Блага Алексова

Комплексот цркви на XV тивериополски маченици од Струмица

Во градот Тивериопол - Струмица, нè известува Теофилакт, во текот на прогоните на христијаните, за време на Јулијан Апостата (361-363), настрадала група од XV мартири. Четворица од мартирите, Тимотеј, Комасиј-Етимасиј, Евсевиј и Теодор тогаш побегнале од Никеја во Тесалоника, а оттаму во Тивериопол-Струмица. Кон нив се придружиле и другите проповедници. По нивното откривање и мачење тие настрадале во Тивериопол, каде што биле закопани.1

Хагиографското раскажување на архиепископот Теофилакт во детали нè известува за имињата на сите маченици и дава поблиски податоци за нивните страдања и нивната смрт, за создавањето на нивниот култ и за храмовите во Струмица изградени над нивните гробови и на Брегалница врз нивните мошти и реликвии. Овој хагиографски ракопис, несомнено, има постар примерок врз кој Теофилакт2 ги темели своите раскажувања.

Култната црква подигната врз гробовите на овие мартири во Струмица континуирано била позната и славена помеѓу словенското население во Македонија. Култното место било почитувано и во времето пред Втората светска војна во Струмица.3 Во триесеттите години на самото место е подигната скромна капела и тогаш делумно се откриени остатоци од еден црковен објект. Изградбата на храмот посветен на овие маченици во 1973-74 година наложи заштитни археолошки истражувања на овој простор. Со овие ископувања откриен е комплексот на црковните градби и дел од пространата некропола со гробови во самиот храм и околу него.4

Кусите извештаи што се дадени за откривањето на овој така значаен црковен комплекс ги презентираат основните податоци за откриените објекти, без јасна археолошка и архитектонска документација.

Со конзерваторските зафати на објектите дополнително се изведени истражувачки работи и прибрани мошне значајни археолошки и архитектонски податоци за интерпретација на овој важен црковен комплекс.5

Петнаееетте мартири од Тивериопол настрадале во малку задоцнети прогони.6 Тие биле закопани на доцноантичката некропола надвор од градот во една areae martyrum, каде што се закопувале христијани. Нивната гробница како и другите гробови се изградени врз една постара архитектонска структура, чиј под бил постелен со полихромен мозаик.7 Мотивите на овој мозаичен под го сочинуваат крлушки, кругови во интерсекција со крстови. Мотивите на овој мозаик се стандардни во доцноантичкото градителство за III-IV век. Појавата на крстот меѓу овие мотиви укажува на култен христијански објект, мавзолеј, мемориа или мартириум, среде христијанската area на доцноантичките гробишта.

Пред започнување на ископувањата во 1973 година на култното место на XV мартири констатиравме декоративна пластика од еден стар архитектонски објект. Архитравните греди и колоната бездруго припаѓале на еден мавзолеј или надгробна доцноантичка едикула.

На истражениот простор е откриен комплекс од црковни градби во чиј централен дел во наосот се наоѓала поголема засводена гробница и 19 стандардни гробни засводени структури.8 Гробовите се откриени во самата црква, под нејзините темели и покрај црквата. По своето архитектонско решение големата гробница која има централна позиција во црковниот комплекс и другите гробници се карактеристични за гробното градителство на доцната антика. Овој тип гробници е прифатен во христијанското градење во прв ред за мартири и за видни граѓани.

ЦЕНТРАЛНА ГРОБНИЦА

Прв аранжман на архитектонска конструкција за настраданите XV мартири во Струмица претставува големата засводена гробница под земја. Гробницата е ситуирана во централниот дел на наосот во црквата пред самата олтарна преграда. Истата има димензии: 2 х 0,82 х 1,61 м. Изѕидана е од кршен камен поврзан со малтер. Сводот е изграден од стандардни доцноантички тули. Однатре е малтерисана и од северната и јужната страна има насликани крстови со проширени краци, живописани со темнокафеава боја. На западниот забат насликани се портрети на XV мартири до појас.

Гробната конструкција е вкопана во една постара градба што имала под од полихромен мозаик. Постарата градба можеби претставувала една постара капела или меморија, под чиј под се наоѓал гроб. Подот во самата гробница е постелен со големи керамиди со кружни отвори по должината, познати од доцноантичкиот христијански мартуриум во Стоби и од гробниците на Црквиште во Мородвиз.

Христијаните имале обичај своите мртви да ги закопуваат на доцноантичките пагански некрополи под отворено небо areae, отколку во катакомби. Вакви гробови постојат веќе од 200 година, а откриени се од доцниот III-IV век во целиот христијански свет. Ги наоѓаме во Африка, Мала Азија, Балканскиот Полуостров, Далмација, Рим, Шпанија и земјите во Рајнската област. Прости гробови под земја со фунерални плочи за свечени гозби agapae наречени mensae се измешани со слободно поставените саркофази. Помеѓу нив и мали мавзолеи-celae, од кои некои се трансформирани во крипти во средновековните цркви. Со време приклучен е холот за свечени банкети. Тој имал различни димензии и некаде бил отворен или окружен со портици.9

Оваа вообичаена пракса на закопување, како што ни покажуваат и истражувањата на западната некропола во Стоби, отворила пат за монументални архитектонски структури кои помалку служеле на приватната меморијална функција, а повеќе на јавниот култ на мартириум. Тоа се гробови на мартири загинати за Христовата вера или местата на нивните страдања задржани во меморијата. Структурата на градбите се истовремени со паганските обичаи.

Во античкиот период е развиен комплициран култ околу митските херои, победниците, од шефови на племиња до хеленистички кралеви и римски императори и богати римски фамилии. Нивното закопување е одбележано со хероа. Тоа е архитектонска структура што имала функција и изглед на храм и светилиште од типот на мавзолеј. Овие градби имале различни планови, отпрвин биле отворени па потоа затворени, со апсиди и портици опкружени со колонади. Со време разликата помеѓу хероа и мавзолеи станува занемарлива. Хероа и култот на хероите е патот од кој христијанските мартириуми и култот на мартирите го бележат својот почеток, најрано од вториот век. Ископувањата под црквата Св. Петер во Рим открија најстар познат мартириум, со преживеана аrеае од 120-60 година.10

Едноставни гробни конструкции со камени плочи или ѕидани структури под земја со полутркалезни сводови од доцноантичкиот старохристијански период се откриени на повеќе некрополи во Македонија. Истражувањата на западната некропола во Стоби кои траат со децении даваат посебно важни податоци за континуитетот на употреба на просторите за некрополи и нивното проширување од времето на II-I век пред н.е. и во текот на I-III и подоцна во IV-V век од н.е.

Во јужниот ѕид на епископската базилика во Стоби и во нејзиниот јужен кораб откриени се ѕидани гробници со полукружни сводови.11 Двете гробници се со невообичаена структура. Во гробјанската базилика, надвор од бедемите на Стоби, покрај гробовите со камени плочи откриени се осум ѕидани гробници со сводови во една од кои од сите три страни се живописани лозици од лисја и четири паралелни линии насликани со кафеава боја. Покрај јужната страна на нартексот во истата базилика била изградена меморија со крстест свод и влез од западната страна. Живописот во неа е уништен.12

Во западната некропола од овој град, покрај многуте старохристијански гробници со камена конструкција, откриена е една поголема засводена гробница со меморија над земја која претставува масовен мартириум.13 Од оваа некропола потекнуваат и две надгробни плочи со крстови и симболи. Слични гробници се откриени во Паликура, Скупи, Мородвиз, Караорман, Демир Капија со живописани крстови на западниот забат со темно кафеава боја, потоа повеќе гробници во поликонхалната црква во Охрид и во Црвулево, Чифлик и во повеќе други наоѓалишта во Македонија, меѓутоа, недоволно истражени. Сите наброени гробни засводени структури според податоците од истражувањата датираат од IV-V век.14

Засводената централна гробница во Струмица според концепцијата на формирањето на самиот гроб, неговото градење, ориентација, изградбата на сводната конструкција и според насликаните крстови од обете страни е одбележана како христијанска гробна структура. На тоа упатуваат и насликаните портрети на XV мартири. Нивното житие од архиепископот Теофилакт известува за нивното погубување во текот на IV век. Тоа е време кога е изградена гробницата и наменета за групно закопување на настраданите маченици во прогоните, подигната сред една христијанска аrеае на доцноантичката некропола надвор од бедемите на утврдениот град.

КОЛЕКТИВЕН ПОРТРЕТ НА XV МАРТИРИ ВО ЦЕНТРАЛНАТА ГРОБНИЦА

На западниот забат во централната гробница се насликани до појас портретите на XV мартири. Поради тесниот простор нивните претстави се намалени. Предадени се во три зони. Четири портрети се поставени во горната зона, шест во средната и пет во долната зона. Дел од долната зона е уништен, сочувани се само два светитела. Во средната зона првите три лика се уништени под самите глави.15 И покрај големата оштетеност на композицијата може да се следи нивната поставеност, гестовите на рацете, облеката, фризурите и скалата на боите употребена при нивното сликање.

Композицијата на XV мартири од Тивериопол во Струмица во централната гробница е предадена како типичен доцноантички колективен или групен портрет. Тој како Imagines clipeatae претставува фунерален портрет. Овде бистите на мартирите се затворени во една полукружна рамка clipeus. Употребени се и главните показатели за припадност на религијата. Тоа се крстовите на самата гробница, ауреолите околу главите на мартирите, евангелијата и нивниот став на молитва. Овој тип групен портрет, покрај стоечките фигури и претстави во цел раст, што претставуваат општа формула на стариот портрет, мошне е омилен кај Грците. Презентиран е во бројни рани примери на икони од дрво во Мт. Синај, во коптското сликарство на дрво и на копии од портрети на епископи во Берлинскиот музеј. Сите се одликуваат со нагласен индивидуализам. Изработени според искуството на доцната антика, брзо се раширени во старохристијанското сликарство и придавана им е голема важност. Со време се напушта индивидуалното претставување и добива “ориентално влијание“.16

Колективниот портрет обично со Христос заедно се јавува при крајот на III век и е вообичаен во IV век. Се јавува на ѕидовите на катакомби, саркофази а по едиктот и во апсиди на цркви.

Портретите на XV мартири се предадени фронтално со лицата напред со рамениците поставени симетрично, без некаква акција.Тоа се лица со гест на молитва и надвор од секаква акција кога се молат. Еден број од нив држи евангелија во левата рака. Овој вид портрети во раното христијанство е употребувано за светители или оранти и мартири па сè до Богородица. Овој тип портрет во форма на Imago clipeata зазема прво место во широкиот домен на христијанската портретна иконографија. Во оригинал тој е фунерален портрет познат уште во паганската уметност и многу често употребуван во раното христијанско сликарство.17

На портретите од гробницата индивидуалноста на личностите е снажно предадена, бидејќи биле пренесени од оригинал што претставува право сликарство.18 Портретите на мартирите претставуваат слики земени директно од животот. Овие намалени портрети судејќи според малку подобро сочуваните ликови на мартирите од првиот ред, не можат да се споредат со бројните претстави во голем број откриени доцноантички старохристијански гробници на Балканот.19 Можеби извесни сличности би можело да се најдат со портретите од вториот слој во баптистериумот во епископската базилика на епископот Евстатиј во Стоби од крајот на IV век.

Содржината на композицијата, веќе истакнавме, претставува колективен портрет на XV мартири. Нивната припадност кон христијанството е нагласено со крстовите во самата гробница и со крстовите на омофорите на двата епископа во првиот ред. Нивното прогласување ча светители е обележано со ауреолите околу нивните глави, што е израз на светост и на достоинство. Омофорите со крстовите претставуваат референца за епископски чин што го имале првиот и последниот мартир од првиот ред.20

Мартирите на фреско живописот во централната гробница се облечени во хитони, а некои имаат наметнато и химатиони. Уметникот при нивното сликање употребил поголем спектар иа колорит, така што пигментите на боите, и покрај тоа што се повторуваат, не се еднакви меѓу два светитела. Тоа покажува добар усет за сложување на колоритот на онаа композиција со поголем број мартири дадени на мал простор. Според расположивиот простор е направен распоредот во композицијата на мартирите и е усогласен односот на нивните портрети и допојасното претставување, со што уметникот покажува смисла за пропорција. На петтиот портрет од втората зона на хитонот како да се надѕира широка темна трака с1avuѕ, карактеристичен декоративен детаљ на старохристијанските машки и женски туники и хитони, широко во употреба на сите претстави оранти. Добри пастири, епископи и светители во катакомбите, познат од Дура Еуропос и од раните претстави во христијанските храмови.21

Мартирите имаат фризури со кусо потстрижени коси. Првиот и вториот мартир од првата зона имаат бујно извиткани локни што им паѓаат на чело. Ова е омилена фризура на портретите во баптистериумот во Стоби, а е карактеристична и омилена во старото доцноантичко и старохристијанско сликарство. Брадите и мустаќите на првите два светитела и другите што се распознаваат, предадени се грижливо и автентично.21а

Мала по обем а со богата содржина оваа композиција е насликана врз бел слој од малтер. Применета е сликарска техника аl freѕсо.22 Ликовите се сликани врз една потемна подлога со розова боја, со темни и светли линии со сигурен цртеж. Во облеката е застапена голема скала од пигменти на бои. Окержолтите златни ауреоли на целата композиција ѝ даваат топли тонови.

Овој живопис е дело на приватна иницијатива на христијанската заедница, која избрала добар сликар на портрети. Тој сигурно потекнува од големите сликарски ателјеа од Тесалоника, каде што духот на хеленизмот и во време на уметноста на тетрархијата никогаш не е напуштен. Ова сликарство носи белези на доцно хеленистичкиот провинцијализам и како фунерална уметност се вклопува во Константиновата ера.23

БАЗИЛИКА

Проповедниците во Струмица настрадале, според хагиографските податоци, по прогласување на верскиот мир од Константин, во 313 година, па дури и по декретот од 325 година со кој се забрануваат борбите на гладијаторите и прогонетите со диви животни (Соdех Тheodosianus 15, 12, 1) што претставува навистина едно задоцнето прогонување.24

Врз гробовите на мартирите од Струмица бргу е подигната архитектонска структура од типот базилика. Од овој објект се откриени периметралните ѕидови кои го имаат пресечено постариот објект со мозаичен под и се вкопани под неговото ниво. Од оваа базилика изградена врз гробот на мартирите сочувана е фрагментирана апсида на источната страна. Северниот периметрален ѕид е изграден врз една постара засводена гробница. Сочуван е северниот стилобат на кој се наоѓаат две фрагментирани мермерни бази, различни по обработка. Овде секундарно се употребени, а припаѓале на стар антички објект.

Големата засводена гробница со насликани Петнаесетте мартири на ѕидот над главите од западната страна зафаќа централно место во наосот на базиликата, што значи дека објектот на базиликата е подигнат врз гробот на мартирите при крајот на IV век. Според Теодорет тоа е најдобриот начин на изградба на еден христијански храм, бидејќи е подигнат врз телата на мачениците а не врз мали фрагменти од нивните реликвии.25 Ова е и најстариот начин на изградба на христијански храм во целиот христијански свет на Медитеранот и на Балканскиот Полуостров.

Базиликата над гробовите на Струмичките мартири претставува култна градба мартириум подигната врз нивните гробови со дедикација на големиот култ на евхаристијата.

КУЛТНА ЦРКВА ОД ТИПОТ КРСТОВИДЕН МАРТИРИУМ

Култната црква мартириум од типот на трикорабна базилика, подигната над гробницата на мартирите од Струмица, како најстар архитектонски црковен објект подоцна е ремоделирана. Под базиликата е изградена крстовидна црква од типот на Хосиос Давид од Тесалоника. Тоа е крстовиден тип црква со централна купола и со четири куполи формирани од внатрешната страна, по аглите што ги формираат краците на крстот.26

Крстовидниот објект од Струмица претставува крст впишан во правоаголник. Тој не налегнува над ѕидовите на базиликата. Изместен е на јужната страна а го завзема централниот кораб на црквата, со нартекс на западната страна. Подот во презвитериумот бил решен со бели и сиви мермерни плочки во техниката opus sectile.

Позицијата на централната гробница е иста како и во претходниот објект на базиликата. Завзема централно место во наосот. Црквата е изградена со масивни ѕидови и столпци од камен и малтер, сочувани во основата.

Во апсидалниот дел на олтарот во оваа крстовидна црква е изградена крипта-реликвијар во форма на крст со еднакви краци. Градена е и оформена од камен, тули и малтер. Димензиите на отворот на крстот на реликвијарот изнесуваат 0,40 м. Самата крипта е длабока 0,60-0,80 м. Крстовидната крипта реликвијар била наменета за сместување на реликвии на мартир. Горната површина на криптата се наоѓа на нивото на сводот на централната гробница.

Крстовидната црква мартириум е изградена, како и претходниот базиликален објект, над колективната гробница на XV мартири. Постои можност при изградбата и ремоделирањето на храмот да е изградена во олтарот и криптата реликвијар за сместување на реликвии на некој прочуен или локален маченик. Со ова храмот се обогатува со реликвии уште од еден мартир.

Два реликвијара се најдени во епископската базилика во Баргала, од кои сарковидниот од бел мермер бил употребен при изградба на црквата, а вториот од слонова коска при нејзиното генерално ремоделирање. Постои можност ваков прочуен храм подигнат врз цела група од XV мартири да бил обогатен со реликвии од некој голем мартир, со што црквата и нејзината слава се збогатува.27

Изградбата на крстовидниот храм мартириум врз базиликалниот објект постои можност да е изведена во текот на V век или посигурно во почетокот на VI век, за време на Јустинијановата засилена градежна дејност од сакрален карактер. По тоа време се обновени многу разурнати и запуштени храмови во Македонија. Трансформација на базиликалниот тип на црква во крстовиден храм впишан во правоаголник е карактеристика за овој временски период. Внесувањето на конструкцијата на крстовидната крипта реликвијар во олтарот иде во прилог на ова време, зашто цркви подигнати врз гробови на мартири биле порано изградени во IV век.28

Петнаесетте мартири загинати во Тивериопол-Струмица ја збогатиле Македонија со култот создаден врз нивните гробови. По верскиот мир при крајот на IV век над нивните гробови е подигнат култен храм од типот базилика, која што подоцна доживува трансформација во крстовидна црква, обогатена со крстовидна крипта реликвијар. Овој храм уште од својот почеток играл голема улога во христијанизација на јужните области на Македонија. За ова зборува неговиот континуиран живот и оживување на култот, според Теофилакт, во текот на IX-X век.29 Тоа значи примање на култот меѓу словенското население во Македонија. Споменот на храмот во XIV век укажува на непрекинато постоење на црквата и континуирано почитување и славење на култот на XV мартири од IV век.

Втората црква посветена на XV мартири е изградена врз нивните мошти и реликвии на Брегалница. Врз моштите на петмина мартири од оваа голема група, пренесени на двапати за време на кнезот Борис и Симеон, изградена е на Брегалница монументална црква со инкорпориран крстовиден мартириум.30 Овде се сместени моштите на мачениците, со кои е формирана прва црковна организација кај Словените во Македонија. Тоа е епископијата на Брегалница, опслужувана со клир на словенски јазик од учениците на св. Климент.31

Организатор на ова историско собитие е свети Климент, првиот словенски епископ од 893 година во Македонија. Тој застанува на чело на Великата, Великиас, Величката епископија во Македонија, основана на Брегалница. Епископскиот храм подигнат во IX - X век на Брегалница станува голем центар за поклонение и ходочастие со култот на XV мартири од Тивериопол-Струмица, истовремено и жариште за брзата христијанизација на Словените во Македонија.32

ЦРКВА МАРТИРИУМ НА XV МАЧЕНИЦИ ВО БАНСКО

Во старото епископско седиште во градот Струмица има остатоци и траги од повеќе старохристијански храмови кои чекаат да бидат откриени и истражени. Надвор од градските бедеми, во субурбиумот на градот, откриен е комплекс на култните црковни градби посветени на Петнаесетте мартири.33 На јурисдикционата територија на епископијата се познати црквите во Вељуса34 и комплексот на црковни споменици во Водоча.35

По сè изгледа дека градот Струмица, по углед на престолнината во Константинопол и големите центри на малоазискиот и африканскиот брег, станал град на мартирите мартириополис. Во ваквите центри во прв ред се славеле мартирите што загинале во самиот град или во неговата блиска околина и над нив се подигале цркви од типот на мартириуми. Меѓутоа, во вакви големи центри се славеле и реликвии на прочуени мартири загинати за Христовата вера и за нив се подигале исто така посебни цркви. Честопати храмовите биле посветени на големиот култ на евхаристијата, а го носеле името на светителот чии мошти биле положени во црквата. Многу култни цркви со дедикација на Христос и на Богородица се изградувани врз мошти и реликвии на прочуени мартири. Ваквите мошти на прочуени маченици прогласени за светители претставувале голема драгоценост за самата црква, за градот и за целата епископска епархија, поради што постоело и големо интересирање за поседување на такви реликвии.36

Според Теодорет, за славењето на маченикот многу поголемо значење има неговото зачувано тело и познавањето на неговото име, отколку реликвии од мала вредност. Тоа го потврдуваат и св. Григорие Назијански и св. Паулин од Нола.37 Тие укажуваат дека некои цркви поседуваат само по некоја коска од мачениците прогласени за светци. Со зачестената изградба на култни цркви по верскиот мир, секој и мал фрагмент од реликвии на локални или прочуени големи маченици претставувала голема драгоценост за самата црква.

Неодамна во Банско кај Струмица е откриена црква на култното место Четириесет маченици.38 Тоа се воени светители од прочуената фаланга на римската армија загинати во Севастија, метропола на Мала Ерменија. Оваа група загинати маченици за време на прогоните во армијата е една од најмногубројните, покрај мартирите од Мелитене, раководени од св. Хиерон, од трупите придружувани од св. Маврикие.39 Постојат и други помалубројни групи воени светители и долга серија изолирани воени светители познати по нивните легенди или нивните традиционални претстави во ѕидното сликарство. Помеѓу овие последниве издвоени се и селектирани според заслугите големи воени светители.40

Според општата концепција на планот црквата во Банско е од типот впишан крст во правоаголен простор.41 Трансверзалниот кораб, со три раскошно решени апсиди што формираат тричлено светилиште, го претставува источниот крак на крстот, додека коработ по должината на централната апсида го формира источнозападниот крак. Од северната и јужната страна објектот е опкружен со коридори.

Според општата концепција на планот црковниот објект на Четириесетте маченици во Струмица има идентично решение со катедралниот храм на Брегалница кај Крупиште.42 Овој последниов, според досега откриените источни партии, претставува крстовидна црква впишана во правоаголник. Во својот аксиален крак таа има оформено високи стилобати, на кои биле поставени столпци, два странични кораба отворени кон странични анекси на источната страна. Од крајните ѕидови на нејзините странични анекси пастофории, на запад се изградени ѕидови што ја опкружуваат црквата и формираат широки коридори. Тие, бездруго, ја опкружувале црквата и од нејзината западна страна.

Овие две црковни градби, според општата програма на архитектонското решение, му припаѓаат на типот крстовидни цркви впишани во правоаголник со тоа што секоја од нив, според изведувањето на планот, претставува посебна варијанта. Ова е условено со нивната наменска определба.43

Црквата посветена на Четириесетте маченици е подигната за реликвиите на светителите од Севастија или ex votos, самата како култна црква мартириум. Црквата на Брегалница, со источниот трансверзален кораб со низа од пет апсидални простори, има друга функционална определба. Централниот апсидален простор е посветен на општиот култ на евхаристијата, а јужниот анекс до презвитериумот претставува друга инкорпорирана црква, крстовиден мартириум, посвeтена и наменета за сместување на моштите па неколку цели скелети на светители, со кои е осветен самиот храм.44

Посебна варијанта со упростен план од крстовиден тип претставува базиликата од М. Каменица.45 Слично крстовидно решсние наоѓаме кај неколку цркви во западните делови на Балканот. Тоа е црквата во Мокрополе кај Книн, потоа Мајдан во Босна и Ловрешчина на Брач. Е. Дигве во нив гледа траги од византиската архитектура и ја споменува големата во историјата на архитектурата толку важна црква од преоден тип од Саранда мартире, посветена на Четириесетте маченици.46

Пишаните извори укажуваат дека реликвиите на XL мартири од Севастија, загинати во големите прогони на војската за време на Лициниј биле разграбени од фанатизираните верници и нивните следбеници. Со тоа создавањето на култот на овие маченици започнува уште во времето на нивната маченичка смрт. Култот многу брзо се раширил во престолнината на Константинопол и во сите оддалечени провинции на Царството, па дури до Бреша во Италија.47

Територијата на Македонија расположена помеѓу Константинопол и Рим, во непосредна близина до метрополата со апостолска традиција во Тесалоника, уште од почетоците на ширењето на христијанството, била под силно влијание на сите културни и црковни движења во Византија. Треба да се одбележи дека и големиот црковен центар во Рим е постојано присутен и влијателен како во духовната така и во материјалната сфера на овој простор.

Досегашните откритија и правилно истражените црковни објекти во Македонија укажуваат дека култот иа Христос и на Богородица како и на некои големи светители многу рано се раширени на овие простори. Поради тоа постои можност и големиот култ на XL војници од римската армија бргу да се проширил и на тлото ма Македонија.

Во Струмичко досега е откриена црква посветена на овие мартири во Банско и тоа како култна црква мартириум. Во Водоча е најден фрагмент од живопис со нивна претстава.48 Во античкиот град Лихнидос, подоцнежниот Охрид, откриен е циклус на нивните страдања во црквата Света Софија.49 Откриена е и една икона со нивна претстава50 а неодамна и црква посветена на овие маченици.51 Сите овие претстави на XL мартири и црквата во Банско датираат од XI-XII век.

Зачестената појава на овој култ во Македонија и тоа во Струмичко и во Охрид се објаснува со константинополско влијание во кое голем удел има и дворот, како и со доаѓањето на архиепископот Теофилакт од Константинопол во Охрид.

Црквата ни XL маченици во Банско е датирана во XII век. Ние претполагаме дека споменикот претставува стар култен христијански објект кој бил обновен и оживеан во текот на покрстувањето на Словените во IX - X век. На ова нè упатува и обновата на култот па Петтнаесетте маченици во Струмица со кој е создадена и основани епископијата на Брегалница, а за која нè известува Теофилакт Охридски.52

Досега откриените споменици во Струмица и околината укажуваат на тоа дека на оваа територија е раширен култот на Богородица, потоа на XL воени мартири и континуирано живее на нејзино тло создадениот култ на Петнаесетте маченици. Со ова Струмица, како и многу други градски центри во Македонија, покажува тенденција за создавање на еден голем центар за поклонение и ходочастие и големо црковно средиште град мартириополис од времето на старохристијанскиот период континуирано и во словенскиот среден век.

ЦРКВИТЕ СВ. БОГОРОДИЦА ЕЛЕУСА ВО ВОДОЧА И ВЕЉУСА

Во јурисдикционата територија на струмичката епископија се наоѓаат двете познати цркви во Водоча и Вељуса. Комплексот на црквени градби во Водоча53 и храмот во Вељуса54 се посветени на големиот култ на Богородица Милостива, а подигнати се врз реликвии на мартири. Во црквата во Водоча е откриен фрагмент со фрескоживопис со претстава на XL маченици. Оваа претстава па XL, мартири дава можност за претпоставка дека Водочкиот храм со дедикација па Богородица бил изграден врз реликвии на прочуените и славни ХL маченици, големите мартири од Севастија. Постои можност храмот да е подигнат во нивно име ех votos, доколку црквата не поседувала и мал дел од нивните реликвии. Неодамна откриениот крстовиден баптистериум покрај црковниот комплекс укажува на мошне значајно култно место и храм на овој простор.

Истражувањата што долги години се водени на двата црковни објекта не биле насочени кон откривање на најстарите архитектонски објекти врз кои подоцна се изградени овие храмови. Меѓутоа, трагите и остатоците од архитектонска декоративна пластика, откривањето на крстовидниот баптистериум крај Водочкиот комипекс од цркви, укажуваат дека овие култни објекти, и покрај нивното сестрано разгледување и интерпретирање, ни од далеку не се комплетно и целосно истражени, а со тоа недостасуваат и податоци за нивното првобитно подигање.

Овие храмови посветени на големиот култ на Богородица од самиот почеток претставувале важни и мошне значајни култни места во југоисточните области на Македонија и познати центри за поклонение и ходочастие. Така, во Струмица, покрај локалниот, меѓутоа, прославен култ на XV мартири, се славел големиот култ на Богородица и на прочуените ХL мартири од воената фаланга загинати во Севастија во Мала Ерменија.

БЕЛЕШКИ

Струмица и блиската околина

1 Теофилакт, Маченичеството, Сборник БАН, 1931-239-269

2 Теофилакт, op. cit. 239-269

3 Татић, Два остатка византиске архитектуре, Гласник СНД Ш, 1928, 82

4 Коцо Миљковиќ-Пепек-Алексова, Првите резултати, 43-44; Коцо Миљковиќ-Пепек, Резултати, 93-96.

5 Ј.Ананиев - А.Цицимов, археолошките податоци до кои имаат дојдено со ревизионите исфажувања, ги разграничуваат фазите на изградбата на храмот посветен на XV мартири во Струмица. За увид во откривањата посебно им благодарам.

6 Duval, Loca Sanctorium Africae, 487, зборува за прогони во Африка во текот на 315- 322 година.

7 Просторијата послана со мозаичен под по однос на црквата имала по ширина југоисточна позиција. Над неа е изградена црквата а под нејзиниот под се вкопани Големата централна гробница и останатите засводени гробници. Постои можност овој мозаичен под да припаѓал на првата архитектонска конструкција изградена врз гробовите на XV мартири во Струмица. Објектот со мозаичен под на кој се наоѓаат во композицијата на мотивите изведени крстови претставувал под во првобитниот објект, пред подигнување на базиликалната градба, на овој простор.

8 Лилчиќ, Гробници, 105-106. Податоци имаат изнесено А. Цицимов и Ј. Ананиев, при одбраната на Проектот за истражување, во 1989 година.

9 Krautheimer, Early Christian and Byzantine Architecture, 3-65.

10 Krautheimer, op. cit. II

11 Wiseman-Mano Zissi, Excavations at Stobi, 1972, АЈА 77, 1973, 400 fig. 8; Wiseman, Stobi in Yugoslavian Macedonia, JFA 5, 1978, 422-425, fig. 31, 32, 33, 34, 35.

12 Dragendorff, Archeologische und Kustwisenschaftliche Arbeit, 259-270; Трухелка, Археолошке белешке, Гласник СНД 3, 1937, 78-81; Hodinnott, Early Byzantine Churches,167-168; Wiseman - Mano-Zissi АЈА 75, 403-404; Ѕnivelу, Ваѕilicаѕ, 182-216; А1екѕоva, Ваѕiliсаѕ, 63-69; Лилчиќ, Ранохристијански гробници, ЖА 1, 1983, 95-108.

13 Ивановски, Стоби, Западна некропола, Културен Живот 3, 1992, 32-36.

14 Паликура: Вулиќ, Антички споменици наше земље, Споменнк СКА, књ. 98, 194842 бр. 92; Скупи: Микулчиќ, Доцно римска гробница од Скупи, Зборник Фил. Фак. 26, 1974, 113; Мородвиз: Трајковски, Гробница, Лихнид 7, 1989, 89-94; Караорман: Белдедовски, Крушка, АП, 1985, 146-147; Демир Капија: Гробовите откопани на лок. Манстир, во старохристијанската базилика, 1952 година. Податоците со цртежите прибрала Б. Алексова; Охрид, Поликонхос и други гробници - Битракова Грозданова, Старохристијански споменици во Охрид и охридско, 1975, 36, бел. 103; Маленко, Нови наоди од Охрид, ЖА 1-2, 1978, 341; Црвулево: Белдедовски, Една доцноантичка гробница, МАА 5, 1979, 115-126, Т. Ш; за останатите гробници види: Лилчиќ, Ранохристнјански гробници, 95-108.

15 Според Теофилакт, Маченичеството, 249-250: Тимотеј станал епископ во Тивериололската црква. Комасиј-Етимасиј бил војник и потоа станал монах. Евсевиј во монашки чин. Теодор епископ во Никеја. Петар, Иван, Сергеј, Теодор, Никифор се презвитери. Василиј и Тома ѓакони. Јеротеј, Данаил, Харитон, Сократ монаси. Истиот ред на Теофилакт го следи подоцна и Константин Кавасила во своите песни. Види, Грозданов, Портрети, 135.

16 Grabar, Christian Iconography, 63-64, 65-74 со библиографија.

17 Grabar, Christian Iconography , 72-73. fig. 187, 68, 217

18 Grabar, Christian Iconography, 74.

19 Ниш: Мирковић, Старохришћанска гробница у Нишу, Старинар н. с. 5-6, 1954-55. 53-71; idem, La necropole paleochretiennen de Niš, AJ, 1, 1956, 85-100; idem. Иконографске студије, Нови Сад, 1974, 5; Đurić, Byzantinischen Fresken in Yugoslavien, J976, 7-8;

Бешка: Đurić, Late Antique Painted Tomb from Веšка, Zograf 16, 1985, 5-18; Марјански Манојловиќ, Римска некропола код Бешке, у Срему, Нови Сад, 1987;

Салона: Radic, АЈ 1, 1956, 59-60. Кrautheimer, Early Christian and Byzantine Architecture, 14;

Тесалоника: Реlekanidеѕ, Gli affreschi peleocristiani di Salonika, Ravenna, 1963, fig. 1; Đurić, Late Antique Painted Tomb from Веšка, 11 споменува кога зборува за иконографската тема процесија или послужување-offering.

Бугарија: низ целата земја откриени се повеќе засводени гробници со доста добро задржано фреско сликарство од IV-V век.

Сердика: Мијатев, Декоративната живопис на Софискиа некропол, 1925, 7, 8; Овчаров-Ваклинова, Ранновизантиски паметници от Блгарија, IV-VII век, 24; Во Сердика откриени 20 гроба, Овчаров, 25.

Перуштица: Панајотова, Червената црква, Софиа, 1956; Мавродинов, Староблгарско искуство, Софија, 1959, 32-33; Овчаров-Ваклинова, ор. сit. 25; Пловдив: Овчаров-Ваклинова, ор. cit. 26-27; Valevа, Тhе Funeral Banquet Scene in the Plovdiv Tomb, проблеми на искуството 2, 1985;

Марцинопол: Силистра, Осеново, Хисарска, Шкорпиловци гробници - Овчаров-Ваклинова, ор. cit. 26-27.

20 Grabar, Christian Iconography, fig. 185, 217. Св. Василиј, икона Мт. Синај.

21 Од завземањето на Грција од Римјаните влегува во употреба грчката терминологија за името на облеката: хитон и хаматион а не римска тога и clavuѕ. Види, Аllen, Тhe Story of Clothes, London, 78.

21а Đurić, Тhе Late Antique Painted Tomb from Веšка, Zograf 16, 1985, 15-16. За стилот на фризурите во доцна антика со библиографија.

22 P. Mora-L. Mora-Philippot, La conservation des paintures murales bologna, 1977, p. 121-127. Генерални податоци околу техниката на античкото фреско сликарство.

23 Grabar, Christian Iconography, 18; Кitzinger, Byzantine Art in the Making, London, 1977, 28-29. За класичната реакција во времето на Константин и стилот на Тетрархијата; Маngo, Вуzantium, Treasure of Turkey, Skira, Geneva, 1966, 78-128.

24 Duval, Loca Sanctorum Africae, 487.

25 Тheodoret, Epist. CXXX, edit, Schulze, t. IV col. 1218; Leclercq, Martyr, DACL XII, 1932, соl. 2439.

26 Grabar, Martyrium 1, 164; Evyenidou, Latomos Monostery, 68-75. Црквата била посветена на Христос Спасител како catholicon на Латомус или Латоми Монастир. Името Хосиос Давид на црквата ѝ е припишана во почетокот на столетиево и останало до денес. Во изворите од IХ век позната како Латомос Монастери со легендата на нејзината изградба. Подигната е кон крајот на V или почетокот на VI век со ископувањата во 1973-76 година се откриени мозаиците во полукалотата на апсидата, што ја претставуваат визијата на Езекиј. Мозаиците се датирани во V-VI век. Во средината на ХП век црквата била живописана. Фреските претставуваат единствени примероци на живопис од ова време во Тесалоника.

27 Ѕ. Guadance, Ѕеren XVII, Р. L. t. XX, со1. 965. Реликвиите на Четириесетте маченици што ги примил од роднините на Св. Василиј, Гуаданс ги засолнил во катедралата CONCILIORUM SANCOTRUM, покрај реликвиите на многу други маченици; Delehaye, Loca Sanctorum, 11-12. Епископот Гуаданс од Бреша (-410), ги ставил заедно реликвиите на повеќе мартири на базиликата. De laude sanctorum, с. VI, Р.L. t. XX, р. 418; Ерist. XXXI, Наrtel, р. 267-75; Ерist. XXXII. n. 7, 8, ibid... р. 282-84; Р.L.... t. ХХ. р. 959-71

28 Grabar, Martiryrium 1, 359-360; Krautheimer, Early Christian and Byzantian Arcitecture, 81, fig. 26 od ca. 450 god. i fig. 67 од 565 год. За развојниот пат на храмот во Ефез.

29 Теофилакт, Мченичеството, 239-269.

30 Алексова, Епископијата на Брегалница, Мартириум, 90-98.

31 Теофилакт, Мченичеството, 239-269.

32 Алексова, ор. cit. 166 -173.

33 Коцо Миљковиќ Пепек-Алексова, Првите резултати, 43-44; Коцо-Миљковиќ Пепек, Резултати, 93-96.

34 Миљковиќ Пепек, Вељуса, 1981.

35 Миљковиќ Пепек, Водоча. 1975.

36 Theodoret, Epist. СХХХ, еdit. Ѕchulzе, t. IV. со1. 1218; Leclercq, DACL XII, 1932, Маrtyr, соl. 2439.

37 Leclercq, DACL XII, 1932, Маrtyr, соl. 2439

38 Коцо Миљковиќ Пепек, Новооткриената црква на лок. Св. Четириесет, Зборник, Струмица, 1989, 65-100; Цицимов, Мермерната олтарна прегрда Зборник Струмица, 1989, 101-115.

39 Delehaye, Les Legendes Crescues des Saints Militaires, Paris, 1909, 1-2; Passio N. Mauricii st soc. 1, XX dans Р.G., t. СХV р. 356-72.

40 Delehaye, ор. cit. 2-10.

41 Коцо Миљковиќ Пепек, Новооткриената црква на лок. Св. Четириесет, 65-100

42 Алексова, Епископијата на Брегалница, 121-129, 88-100: Georgieva Khroushova, Pitiunt 2676 fig. 21 палеохристијански мартириум на Крим со исти план.

43 Ibid.128.

44 Ibid. 90-98.

45 Микулчиќ, Македонска Каменица, 181-189

46 Diggve, Basilica Discoperta, 415-431.

47 Leclercq, DACL t. 14, 1948, Quarante Martyrys de Sebast, col. 2003; 2005-2006: N. Bonwestel, Das Testament der Vierzig Martyrs, 76; S. Gregorie, Homil, in Sanctos XL Martyrs, P.G. XLVI, col. 794; S. Guadance, Seren XVII, P.L. T. XX, col. 965; Delohaye, Loca Sannctorum 6-8.

48 Миљковиќ Пепек, Водоча, 1975, со цитирана литература.

49 Љубинковиќ, Света Софија у Охрду, 1955, 16; Ваbić, Les Chapelles, 110-121; 117-121, fig. 84; Грозданова, Студии за Охридскиот живопис, 1990, 42-56

50 Đurić, Ikones de Yugoslavie, Београд, 1961, 83, 14-15. За известувањето за ова откривање благодарам на Ц. Грозданов.

51Црква посветена на XV мартири од Севастија има откриено Д-р. Цв. Грозданов, во Охрид, 1992 година.

52 Теофилакт, Мченичеството, 239-269.

53 Миљковиќ Пепек, Водоча, 1975.

54 Миљковиќ Пепек, Вељуса, 1981.

На Растку објављено: 2007-12-30
Датум последње измене: 2008-07-28 10:53:32
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија