Владимир Плавевски

Вера Круз

Гледањето филмови е престижна маалска забава. Гледаме буквално се што се прикажува на репероарот по скопските кина. Предност секогаш имаат каубојските филмови. Не постои каубојски филм што не сме го гледале.

Редовно киснеме пред биоскопите ѕверејќи во големите паноа од кои ни застанува здивот. Добро осветленото стаклено пано е украсено со голем филмски плакат, цртеж во боја, со ликовите на главните јунаци во драматични пози. Крај него стојат и плакатите на филмовите што треба да играт од „следната недела“ и „филмови кои доаѓаат“. На плакатот со впечатливи букви е отпечатено името на филмот и главните актери, податоци што за нас се од особена важност додека со помали букви се отпечатени за нас небитните глумци, сценаристот, режисерот и продуцентот. Нас во секој филм не интересира единствено главниот глумец. Без разлика на неговата возраст, милозвучно го нарекуваме „младич“ и тој за нас има митски херојски квалитети - убавец кој не знае што е страв, тепач на лошите, најбрз револверџија и освојувач на девојката од нашите соништа. Неговата појава во филмот секогаш предизвикува бурен аплауз. Никогаш не се случило нашиот „младич“ да загине.

По уживањето во гламурозниот плакат ги разгледуваме во детали црно белите фотографии збоднати со игли под плакатот. Тие ги покажуваат сцените од филмот а напати главниот глумец и девојката во насмеата поза, со задолжителниот колт в рака на „младичот“. Со невидена страст ги впиваме сликите во себе коментирајќи колку лоши кавбои и индијанци испотепал нашиот омилен „младич“ во претходно гледаните филмови.

Застанувам пред паното и се стаписувам.

Пред мене блеска голем, прекрасен плакат со најавата за - „следната недела“. Филмот има таинствено име - „Вера Круз“. На плакатот стојат ликовите на главните артисти - Гари Купер и Берт Ланкастер, нашите „младичи“ од сите претходни каубојски филмови.

„Кој е Вера Круз?“, наивно го прашувам Трупче кој стои крај мене и занесено гледа во плакатот. „Гари Купер или Берт Ланкастер?“, додавам тивко.

„Вера Круз е град во Мексико, копиљ... И не поставувај глупи прашања. Јасно?! „, ми одвраќа Трупче ѕверејќи во сликите.

„Јасно... „, одвраќам засрамен од моето незнаење.

Филмот треба да има само еден „младич“. Кој е тој? Гари Купер, подостарен, сеуште од нас уважуван за „младич“ или Берт Ланкастер кој веќе во неколку претходни филмови успеа да се устоличи во наш најнов маалски „младич“.

Стојам пред паното и се двоумам.

„Кој е младичот?“, повторно го прашувам Трупче.

Трупче стои зашеметено и гледа во плакатот и сликите. Молчи. Неколку маалци, дојдени со нас, го слушаат нашиот дијалот и исчекуваат мудар одговор. Трупче е постар неколку години од мене и со висината секогаш штрчи над сите маалци за глава. Во училиште е сосема слаб ученик но во маалото важи за неприкосновен познавач на филмот. Ако го прашате во секое време за било кој филм тој како напната пушка веднаш ќе ви ги каже главните глумци и неговата содржина. Ги кажува дури и режисерите на филмот. Режисерите за нас немаат никаво значење бидејќи ни Трупче не знае точно да ни објасни што е тоа филмски режисер.

Трупче упорно молчи. Тоа значи само едно - не знае ништо за филмот „Вера Круз“.

„Кој е младичот? Берт Ланкастер или Гари Купер?“, го прашувам осветољубиво. Трупче е збунет.

„Двајцата се младичи“, одговора несигурно.

„Не може да се двајцата младичи“, му кажувам дрско и покажувам на слика на која се гледа оти двајцата стојат еден спротив друг во двобој.

„Кој ќе победи? Кој ќе остане жив?“, прашувам настојчиво. „Кој е младичот, а кој е лошиот?“

Трупче, збунет, вади цигара, ја запалува, значајно повлекува неколку смрдливи чурови, долго ја разгледува сликата и кажува одлучно: „ Во Вера Круз младич е Берт Ланкастер... Јасно?“.

Сите сложно потврдуваме оти ни е јасно и потем коментираме колку добро изгледа во неговиот потполно црн костим со голем, округол шешир и голем колт со бела дршка.

„А зашто има црн костим?“, повторно го затекнувам Трупче со прашање. „Младич никогаш не носи црн костим!“

„Зини да ти кажам! Ај'копиљ, доста прашуваш!“, ја завршува дискусијата Трупче.

Да се добие билет за премиерна кино престава во понеделник е вистиско херојско дело. Билетарата се отвора точно во девет часот и почнува да врши продажба за кино-утро во десет часот. Кога ќе ги продадат билетите за кино утро започнува продажбата на билетите од сите попладневни престави. Секогаш има голема турканица. Ние доаѓаме до билети со помош на Трупче. Трупче доаѓа пред билетарницата неколку часови пред отворањето. Некогаш, дури и в зори. Невозможно е упорен. Трепеливо чека со часови. Тогаш не доаѓа на часови а отсуството го правда со болест на татко му кој навистина болува од мозочна капка.

Секој понеделник кога се враќам од училиште обврзно поминувам крај куќата на Трупче. „Дома е Трупче?“, ја прашувам мајка му која со полна плетена корпа в рака штотуку заминува во болница. Таа одречно, луто, врти со глава:“ Пукнал да'бог'да, ене го пред биоскопон...“, одвраќа луто и брзо заминува низ калдрмата.

Отрчувам дома, брзо јадам и со трчање се упатувам кон кино „Култура“. Трупче наперчено стои пред затворената билетарница и пуши.

„Имаш билети?“, го прашувам вознемирено.

„На што ти личам јас? ...Имаш пари?“, ми одвраќа луто. Му давам пари а тој ми дава билет. Пристигнуваат и другите маалци и тој им дава билети. Нам ни ги продава билетите по иста цена на чинење. Го прашувам за содржината на филмот.

Врти одречно со глава. Не му е до зборување. Има купено уште билети и мора да ги распродаде. За неколку минути ги продава по двојно или тројно поскапа цена.

Влегуваме во киното.

Билетарот, веќе наш добар познајник, ги кине билетите и ни намигнува. „Филмов е грч“, ни кажува во доверба. Тој веќе го гледал филмот на утринската проекција.

„Кој ќе победи?“, прашувам веднаш.

Ме гледа чудно: „Ќе видиш... Ај'што ти е досаден копиљов“, му кажува доверливо на Трупче.

„Пушти го, досаден е како стеница. Само прашува“, му одвраќа во доверба.

Влегуваме во кино салата која мириса на ливанто и веднаш седнуваме. Киното се исполнува до последното седало. Светлината полека згаснува и почнува филмскиот журнал, задолжителен петнаесетминутен црно-бел приказ пред секоја филм. Го гледаме патувањето на другарот Тито со бродот „Галеб“ по бескрајни морски широчини и средби со чудни водачи на некои таинствени земји. Го знаеме на памет оти тој журнал се прикажува цел месец. Журналот завршува, светлината се пали и во салата влегуваат закаснети гледачи кои брзо седнуваат на седалата. Светлината се гасне. Џагорот стивнува и филмот започнува.

Нешто сепак не е в ред. Берт Ланкастер не се однесува според правилата за наш „младич“. Се смее цинично и лош е кон другите. Очигледно дека подостарениот Гари Купер е „младичот“. Возбудено го тресам со рака Трупче кој гледа со подзината уста. „Гледај и да не си ме допрел!“, ми одвраќа луто.

Се наближува крајот на филмот. „Младичот“ не се поправа туку е се полош. Во општиот колеж меѓу добрите револуционери и лошата царска војска „младичот“, подло, со копје го убива мексиканскиот генерал немоќно легнат на земја цинично смеејќи се. Повторно го тресам Трупче.

„Гледај!“, ми вели луто.

„Младичот“ со акробатски скок се качува на нискиот ќерамидест покрив, бакнува една жена, се враќа назад и преку покривот скокнува на земја. Таму го дочекува Гари Купер. „Младичот“ го бара златото за себе но Гари Купер сака златото да го даде на револуционерите. Нема решение. Застануваат еден спротив друг!

Двобој!

„Сега ќе видиш кој ќе победи“, тивко ми дофрла Трупче ѕверејќи се во екранот. Двајцата револерџии долго стојат еден спротив друг. Одеднаш ги повлекуваат револверите и двајцата истовремено испукуваат.

Срипува Трупче. Срипувам и јас.

Двајцата двобојџии стојат. Нашиот „младич“ полека го завртува револверот в рака и го става во футролата.

Трупче ме погледнува значајно.

„Виде?“, ме прашува.

Одеднаш, нашиот „младич“ паѓа!

Гари Купер му приоѓа и со жалење го гледа нашиот „младич“ кој полека умира. Берт Ланкастер му се насмевнува покажувајќи ги своите блескави бели заби и, умира. Гари Купер му го зема колтот со бела дршка, го фрла, станува и заминува. На екранот затереперува „Тхе енд“.

Публиката полека излегува. Јас и Трупче стоиме и не се помрднуваме. Приоѓа редоарот и не брка од редот. Излегуваме како попарени кокошки. Маалците стојат пред излезот.

Молчиме сите.

Трупче со мачнотија вади цигара и ја запалува. Пуши, молчи и полека, тешко зачекорува, небаре товарил претежок товар на плеќите. Зад него како верни кутриња се влечкаме ние, разочараните од смртта на нашиот „младич“.

Пристигнуваме во нашето маало. Тивко се разидуваме без поздрав.

Трупче одеднаш прозборува: „Тоа беше грешка!“.

„Каква грешка?“, му одвраќам.

„Филмска грешка! Утре Берт Ланкастер нема да погине. Ќе погине Гари Купер!“, кажува одлучно.

Го гледам недоверливо.

„Сигурен си?“, го прашувам сомнително.

„На што ти личам јас? Кој највеќе знае за филмот во наше маало? Кажи?!“, претечки го подигнува гласот.

„Ти...“, одвраќам уплашено.

„Утре ќе го гледаме повторно. Нашиот „младич“ ќе победи утре! Денес беше некоја филмска грешка на режисерот... Имаш пари?“, се нафрла на мене. Му давам пари.

И, утредента, само јас и Трупче од маалото, заминуваме на повторно гледање на „Вера Круз“. Кога редарот ми пријде, го прашувам во доверба кој ќе победи на крајот. Ме гледа со потсмев и заговорнички ми намигнува: „Ќе видиш...“

Се наближува сцената со двобојот. Пукаат двајцата, нашиот „младич“ со насмев го врти револверот и го става во футролата.

„Гледај!“, ми дофрла Трупче, „...сега ќе падне Гари Купер“. Двајцата стојат долго, предолго.

Берт Лакастер полека паѓа. Гари Купер му приоѓа.

„Не!“, крескам престрашено и срипувам од седалото. Трупче брзо ме седнува на седалото до себе.

Приоѓа редарот и ме гледа сомнително.

„Умре младичот?“, го прашувам.

„Умре. Па што?“ , ми одвраќа редарот потсмешливо.

На екранот трепери „Тхе енд“ а редарот и потаму ме стрела со погледот.

„Што му е на копиљов?“, со чудење го прашува Трупче.

„Остави го, се занесува“, одвраќа Трупче, ме фаќа за рака и ме изведува од киното.

„Пушти ме!“, му кажувам и се отргнувам од стискањето на неговата рака врз мојата дланка.

„Ти поим немаш за филмови... Младичот никогаш не гине!“ , му кажувам луто.

„Копиљ, утре гарант нема да погине“, кажува доверливо.

Брзо отрчувам од него. На свиокот од сокакот, застанувам, се вртам и му свикувам:

„Повеќе со тебе не одам во кино!“

(Courtesy of AsterFest 2008, Strumica based Int'l Festival of SEE Film Auteurs organized by TFA)

На Растку објављено: 2007-12-20
Датум последње измене: 2007-12-21 21:09:02
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија