Блаже Миневски

Подвижна сенка

 Чочо на Чона и Дамјан Дабижив седат под овенатата сливка на меѓата. Меѓата ги дели во две градини, но сливката ги собира под една сенка. Друго дрвце нема наоколу. Само под неа може да се пикне главата, да се засолни здивот од жештината. Сливката им е како роднина, зашто Чочо на Чона и Дамјан Дабижив одамна живеат сами. Синот на Чочо на Чона, Чудо на Чочо на Чона загина како резервен официр во еден миниран манастир, а ќерката на Дамјан Дабижив веќе десет години е емигрант преку три мориња. Чочо и Дамјан секој ден доаѓаат во бавчата. Прв доаѓа Дамјан Дабижив; ќе седне под сливката, како сега, и ту јавно се смее, ту тајно плаче, чекајќи Чочо на Чона да излезе од пченката.

Двете градини се сосема исти, долги и тесни, како две изорани патчиња. Збираат одвај по неколку реда пиперки, малку лути, малку благи, само еден ред домати, а по краевите и уште по неколку стебла пченка, две-три огништа тикви и страк или два босилок. Само толку, но и тоа е многу, па често останува така, необрано. Всушност, нив бавчата им е само за да бидат еден до друг, зашто и кога сакаш и кога мразиш, мора да имаш некој што ти е блиску. Кога божем нешто работат, кога претаат по бавчите, воопшто не разговараат, но штом ќе се приберат под сливката, секој одделно, сам за себе, без никој да го праша, ќе почне да ја фали сенката, и, така, без да сетат, збор по збор, одново, којзнае по кој пат, ќе го почнат својот чуден разговор. Не само што не си ги спомнуваат имињата, туку не ја спомнуваат дури ни личната заменка за второ лице еднина. Тоа, всушност, и не е вистински разговор, зашто и едниот, и другиот, иако мислат на едниот, или на другиот, се обраќаат секогаш кон некој трет, кој, се разбира, воопшто не постои. Еве, токму како сега:

– Ај без пари, ај без ум, исто му е – вели Дамјан Дабижив, гледајќи кружно по работ на сенката.

– Грешниот човек и од сенката се плаши – вели Чочо на Чона, и се напива малку вода од стомната запретана до коренот на сливката.

– Ако е мост, секој ќе го гази – враќа Дамјан и шмркнува две-три голтки ракија од матарката закачена на вратот како yвонец. Сливката се стресува од жештината, од уморнината; мувите брборат и касаат како луди, веројатно пак ќе врне. Никој по вакво променливо време не доаѓа во бавчите кај Топ Ташлари; само Чочо и Дамјан, и само едно чудесно ситно, би се рекло неверојатно ситно човече што yирка од пченката над јазот.

– Арно е сî да се знае, ама не треба сî да се прави – вели Чочо.

– Фали ме усто, оти ќе те раскинам – враќа Дамјан Дабижив.

– Коњот се врзува за оглавот; човекот за зборот!

– Секоја планина си носи своја тежина! – вели Дамјан, и додава: – Но, пцовисано магаре од волкот не се плаши – вели и затрепкува; трепка ситно, небаре ракијата што му гргори во грлото му удира во некакви жици поврзани со очите; шмука и се дуе, расте од радост, чиниш подлетнува како пилиштарец.

– Кај го боли забот, таму му оди јазикот – враќа Чочо на Чона, и сега тој се смешка; така брборејќи со носот го свлекува Дамјан Дабижив по стеблото, му ги свртува нозете право кон неговата бавча, и го остава збунет, зинат и зачуден.

– Дај му на будала стап, за да ти ја скрши главата – вели Дамјан, и подрипнува, се исправа до стеблото; се поткрева со рацете, чиниш ќе се пушта по некоја стрмна лизгалница.

– Секоја пчела ако собира мед, бумбарот би собрал најмногу – вели Чочо и пак победнички се смешка, кркори, ги тресе со сувата како гранче рака своите потсукани панталони.

– Сонцето грее и на лепешка – вели препотен Дамјан Дабижив, стегајќи ја устинката на матарката со својата речиси гола вилица.

– Тешко на умните без будалите – враќа брзо Чочо на Чона, а човечето од горната бавча yирка како глувче меѓу лисјата на пченката.

– Ако е така, – вели сега сосема бесен Дамјан Дабижив – ако е така, – повторува – тогаш нека каже тој, нека одговори тој што е тоа долг Тодор без коски?

– Ако не знае тој и тој што прашува, тогаш тој што знае ќе му каже – вели Чочо, тркалајќи ја својата варосна глава по стеблото на сливката. – Тоа е чад, пиле – продолжува – чад како тој и тој што прашува. А тој и тој сигурно знае што чади, а не гори – вели Чочо и тропка со главата, всушност ужива како победник тропкајќи по стеблото .

 Дамјан Дабижив, црвен во лицето како прч, ги зарива петиците во земјата, и рие, рие, не се крие, чиниш ќе ја пресече меѓата надве.

– Знае ли тој и тој што е црвен прч во пештера што лежи – спокојно продолжува, а внатре всушност кркори и врие од радост Чочо на Чона.

– Тоа е јазик како јазикот на тој што прашува – се јавува најпосле Дамјан Дабижив. – И неговиот јазик е прч, додуша скопен, делнат, значи јалов – вели и ги зарива петиците уште подлабоко, прави две бразди до дното на меѓата. – А, сега, – продолжува тој – нека го слушне тој – вели – ова и ова: една стомна со седум дупки, тури вода – не течи. Што е тоа, нека одговори тој? – прашува и не се слуша дека се кикоти, но сливката се тресе, трепери како наврната.

 Чочо на Чона молчи, ја чешка главата од стеблото, ги треби лажните мравки од ушите и од носот.

– Не знае, а? – одвај чека Дамјан Дабижив – Бидејќи не знае, веднаш ќе му се каже. Тоа е глава, мустро, ќе му се каже, зошто да не му се каже, греоата е; тоа е глава како твојата, ќе му се каже. Држи вода, значи, му се кажува, но само ич не се отвора устата – вели, а сливката брбори, се тресе, чиниш ќе тргне, ќе се симне или во едната или во другата градина. А оттаму после самата си знае каде и зошто.

– Седум дупки во една грутка! – скокнува Чочо на Чона. – И – веднаш продолжува, за да не го прекине – прибидејќи тој и тој, и да сака, не знае, веднаш ќе му се каже! – вели. – Тоа, мачна душо, ќе му се рече, тоа е твојата глава, суртук; твојата тиква, дибек, и ќе му се објасни, твојата тамбура, суртук, твоето тезгере, твојата лејка, твојата вејка – вели и додава: – Постојано – вели – треба да си носи чадор, муцко, ќе му се каже, оти роса, мило, може да ми го нароси и да ми го растопи, грутко, да ти го однесе суратот, суртук, а без сурат си како да не си; не можат да те препознаат како човек – заврши задишан Чочо на Чона и се подмести за да стане.

– И без него и со него; и со сурат и без сурат, сливката е негова – вели отсечно Дамјан Дабижив.

Чочо на Чона пак седнува, клапнува како нешто да го повлекло одзади.

– Сливката не е негова, и не може да биде негова – вели. – Ако не знае, нека види тој и тој каде се свртени гранките!

– Нема да ги гледа гранките! Што чавки ќе бара по гранките. Нека види тој каде е стеблото – вели Дамјан Дабижив. – И нека види од каде влече коренот – вели и станува, ама оти дрвцето е ниско, смужгано и ситно, останува така згрбавен, стуткан како кутре при голема нужда.

– Знае ли тој каде е средето на меѓата, каде е метеризот? – прашува станувајќи Чочо на Чона. И како што станува, му ја снемува главата, се измешува со лисјата на сливата.

– Главата сега му е во мое – вели Дамјан Дабижив. – Ако сакам, значи, може да му ја скинам и да не одговорам.

– Нека проба! – вели Чочо на Чона. – Кој не почнал, не завршува!

– Сливката не е негова – вели Дамјан Дебижив барајќи ја главата на Чочо меѓу гранките.

– Тој и тој ли ја посади? А? – прашува однекаде Чочо на Чона.

– Не е важно тоа! Важно таа е на оваа, а не на онаа страна од меѓата. А штом таа решила така, тогаш така и ќе биде. Сега е демократија. . . – вели залисано Дамјан Дабижив и со раката удира во мравките што божем се качуваат по стеблото.

Човечето од горната бавча се исправи меѓу пченките: веѓите му се исти со косата по вршките на дудулињата, а ушите му висат како попарени лисја. Ги фаќа краевите и ги врзува на тилот, за да не му пречат: "Не им е првпат да викаат за да бидат во право", промрмори и продолжи да си копа свиткан под кочанките.

– Што е право, право е – се потсмири малку Чочо на Чона. – Семката ја има донесено некоја птица. Тука, ете, í дошло, не можела веќе да се стега. Тој може ќе рече дека можела да лета малку во лер, и тоа, сепак, да го стори во мојата или во неговата бавча. Но, прибидејќи е демократија, таа одлучила така како што одлучила; го сторила тоа на меѓата, баш овде, токму меѓу мене и тој и тој. Сепак, малку-многу, во мојот дел, точно три прста наваму од метеризот, од сртот на меѓата – заврши расчекорен, речиси расчекнат и без здив Чочо на Чона. Дали од неговиот говор, или пак сами од себе, од сливката се сронаа десетина листиња. – Значи, каков му е атот, таков му е патот -рече Чочо. – На здравје бричење! – додаде и замолча yиркајќи меѓу гранките.

– Сливката е на оваа страна од меѓата! Тоа и слеп може да го види – вели Дамјан Дабижив. – Но, арно велеше татко ми, рани куче да те лае – додаде плукајќи ги листенцата од устата.

– Што сака тој и тој со тоа да каже – праша Чочо на Чона, шушкајќи со главата негде горе, во јужниот дел на крошната. Една овената гранка го фрасна Дамјан Дабижив во лицето и пак го стутка како кутре при голема нужда:

 -Тој добро знае – офна Дамјан згрбавен и натртен под сливката.

– Не знае – викна Чочо на Чона.

– Градината му ја одзеле на татко ми, и ја поделиле на две градини. Едната останала наша, другата му ја дале на татко му – вели Дамјан.

– Татко му се борел за тоа – вели Чочо на Чона.

– За што? – прашува Дамјан Дабижив. – За да му дадат градина без пари?

– Нешто морале да дадат – вели Чочо на Чона. – Не може едни стално да имаат, а други стално да немаат.

– Некои стално работат, а некои само се борат за да грабнат нешто без пари – вели. – Сливката не е негова, и готово! – заврши Дамјан Дабижив и потскокна.

– Сливата не може да биде негова, и готово! – крикна Чочо на Чона.

– Сливата е само моја – врисна Дамјан Дабижив, ги испружи рацете и го зграпчи Чочо на Чона за главата, поточно за ушите.

– Никогаш веќе нема да биде како што било! – врисна Чочо и го зграпчи Дамјан Дабижив директно за ушите. Одеднаш двајцата почнаа да грофтаат, да удираат во чаталот на сливката, свлекувајќи се по стеблото и претајќи по меѓата. Сливката се тресе, гранките треперат, листенцата се ронат; да може таа сигурно би побегнала, би нашла убаво место, со пеперутки, со пчели и со малку вода за да не и паѓаат лисјата пред време, и таму среќно би живеела.

– Крушата под круша паѓа – стенка Чочо на Чона стегајќи го Дамјан Дабижив за гушата.

– Каква глава, таков брич – стенка Дамјан Дабижив стегајќи го и тој Чочо на Чона за гушата.

– Веѓите да му скапат – збивта Чочо.

– Да не види сонце, ни месечина – збивта Дамјан.

– Да даде Господ час поскоро да му фрлат една рака земја на очите – кркори Чочо на Чона.

– Јазикот да му окапе; да зборува и самиот да не се разбира – кркори Дамјан Дабижив.

– Ти ли си тој и тој? – зајдува Чочо на Чона.

– И јас сум тој, и не сум тој – зајдува Дамјан Дабижив.

Одеднаш сливката престана да се тресе. Се смирија гранките, сопре ронежот на лисјата. Тогаш од горната бавча дотрча човекот со врзани уши, го фрли секирчето на меѓата и се прекрсти. Чочо на Чона беше мртов, а Дамјан Дабижив, иако беше ококорен, сî уште малку беше жив, даваше знаци.

– Бевте трети братучеди – промрморе човечето, се прекрсти и ги одврза ушите во знак на почит кон покојникот. – Но трети братучеди – вели – без втори братучеди, не се братучеди – додаде. – Или не знаат дека се братучеди, или не сакаат да бидат братучеди. . . – и не доврши: Дамјан Дабижив му умре во рацете:

 – Судбина, – воздивна човечето – само смртта е лек за нашите болести – рече и му ги затвори очите на Дамјан Дабижив. Уште еднаш се прекрсти, си плукна во рацете, го зеде секирчето и бесно збифтајќи ја кутна сливката на меѓата. Заедно со неа падна и единствената сенка во полето. Потоа човечето пак си ги врза ушите на тилот, ја крена пресечената сливка на рамо и заедно со сенката замина низ пустото поле кон Требник.

На Растку објављено: 2008-02-08
Датум последње измене: 2008-02-09 19:35:26
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија