Иван Василевски

Петнаесетте

(ПОЕМА)

СТРУМИЦА, 2006

ТВОРЕЧКА ЕГЗАЛТАЦИЈА НА КУЛТОТ ЗА ПЕТНАЕСЕТТЕ ТИВЕРИОПОЛСКИ (СТРУМИЧКИ) СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ

Уште со својата прва стихозбирка Привев во тишината, објавена пред 29 години, поетот Иван Василевски и го понуди на читателската јавност својот неприкосновен талент со духовни и творечко отмени егзалтации - поетски да ги соочува светот и живеењето во него. На исклучително немирниот креативен дух му се предодредила скромна човечка судбина, што како комплекс формирале здрава и подготвена личност да расудува за таинствените пориви на живеењето и опстанокот. Овој поет не направи компромиси со ангажираните критички судови што им служеа на лажните критериуми на вредности, при што и не беше подредуван во, исто така, ангажираните антологиски избори на македонската современа поезија. Но, при секое читање на неговите стихови читателот и критичарот не можат да бидат рамнодушни. Во таа поезија има духовен извор што ќе ги разбранува и најсуптилните нишки на искреното доживување. Едноставно, поетот пее – стамено и живо.

Неговите творечки опсервации се разновидни. Во еден миг тој понира во сопствениот интимен лавиринт, а во друг поетски ја освојува интроспекцијата на доживувањата од општите места на опстојбата. Егзистенцијализмот не е неговото творечко кредо, туку вечната лична дилема за смислата. Или пак, честа преокупација ќе му биде величината на величествените, што длабоко е скриена во историското таинство. Поетот не историзира, ниту истражува. Едноставно, тој води дијалог со времето што навикнало да одминува, но и да се повторува. Секој настан или определена личност, според извесен критериум, влегле во историската карта на човештвото. Но, во поетското воспевање добива смисла и силина само величественото. Тоа поетот Иван Василевски со исклучителна творечка дарба може да го насети и да го обзнани. Ако ваквата исклучителност критички ја насетивме во првата негова поема со 10 пеења Александар (Формика, Скопје 1997), веќе во најновата поема Петнаесетте тоа се аргументира како прецизен творечки факт.

Веднаш ќе истакнеме дека Василевски се зафатил творечки да реализира мошне тешка мотивска преокупација - со современ поетски чин да се опее култот на ранохристијанските Петнаесет тивериополски (струмички) свештеномаченици. Творечкиот ризик за авторот е огромен од причина што во реализацијата на книжевниот облик за воспоставување култ кон овие ранохристијански светители учествувале врвни творци на хагеографскиот и химнографскиот жанр. Ако ранохристијанскиот автор на се уште неидентификуваната химнографска творба за свештеномачениците е анонимен, тогаш ќе биде доволно да ги споменеме средновековните автори на нивните Канони. Најпрво, при крајот на IX и почетокот на X век св. Климент Охридски напишал словенска Служба со Канон од девет песни (канонски вообичаено отсуствува втората) за Петнаесетте струмички свештеномаченици, а по повод пренесувањето на моштите на дел од светителите во новоформираната Брегалничка словенска епархија. Неговото авторство е осведочено во акростихот на Канонот, каде што почетните букви на тропарите од осмата и од деветтата песна (без богородичните) го наведуваат името КЛИМЕНТ. Ова откритие за првпат го направивме ние преку преписот во Празничниот минеј од XIV век, што се чувал во Старата збирка на Народната библиотека во Белград под инв. бр. 913. (В. Илија Велев: Низ преминот на традицијата, изд. Дијалог, Скопје, 2006, стр. 97-132). Слична химнографска творба за Петнаесетте струмички свештеномаченици напишал и познатиот византиски богослов и писател Константин Кавасила кон третата деценија на XIII век, кога ја управувал Струмичката епископија, која била составен дел на Охридската архиепископија, управувана од византискиот архиепископ Димитриј Хоматијан. Пишувањето на Службата со Канон за наведените светители, за Кавасила било гест да се оправда високиот хиерархиски чин со својата благопочит кон нивниот местен култ и кои важеле за духовни патрони на градот Струмица. Оваа химнографска творба била преведена и на црковнословенски јазик и била препишана во македонските ракописни зборници. Во оваа прилика не треба да ги истакнуваме високите творечки достигнувања на наведените химнографско-поетски дела, што претставуваат своевидни бисери од старата македонска и византиска поезија. Оттука, пред нас стои дилемата: колку поетот Иван Василевски творечки одговорил на исклучителниот предизвик?

Ризикувајќи да прозвучиме нескромно заради истакнувањето на нашата стручна компетентност, си дозволуваме да процениме дека поетот Василевски мошне доследно и вешто творечки го поткрепува современиот облик на култна презентација за патроните на неговиот роден град Струмица. Нашата проценка не е само стручна, туку е и критички возбудлива. Овој творечки чин на Василевски потврдува два факта. Првиот е дека и во современите животни собитија инспирацијата со силните поетски чувства е повторлива за светителската благопочит што ја стекнале Петнаесетте тивериополски (струмички) свештеномаченици како жртви во одбрана на Христовата вера. Вториот факт е уште покатегоричен дека во актуелно време надраснал голем даровит поет со творечка моќ да ги осовремени култните реминисценции кон светителската благопочит. Создадена е нова и осовременета химнографска творба за струмичките свештеномаченици. Таа не ги испочитува вообичаените текстуални структури што се пропишани во согласност со црковниот типик, зашто истата не е наменета за литургиската обредна практика во црквата. Василевски само ги следел структурните модели на претходните химнографски искуства, а како творечки резон определува своевиден структурен код што ќе ги прецизира нормативите на прецизните стилски свиоци. Поемата содржи 15 песни посветени поименично на секој од струмичките свештеномаченици. Секоја од песните има пет строфи (или тропари) од по три стихови – што помножени меѓу себе го симболизираат количникот 15, сообразен со бројот на светителите. Во сиве овие наведени броеви има и митска симболика.

Ако на тој начин го истакнавме творечкото умеење за структурниот модел на поемата Петнаесетте, не помалку и со високи стручни квалификации ќе ги оцениме и поетските средства со кои оперира поетот при воспевањето на светителските култни реминисценции. Најпрво доаѓа до израз вештата стилска хармонија на произнесените стихови, што ги прават полесни за читање. Тоа е искуство својствено за слухот на химнографската поезија, што Василевски го доловил со истенчено поетско чувство, читајќи го веројатно Канонот на Кавасила. Или, пак, можеби немаме доволно критичка храброст за да истакнеме дека поетот Василевски ја поседува дарбата духовно да собеседува и за светоста.

Исто така, импресионираат и јазичните средства со кои поетот ги гради поетските слики, или пак ги опишува подвизите на светителите. Во тој случај, поетот не ги активира заумните зборовни модели за да постигне творечка кулминација. На тој начин ги одбегнува херметичките изразни пунктови и ги активира едноставните општења потсилени со средствата на метафориката, симболите и епитетите.

За одбележување е и успешно одбраниот лексички фонд, својствен за воспевање на химничните воздигнувања. Огромно беше за нас изненадувањето како Василевски дисциплинирано го следи рамномерниот творечки код за строго светителскиот амбиент во песните. Кај него регистрираме редок пример на современо поддржување на традиционалните химнографски творечки модификации. Ние сме убедени дека тој за оваа прилика не ги проучувал специјално и дека до израз доаѓаат неговите силно развиени чувства за приспособување на поетскиот речник во однос на предметот што се опејува. Тоа му е својствено само на надарен и исклучителен поет.

Откако поемата Петнаесетте ќе се соочи со пошироката читателска и книжевно-критичка јавност, таа секако ќе предизвика пријатен спој на доживеани творечки егзалтации. Ако во иднина критичкиот суд правилно и заслужено не ги истакне вредностите на овој по многу нешта исклучителен издавачки проект, тогаш читателот ќе се постави во функција да ја препорача опстојбата на овој творечки чин. Самото дело ќе си го обезбеди трајниот вредносен интегритет. За тоа немаме никакво сомневање.

Д-р Илија Велев

ПЕТНАЕСЕТТЕ

Само шум сме, саде зрнца
по патиштата господови,
непознати

1.

Од темен бунар во семирот надира шепот
Нечујно ехо од далечини што ни смртта
не ги премостува. Како дива опомена

што рика во последната ноќ на светов:
Копај под старото дрво исушено од молитви
Под порталот на црквата разурната

од анатемници, копај. Под темнината
на ридот, под yидот на времето, копај
Ископај ги моштите на светците, душите

на тие левити што фрлија семе во мракот
на вселената. О Тимотеј, велик епископе
во градот Тиверијски. Непроодното како

по суво го помина
, да поведеш непорочни
мажи меѓу празни глуварки во некрстено
време. Стигма е мравјалник да прогледа



2.

Евсевиј, крепок чтецу, капец на сопотна нурија
Аз, недостојни раб божји и служител, Миракул
писах, манускрипт о свјатих великих мученици

Сија книга, писание о словах, дај добрим и умним
људима за духовно им спасение. За целех авам
Ти причислен у монаха, блажен помошник

на кутрите вдовици, кроток татко на сираците
По целата земја го разнесе словото за рибарите
и прегна бурници на небесна ораница. Колку

души си покрстил, толку yвезди си посеал
во семирот. Ти, оракул, невидливото го гледаш,
го читаш незнајното, бескрајното. Го раскриваш

тајното. Ти не излачи од смолата на мракот и порти
отвори во иднината, да не талкаме потамина. Трудно
ест да познаеш себеси, а лесно да судиш другиго



3.

Те измисливме, Господе, да не сме осамени
во семирот, да не ослепиме на веков. А светот
се сруши ко брут во времето на чудата, кога

целиот род ни беше предаден на кланица
и кога длабока ноќ ја покри екумената
Не остави сами, yверови да не опустошат

О славен монаху, Комасиј! Ти што го остави
војничкиот појас
, не се уплаши ли од мечот
на Валент и Филип, од гневот на Јулијан?

Не знаевте ли, неуки! Одејќи си, со себе
ги носиме и љубовта и тагата, оти се посилни
од нас смртните. Кога ќе ви ги вратат душите

уште поништожна ќе биде смртта. Повесмо
во темна врчва. Од се најблиску до вечноста
е љубовта, оти и слепа гледа во иднината



4.

Спијат сенилни старци под yидините. Чекањето
клокоти на песочни ридови. Ќе не покрстат.
Yверови ќе го закопаат гревот на дивината,

да не никнат повторно смреки во мислата,
да не расте чемер во празнината. О презвитер
Петар, непознати се патиштата господови, оти

времето е лудница, векот историска блудница
Глеј, почна в зори да се стемнува, а на заод
да се разденува. Гарамет витае под орловина

И горазди духом, тргнавте крстум на губилиште,
на крваво распетие. Небаре Господ слегол гол
во Тивериопол. Јанган среде некрстени пустини

Раката да ти се позлати. Реликвија што нечисти
исцелува. Иљач за слепи, за лепрозни спасение
Само конечноста со ништо, со ништо не се лекува


5.

Никој не може да ни го одземе минатото,
о премудар Харитоне! Доаѓаме кај тебе
како чувари на мртвите. И не од гревот,

ами од смртта спаси не. Кој верува дека
е можно, ќе нурне во божјата супстанција,
ќе легне во темна ракла. И вечно ќе сонува

Црни гламји ни се очите. Огнови што чадат
низ еоните. Ќе станеш ли пред да почнат
повторно да умираат мртвите? Никогаш

повеќе да не заталкаме во тие подземја
каде што се чека. Сто века таму јанyата
јава врз загубата и царува во празнината

Таму погубно се тетерави светлината, како
пилиштарец на распетно дрво, како расточна
бура низ урвина. Како гром на апокалипсата



6.

Нема лек за тагата, о Теодоре богодарен,
оти сме осудени на бегство во светлината
Како неверник пред молитва се урива злото

над градот. Стенија надира од Самораница
Од се во душите ни останаа само празнини
Без нафака не фрлија на буниште. Басретот

ни самува низ угарите, во реата на бунарите
На благден, кај ли сме залутале во семирот,
та залудно не бараш меѓу yвездите? Како

да ќе ја спасиме верата од вистината што
варосана таи во yидините. Од постанокот
тука анатемата е фрлена како валугар

в грло, ко надеж во црна џгура. Да сведочи
за бескрајната преселба на душите. Од
еоните кон еоните. Од мигот до вечноста


7.

Почетокот не ви го паметам. Гробовите
не ви ги знам. А толку блиску ве допирам
Од кај дојдовте, та слепи не заразивте

со светлини? О Сократе, откако расфрла
ентелехија во нашите домови, од мудроста
кротка се опиваме како од причесно вино

На работ од свеста го слушам стариот аманет:
Копај под коренот, под срцето на сувиот јавор
Под порталот, под темелите на храмот, копај

Копај под жилото на градот, до дното на јадот
Под огнилото на каменот, под чемерот, копај
Копај на валожни места, кајшто струмат нурии

Под лаки, под лужини. Ископај ги, една по една,
душите на видарите. Унери ќе гледаат слепите
Ќе слушаат глувите. Боже, ќе беседат немите


8.

Сие двери поклоних, сего образа приложих
со рукоју иконописца, зографа грешним
Изобразисја од уста оракула велико слово:

Преку моштите наши силни војски ќе минат
Во крв до колена ќе газат. Змии преку коски
и черепи ќе лазат. И пак нема да верувате

Долго ќе царува мракот, на тронот ќе богува
злото. По целата земја питачи, убоги старци,
сираци, прелестени жени. И пак не ќе верувате

Гладот ќе оклешти губина, авра ќе отвори
смртта. Ќе зјаат суши, од дрчи се ќе се сруши
И пак ќе нема вера во вашите проклети души

У богати силом бучук ченичка, поломник ченица.
У сироти зрно ичимен јали ‘рже. Ѓаконе, Тома,
гледај си своје опхожденије како чрез огледало


9.

О презвитер Јован! Со ништо не ќе ја удостојам
душава што жеднее за вечност. Грешам ли,
создавајќи те според мојата лика и прилика?

Еденздруг се создаваме, боже. А сами постоиме,
еден спроти друг. И којзнае, дали тоа што си го
замислувам, не се случило порано барем еднаш?

Дали не се случува негде и нема ли да се случи
некогаш ? А знам: ако свесно ме убива конечноста,
и бесконечноста ништо повеќе не ме утешува

Оти се што со делење се размножува, со множење
умира. Така било од векутума века и така
ќе остане до истекот на времето во вселената

А ние сме само прашинка меѓу темни галаксии
Зрнца што ги колве Врховната Свест. Вечното.
И којзнае дали во бурата Господ не забележува?


10.

Толку векови сме биле раскарани со бога
И далечни. А никогаш не сме се познавале
Еротеј, монаху чудесен! Насекаде Духот

го познавам, без облик во свеста и невидлив
во времето. И никна писмо во нива траорна
Скриптар му е обиталиште, покора и скрб

И падна спогодбата за Светото тројство
за да закрепне прасмислата за вечноста
на душата и да не се воплоти страшната

тајна на бесмртноста. Боже, потсеќај не
на молитва, оти нечисти сили призивајет
мажи грамотни. У алфабети ест зла душа

И тие фатени скориваат. И од нив лепрозни
зацелуваат, слепи прогледуваат. А секој,
според делата не ги препознава безбожните


11.

О Никифоре победоносец! Како ли ќе живееме
без неизвесноста? Мојата оловна тага се шири
низ времето. Рика она во пуста гора како мора,

како божја крв пред кланица. Во срамна стапица
сме фатени. Внедоапица. И јасното ни го бистри
разумот: ако не сме вечни, не сме ни вистинити

Уште ли ноќе витаете над бедемите на градот?
Уште ли нечујно благоглаголите пред портите
на оние што не ги отвораат срцата за покајание?

Колку што во нив имаше злоба, сега триж повеќе
и робуваат на љубовта што бескрајно се надева
и верува дека се што е невидливото е вечно

Не знаете ли, о поданици на царот! Пронијари
што на митски суштества им се поклонувате
Царското е божјо, а божјото не ќе да е царско



12.

Кој не го памети сонот на Василиј ѓаконот,
нека застане на вишна рида, среде лозјата,
и од заветрина нека го распрета ехото:

Не-поз-на-ти-ти се па-тиш-та-та, тиш-та-таа
гос-по-до-ви-ви-вии.
Страшен ангел е јавето
А сонот бил откровение за идно поколение:

Ќе дојде време кога слободата на робот
ќе му се покорува. Ќе се молите блажени
на ропството да му слугувате. И ќе сакате

Ќе дојде време кога животот на смртта
ќе и се додворува. Ќе дочекате смирени
на смртта да и се радувате. И ќе сакате

Ќе дојде време кога доблеста на злото
ќе му биде подлизурка. Ќе пукнете од завист
кој со злото повеќе да царува. И ќе сакате


13.

О просветлен Даниил, нели не учеше
да не ги даруваме силните, оти тие
ќе ни ги земат душите. А куци доаѓаа

кај вас страстотерпци, и здрави се враќаа
во своите домови. Слепи идеа, а си одеа
со очи. Неми добиваа јазик, сакати раце

Фатени стануваа, се исчистуваа лепрозни
Удостоивте луѓе со неприродни страсти
Раслабени кренавте на нозе. Измачувани

од нечисти духови скротивте. На глувите
им липса тишината, на лудите дивината
Се точеа несреќни, ништожни, безнадежни

Идеа очајни од сите места на екумената
Тивериопол стана кула од секаде видлива
А се што примивте на дар, на дар го дадовте


14.

Успокој ги дрските по нарав, некрстените,
о сеприсутен и кроткороден Теодоре!
Твоите миросани стапала прт оставија

на Горни Лужец, во Валожиц, на В’лчи Луг,
среде Волковија. Покрстувај диви у Забрдје,
на Падишта, во Дебревник, На Буков Равен,

под Рулина. Крштевај чедни на Долни Брод,
во длабок Студенец, на Пресека, на грлат
Сопот, во Губина. Фрли семе на бело Слано,

на широка Рудова, на Суха Лука, во Сухо
Борје, меѓу Вели Камен, под Вели Орах,
до Велија Река. Исповедај грешни на Глоден,

во густа Папратница, на Брезник, во Пупавница
Причестувај покајници во Градец, по Селишта
И упокој душу блажену на Хусарско распутје


15.

Се доаѓа од темнината, од празнината
И се назад се враќа, о милостив Сергиј!
Душата ми чемрее во ништавило и плаче

како слепородена жена што прогледала
Колку манастири ни оставивте во срцата?
Колку гладни нахранивте, жадни напивте?

А земни цареви ви ги разделија моштите
Каде ви таи силата што ридишта подига?
И каде ги заклучивте чудата? Да, чудата!

Уште ќе копаме под старото дрво исушено
од молитви. Под порталот на црквата
разурната од анатемници ќе копаме

Под темнината на ридот, длабоко под yидот
на времето, ќе ископаме светци. Маченици
божји по патиштата господови непознати

На Растку објављено: 2008-03-03
Датум последње измене: 2008-03-05 18:36:00
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија