Аљоша Симјановски

Отспротива хроматскиот универзум

/хиперстварност/

На коверот на албумот Free Jaaz /1960 год./ на Орнет Колмен, што се смета за еден од најважните случувања во музичката авангарда на минатиот век, е репродукцијата на сликата Бела светлина, дело на прочуениот американски апстрактен експресионист Џексон Полок и уште тогаш во теоретските назнаки се посочува паралелата меѓу џезот и апстрактното сликарство.

Историјата на jazz-музиката, делот на т.н. интуитивна почетна фаза кореспондира со појавата на ликовната апстракција на почетокот на минатиот век. Кандински во својот прочуен трактат „За духовното во уметноста“ ќе го промовира методот на дефигурација, како основа за продор во суштината на објектите, предмет на ликовната сензација.

   „Пред себе имам објект - дрво, но се обидувам да сликам не по диктат на она што го гледам“ наизглед ексцентрично ќе постулира Кандински... Се ослободувам од лисјата, гранките, стеблото и продирам во суштината. Резултат, „Првиот апстрактен акварел“ /1907/ мигот, важен, достоинствен. Првата ликовна апстракција, вовед во една нова епоха, на неограничените со форма визии и артистички ресурси каде формата се третира како глагол, а не како именка, во извесен смисол е и обид да се открие еден неверојатен емотивен слој на модерниот сензибилитет под површината. Временски и методолошки овој тренд на ликовна експресија коренсподира со појавата на новите музички бранувања. Интуитивниот џез, што најпрвин се појавува како музика на бекстејџ, /пред официјалните настапи, обично како загревање на талентираните музичари/ на американската сцена, како тренд со артистички потенцијал, најпрвин третиран како ентертејнмент жанр, бргу е забележана од софистицираните интелектуално-естетски кругови, кои во овој вид музика ќе ја насетат силата со артистичка предиспозиција и естетска сугестија, при што ќе ја подигнат на пиедесталот на модерна уметност што ќе го одбелжи минатото столетие.

И ако ликовната апстракција се создава како резултат на дефигурацијата што во извесен смисол претставува методолошка одредница на овие и слични трендови, современиот џез ја детронизира хармонската прогресија и се насочува кон внатрешниот скриен интензитет на мелодиската експресија, при што отвора широк буквално непрегледен простор на музичката имагинација, интеракција и израз на современиот сензибилитет.

Отспротива хроматскиот универзум, концерт за пиано и крупен план е проект на 21 век, но не во банално реторички смисол, туку како еден вид резиме хибрид и потреба на континуитетот на човечкиот дух креатор и катализатор на цивилизацискиот од.

Совршените песни на Beatles ја одбележаа втората половина на минатиот век и во услови на глобалниот медиумски бим со право го заслужија епитетот културно историско наследство на светот. Прочуените рефрени Michelle, Across the Universe, Strawberry Fields Forever, Lucy in the Sky Eleanor Rigby, When I’m 64, Yesterday... доживуваат стотици нови изведби и модификации.

Проектот Отспротива хроматскиот универзум е обид да се продре во длабочините, под совршенството на музичките форми на неповторливите песни на Beatles, за да го открие внатрешниот интензитет и емоционалност, што се „заробени“ во лавиринтите на хармонската прогресија и да ги претстави во вид на пијанистичка натструктура /upper structure/ движејќи ги низ непрегледните простори нз хроматскиот универзум.

Директен пренос на крупен план на истакнат македонски ликовен уметник, мулти скрин проекција - инсталација е вториот елемент на овој динамичен хепенинг. Крупен план - затоа што е еден од најважните структурни одредници на кинематографскиот израз, што исто така се појавува и вградува во филмот /подоцна и во масмедиумскиот амбиент/ некаде во ист временски период како ликовната и музичката апстракција.

И како што Picasso, Braque... декомпонираат во ликовната постапка при портретирањето, во проектот Отспротива хроматскиот универзум крупниот план /портретот/ на уметникот сликар е предмет на ликовно медиумска декомпозиција и елемент од кој е создадена сценографија инсталација. Елементите на трансмисија од екстериерот и вклучување во глобалниот бродкаст /директно вклучување во ТОП 10 - ентертејнмент програм на националниот канал/ и телевизиската реализација на проектот, ја создаваат онаа димензија на временска и просторна истодобност што се можни единствено како функција на глобалната масмедиумска инфраструктура, сублимирајќи ги и пресоздавајќи ги реалните содржини во т.н. хиперстварност.

 Првото издание на овој проект се случи на 20 Мај 2002 год. во Музејот на град Скопје. Пиано марка - Бесендорф империјал. Музичка изведба -Аљоша Симјановски, објект на директниот пренос Мирослав Масин. Се надеваме дека ќе уживате во иднината на овој проект на возбудливиот и непрегледен простор на хроматскиот универзум.

На Растку објављено: 2008-02-06
Датум последње измене: 2008-02-09 19:34:44
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија