Радован Павловски

Господар на перото

Радован Павловски

Радован Павловски, поет, есеист, патописец, колумнист, роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство се врати во Железна Река, од каде што потекнува, во подрачјето меѓу Гостивар, Кичево и Поречје – Западна Македонија каде што го поминува своето детство. Основното образование го завршил во Железна Река, а средното образование во Гостивар. Има студирано право и литература на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Својот живот го посветува на поезијата. Од 1961 до 1982 година живее и твори во Загреб (Хрватска), а од 1982 до 1985 година во Белград, Србија. На 5 март 1985 година се враќа во Скопје и стапува во брак со познатата ликовна уметничка Јулијана Поповска – Павловска со која сега живеат и творат во Скопје.

Член е на Македонската академија на науките и уметностите од 2006, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1961 година, на Македонскиот ПЕН Центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ.

Автор е на следните книги поезија: „Суша, свадби и селидби“ 1961, „Корабија“ 1964, „Високо пладне“ 1966, „Низ проѕирката на мечот“ 1971, „Сонце за кое змијата не знае“ (на хрватски) 1972, „Пир“ (на хрватски) 1973, „Зрна“ 1975, „Молњи“ 1978, „Стражи“ 1980, „Чума“ 1984, „Клучеви“ 1986, „Марена“ 1986, Избрани дела во III тома, 1986, „Темелник“ 1988, „Зрна, Молњи и Клучеви“ (трилогија) 1989, „Бог на утрото“ 1991, „Вселенски деца“ (поезија за млади) 1993, „Јавач на звукот“1995, „Синот на Сонцето“ 1999, „Штит“ 2001, „На едно око“ 2002.

Тој, исто така е коавтор на манифестот „Епското на гласање“ (заедно со Богомил Ѓузел), 1960 и на „Манифестот на Поетската република Железна Река“ 1990, патописот „Отклучување на патиштата“ 1986 и есеите „Што може поезијата?“ 1993, „Демократска џунгла“ (политички есеи) 1994 и „Порака на поетот до сите поети во светот“ (Струшки вечери на поезијата) 1995.

Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ во 1965, „11-ти Октомври“ во 1971, „Кочо Рацин“ во 1975, „Повелба на печалбарите“ во 1990, „Гоцева Повелба“ во 1991, „Ацо Шопов“ за 1995 година и на жезлото на ДПМ во 2002.

Исто така е добитник е на странските награди: „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“ 1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна река“ 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“ 1978) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“ 1988). Во 1972 година на поетскиот конкурс во Хрватска, ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности, а поетската збирка „Зрна“ е прогласена за најдобра книга за 1975 од ЈРТ (Југословенска радиотелевизија) – оддел за култура.

Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 година како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.

Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (ABI – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ – Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на животниот и творечкиот опус на Радован Павловски.

Радован Павловски е добитник и на наградата за врвни достигнувања во XX век од Меѓународниот биографски центар од Кембриџ која е неповторлива во наредните стотина години, потоа е застапен во биографиите на 2.000 исклучителни луѓе на XX век. Неговата творечка биографија е меѓународно призната и е печатена во 26-тото издание на Речникот на меѓународни биографии.

Повеќе книги со неговата поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа:

На српски јазик: „Суша“ – Крушевац 1963; „Високо подне“ – Београд 1967; „Песме – песни“ – Београд 1974; „Зрна“ – Београд 1975; „Муње“ – Београд 1978; „Железна река“ (избор – светска едиција) – Бања Лука 1980; „Чума“ – Београд 1984; „Младић који спава у подне“ – Чачак 1987; „Зид и рукопис“ – Нови Сад 1987; „Темељник“ – Никшић 1988.

На хрватски јазик: „Sunce za koje zmija ne zna“ – Загреб 1972; „Pir“ – Загреб 1973.

На албански јазик: „Gjaloshi magje“ – Prishtina 1977.

На турски јазик: „Gol ulkesi surkler“ – Istanbul 1973; „Canim avuclarda patcadi“ – Скопје 1988; „Duzanin goybebeoine gomun beni“ – Istanbul 1995.

На француски јазик: „Un autre oiseau dans autre temps“ – Lausanne 1982; „Le Fils du Soleil“ – Paris 2002.

На англиски јазик: „Free song from Iron River“ – Canberra 1983; – „Road to the mountains“ – Canberra 1985.

На руски јазик: „Пут на гору“ – Москва 1995.

На чешки јазик: „Zeleny host“ – Praha 1969.

На романски јазик: „Maya“ – Bucharest 1981.

На есперанто: „Castelo de la Rosso“ - Скопје 1991.

На шведски јазик: „Ljuset som vaknar vid middagstid“ – Malme 1977.

Негови книги се објавени и на бугарски како и на словенечки јазик.

Творештвото на Радован Павловски е преведено на повеќе од 50 јазици и е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија.

СВЕТИ КИРИЛУ НА СТОЛ СВЕТИ

Духот свет врежан во камен
Глагол глаголи
Ѕвезда од ѕвезда да се одвои
И секој небо над својата глава да види
Во земјата под нозе корен да пушти
И глава од телеса да се извиши
Од срце и ум да се види
Столувам
Јас сум време
Од своите мошти што се раѓа
Како лебот и душата на Столот
Ја глаголам глаголицата
Како да кршам коски како да кршам леб
Глас меѓу земји народи и ѕвезди
Свети Кирилу на Стол свети.

КРЕДА И МОРЕ

Од времето на кредата
кога немало ни креда ни човек
јас имав креда
Во кредата ме имало мене
да го опишам облакот и капката дожд
со искра од кременот
сонцето да го вдомам
во белиот круг на небото
во синиот круг на морето
кредата тагува
за својата невина иднина
во танцот на молекулите
танчерката на времињата танцува
Кредата ја опишува
белината на копнежот
портретот на морето во сино
и колку да тонеш во потопот
и колку да леташ со крилата на воздухот
не можеш да ја измериш далечината
ниту со броење на бројките
да ја изброиш бројката
ниту да ја измериш длабочината на зборот.

ГОСПОДАР НА ПЕРОТО 1

Распукале перодршката и перото
а тој Господарот се раскуќил
да не можеш да го видиш
а камо ли да го прашаш
што прашина се кренала на небо
што ли сè не поминало низ земјава
Господарот на перото што го нема
та не можеш да дознаеш во кој збор
Господарот на перото се закуќил
во која скривница на тишината
нашол мастилница
за перото
и за себе дом.

ГОСПОДАР НА ПЕРОТО 2

Загледан во двете стрмнини
на распуканото перо и перодршката
во внатрешноста на небото се наоѓам
а својата внатрешност
никако не можам да ја видам
во внатрешноста на небото
од скалилата на височината
никако не можам да ја видам
својата ѕвездена надворешност
освен во темната внатрешност на небото
отсутно присутен во светот
и на себе отпорен
Господар на перото.

ЅВОНАРОТ НА ЅВОНАТА

Во коскениот кафез на телото
не можам да го најдам
Ѕвонарот на ѕвоната
а ѕвоната ѕвонат
и не можам да се чујам
со ѕвонарот на моите ѕвона
а ѕвонарот во цел свет ѕвони
а него никаде го нема
Далечна таго на просторите
молчам во песната
гласот да не ми се чуе
кога ѕвонат ѕвоната
збор да не се чуе
ѕвонарот откорнал
сонце од небо
ѕвоната сами ѕвонат
за ѕвонарот меѓу нас
што го нема
во разнишаната тишина
Ѕвоната на Ѕвонарот сами ѕвонат.

СЕКОЈ ВО СВОЕ МИНУВАЛИШТЕ

Во кое и да е време кога е доцна
и среде пролет, како да е есен

Има време во времињата
кога во ништо не се гледа
кога и за ништо не е доцна
ниту пак е рано
да се најдеме во времињата
секој со своето време на пат
ќе мине и ова време
од зајдисонце кон својот изгрев.

СРЦЕТО Е БОГ

За да излезеш од себе
да полеташ имаш крила
за сè што те боли
во осама зборни збор-два
да те преболи да се чуе.
Во Минувалиштето
во глувотијата на времето
имало збор со душа
кога сме биле
тажни за тажење
весели за радување
И наопаку и налице
да го превртиш срцето
како кога сакаш
како кога неќеш
Во Минувалиштето
Срцето е срце
Срцето е Бог.

ЗЛАТНА МАСКА

Зад чекорот е земјата зад окото е небото
Залудно се лажеме кога мислиме
Дека бараме земја бараме небо – нив ги нема
Во пукнатината на предметите излетал плодот
А ние ја бараме
златната маска во зборовите
Зборовите меѓу себе се кријат
како деца и родители во криенка
Та не може да се дознае
Кога децата биле деца
Родителите - родители
Што народ и што стока се котела
Со каква маска од сонот се буделе
Со каква маска на денот лежат в земја
Зошто златната маска ја заорале в земја
Прв да ја види владетелот на сохранение
Маската без маска е вистинската маска
Меѓу нас живите

На тронот ли била качена маската
На коњ ли јавала
Кој сè се криел зад неа
што ни ковче не останало од моштите
ни струјка воздух во пепелта
Утробата е таа жедна мајка на просторот
во празнината што го чува
своето златно руно
а не лајмата.

Накај Требениште и накај Самуиловите кули
што стрчат во времето
ми се оди
по голтка вода од езерото.

КОРЕНОТ Е ВАМПИР 1

Се распеала смртта во черепите
а во нив пак смрт нема
Коренот е вампир
За земја ќе се фати
земјата ќе го прими

И децата лудуваат
по приказни за вампирот
каков и да е коренот
само вампир да е.

КОРЕНОТ Е ВАМПИР 2

Секоја мајка секоја земја
со папочна врвка
од себе се одврзала
со светот се поврзала
Коренот е вампир
Во темно рти
И на мртво и на живо
се фаќа

Нешто ќе никне
Нешто ќе пркне
Коренот е вампир
Љубовта расте.

КОРЕНОТ Е ВАМПИР 3

Зеде сонце од нашите очи
и со него во темнината се скри
Земјата го впива коренот
Од темната страна на светлината
ќе се врати.

ПИРАМИДА

Највисока точка на пирамидата е сонцето
најдлабока точка пак
во темнината е сончевиот зрак
По амбисот на светлината и камењата
сме оставиле траги
во тријаголниците на времето
да се искачуваме по камењата
носејќи со себе
секој свое ќоше
свое сонце
недофатно.

ОДМОР

Понекогаш не ми треба ништо
ни сон ни јаве. Тоа што нема светот
јас имам
Како да се измолкнам одпод лавината
кога и јас со неа се топам
во бескрајно плодно време
Понекогаш
не можеме ни да се сетиме
за да се одмориме
потребно е да се заборавиме и самите себе.

ЗАЕДНИЦА 1

Секој еден во заедницата
не е за Заедницата
само за со еден
а и секој еден збор
што се раѓа и умира со душа
збор со збор во заедницата на зборовите
со сетилата ќе го насети
заедничкиот збор во Заедницата
заеднички да го чуе

Едното,
единката,
иднината
да не се заборави:
ги сее семејното единче.
Единчето може да страда
од себе и од другите во него:
како и заедницата
за да се биде или не
поединечно,
сепак заеднички
во меморијата на Заедницата
Единчето.

ЗАЕДНИЦА 2

Тврдоглавоста е знак
да бидеме заедно
еден по еден во заедницата на снофатицата
со билка, птица, облак во коренот бик
невиноста на цветот над гревот
да се сочувствуваме да се зачуваме
такво е секое време, па и ова
што да му правиш што да му чиниш
напати налудничаво, напати земјотресно,
понекогаш црвливо ама плодно
песнопојно време опојно како за кого
насилно стрвливо
од времето
не можеш да побегнеш.

ЕДИНЧЕ ВО ЗАЕДНИЦАТА 3

Ја испишувам територијата на билките
бубалките и растенијата
куќите, луѓето, мравите.
Во заедницата на единката
куќата на ѕидарот сама се разѕидала
ѕидарот жив куќата го заѕидала
Во Заедницата на единките
единката плотинката
со множината на светот се множи
но кога напамет живееме
крај не ѝ се наоѓа на паметта
и на зборовите и само слушаме
што може да се случи
со единката во заедницата
со заедницата во единката слушаме
што се случило
и што може да се случи со светот.

МОЈАТА ЅВЕЗДА Е МОЕ ЖИВЕАЛИШТЕ

Мигот штом дојде завет да оставам
кому и зошто во свое време
со перото химни пеам
како птицата со клунот што пребарува
в земја зрно така и јас
во летот штом се оддалечам
со сонцето низ сè што сум поминал
тоа што било мое од минатото
пак да биде мое
во иднината живо
Тоа што се родило
од моето срце
и од мојата земја
да не се одроди од родот
така нека си остане
зачувано во целина
во мигот какво што било затечено
на земјата да се одржи
па и тоа од небо
в земја корен да пушти
моето соѕвездие е мојот народ
Мојата ѕвезда е моето живеалиште.

ЗАПЧАНИК

Сè што излегло од земја
од земја е
Мравка
на врв тревка
врти врв
врти небо
А ние надолу
копаме земја
уриваме небо

Тоа што не виделе очи –
очите да видат
Тоа што не чуле уши –
Ушите да чујат

Круг луѓе во круг време
на запчаник се вртат.

ПЕРОТО ЗБОРОТ СЛИКАТА

Не може да им се најде крајот
на зборовите во сликата
ни кога сме ги чуле во мигот
кога сме ги насликале
зборовите што ги раѓа поезијата
одвај да можат да го преживеат
својот живот во сликарството
невидливите слики на зборот
божествено се погребани
И одвај да можеме со зборот и здивот
сликата да ја вратиме во животот преѓешен
освен во окото и просторот
на Господарот на перото
кога сликата прозборува
ние молчиме пред божественоста
на песната слика на зборот.

ПТИЦА ШТО СТОИ

Птицата што стои загледана во точка
никако не може да го клукне зрното
Колку што стои толку ние имаме време
што сме се разлетале околу неа
нејзините летови да ги летаме
Птицата што стои со склопени крила
своите летови ги надлетала
На крајот од времето
на крајот од крилјата во една точка
и кога лета стои.

СЛЕПООЧНИЦА

Едната од есента е
другата од пролетта е
слепоочница
на слепоокото јајце
во вжарената фурна на летото
зрее златно јаболко
таму каде што умираат воздишките
на усните
како на гол меч се врти
на Аморовата стрела – жетварка.

ЦРТАЧ

Севезден сум во ѕвездата на раѓањето.
На линија сум со сите линии.
Само цртачот на своја црта
на своја точка стои.
Пајакот во својата мрежа
е отсутен ловец крвник.
На линија сум со звучните црти на ноктите
на цртачот во цртежот
во звучниот вриеж на сувоземна линија
сум со крокодилот
орелот и јагнето и хиената
во пустината на цртежот.
Колку ли само расипани часовници
ги покрива песокта на сончевиот часовник!
Во една своја точка птицата
на своја гранка на своја црта стои
а јас брзам – точката да ја стигнам
на своја црта на друго место да стои.

РАЗЛИЧНА

Ти не биди долга до недоглед
да не можам да те видам да те чујам
ниту кратка
до невид сета

биди да битисуваш
до каде што ќе стигнеш
да се шириш

биди да бидисуваш
а не да се варосуваш
витосуваш

ти не биди тесно грло
туку длабока и висока
далечна и блиска планина

време во своја куќа
со песна различна.

ДРАМА

Како да играм шах редам фигури
Од едно во друго поле чекорот
Да не ми се фати во замка
Дишам коцки воздух бегам од монолог
Во дијалог имам подолг јазик
Од обвивката на земјата
Меѓу гладијаторите гладијатор сум
Меѓу варварите варвар сум
Зборот заповеда
Во својата тишина зборот да се врати
За спокој на душата во пејзажот на морињата
Сигнали од школка
Во празнината на светот
Гладијатор со гладијатор се разминува
Меѓу варварите
Варвар со варвар се разминува.

ПАРТИТУРА 1

Такт по такт трепери ли
пејзажот во длабочината на моите очи
пред да заиграат прстите
врз инструментот на природата
Зад завесата од дожд
нечујна музика на огнот.

ПАРТИТУРА 2

Одѕив, ни од пиле – пев
ниту страчка
со клунот да штракне конец
други времиња, други луѓе
и птици кружат околу нас
а ние во преселбите сме стамени
а јас во минување спокоен
На тагата песна да ѝ запеам
Доцна е. За возврат
во некое друго време
други луѓе ќе го чујат гласот
на песната од моето време.

ХЕНРИХ ОСМИ

Хенрих Осми онерасположен
Во лов оди
Волкот влакното го менил
На Тауер ѕидините се исти
Папата сака Ханриха да го распапи
Хенрих Осми се распапува од папата
Самосвоен самостоен владател
По месечина
Меѓу плима и осека Кралот
Од прстењата на љубовта кове круна
Освен него и љубовта
Друг воздух за Кралството нема.

ФАТАМОРГАНА

Дожд врне а дожд нема
сонце грее а сонце нема
влегуваш во градот
градот го нема
пловиш по море
(и риба сонува море)
а море нема

зборувај дожд
зборувај земја
зборувај човек
зборувај време

Фатаморгана
тропа на врата
зад увото изгреало сонце
гледаш а не слушаш
слушаш а не гледаш
зад увото изгреало сонце
ниту слушам ниту гледам

кукурикаат петли
секој петел во својата ноќ
зборувај дожд зборувај човек
зборувај семе врне дожд
одразглоби бол од зглоб

Фатаморгана тропа на небото
врне дожд
врати се во себе
од градот во градот
од песната во песната
врати се во себе
во спокојно лудило на убавината.

ПУПКА

Стеблото е пепел, коренот – далечна вода,
Листот – треперење, а ти си само
распната кожа, тапан на времето.

Душата, ми се причинува, закрепостена
во воздухот е, цедилка на минливоста,
чист ден, чиста ноќ, чист оган.

Ајде, нека грми во мене
твоето подземно езеро
Лек си ти, илузија
Око на риба во сув воздух
Врата на времето – пупката
пекол над пеколот.

СПОМЕНИК

Плукнат е на лице
и ист е како да е жив
како кога беше уште жив споменик
меѓу стравот и херојството
кога се движеше
и кога приумираше на прагот
му играа очите како џамлии
на сите страни му ја видовме опачината
меѓу нас о мои луѓе
и сега пред нас со спомените
закован
спокоен
и упокоен
повеќе личи на птица грабливица
што ги клука спомените во нас.

ЦРВ

Црвот од вонсветлината е дојден
и не знае што е тоа светлина
што е тоа мрак
во неговата фосфорна глава
Минуваат ветришта и луњи
кога меѓу себе животот и смртта се крчмат
Црвот којзнае од каде и да е дојден
има слух
секогаш доцна се враќа
но своето срце драма.

СКУЛПТОР

Скулпторот е тој див делкач на камен
со оттисок на душа од дланка
свртена кон своите очи
да не му избега видот ликот што го длаби
Под стреата на трепките
во зеницата се крие мигот
скриеното во него и во мене
подобро да го видам
Знаеш ли ти со рацете како со крилја над главата
да тропаш да ти се отвори небесниот таван
Тешко е на едно место во сеподвижна вселена
да стоиш закован како човек
а да не си камен.

ВОДОЗЕМЕЦ

Водоземецот не се знае
од која страна дошол со дождот
на земјата да се изнаплаче
кога сме го барале во водата
водоземецот земја барал
како да нема земја
вода што ја корне
како да нема земја
оган што ја гори.
Во меѓупросторот на громотевиците
водоземецот е вечен бегалец
па крај не може да им се најде
ниту спокој на водата и земјата.

ДОМОРОДЕЦ

Нозете сè уште ме држат.
Истата врвица во прошетка низ времињата ја врвам
со доморотците како некогаш
кога околу куќата земјата со рало и песна се орала
Одѕивот до небеса се слушал
Во земјата на тишината и громот
Тежината ми е мене заробеник на вечноста
Да се одродам од зборот
а збор да не прозборам
домородна песна да запеам.

ЧОВЕК ДРВО

Ти змијо
Обвиткана околу половината
На дрвото
Обличјето твое
Во обличје мое израсте
Во крошната врзав плод
И јас
Во дрвото се вратив
Човек дрво да бидам
Гламна.

ОСВОЈУВАЧ

Жетвата на поезијата
Под сончевиот вршник
Ја собираат семејста
Сè што е на дланка ставено
на здив трепери
Во вртежот на денот
Сè што сме имале
Од дланка одлетало
Освоеното од освојувачот
Го освојуваме,
Освојувачот сам себе се освојува.

ГО ЗАПРЕВ СОНЦЕТО

Ќе снема време и спас
ќе снема а Сонцето е големо
со око поголемо од небото Сонцето
го вратив од заоѓање. Што е тоа
што се задржало од сонцето во нас
и што често не страши!

И во земјата на светот
имало грутка земја од мојата земја
и од мојот народ мрави
и погребенија
и црв божји!

СРЕДБА СРДБА

Вие тука сте на починок вечен
од времето доведени о богови
а јас во себе ве носам живи
Сте го отклучиле своето време
сте слегле од планина
сте оставиле стада осамени
о богови бели грутки снег
сте се истопиле а само гласот
што ви испарил
грми во времињата
о Време на моите времиња
Од вашето семе
во нови простори
земјата и небото се движат

Париз, Лувр, 3.4.1981

АКТЕР

Ако се играш самиот со себе во играта
актер не си ниту ти ниту јас
туку актерот во игра го игра актот на актерката
да те удри дамла во гласот
кога срцето го крие зборот под јазикот
гневот е слика на сипаница на лицето
конците од гласните жици
го движат актерот како громогласна кукла
на дошепнувачот
меѓу публиката ајдук
бунтовник како да го изведат актот
актерот и актерката
додека подводниот бран испливал со брановите
од бродоломот меѓу публиката.

ЈОКАСТА

Ви забранувам плач и солзи ако не се од Господа
И тој земјата што ја жали Ако сте толку храбри
И на срце силни претресете ги
Ѕвездите и светлината – сите до една,
Па тогаш ќе видите, дал за плач е родено окото
Или за радост голема
Јас сум меѓу вас мајка па знам што син
                                Сум носела на срце и од кого
Ко камен да сум туркала, планина од планина да
одвалам
Ако со здивот до еден збор да речам: на зло
Не сум навикнала солза да бришам, оти цел народ
Во двориштето, гумењата и ливадите се насобрал
И по некои далечни гласници ко птици
                                                        на ридјето слетале
А ушите со памук и восок залемени ми се
Да не го чујам гласот од туѓина далечна кобнина
Што носи
Ви забранувам плач и солзи – тело живо
                                                        да оплакувате
Тоа кобнина во куќава носи а и на народот
По патиштата разврвен – да ни се случи тоа
Стравотно што сме сонувале – сонот на разден
Да го оплакувате Поголема е таа жал за Сонцето
Отколку за оној што не го гледа. Оти тој
Е залутан меѓу ѕвезди и денови.

И по заобиколни патишта на ноќта и зорите
Дома жив и здрав ќе се врати
Ви забранувам плач и солзи
Ако не се од вас за вас за мене утеха црна
А тој синот мој и меѓу живите и меѓу мртвите жив е
А смртта е избезумена
Од тоа што го сторила
Секој од нас да биде збунет
Пред колепката своја.

ЕДИП

Во љубовта ја послушав мајка ми и во злото
Уште пред да се родам како да бев го чул својот
татко
од небо на земја гола ал во злото да ме заштити
својата мајка Јас гледав во неа како
ме убиваат двајцата со бакнежи како две змии
сплетени во срцето на љубовта, но штом го родат
змиите во змијарникот, сред камења и треви се гнездат
ме фрлија во окови како отпадник на срцето на
гревот
во пасиштата на Китерон над доловите што се
извишиле
сред шумите да плачам.
За таква судбина јас од љубовта не бев роден,
прокриумчарен – да: меѓу боговите и луѓето
и меѓу нивната врска меѓу нив самите во мене
што се зачна
Ништо да не знам, ни кој ми ја скинал папочната
врвка,
ни кој сум, ни каде сум, ни во кое време и од кој свет,
во кој и чиј свет и дом сум роден
и во чија кожа живеам. Мајка ми Јокаста, во љубовта
со мене, со грев над гревовите, повеќе од двете згреши,
а јас повеќе од секој маж... Што ако убив? Кралот
го убила судбината. Јас ја убив судбината. Но гревот
не можам да го убијам. Гревот друг грев раѓа
Ја убив Судбината. Тоа таа што учи, од ученото може
да има во нас минато време, детство, играчка
и детство без играчка
а не играчка без детство
закон и предание строго. Но како со кого
Со кое време живееме и со кој човек и со оган
од дрво и камен можам на срцето тешко да запалам
оган,
ако не со рацеве мои, светот во љубов
што го прегрнуваат
Сте виделе ли да се врти пчела
околу пламенот на
својата свеќа? – Не. А јас – да.
Само со атомите на боите цветот, пеперугата
во магнетни струи ја врти,
а не родената мајка, најубава жена на светов
што ме родила и задоила,
а да не знам
дека по потекло сум од неа, а со мајка ми
која во љубовта е жена и мајка; јас неа ја сакав
како жена меѓу жените и како мајка меѓу мајките,
Капка живот меѓу брановите... Небото може да ми ја
                                                        спаси душата
                                                                а не Океанот;
Луња од небото може да ми го однесе телото в гроб.
Не знам што да правам сега?
Сега кога сè знам: ни со рацете, ни со чекорот
                                                                на нозете,
не знам што да правам
Ни со зборот што да речам – Во изгубеното
јас себе си се најдов.
Но на крај сум со своето време
Но на крај сум со границата на својот живот
Самиот од себе бегам
Се исчашив од гревот! Со прст на Судбината
покажуваат на мене: Ене го Едип...
Иде...
Од нас избегал
Но и во нас се враќа.

КОМПЈУТЕР

Окото е остров среде светлината
на небесното море
Се гледаме
и на небо и на земја
вчудоневидени
во компјутерот хакер цинобер тавтабита
влетала
Јазикот го мени времето
зборот облеката ја искина
во спрега со рацете на компјутерот
и на старата машина за пишување
во живо умираш и во живо се раѓаш.

ПРОМЕТЕЈСКА

Распнат си за да не умреш, дождот
И огнот плодност носат
Паганство на божественоста на Ерос,
Семе во огнот на ноќта, фрла
Ѕвезден подарок,
Мелем е на раните,
Сончева завеса
На крвожедната невиност
Кога се раѓаме и не знаеме
Кога умираме какви сме
Во темната страна на светлината
Освен луѓе на гозба
Откако те исклукаа сите стрвинари
Ни трага нема од боговите
Орелот самиот себе си го клука џигерот
Прометеју,
Не ти остана ни жарче од огнот
Што ти го испокрадоа ангелите подоцна
Песната твоја прометејска
стана тажаленка кавкаска.

ВЛАСЕНИКА

Светла и огнена трево по камењата
меѓу твоите корења свети жар
Ги чуваш ли моите зазборувани зборови
на дете со твоите зборови. Зборуваш ли
кога си сама со моите зборови
ти што на моите стапки подигаш населби
палиш огнови, трево лелеава, коса си распослала
постела на земја црна низ твоите огнени пукнатини
те запалија во војна, ти што си огнено знаме на крвта
Чувај ги своите жарја во својата светлина
од својата ѕвезда ќе дојдам
и ќе те милувам врз каменот
Си дадовме збор трево зелена се поврзавме
во времето, свлек на змија
жолтозелена трево, низар од ѕвончиња нанижани
на врвка од ветер по камењата си се издолжила
и каде да одам
и каде да бидам
ги прислушнувам твоите треперења во мене
твоите присеќавања што ме корнат
Го задржа ли звукот на громот,
гласот на птицата, чекорот на патникот,
ти трево сочна и огнена!

ВО ЗЕМЈАТА НА РИСОТ И СЛАВЕЈОТ

Којзнае во која пустина
изникнале во времињата на пусто
нема ни време ни прашина да прашам
во зеленилото на рајот кога се населиле
Шкретите од нашата земја
и на шкрги кога дишат,
лути чкрапи кога газат
како на крилја да летаат,
На јазик славопојни,
во групи ко облаци расштркани по небо
рамницата од подпетиицте
во височини се искачуваат
во пределите на славејот и рисот
срдоболни како родилка при пород
пуст живот да не се запусти
во љубов човекодостојна.

ЗАПИС ВО ЛЕТ

Издејствував со истрел
Дејствие во летот
Капка крв од перото капна
Да остави запис
Птицата со клунот
На бојното поле на летот
Во видокругот на окото
Нозете постојано се на пат со детството.

ОРФЕЈ

За господарот на перото
небото не е пречка
за човекот и црвот можност е
Орфеј со лирата да слезе
во пеколот

Чекори
срце
чекори
Ни капка вода
не пиј од пеколот
Орфеју

Ноќ

Иди по мене. Идеш ли?
Идам. А ти?
Идам
Не свтрувај се!
Слушам
Задржи го гласот во срцето
Слушаш ли?
Слушам

Чекори
срце
чекори

Смртта
Не може да земе онолку
колку што може да даде љубовта
водопадот на лирата
на моите камења
корења и красти Орфеју
од мене
и од мојата земја
пеј ја во мене својата песна.

На Растку објављено: 2007-12-14
Датум последње измене: 2007-12-13 19:01:11
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија