одмаздничка лудост, му рече:

Ве апсам од името на законот!

Момчето не чу добро.

Ве апсам од името на законот, повтори дебелиот.

Потоа го поведоа момчето со лисици на рацете.

 Ќе најдете адвокат рече едниот од милиционерите и си ги истри  рацете, збунет поради нешто.

Малку подоцна запраша:

А девојката?

Момчето се направи како да не разбира ништо.

И таа ќе најде адвокат, рече милиционерот, божем сакајќи да го утеши момчето.

Молам? А кој тоа?

Па добриот Господ, шепна милиционерот.

Во испоставата момчето го чекаше големо изненадување. Во огромната канцеларија полна со мувлосана хартија, каде што го доведоа, на масите и околу нив седеа, или стоеја, луѓето од возот; само девојката ја немаше.

За миг, сè му стана јасно. Сите апсења беа инсценирани, наместени. Тоа требеше да го исплаши. Затворањето невини луѓе требаше да го принуди на некаква брза, лекомислена постапка, која ќе биде доволна причина да го уапсат. Зашто тие него го бараа, сакаа да го уловат него и никој друг. Започнаа да плетат околу него мрежа која ја сочинуваа безброј луѓе со најразлични задачи, навидум безумни и непотребни. Единствено слободно, навистина слободно и независно суштество во целата таа хајка беше девојката. Таа претставуваше голема препрека да го фатат. Зборовите што ѝ ги велеше нејзе можеа да го отераат в гроб само да му ги речеше на некој друг. Од немајкаде, тие решија да ја изрежираат сцената на дебелиот. Сметаа дека бесрамноста на милиционерите ќе го натера да скокне на нив. Само случајот сакаше, непосредно пред несреќата, момчето само да почне да работи против себе. Во момент на очај толку ја исплаши девојката што стравот на нејзиното лице лесно можеше да се протолкува онака како што им се допаѓаше на неговите противници. Останатото се случи како што мораше.

Малку смирен што ја откри загатката за која, впрочем, дотогаш не ни знаеше дека постои — несреќен но смирен, зашто болното чувство одамна беше минало — во затворот момчето имаше само толку време да се праша:

А зошто ја бараа толку мојата глава? Зар сум единствениот невин  на светот?

ЦИРКУС

И на сон кроев планови како да ја подринам земјата околу шаторот, да го засечам платното, или на некој друг начин да влезам во циркусот и да ја видам големата претстава. Бев готов да ја заведам ќерката на чуварот, дури и жената, да се престорам во кловн, и да крадам, да лажам, да правам насилства. Попусто: навидум слаба, нежна, платнената тврдина беше непреодна.

Шаторот стоеше на крајот од градот, таму каде што исчезнуваа старинските дрвени куќи и почнуваше полето обраснато со див афион. Затегнат и прав како слонов заб, блескаше на сонцето. Се шаренееше сè како огнен змеј. Како детска играчка дишеше со големите гради, лулкајќи се таму-ваму на ветрот — Џиновска лаѓа на морската шир.

Чудна работа: околу шаторот беше пуста ледина. Ни коли за спиење ни луѓе, ни деца, ни животни. Каде спиеја циркузантите бог ќе ги знае. Покрај влезната врата од шаторот имаше колипка во која живееја чуварот, неговата жена и ќерката.

Доцна во ноќта, кога пристигнаа гостите, циркусот и пределот околу него се капеа во светлосен водопад кој бликаше од сите страни. Во таа раскошна, волшебна илуминација не би можел да го познаеш ни родениот брат: а камоли да видиш од каде доаѓаат кловновите, играчите, скротителите на диви Ѕверови.

Публиката беше одбрана. Клучот по кој се избираше беше сложен: главни подробности, притоа, беа маските и облеката. Маските беа задолжителни. Посетителите кои доаѓаа маскирани во разбојници, свињи, морски кучиња, на себе, истовремено, мораа да имаат автентична одежда на големци и владетели од минатите времиња. На оние кои се преоблекле во чеда на поновото време им требаше автентична маска. Покрај неа, се разбира, имаше свечена облека, која можеше лесно да се купи. Но тоа не беше случај со маските. Ги немаше во продажба, и никој жив — мислам, од оние со кои зборував — не знаеше како гостите ги набавуваат. Преобразувањето во личност од минатите векови, исто така, беше сврзано со големи тешкотии. Навистина, можеше да купиш маска на пророк, палјачо или лисица; но каде да најдеш скапоцена владетелска облека, извезена со злато и срма, опточена со бесценети камења?

За обичен смртник, единствено решение беше да се оддалечи од блескавата сцена, да ја избрише од свеста волшебната, треперлива купола и мислата за големата претстава што се одвива под неа. Но на мојата егоистичка, избувлива природа тоа не ѝ одговараше. Затоа, и кога изгубив секаква надеж дека ќе влезам под шаторот, останав упорен во залудните настојувања, верувајќи во провидението повеќе отколку во својот здрав разум.

Не би можел да кажам колку време ми мина во јалови обиди. И еден ден среќата ми се насмевна. Ми помогна кучето на чуварот. Одамна бев го забележал тоа животно, но не ми паѓаше на ум оти може да биде корисно. Тој ден, гледајќи го песот како лута низ полето, далеку од шаторот, случајно видов дека животното влезе во едно дупчиште од кое потоа не излезе. Чекав цел ден. Приквечер — исполнет со необјасниво претчувство — навалив еден камен на дупката и отрчав во шаторот. Кучето спиеше покрај својот газда. Како дошло до шаторот? Не ми требаше многу памет да заклучам дека кучето се послужило со подземен тунел кој ги поврзува надворешниот свет и циркусот. Беше само прашање дали излезот на тајниот пат е надвор од шаторот, во стражарската куќичка, или...?

Пределот околу шаторот изгледаше чист, недопрен. Во стражарницата влегував — на измама — повеќе пати, и внимателно ја разгледав: никогаш не забележав ни најмал знак кој би зборувал дека тука е излезот на  некаков тунел. Значи?

Се вратив до местото каде што, во полето, ги видов кучето и дупката. Каменот сè уште ја покриваше. Го тргнав. Дупката беше тесна, за куче некако, за човек никако. Сепак, не губејќи време, не размислувајќи, дури без да донесам одлука, го соблеков палтото, и, откако со нож го проширив влезот, со запалена батериска ламба в заби, се нурнав под земја. Пазев напредувајќи сантиметар по сантиметар. Претставата само што не започнала, ми се вртеше в глава, и тоа сознание ми даваше нова сила: беше грозна и самата помисла дека до шаторот ќе стигнам предоцна, кога ќе заврши циркуската магија.

Притиснат со камен и кал од сите страни, без воздух, во царството на црвите и корењата, немоќен, верував дека ми нема спас. Свеста ми се матеше. Силата ме издаваше. Во еден момент посакав да се вратам; но немаше место ни да се помрднам, а камоли да се свртам; беше невозможно да лазам назад. Продолжив, копајќи ја земјата со устата, и голтајќи ја, како глиста.

Бев полумртов кога сфатив дека тунелот се шири, во почетокот скоро незабележливо. Тоа ја разбуди мојата волја за живот. Продолжив со својата невесела работа на полски глушец. По некое време можев да се помрднам лево-десно; потоа дупката стана ходниче по кое можев послободно да лазам; најпосле се претвори во ходник. Се исправив, и зачекорив во ноќта на земјината утроба.

Веднаш ми падна в очи еден детаљ: од коридорот по кој одев, под прави агли, се разгрануваа други ходници, потесни: оттаму доаѓаше до мене нешто како одблесок на оган што гори во земјината внатрешност, од голема далечина допираше, нешто слично на кркорење; и се слушаше сосем јасен, разбирлив човечки шепот. Љубопитен, сакав да испитам од каде е оваа таинствена светлина во пазувите на земјата и какви се тие суштества што живеат далеку од сонцето, зелените ливади и разбрануваните мориња. Но, очигледно, и светлината и скривалиштата на таинствените суштества беа мошне оддалечени од мене, а јас немав време за губење: на крајот од краиштата, под земја влегов заради претставата, а не заради некаква луда љубопитност. Решив мистериозната светлина и потеклото на гласовите да ги испитам на враќање. Сега морав да трчам понатаму, по главниот ходник осветлен од огнени јазици — зашто јас не се сомневав дека одам по главниот пат, пред сè затоа што коридорот по кој чекорев беше поширок од останатите.

Кога стигнав до крајот, внимателно почнав да ги испитувам ѕидовите. Очајнички, зашто, на прв поглед, коридорот изгледаше слеп: завршуваше со цврста, мазна карпа без ниедна пукнатина. Но, на мое најголемо изненадување, по кусо време раката допре нешто меко. Почнав да ја разгледувам карпата, осветлувајќи ја со џебната ламба. Местото изгледаше како и сè наоколу, ама каменот — во пречник од околу еден метар — беше мек како пердув. Сфатив дека стојам пред некакво пивтиесто перде низ кое може да се мине и појдов со раката. Таа пропадна во каменот. Полека, внимателно, појдов со главата и рамењата — ми се чинеше како да поминував низ густа, матна каша. Кога чудната течност — да речам така се проретчи, над себе, наместо ѕвезденото небо, ја видов (прв пат однатре) блескавата купола на големиот шатор. Испливав од пивтиеста маса и, незабележав, се скрив зад првата завеса.

Таа служеше како декор, веднаш забележав. Не постоеше голема опасност да ме откријат. А штом ќе заврши претставата, сам ќе излезам — така бев наумил — и ќе му речам на чуварот в лице: Гледаш дека те омаскарив?

Се наместив помеѓу две тешки завеси, за да можам да ги гледам добро и сцената и публиката, и внимателно ѕирнав, да видам што се наоѓа под големата купола која — чудно — беше без јарболи, потпирки, столбови, јажиња, и однатре изгледаше како совршена, херметички затворена стаклена полутопка.

Забележав уште нешто: во големата полукружна ложа, публиката седеше спроти мене, додека бината беше, речиси пред мојот нос. Значи, ниту гледалиштето беше амфитеатрално ниту сцената тркалеста и в средина, ами правоаголна и на едниот крај од шаторот. За мене тоа беше подобро: без многу мака можев да видам сè што се случуваше под сводот.

Посетителите, сите под маски, беа на своите места.

Маските и свечените облеки ми беа познати од порано. Затоа не ми беше тешко да ја познам секоја личност.

Публиката беше измешана. Не седеа стари покрај стари, млади покрај млади, не беа издвоени во групички, ами се наоѓаа на куп: вера и невера, скиптар и мантија, брадато и ќосо, дебело и суво, јазикот на Галапагос и јазикот на Молиеровите прециози.

Моето внимание — без некоја посебна причина — го привлече едно слабодушно човече со права коса и нервозни движења; над безбојните усни, на капларската маска имаше мустачиња што личеа на две муви забодени со игли. Човек би рекол: ова се мустачиња кои ќе го надживеат сопственикот. Човечето беше во униформа со украси што потсетуваа на пајак, пајакова мрежа и пајакова жртва одеднаш. Беше во друштво на еден помал и подебел човек со маска на Освојувач; на себе имаше униформа со еполети и трирог шешир. Разговараа сувиот и дебелиот. Живо мавтајќи со рацете како да се препираа кој е поголем јунак. Нивниот разговор го слушаше едно момче со прекрасно тело, во платнена кошула, со маска на Девица на лицето.

Тука имаше и ќоси Хуни, Татари, во одеждите и со идолите нивни, имаше винари Словени, Нормани, Саксонци, Готи, имаше Маи со лице на полна месечина, имаше императори римски и главатари црковни, патријарси, папи, имаше фарисеи и литерати, имаше поглавари на изумрени племиња, предводници кинески, јапонски, индиски, египетски, македонски, имаше диктатори грчки, шпански, хавајски, имаше Николевци и Алескандровци, Филиповци и Луевци, Марии и Елизабети, со имиња што свршуваат на ов, ва, во, ски, чки, ич, иќ, ув, ах, ох, ор, ти, ви, со перја украсени; тука беа бесните и умните од овој, оној, и зад овој и зад оној свет: цареви и кралеви, жените нивни, заложниците нивни и љубовниците на заложниците нивни, шутови и дами дворски, државници и законоклепачи, банкари и трговци, фабриканти и забавувачи, филозофи и уметници, научници и алхемичари, сметкаџии и занесени, млади и стари, убави и грди, големи и мали, нечисти и чисти.

И сиот тој булук беше како грозд, како букет каранфили во чија средина стоеја човечето со мустачињата и пајаковиот крст, и дебелиот; по сè изгледа тие сè уште се расправаа околу тоа кој од нив двајцата направил поголеми дела. Само убавото момче стоеше некако отстрана, и сè набљудуваше молкум, но не незаинтересирано.

Бината беше силно осветлена. На неа немаше никој, ништо: освен неподносливата белина.

Со времето, блескавата светлина слабееше, бледнееше, добивајќи виолетови тонови. Во гледалиштето стануваше сè потивко и потивко.

Кога вревата престана, знаев, претставата само што не почнала. И сигурно ќе видев, во тој миг, како работниците (зар?) ги вршат последните подготовки, да не ми го сврти нешто вниманието.

Публиката почна да ги вади маските. Гледав во таа незаборавна глетка и не им верував на своите очи: под маската на прасе, чакал или пума во раскошна облека, се појавуваше лицето на личноста на која одеждата, во некогашниот живот навистина ѝ припаѓала. Под маските на личностите од поновите времиња, пак, се појавуваа други маски, исти како пред малку извадените, само многу посовршени, направени од фин кожен епител, дамкосан или бел како слонова коска, влакнест или ангелски чист. Сообразност помеѓу облеката и лицето, маската и маската, лицето и лицето, не оставаше место за какво и да е сомнение: циркуската публика беше составена од вистинските и единствени сопственици на одеждите и маските.

...Кога се свртев кон бината, сè беше подготвено за почетокот на претставата.

Всушност, на сцената ни сега немаше ништо. Беа наместени само гимнастички алки што слободно висеа во просторот. Со чудна форма, личеа на обични, иако големи, ножици: алките беа дршките од ножиците, вкрстените јажиња двете остри сечила.

Ножиците беа полуотворени, така што сечилата со оската правеа агол од дваесет и два-дваесет и пет степени. Во тој простор, меѓу остриот челик, висеше, треперејќи во празнината, голо женско тело. Девојката однекаде ми беше позната, но не можев јасно да ѝ го видам лицето: беше во полумрак. Телото, младо и свежо, раскошно трепереше во воздухот, како риба во аквариум.

На сцената се појави — капејќи се во зелената светлина — жена со кофа за вода. Беше облечена речиси како селанка. Ниеднаш не се сврте кон публиката. Ја спушти кофата скраја од мрачниот подиум, близу мене, и застана покрај неа, нема, неподвижна. Во лажната селанка ја препознав жената на чуварот.

Наскоро дојде и чуварот (зошто го очекував во себе?). Облечен како гимнастичар, осветлен со црвена светлина, застана среде сцената и ѝ се поклони на публиката. Дојде под справата и скокна. Силните раце ги зграбија алките; сечилата засветкаа во полумракот.

Кога чуварот се одрази од земјата, мислев дека девојката веднаш ќе биде преполовена: под притисокот на телата, сечилата ќе полетаат во прегратка и ќе ја пресечат девојката. Но тој, очигледно, беше мајстор на својот занает. Со несфатлива брзина, правејќи безброј ситни полудвижења, грчејќи го, како уловена риба, трепливото тело, свиткувајќи се и напрегајќи ги и ножните прсти, успеваше да ги оневозможи сечилата да се приближат едно до друго. Дури постепено, острите краци се оддалечуваа, оставајки ѝ на девојката сè повеќе слободен простор.

Фискултурникот се капеше во пот. Со лице на епилептичар, дури успеа да ги отвори сечилата од ножиците толку колку што можеше да ги рашири рацете. И стоеше така, триумфално, еден краток миг. Тогаш, ненадејно, телото почна да пропаѓа; сечилата полетаа едно кон друго. Движењето на гимнастичарот, грчот по кој одненадеж го олабави телото, беше толку неочекувано, што замаен, ја раширив завесата. Сè се случи бргу. Сечилата штракнаа и ја отсекоа главата на девојката. Гимнастичарот паѓајќи го фати обезглавеното тело и, кога ја допре почвата, застана како закопан, држејќи го топлото, безживотно месо во прегратката. Главата со развиорена коса, сјаен метеор во темната ноќ, пролета низ воздухот и — плус! — падна во кофата со вода.

Нешто ме прсна по лицето. Се избришав со раката. Крв!

Во почетокот мислев дека ме открија, затоа што бев излегол пред завесата. Но очигледно, секој беше зафатен со своја работа, и мојата ништожност не предизвика никакво внимание. Бргу се вратив на поранешното место.

Претставата, очигледно, беше завршена, зашто гледачите станаа од своите места. Ги ставија маските со кои дојдоа и, не свртувајќи се кон сцената, тргнаа.

Седев, неподвижно, додека не излезе и последниот посетител. Мислам дека притоа малку задремав. Кога повторно ѕирнав низ завесата, ги видов чуварот, неговата жена и ќерката. Жената чистеше, чуварот ги местеше столовите. Девојката седеше, замислена, малку отстрана, и пушеше.

Иако порано имав намера да му се јавам на чуварот по завршувањето на претставата, и да му ставам на знаење дека го изиграв, сега, мислев дека е поумно многу да не се фалам. Зашто нему, можеби, не би му било тешко пак да ги намести ѓаволските ножици и за миг да ме стави меѓу острите сечила. За човек кој располага со онолку опасна вештина, изгледа, ништо не е невозможно.

Долго чуварот, неговата жена и ќерката останаа под шаторот: долго се подготвуваа за утрешната претстава. Кога си отидоа, ми олесна.

Така. Сега бев сам. Можев на мир да испушам една цигара и да размислам за сè што видов и за тоа како ќе се извлечам одовде, дали ќе се вратам низ подземниот тунел за кој никој (освен кучето?) не знае, или ќе смислам нешто друго.

Додека размислував на претставата, ме вознемируваше сè; но најмногу ме копкаше прашањето: Која е девојката? Сега ми се чинеше — а додека ја гледав како пуши, бев сигурен во тоа — дека девојката на која онака грозно ѝ летна главата не е никој друг ами токму ќерката на чуварот. Поразителна беше сличноста меѓу неа и загинатата девојка: иста коса, иста насмевка, исти раце, исти движења.

Ама неа ја гилотинираа. Како сега, одненадеж, воскресна? Не видов каде ги однесоа главата и мртвото тело, но знаев дека не е баш просто да ги залепиш и повторно да им вдахнеш живот.

Или жртвите за претставите ги довлекуваа од подземниот свет, секој ден по една (Главата и телото од загинатата чуварот ги крие, така што новодојдената не знае што ја чека). Та, без сомнение дека долу, под земјата — таму од каде што поминав живеат луѓе; зар не го чув нивниот шепот? Ама, како таа девојка да е толку слична на ќерката од чуварот? Да не живеат, во земјината прегратка илјадници негови ќерки, од кои една загинала денес утре да ја замени друга.

Решив што побргу да се чистам, по истиот пат по кој и дојдов. Така ми се укажуваше можност да го испитам подземјето, и да ја одгатнам тајната на мртвата девојка, и да се вратам дома. Дојдов до местото каде што беше сунѓерестиот отвор. Но кога сакав со рака да се нурнам во каменот за малку што не си ги скршив сите коски на прстите. Дупката беше затворена, зацементирана.

Очигледно, таа стануваше кашеста и проодна само тогаш кога требаше некој да влезе низ неа, човек воден од куче, можеби, или суштество од подземниот свет, предизвикувачка убавица со бела кожа, која толку личеше на ќерката на чуварот што никогаш не би рекол дека не е таа. Сето тоа трае кратко. Потоа отворот се затвора, (замрзнува, подобро речено) сам од себе.

Се сетив, прв пат откако дојдов, дека чуварот, порано, додека  безуспешно се мачев да влезам во циркусот, често ми велеше: Попусто се трудиш. Никој, освен мене и мојата жена, не може да влезе под шаторот.   А  кој   влезе —  не ќе излезе!

Тогаш лесно ги сфатив тие зборови, ама сега откако ги видов чудните марифети што ги изведува чуварот, и сфаќајќи дека циркусот е, всушност, само голема, блескава стапица (за ќерки? или и наивните љубопитливци?) се наежив.

Зар е можно дека, барајќи раскош, го најдов својот сопствен   гроб?

Потрчав!

Попусто викав, попусто ги туркав столовите. Бев во стаклено ѕвоно на дното од океанот. На платното немаше ни најмала пукнатина. А тоа само по името (во мојата заматена свест) и бојата беше платно. Всушност, стапицата беше направена од цврста, мазна, за мене непозната и секако непробојна материја. Кога ќе го допрев ѕидот од стапицата чувствував дека зад него нема ништо, ништо, а најмалку поле обраснато со див афион.

Бев, значи, заѕидан, жив закопан.

Сеедно. Утревечер, кога ќе дојдат маскираните, кога чуварот ќе ја постави необичната направа, кога жената ќе застане покрај кофата со вода и волшебното моминско тело — без сомнение, на истата, вечно иста девојка — ќе блесне во полумракот, нишајќи се како лаѓа на море, како трошка прав треперејќи слободно, тогаш, кога зажарените очи на владетелите, нимфоманките и мршојадците ќе се свртат кон румената светлина на рефлекторите, во тој кус, страшен и бескрајно скапоцен момент — кога челикот ќе стане тесто, и ќе ги отворат тајните порти на слободата, за оние што ја љубат — провидението ќе им даде мала, скоро безначајна — но зошто неостварлива? — шанса.

КУЌАТА НА ЛУДАЦИТЕ

Куќата се наоѓаше сред празната чистинка, близу до мочуришното устие слично на злокобна шепа, сред маглата и топлите пареи. Нејзината внатрешност, меѓутоа, дење-ноќе беше блескаво осветлена. Секој болен си имаше своја соба, послана со тевки килими, со неверојатно многу украси. Сите соби имаа двојна перспектива: штом ќе се отвореше големата двокрилна врата, целиот простор се стопуваше во раскошен бидермаерски салон; отворањето на помалата врата создаваше поинаква глетка: во длабочината разоткриваше двор со полски нужник каде што една по друга клечеа жени. Доаѓаа со мажите како на корзо, ги собуваа новите чевли и фустани, по долги гаќи влегуваа во клозетот и не затворајќи ја вратата — нужникот можеби беше без врата — седеа на дрвените постаменти.

Жителите на куќата ги измачуваа фикс-идеи. Еден лудак мораше да шета по бедемот пред да изгрее сонцето. Една луда не можеше да заспие сè додека сите не поминат низ нејзината соба. Ако некој го заборавеше тој ред, ја ставаше на големи маки: не само што таа ноќ ќе останеше будна, туку осамнуваше уверена дека никогаш повеќе нема да заспие.

Со доаѓањето на старецот многу нешта во навиките на куќата се променија зашто тој самиот не се придржуваше кон никакви правила. Одејќи од соба в соба, внимателно слушаше за секојдневните внатрешни драми што го потресуваат тој скаменет свет. (Ти имаш толку мека кожа, ѝ рече на девојката поради која беше дошол или која беше тука поради него.)

Излегуваше со нив в поле. Требаше нешто да се стори, а еден од лудите секогаш се враќаше во куќата зашто го заборавил алатот потребен за живот в поле: чеканот и малото секирче. Божем не знаеше дека нивната употреба е забранета и дека казната за секое отсечено гранче е смрт. Немајќи што да јадат во полето, и на што да се огреат, најпосле легнуваа под пресата (генијален пронајдок на Старецот) која ги сплескуваше и ги претвораше во живо дводимензионално кадро; секој ден одново, кога и да излезеа в поле, нивниот живот се претвораше во фотографија од оној друг свет.

Едно утро старецот си замина. По него останаа старите навики на куќата, но улогите на жителите се променија: оној што шеташе по бедемот посака сите да минуваат низ неговата соба, а жената што се плашеше дека нема да заспие започна во мразните утра да шета по бедемот. Настана таква збрка што никој не знаеше кој е, ни каква му е маката.

Најпосле, еднаш кога маглата се расчисти над полјаната, близу до устието-дланка, на местото каде што се наоѓаше куќата осамна проѕирна празнина; ги немаше нигде ни чудните жители. Како тоа да беа суштества што ги создаде мочуришната пареа со која и исчезнаа.

МАЛА

Мала дошла од Оној Свет.

Ја сретнав на патот кој од планината (Олимп?) се спушташе кон морето (или железничката станица). Заслабнала уште повеќе одошто кога боледуваше. Тивка, без вообичаената веселост (без маската на таа веселост, без животната шминка која не дозволува болеста да се разлее по кожата на лицето, и да ја здроби лушпата на животната форма). Пред смрт (сè до последните два-три дена) покажуваше зачудувачки ентузијазам: „Ма ко га шиша!“ зборуваше за канцерот развеан низ целото тело, што ја опнал кожата како гнилиот воздух мршата. Зар од малото петно врз мишката да се создаде сликата на пеколот?!

Ми се придружи на правливиот пат обрабен со калинки, бел од невидливото сонце. Знаев што се случи во меѓувреме, и од каде доаѓа. Без заобиколки, почитувајќи ја очигледноста на судбинскиот пат, ја прашав како живее горе (во духот на „как си - шо рабо’таш?“). Сакаше, рефлексно, да се пофали, но изгледот ја издаваше: мршава, во старо ветко фустанче (од басмичка на точки), без ништо свое во себе и околу себе, со стивнат пламен во бадемовите очи. Не е многу лошо, но без вистински напредок. И во смртта одвај се врзува крај со крај.

Се секира, рече, што мажот ѝ сè уште не го отплатил нејзиното погребение: душата поради тоа ѝ лебди над могилата, над пустите пченкарници. Ноќе, кришум, низ прозорецот гледа како на очиглед ѝ растат децата. Насон девојчето чудно заличува на неа самата. Зар навистина наскоро ќе се омажи?

Ја прашувам за обичаите што владеат горе (на снежната планина). Задгробните ритуали се смешни како и казните, рече. Мнозинството е во средната група која се вика чаша млеко дневно, зашто толкава им е нафаката што ја добиваат како воен, или повоен „нарјат“.

Ги спомна и источните култови: тие лесно ја заменуваат замрсеноста на христијанската вера; најарно ти е да се стопиш, да заборавиш.

Потоа, без врска со претходното, рече нешто за зборот: „Зборот е број“, кажа, „само дел од множеството...“

Мене тоа ми беше разбирливо, а и перспективата чаша млеко не ме уплаши.

*

Подоцна, во возот, кога Мала се врати на Планината, во розовиот вагон, ѝ ја открив на Ана обредната тајна на зборовите - дека тие имаат нумеричка вредност - како да ѝ доверувам ретко, дотогаш нечуено знаење, со кое би можела да изигрува ученост пред оние кои не ги познаваат старите јазици. Но таа не се изненади, туку мене самиот ме зачуди кога - цртајќи со своите скоро бестелесни прсти некаква карта врз мојата кожа - рече, Па да, зборот како и елементите има специфична тежина, и односите кои владеат во него ја одредуваат неговата сушност, додека вкупното значење зависи од мрежестата интеракција на сите зборови-броеви-тела од кои секој е последен, но и прв, бескрајно-исполнето-бесконечен.

Возот пафташе на север. Олимпските богови спиеја бранејќи се во сонот од залутаните сенки, како од мушички.

СТОЛОВИ

Прво ми прикажуваше за драмскиот писател. Со својата вообичаена смисла за хумористично и битно, ми прераскажуваше, понекогаш, детаљи од телефонските разговори со писателот чие име никогаш не го запамети. Со него се запозна како глас, кога тој првпат го сврте мојот телефон, за да ме праша нешто неважно. Зборуваше тешко - зашто беше прележал апоплексија - и бидејќи разговорот, и покрај мојата љубезност, не врвеше којзнае како, во просторот кој нè раздалечуваше се создаде нешто налик на молк. Набргу, повеќе не ме бараше мене, туку бираше време кога е Ана сама; и така почна нивната нежна игра со зборови.

Морам да признам дека Ана има големо трпение кон непознати луѓе; сочувството е нејзино стожерно својство, непроменливо през целиот живот, особено кон луѓе туѓи и неважни, кои никогаш и со ништо не можат да ѝ возвратат за љубезноста. Прво, се разбира, се исплашила - без тоа кај неа не оди. Писателот почнал мошне оддалеку, заобиколно, и зборувал со голем напор, а потоа наеднаш почнал да кркори, да се гуши и дави што неа многу ја потресело: мислела дека умира. Но драмскиот писател се созел, и некако го продолжил разговорот. Подоцна, таа веќе свикнала на неговите кризи, кои се повторувале два до три пати при секој разговор.

Марија Ана ми ги прераскажуваше не толку нивните разговори, колку целата атмосфера која лебдела околу нив; се обидуваше да го направи видлив животот на непознатиот човек кому нејзиниот глас му стана катадневна потреба. Можеби поради таа нова навика, писателот повеќе не нè викаше да го посетиме, барем не со првобитната настојчивост, иако, кога се јави првпат, тоа му беше главната желба. Имал голем стан, рече тогаш, добиен од сојузните органи, и добра пензија - бездруго поарна од нашите плати - и затоа нè поканува на гости, неизоставно да дојдеме и да си поседиме на неговата тераса - зашто имал и голема и убава тераса. Тие детаљи -големината на станот, убавината на терасата и достаточноста на пензијата - се повторале и подоцна, во сите разговори со Ала, но повеќе не настојувал многу да го посетиме. “Арно беше да имавте кола, но штом наполно изгнијала...“ Далечно, и така. Всушност, невидливата блискост што сега ја имал, не сакал да ја расипе со очигледноста на болеста - која ионака не можел да ја скрие - и со својата беспомошност за која инаку слободно прикажувал.

Ана знаеше дека и најситните оштетувања во главата можат да имаат непоправливи последици, но исто така дека скоро по правило таквите болни, на еден скоро неверојатен начин, можеби како награда, добиваат некоја чудна благост. Всушност, болеста ги враќа назад и тие пак стануваат деца, задржувајќи сепак дел од своите особини на возрасен човек. Таквиот спој - понекогаш тежок за домашните - на личноста ѝ дава еден нов сјај: истовремено наивни и умни, лекомислени и сериозни, тие луѓе немаат друг интерес освен да го потврдат својот живот, па затоа, заборавајќи на пресметнатата итрина на секојдневјето, бсзгрижно и слободно ја отвораат својата душа - без страв дека ќе бидат ограбени - и го кажуваат она шго обично се премолчува, или е наполно немо.

Ана, со својот интригантски балзаковски дар, се обидуваше да го види просторот во кој живее уметникот чие име никако не успеваше да го запомни. Голем, убаво наместен стан, можеби од сто квадрати, пространа сончева тераса. Понекогаш слуша млад женски глас кој го опоменува писателот да не зборува толку долго; тој енергично, но љубезно ја замолчува натрапницата, обраќајќи ѝ се на ви. Таа е бездруго слугинка на којашто жена му, пред да појде на работа, ѝ рекла да обрне внимание на неговите телефонски разговори, зашто сметките се сè поголеми. Понекогаш се слуша детски глас. Внук (со оглед на зрелите години на писателот)? Но детето одвреме навреме му се обраќа со тате. Значи, има малечок син кој, согласно со својата возраст, состојбата на таткото ја зема шалаво. Можеби се оженил доцна. Детето е галено, а односите во семејството се демократски: бессилна строгост, попустливост; можеби малку анархија, како последица на деспотизмот на болеста. Жена му е бездруго млада, штом има мало дете? Или се преженил? Не ѝ е лесно, во секој случај; ништо чудно писателот наполно да ги игнорира тешкотиите на другите, ако е везден сосредоточен на себе и своите маки.

Ана би можела отстрана да ги дознае околностите на неговиот живот, но тоа не ѝ паѓа на ум; не дека не ја интересира: но премногу е вовлечена во чудната игра. Од Б. Леви сигурно не би имала никаква полза, зашто е отсутен за такви нешта; но неговата мило насмеана жена добро ги знае семејните истории. Сепак, на Ана ѝ изгледа несериозно да копка по нешто кое ионака не и е толку важно, освен како игра со сенки.

Со помош на женската балзаковска љубопитливост, полека ја измислува животната драма на несреќниот драмски писател. Но таа, за жал, не е оригинална. Во неа, главната улога ја играат два стола: едниот е неговиот, инвалидски, а другиот е празен. Местото е станот: на инвалидскиот стол седи писателот, а другиот - кој може да биде и триногарник - го носи со себе. Целта е: патот кон осветлената тераса и борбата за телефонскиот апарат. Штом стигне до своето огреано катче, тој го грабнува телефонот, и повеќе не го пушта. Другиот стол, или мал триногарник, стои покрај него, до неговите нозе: го чека соговорникот. А соговорникот е - Ана.

Токму во тоа време Б. Леви ги поставуваше Столовите од Јонеско во Македонија. Се покажа дека на драмскиот автор токму тој му го дал мојот телефонски број. Пред да ја запознае Ана - но и потоа - и нему непрестајно му телефонирал. Леви се согласи со претпоставката за големите телефонски сметки.

И јас го карам, колкупати, да не зборува толку во ова тешко врсме, рече тој на својот деликатен начин, да не му отидат сите пари по телефон, ама ја на еден мерак што има по зборување! Впрочем. преку него ги дознавал сите белградски интриги, зашто драмскиот писател, иако врзан за инвалидски стол, на наговор на режисерот, а за разлика од мене, одел и на театар. Така сите во Скопје се чуделе како Леви ги следи белградските претстави; а тој нив си ги гледал по телефон.

Што да ви речам, госпоѓо: пцости, коитус врз коитус! ѝ кажал доверливо на Марија Ана за најновиот драмски успех на некогашната република. Одвај издржал до крај; да не му обезбедил влезница лично славниот режисер на претставата, ќе ја напуштел како што пред тоа му ја скубнал од болницата, каде бесплатно се рехабилирал, зашто од сите краеви бил окружен со краинци, и муабетот ич не му врвел.

По обичај, како и во сите други прилики, ѝ прикажувал за своето дело, преведувано на мошне јазици, наградувано, фалено од разни важни личности, но за жал непознато. Последната надеж му бил Б. Леви кој му ветил дека ќе го постави во Албанската драма. Се советувал, во најголемо поверение, со Ана како да постапи во врска со хонорарот: дали да бара аванс, или да оди на процент од претстава, или некое друго чудо да прави очекувал баеги пари од тој потфат.

Најпосле се вљубил во Ана, поточно - во нејзиниот глас. Според вашиот кадафест глас, вие сте млада, убава, висока, вита црнка, ѝ кажал. Господине - и тука таа го промрморила неговото погрешно име господине, рекла Марија Ана, морам да ве разочарам, јас не сум ни млада, ни висока, ни црна. Тогаш му раскажала каква е, но тој не отстапувал од своето. Во тој миг, првпат самиот, го спомнал празниот стол кој ја чекал токму неа, да седне крај него и слатко да се наприкажуваат, без давежот на испрекинатите и пелтекливи телефонски врски.

Ми беше природно некој кој ќе ја слушне Ана по телефон да се вљуби во нејзиниот глас. Така беше и со мене, кога првпат ја чув како од магнетофонска лента ги кажува писмата на една жена чија чувствителност и страст беа поврзани со болеста на нејзината душа. Некако во исто време ми прочита и еден социјален расказ од Борхерт, писател кој тогаш ми беше непознат, а сега не ми значи ништо. Но тоа веќе излегува од рамките на приказната за драмскиот писател и за неговите столови.

Претставата работена според драмата на Јонеско поминала - во глувилото на провинциска Македонија - добро, ми рече Б. Леви по телефон, кога го прашав за тоа. Но требаше да се чуе тоа добро, па да се знае дека на светот ништо не е достаточно добро. Впрочем, за тоа зборува и самата Јонескова драма. На сопатничко-собеседничкиот стол никогаш и никој не седнува. Една таква ранлива, анксиозна душа како Јонеско тоа го знаел отсекогаш: нему не му ни требала несреќа за да биде несреќен. Иако спокојно умрел на сон, од смртта се плашел дури и кога им цедел лимон на остригите или додека јадел чоколадна торта со дебела наслојка шлаг, како што нè известува Јан Кот. Тоа го знаеше и Б. Леви. А и Марија Ана добро ја познаваше прикаската за рускиот благородник кој, во часот на најсилна вљубеност, го криел јажето да не се обеси.

Сосема поинаков е случајот со безимениот драмски писател. Од Ана измислениот празен стол навистина постоел во неговиот живот, и тој никогаш не се откажал да ги седнува луѓето на него и така, одден наден, да им ја прикажува својата животна прикаска, сопрво за станот, терасата и пензијата, потоа за животните премрежија и болеста, а најпосле за театарските успеси во минатото и за славата на идните дни. Достаточно силен да го освои својот драмски простор на терасата, со едниот единствен реквизит, телефонот, најпосле се изборил и за најсветото и највисоко право - да се вљуби во кралицата на соништата.

Просто е чудно колку се приказните испреплетени, ми рече Ана изутринава, и ми ја раскажа следната случка. На автобуската станица видела една бабичка, постара и од онаа во драмата на Јонеско. Покрај неа немало старец, но имало празен стол. И така таа седела на станицата и ги гледала луѓето. Ако ѝ се присторело дека е некој уморен - онака потпрен на ѕидот - ќе му го понудела столот да се одмори. Но луѓето брзале, и никој не седнувал. Најпосле наишла една друга баба, исто стара, но многу помлада од онаа првата. Иако свиена и сува како препарирана чапја, мошне добро се држела; и таа женичка, онака од нога и на брзаница, ѝ изнаприкажала на бабичката што сè работи, море како вее грав, море како копа по баштата, море како рани свињи, и се такви некакви нешта, зашто била селанка. Старичката ја дослушала, и ѝ рекла со своето тенко гласче налик на водено конче што дотечува: Седни малку на столот! Но оваа просто се штрекнала: Еби го столот, бабо, кога пак јас сум седела?! И со тие зборови си заминала.

Ана ми ја раскажа случката низ смеа, а потоа додаде: Знаеш ли што ми кажа Горчиновски - таа пак го погреши презимето на драмскиот писател - кога ми се јави последен пат? Понекогаш, вели, жена ми ме остава на станицата недалеку од нашата зграда - каде што врват градските автобуси - јас седам, го ставам крај себе столчето, и ги гледам патниците!

СТИХОВИ  ВРЕЖАНИ  ВО ЛЕД

Особено првиот стих од катренот беше нов, вистинско откровение. Просто да не поверуваш во такво нешто: дека еден случаен стих може толку да ти значи, до корен да те потресе, или дури да ти го промени животот. Само, што кажуваше стихот? Какво значење имаше? И - како гласеше?

Никогаш ништо нема да дознае за него, се разбира, никој. Со тоа е согласен и поетот, кој можеби го напишал. Загадочно се смее, под мостот, додека му ја спомнувам таа можност. Стихот - всушност, целиот катрен - врежан е во ледот, на косината од насипот. Ѓаволски потсеќа на ефтина парола која набргу ќе се истопи. Но изгледа дека токму во тоа и е неговата важност: минливоста на материјалот го прави вечен. Сега лед врз насипот, набргу вода во реката, потоа река во морето, во морето океан, небо во океанот, а во небото - пак небо: само стих.

Тоа не го разбираа културните дејци - не клепачи на стихови, туку ковачи на иднина - кои се собираа под мостот за да отворат изложба (или откријат биста). Ноќта, синкавите испаренија над реката - првите живи искри на стихот - за нив останаа невидливи. Тука беше и уметникот со разгорено луле, творецот на мртвата глава скриена во сенката на невидливите ледени стихови. Чуреше како Сименс-Мартинова печка која не смее да згасне, воколку не сака ненадоместливи губитоци, и мошне вешто го советуваше барменот каков да биде распоредот меѓу пијачката и јадачката врз масата.

Поетот, кој беше причина на незабележаното и заборавено откровение, рече дека не треба повеќе да се задржуваме во близина на мостот. Предложи да прошетаме, а патем ми кажа дека е добро што сум се вратил. Малку непријатно изненаден, иако не зачуден од фактот што очигледноста не му е видлива ни на авторот на чудесниот стих, неволно одмавнав и промрморив дека не сум вратен. Тоа него ни најмалку не го изненади. „Не им требаш“, рече спуштајќи се во ниските сфери на психолошките двосмислици, „штом можат да живеат без тебе. А ни тебе не ти требаат, штом можеш да живееш без нив.“

Свесно се потрудив зборовите на поетот да се лизнат преку мене како што на тоа место реката меко се лизгаше преку маховината на подводните карпи. Во тој приквечерен мир, најмалку ми требаа сопствената гадливост и туѓото разбирање. Сега реката жубореше, преку камењата, како поток: плитка, родна и провинцијална; беше чудно што не тече низ планински кланци, туку ја труе, и самата отруена, перифериската почва. Сè наоколу беше недостаточно и недовршено; и немаше надеж дека тоа некогаш ќе се надомести и доправи. Населбата отаде десниот брег беше скриена зад тревите и песочните беспаќа. Од другата страна се наѕираше сивата мрша на некоја, веројатно безуспешна фабрика во која, ноќе, животот беше сведен на вегетирањето на слабата светлост околу домот на чуварот. Со ненадеен очај, помислив на катадневниот вриеж околу „мршата“, кога изутрина ќе се соберат мравките, мувите и црвците за да ги откинат своите трошки кои на пладне ќе ги однесат во своите испустени домови. Кејот не беше ни поплочен ни уреден; таков ќе остане довека: грубо трасиран од меѓународните урбанистички сили.

Поетот ја спомна енергијата на земјата која продира во нашите тела од безмерните длабочини, низ чевлите. Пред себе гледаше зелени пространства, заливи, острови обрабени со ниска земја и бујна вегетација. Со неискажлива силина го привлекуваше подводниот светла бистрите корални гребени, за кој знаеше сè, од книги и филмови. Живеам меѓу алгите, рече нешто налик на стих; но тој ни оддалеку не можеше да се мери со оној од ледот на насипот.

На враќање пак минавме под мостот. Изложбата беше затворена. Бистата строго гледаше во реката (замислена над нејзината рибна плодност). Од барменот, кој ги раздигаше масите, слушнавме дека гостите убаво се разладиле со катренот, дробејќи го во својата пијачка, инаку жесток производ на една крепосна северна земја. Така стихот, од своето сино небо, преку океанот, морето, реката и ледот - по пат обратен од текот на времето, и вековниот заборав - стасал во утробите на своите конзументи, да ги потресе до корен и да им го промени животот.

РАСКАЗ СО РЕКА

Расказот беше обична слика, но низ него (или низ неа) течеше река. Чудо големо, би можел да каже секој среден поет. Но не и оној што пораснал во загубената Соломонова Библиотека и ја знае разликата меѓу мирувањето и движењето. Реката, имено, не течеше низ својот замислен тек како под мостот зад Мона Лиза, туку како жива вода низ уметнички предел. Се разбира, не треба да се претпостави дека нејзината бујност се излеваше од рамките на сликарското платно - претворајќи го во ефтин виц - туку само дека пределот истовремено беше уметнички и жив. Бреговите беа за гледање, а водата за капење.

Расказот-слика ми го прочита еден познат, од весник со голем формат, како Нова Македонија или стара Борба. Кога го заврши читањето, кое ликовно се размотуваше како филм - но во рамките на дадената слика - тој рече дека станува збор за ремек-дело. Се согласив со неговото мнение. Ме изненади нешто друго, дека расказот го напишал Вилијам Љус. Тој автор ми беше познат по една монодрама за Емили Дикинсон, и сега почнав смислата на расказот да ја барам во загатката на самата „убавица од Амхерст“. Куќата на Емили и светот беа налик на сликата и живата река. Само, што беше живо во првата, а што во втората претстава? Дали оградената куќа во Амхерст, скриена зад зеленилото на дрвјата, со своите многубројни прозорци, била загадочна жива оаза свртена кон пустината на светот, или, обратно, таа претставувала само мртов бедем пред којшто се кршеле животните далги? Се прашав, дали е во приказната жива реката која вистински тече, или замислениот живот на нејзините обали кој навидум мирува?

Сликата, инаку, не беше по ништо изузетна. Одозгора наудолу дијагонално ја пресечуваше спомнатата жуборлива река која неуморно и весело течеше низ пределот. Од левата страна се гледаше мала дрвена ограда, при врвот на платното. Под неа беше поставена, косо, маса врз која се гледаа само - очила. Близу до масата стоеше Господарот, а малку подалеку, меѓу неа и реката, стариот Слуга. Од истата лева страна, во далечината, зад дрвената ограда и зеленилото, повеќе се насетуваше одошто гледаше куќата - многубројни треперливи прозорци.

Покрај другиот брег на реката врвулкаше стрмен пат качувајќи се кон сините планински висој. На првиот свиок седеше момче за кое знаев дека прекусила пишува песни: во времето важеше за еден од најслабите ученици во неколку генерации.

Како што може да се претпостави, „генијалноста“ на расказот произлегуваше од мошне силниот прв впечаток што тој го оставаше, и кој најмногу се базираше на веќе кажаниот контраст меѓу живата природа која беше мртва и мртвата река која беше жива. Но штом човек ќе се навикнеше на тие факти, не можеше да си објасни во што токму е нивната особеност.

Заплетот и расплетот на приказната беа во врска сo слепилото на стариот Слуга. Како што веднаш се покажа, тој цел век го залажувал својот Господар дека гледа, впрочем без никаква лична полза, туку за добробит на куќата. Би било крајно незгодно да се открие неговиот недостаток, зашто меѓу другото, тој бил задолжен да ги наслика повремените излети на својот млад Господар надвор од куќата. Нему тоа не му било ни најмалку тешко; откако ќе застанел покрај шумната река, ја добивал онаа допирна точка со стварноста која му овозможувала да го преобликува и фиксира пределот, заедно со лицата што се наоѓале заробени сред неговиот мал бескрај. Единствено што водата, како основен ориентир на неговото замрачено сетило, останувала непроменета, што со времето се претворило во потпис за препознавање на неговите слики.

Младиот Господар вистината ја откри случајно, по очилата кои останаа (насликани) врз масата. Беа непроѕирни, низ нив и човек надарен со остар поглед на птица, не би можел да види ништо. Штом ги зеде в раце, Господарот сфати сè. Свесен колкава била жртвата на преправањето - да се биде среде животот и истовремено надвор од него, незабележлив - Господарот, трогнат, ги зграби и ги содроби очилата. Му рече на својот Слуга дека нема нужда да ја крие својата тајна. Тогаш Слугата се спротивстави; кажа дека неговиот вид е наполно здрав.

Господарот не знаеше што да мисли. Ја искина сликата, сосе нив самите, на парчиња, и му рече на Слугата да ја состави. Рацете почнаа самите да работат. Сопрво го обликуваа Господарот, а потоа ги вратија и сите останати предмети во сликата, заклучно со очилата кои останаа неизместени врз масата.

Недостасуваше само реката. Како грубиот чин на младиот Господар да ја беше пресекнал водата, низ средината на сликата повеќе не жубореше река, туку се протегаше, од север кон југ, длабока пукнатина, темен и сув кањон кој, и понатаму делејќи ја сликата, како да ги поништуваше сите разлики меѓу световите.

Господарот беше презадоволен од текот на приказната, а уште повеќе од верноста на Слугата. Го остави пред големата сенчеста куќа со многубројни прозорци и тргна кон планината, по трагата на своите гости кои беа отишле во лов, или да ја видат највисоката точка на пределот.

Откако остана без вода, сликата наполно оживеа, и сега низ неа слободно трчаа млади излетници. Беше крајно време да го прекинам своето мрзелување и, ако не мислам да задоцнам, да тргнам по стрмниот пат. На свиокот скоро се судрив со лошиот поет кој спокојно се грееше во топлата супрашица. Го прашав ја прочитал ли приказната. Тој ме замоли да му го дадам весникот, барајќи дополнителни објасненија. Па тоа е ремек-дело, човеку, реков. Тој кажг дека бездруго ќе го прочита до крајот на денот. Но додека мрзливо го прелистуваше весникот, јас се посомневав дека ќе успее да ја види реката под исушеното корито, па затоа почнав да му зборувам за Вилијам Љус и за Убавицата на Амхерст. Тој бело ме гледаше, очигледно незадоволен што туку-така стојам пред него.

Нешто ме пресече, и јас се свртив кон темниот кањон, сè уште не сфаќајќи кој е Господарот, а кој Слугата на овој жив, но истовремено и замислен предел, и каква е врската меѓу него и куќата. А тогаш, во далечината, ја видов осамената поетеса, на која некој некогаш ѝ подарил правливи рози, и од мене навреа нејзините стихови како солзи:

Со години бев вон куќата;
Сега, пред порти, од страв
Не смеам да отворам,
Лице непознато од праг
Празно да не се опули во мене
Со прашање, што барам тука.
Што - сал животот оставен,
Се наоѓа ли уште тој тука?

ЗЛОСТОРСТВА

I

Усекованието (на главите) ќе се изврши на главниот плоштад, пред очите на собраниот народ.

Постои потреба да се казнат злосторниците од сопствените редови, и со тоа да се докаже дека во земјата владее законие. Извршителите, сепак, место своите злосторници подметнале пленици од непријателските редови. Додека заменетите глави паѓаат во кошот, од секирата на џелатот, заслужните злосторници се веќе засолнети. Прел толпата е изведена совршена илузионистичка точка.

Но другата страна ја насетува измамата.

Да се скрие секоја трага, веднаш се запалува клада. Обезглавените тела се сечат со сатар и заедно со главите сс запалуваат; коските и нагореното месо се ставаат во кесиња за ѓубре, а потоа затрупуваат во некоја дупка.

Беше тоа незаборавен ден, со воздишка рече војникот

II

Ако навистина е извршена замена, смета меѓународната комисија за надѕор, целата јавна демонстрација на правда биле всушност - јавен подбив, благословен масакр.

Комисијата бара ексхумација на остатоците од запалените трупови заради детална истрага.

III

Играта наречена самозалажување почнува во моментот кога се прифаќа експертизата. „Тоа е само формалност.“ Се замислува, на почетокот, дека членовите на комисијата ќе фрлат само бегол поглед врз црвосаните вреќи, а потоа ќе ги удрат своите потписи и печати врз документите.

Но, во куќата каде што се чека денот на ексхумацијата владее молк. Војникот и неговиот цивилен командант - раката и главата на целата операцијата - особено се вознемирени, иако не зборуваат ништо, ни на (пред) другите, ни меѓусебно.

Времето, меѓутоа, си врви. До ексхумацијата ги делат прво денови, а потоа само саати.

Утрото спроти судбоносното попладне одредено за спроведување на „формалноста“, цивилот шета по собата, пред каминот, и најпосле се решава гласно да му го искаже своето сомнение на војникот.

Го наоѓа во големото претсобје на заедничкото засолниште. Овој седи со вретено в рака и преде, како Херакле кај Омфала. Но, преденото непрестајно му се замрсува. Очигледно, нервозен е, и сосема отсутен.

Пријателот го замолува за разговор.

IV

Тие излегуваат од куќата и шетаат по патчето кое врвулка меѓу зеленилото. Дворот е голем, налик на парк (има и рибник). На отворено многу полесно се дише. И мислата е послободна.

Караси в прудах, вели цивилот.

Војникот го гледа прашално, со набрани веѓи и метален сјај во очите.

Доктор Чехонте, објаснува цивилот. Крижовник.

А, се огласува и војникот. Само кога не е Гогољ. Мртви души.

Цивилот во продолжение, без да покаже со израз дека ја почнува главната тема, вели дека е тој сигурен оти комисијата нема да изврши само „формален“ преглед на труповите. Да биде прецизен, тоа ќе биде вистинско, мршојадно секцирање. Откако ќе се изврши ексхумацијата, експертите ќе се нафрлат врз мршите како кучиња, ќе га однесат во своите ебани лаборатории до последна мрвка и онде ќе ги прегледаат со ѓаволски јаки микроскопи. Ништо не ќе може да се скрие.

Војникот клима со глава во знак на одобрување. Да, да, токму истото го мисли и тој, така ќе биде, и самиот е сигурен дека целата работа ќе тече токму така. А има ли лек?

Постои само едно решение, вели цивилот. Војникот веднаш да ги ископа вреќите и да ги уништи сите земни остатоци до крај, сосе пепелта која ќе ја фрли во реката и помеша со нејзината кал. Тогаш ќе остане само сомнението, ништо друго. И врз база на ништото војникот може да одговара, се разбира, но тоа е сепак нешто сосема друго. Сосема!

Да, да, одобрува војникот, свесен дека цивилот е прав, но и дека сета вина ја префрлува врз него.

V

Иако ништо не зборува, во себе е решен да не го послуша мудриот пријател, и да ја прифати судбината со сите можни последици.

БОМБАРДИРАЊЕ

Кучето ми трчи во пресрет, преку плоштадот. По дваесет години, ме препознало на половина чекор од домот. Смешно. Па кој сум јас, Одисеј? Каде е тогаш Итака?

*

Плоштадот е разурнат од неодамнешното бомбардирање. Музејот останал без кров. Театарските ложи, налик на кулиси, гледаат во опустошената сцена.

Од јарболот, место знаме, виси платно врз кое набргу ќе се види снимката на новото бомбардирање. Преносот само што не почнал. Камерманите гледаат во небото. Режисерот ја пали својата хавана. Собраниот народ е веќе наелектризиран, губи трпение.

Преносот, од разни агли, небесни и земни, го опфаќа сиот град, особено можните главни мети (нема белки сите да ги промашат?). Едната камера ја удвојува живата слика од плоштадот. Низ платното и низ улиците кои излегуваат од плоштадот врви народ. Тука се и политичките дејци; партиските челници на опозицијата со инки во рацете зборуваат против режимот и ја псујат телевизијата која е, според нив, главниот виновник за сè.

Првата бомба паѓа врз музејот. Луѓето од платното лежат на земјата, ги имитираат своите сенки од плоштадот. Втората и третата експлодираат меѓу луѓето и прават кратери. Во спроредба со очигледната разорна моќ, некако се тивки, дискретни (да не ги оштетија скапите микрофони?). Четвртата паѓа близу до моето верно куче, но затајува.

Оваа ќе нè отепаше, само ако пукнеше! му велам на кучето. Малку недостасуваше. Сепак имавме среќа, и јас, но и ти.

Бомбата - која е мала, налик на рачна граната, но очигледно со пеколна сила - ја зема една ластовичка, и ја носи во клунот. Каде ли ќе ја пушти? Во своето гнездо?

Сметам дека е мошне рискантно да ѝ се довери таков товар на птица, вели еден од партиските дејци, и самиот птицолик.

Треба да имаме поверение во живите суштества, господа, му се спротивставува втор. Гарваните се опеани во нашите народни песни!

Нивниот јазик, поделен на куси слогови, сосема е разбирлив за сите луѓе, додава трет.

Преносот станува здодевен. Народот од платното полека го напушта плоштадот, а оној од плоштадот се проредува врз платното. Еден Арапин споулавел: мисли дека е плоштадот брод.

Ќе потонеме ли? плачливо се распрашува.

Ти веќе потона, добива брз и дрзок одговор од еден крупен радикал. А ние допрва почнуваме!

*

Кучето бега преку плоштадот. Повеќе не ме познава. Јас не сум Одисеј, и ова не е Итака.

На Растку објављено: 2008-03-10
Датум последње измене: 2008-03-10 15:35:32
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија