Горан Тренчовски

Стари ѕвезди на ново платно

Низ филмските фрагменти коишто по случаен избор наменски или носталгиски ги прегледуваме од приватниот архив, преовладува артифициелноста, но со вдахновен жар прелеан во насушна стварност, во вистина и во естетика. Таа преглетка, тоа фестивирање на подвижните слики наведува на преиспитување, потврдување на вредностите.

Што е стара звезда?! Дали тоа е ѕвезда којашто не потемнува, или пак тоа е остаток од ѕвездена прашина кој се преобратил во негатив за потоа пак да се мултиплицира во нешто што зрачи, емитира енергија, макар мало, минијатурно, подзаборавено, излитено?

Секој има свој идол во различно време. Кога сме биле мали, сме имале еден вид идоли, сега имаме друг вид. Припадноста кон идолите е еволутивен процес. Тука големо влијание вршат и масовните случувања, превирања, еуфории, пропаганди, револуции, новитети.

Не можеме да ги пренебрегнеме Чарли Чаплин, Хемфри Богарт, Мерлин Монро, Џон Вејн, Арнолд Шварценегер како актери, Алфред Хичкок, Франсоа Трифо, Ингмар Бергман, Џим Џармуш, Ларс Фон Трир како филммејкери, Џо Естерхази како сценарист, Енио Мориконе како композитор, Раул Кутар како директор на фотографија и многу други, како ѕвезди од едно платно чијшто трепер сите ние сме го почувствувале. За нив и за таквите постојат цели енциклопедии, датотеки, колекции. Тука можеме да бараме и уште по некоја ѕвезда и многу ѕвездички од одјавната шпица, како монтажери, тонски сниматели, костимографи сценографи и слично. Режијата ги обединува сите тие сегменти. Таа е небаре невидлива. Највидливи се актерите. Нивните лица. Насмевките, погледите, искрите кои се предизвикуваат при одреден конфликт помеѓу пар или група. Староста, древнината или патината, и кога избледуваат, ја задржуваат конструкцијата обременета со смисла, порака.

На англиски, знакот со кој се обележува звездичката, се вика астериск. Етимолошки, тоа има врска со астралното, небесното значење, што значи дека ако ја испитуваме, условно кажано, небесната димензија на филмските ѕвезди, тука има цел еден макросвет, едно космичко пространство кое навидум нема крај, ама сепак е конечно. Конечноста ја одредуваат биографиите на личностите. Тие што играат помножени со тие што ги играат. Тоа просто би го нарекле закон на филмската материја. Неа ја формира супстанцијата која е резултат на смислена игра пред камерата, тој волшебен реквизит, потомец на древните телескопи кои се користеле во нашите опсерватории, од кои трагите уште ги откриваме и им се восхитуваме со гордост.

Астеропеус, како автентична човечка личност, најпрвин тука некаде, во срцето на Пеонија, мегу соплемениците, како нивен лидер, а најпосле како јунак за кој нештедливо пишува Хомер, го посејува семето на космополитизмот и на некој начин можеби и прв со својот духовен багаж ги удира темелите на една населба врз почва која и до ден денес е мошне плодоносна, од повеќе страни. Впрочем, и најстарите антички локалитети (пред древните Македонци) во облик на населено место во тој крај се близу Астраион или ѕвездениот град, кој така се нарекува според следбениците на Астеропеус, Астраите.

Ако за миг ги оставиме легендите, митовите и фактите, повторно ќе се соочиме со ѕвездените мигови. Со филмска брзина ќе наидеме и на Тибериј и Струма, но заеднички именител секогаш е македонското небо. Небо со ѕвезди, небо на ѕвезди.

Минувајќи преку илјадници астероиди на тагата и радоста, пополека ќе стигнеме во добата на кинетичката магија, кога странските државјани со локална поддршка ја екранизираат епизодата за еден војвода познат како Ванчо Гевгелиски и неговата југоисточна дружина, каде за првпат во историјата на светот му се прикажува случка од Балканот, и тоа од ова тло, од ова ѕвездено поднебје.

Милиони и милиони километри филмска лента, било целулоидна, било магнетска, е употребена да се кодира, документира и овековечи немирот, дури и оној инспиративниот, креативниот, во овој дел од врутокот на европската мисла, кој во последно време го нарекуваат Западен Балкан. Да, токму овие територии се најстарите земјени полиња и подгории каде е проникната човековата идеја за асоцирање, за правење парче од сложувалката која и во најнови дни, за западниот свет е енигма еднаква на феномен.

Најсофистицираниот уметнички изум на човештвото, и покрај сите индустриски и медиумски конкуренции, покажа и докажа дека совршено може да и парира на категоријата време/простор. Таа хронотопска константа го одржува во опстанок овој визуелен вид со предзнак на нешто свето.

И најпосле, како старите ѕвезди егзистираат на новиот екран?! Секако, благодарение на научниот ум, на кибернетичките достигнувања кои ја придвижуваат цела планета, овозможувајќи дури директна комуникација помеѓу човечките битија и астралните објекти, кои понекогаш едноставно ги нарекуваме монитори.

Треба да веруваме во иднината на филмот и видеото, онака како што сме длабоко уверени во неговото трајно архивирање, во нашиот дом. Сигурно е дека филмската уметност допрва ќе иницира нови, позитивни импулси во свеста на модерниот човек. Како автори кои потекнуваат одовде, од древната матица на денешна Југоисточна Европа, треба да веруваме исконски и во објективот на публиката. Низ него, со продор на ѕвездена светлина, поминува снопот на нашето наследство. Како што ѕвездите на небото од памтивек пулсираат, и животот на екраните ќе го има во изобилство. Да и овозможиме на публиката да го види невидливото. Дури и тоа што е дел од микрокосмосот.

Да бидеме медијатори во една нова мисија.
На Растку објављено: 2008-01-03
Датум последње измене: 2008-01-03 23:01:24
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија