Ване П. Секулов

Паприте на Црвено Поле: објект 2 запален, недоистражен но провокативен

Локалитетот Црвено Поле се наога 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Р. Македонија на самата граница со Р.Бугарија, 15 км северно од општинскиот центар Ново Село и 8,5 километри северно од  с. Барбарево во чиј  атар и се наоѓа.

Сместен високо во пазувите од планината Огражден на околу 1200 м надморска висина, тоа е  посебен микро-географски регион кој го чинат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозападод. Ридовите меѓусебно се поврзани со благи преслапи така што се има впечаток дека се работи за висорамнина која се спушта кон југ. Ваквата местоположба, заштитена од високите врвови на планината  Огражден, падот на ридовите кон југ овозможуваат целодневно изложеност на сонце, а истовремено заштита од  северните ветрови, особено важно за во зимскиот период. Во околината има и неколку чешми, како и  две помали реки, од кои едната ја дели висоравнината на два дела а другата ја врамува јужната страна. По брегот на рекичките се распослани обработливи земјоделски површини и пасишта. Околните повисоки планински масиви се обраснати со густа букова шума богата со најразновиден дивеч, и истовремено извор на градежен материал и огревно дрво.

Сето ова го прави овој микро-регион погоден за живот. Ова го потврдува и фактот дека од 13 домаќинства колку што има с. Барбарево, 7 летото го поминуваат на Црвено Поле, занимавајќи се со сточарство и одгледување компири и житарици.

А дека така било одсекогаш покажуваат и петте локации на кои досега се регистрирани архитектонски и духовно-материјални остатоци од минатото кои заокружуваат една компактна целина на организиран живот кој се одвивал повеќе од 6 века.

На врвот од првиот во низата ридови, поаѓајќи од југоисток, познат  кај локалното население како Гуштерова Чукарка сместена е некрополата. Ридот од северната страна стрмо паѓа кон потокот Белогазица, на запад со благо седло е поврзан со соседниот рид, Спасова Чукарка; на исток е заштитен од поголем масив на Огражден, додека пак на југ преку длабоките долови се спушта до самото подножје на планината.  Надморската висина на самиот врв од ридот каде што е и лоцирана некрополата изнесува 1186,45 м. Некрополата зафаќа површина од околу 5000 м2 од кои досега се истражени околу 750м2, при што се обработени 81 гроб, густо збиени еден до друг. Кај сите гробови е применет ритусот на погребување со кремација на покојниците. Прецизно се датирани од крајот на I па сé до крајот на III век по Христовото раѓање.

Педесетина метри позападно, на врвот од ридот Спасова Чукарка, потврдено е постоење на некропола со друг погребен ритус односно за инхумација во цисти вкопани во самата карпа и покриени со камени плочи.  Иако досега овде се вршени само контролни истражувања и обработени се само неколку гроба, речиси е сигурно дека се работи за некропола која била користена во V и VI по Христовото раѓање.

Јужно од нив,на стотина метри одалеченост, на врвот од висок и доминантен рид со стрмни и непристапни страни бил подигнат збегот, рефугиумот, место каде во случај на опасност населението добивало заштита. Остатоци од темели зборуваат за силното укрепување на овој простор.

Западно од некрополите, разграничени само со текот на Белогазица,  во централниот дел на Црвено Поле, на поголема висорамнина, се простира населба од отворен тип. На површина од неколку хектари, која се спушта кон југ со површинска опсервација се регистрирани неколку десетици објекти од стамбен и од стопански карактер. Белогазица населбата ја дели на два дела: северен - “Јанина чешма”[1] и јужен - “Папри”.

Објектот кој е предмет на интерес на овој труд се наоѓа во јужниот дел од населбата на локацијата “Папри”. При изборот на местото запазени се сите услови посочени од античките автори за подигање на објект од ваков тип: разнообразен полупланински релјеф богат со пасишта, речна тераса со површини погодни за обработка, близина на вода, добра местоположба, заштитеност од ветровите и здрава клима[2].

Објектот е подигнат на речна тераса, Белогазица тече само неколку метри северно од него, со тоа што брегот речиси вертикално се спушта кон коритото на реката во висина од десетина метри. Во ист правец, на северниот брег од реката извира една од неколкуте чешми по течението на истата, доволно за снабдување на вода за пиење за поголема населба. Терасата се спушта благо кон југ, каде на одалеченост од неколку стотини метри завршува на левиот (северниот) брег на друга, помала река и по чие течение исто така има неколку чешми.  Околу објектот, во неговата поблиска но и подалечна околина, по течението и на двете реки, на простор каде не се забележуваат остатоци од згради, се наѓаат површини кои и денес земјоделски се обработувани.

Основата на објектот беше видлива на самата површина од теренот така да со првиот откоп се појавија горните партии од ѕидовите. Иако се истражува во две кампањи сепак од него е откриен само дел[3]. Тој продолжува кон запад, а источно има уште еден помал објект кој е целосно истражен но и неколку кои се познаваат само во основите и кои сигурно се дел од еден поголем стамбено-стопански коплекс.

Опис на објектот

Со досегашните ископувања истражени се  пет простории каскадно поставени  во правец север-југ, со висинска разлика на подовите од 1,5 м и вкупна површина од 159,41 м². Централно место завзема најголемата просторија, Просторијата бр. 1 и на нејзината западна и јужна страна, поредени се останатите простории. Следејќи ја организационата поставеност на просториите и начинот на нивното градење, се заклучува дека првично се градени во една целина просториите 1,4 и 5, додека на нив се доградени просториите 2,3 и тремот. Према остатоците на ѕидните маси нема можност да се утврди висината на приземниот и спратниот дел на просториите, ниту пак да се дефинираат димензиите на прозорците. Податок за постоење на спрат има само во Просторијата бр. 3.

Граден е во масивна градба со ѕидови од камен и глина во техника на ѕидање opus incertum. Фундирани се врз карпата следејќи го нејзиниот пад кон југ и вкопани во неа со субструкција до длабочина до 0,50 м. Максималната сочувана суперструкција на  објектот е 1,15 м. Дебелината на ѕидовите изнесува од 0,60 до 0,70 м.

За градење на ѕидовите  употребувани се кршени и полуобработувани камења, речни камења, камен кршен од карпата и мал дел на кварцен камен. Странично на ѕидовите формирано е лице со камења од средна големина, додека внатрешноста е полнеж од ситен камен. Освен камен за ѕидање на ѕидовите  употребувана е и непечена тула- ќерпич која е употребувана во ѕидовите на катот и околу прозорците. Овие тули се изработувани од глина- црвеница помешана со ситно дробени парчиња од шкрилестата карпа. Како материјал за врзување користена е глина.

На сите откриени ѕидови сочувани се отворите за врати со ширина од 1,10 до 1,20 м. така да дефинирани се влезовите на просториите и комуникациите меѓу нив.

Подовата завршница во сите простории е слој од набиена земја со дебелина од околу 5 см. освен во просторијата која ја насловуваме како трем каде има остатоци на  под од редени камени плочи.

Покривната кострукција на просториите према испаѓаните остатоци во внатрешноста од  објектот била од тегули и имбрекси со различни димензии. Остатоците од тегули со кружен отвор во средината  се податок дека објектот имал огништа, така да овие тегули поставени на кровната конструкција ја имале улогата на оџак.

Просторија бр. 1

Просторијата 1 го зафаќа југоисточниот дел од објектот. Има речиси квадратна форма со тоа што источниот и западниот ѕид се нешто пократки. Јужниот и северниот се долги 8 м, источниот 7,40 а западниот 7, 20 м. Ширината им е 0,60  м освен северниот кој е широк 0,70 м. Субструкцијата е фундирана во самата карпа и е со различна длабочина: од 0,20 до 0,50 м. Суперструкцијата е  зачуваната во висина  од 1,00 м кај источниот и јужниот до 1,10 кај западниот и северниот ѕид. Сите ѕидови се поврзани помеѓу себе со исклучок на северниот и западниот кои се оделени со фуга. ѕидовите се ѕидани во opus incertum, лицата се од покрупен камен со димензии во просек 0,30 х 0,40 м, додека внатрешноста од ѕидот е исполнета со поситни камења. Камењата се кршени и полуделкани поврзани со глина како средство за врзување. Во долните партии од источниот, а особено по целиот северен ѕид, има обид за запазување на хоризонтални редови на ѕидање. Отвори за врати се зачувани на јужниот и западниот ѕид, кон просториите бр.2 и бр.4.  Отворор за вратата на јужниот ѕид кон Просторијата бр.2 е широк 1,10 м додека тој кон Просторија бр.4 на западниот ѕид е широк 1,20 м и овде е зачуван и дрвениот праг или долниот дел од рамката на дрвената врата. На јужниот ѕид, источно од вратата, на ниво на подот има триаголен отвор кој го пробива ѕидот и се појавува во Просторијата бр.2. Отворот е со триаголна форма, формиран од два фрагмента од тегули со идентична висина и ширина од по 0,40 м. Можно е ѕидовите да биле премачкани со два слоја на глина од кој горниот бил декориран со вертикални канелури со што на ѕидовите им давал пластичен изглед. Подот на просторијата е веднаш на карпата и тој е од набиена глина со просечна длабочина од 5 цм. Карпата не била зарамнета и користен е природниот пад на теренот кој во оваа просторија од север кон југ изнесува цел метар. Единствено, по должината на целиот северен ѕид, во правец исток-запад, има појас со широчина од 1,10 до 1,30 м каде карпата е зарамнета и овој дел е за 5 цм повисок од останатото ниво на карпата. Веднаш јужно до  него, во источниот и западниот крај има по едно огниште. Огништата се многу едноставни по градба, подигнати веднаш на подната суперструкција, се состојат од по еден фрагмент од тегула, од кој источното е правоаголно а западното со триаголна форма, и со по една странично поставена, ниска камена плоча. Можно е овие огништа да биле оградени со плитар, затоа што околу нив, врз слојот од гареж и подот од глина, има големи остатоци од компактни плитарни платна. Токму  на овој простор кој ја зафаќа северната третина од просторијата е сконцентриран и најголем дел од движниот археолошки материјал. Целата површина на карпата е издлабена со јами со различни димензии и длабочина. Тоа се претежно неправилно кружни или елипсовидни јами со пречник од неколку сантиметри до 0,80 м, и со длабочина од 0,10 до 1 м. Единствено во југозападниот агол од просторијата има јама со неправилно правоаголна форма и со димензии 1,30 х 0,75 и длабока 1 м. На дното од оваа јама, во аглите има 4 помали кружни јами со пречник од 0,20 м, и по средината од страните по една елипсовидна со должина од околу 0,35 м. Кровната конструкција на просторијата била дрвена за што сведочат остатоците од опожарените греди кои се пронајдени над самиот под. Најверојатно била на две води, покриена со тегули и имбрекси со различни димензии. Тегулите се лачни, најчесто се со должина од 0,83 до 0,84 м, со широчина од 0,45 до 0,47 м и со стандардна дебелина од  0,025 м. Пронајдени се и тегули со кружен прстенаст отвор на средината-комини, кои ја имале функцијата на оџак. И имбрексите најчесто се во две димензии: долги од 0,52 до 0,74 м со ширина од 0,20 до 0,21 м, со дебелина иста како и тегулите. Ги има со полукружен и со аголен пресек.

Просторија бр.2

Просторијата  е прилепена од југоисточната страна на Простроијата бр.1 со тоа што северниот ѕид им е заеднички. Источниот ѕид излегува за 0,15 м кон исток од правецот на истиот ѕид од Простроијата бр.1. Има речиси правоаголна форма во правец исток - запад, со тоа што западниот ѕид е нешто пократок. Во тој правец просторијата е долга 4,80 м, широка е: во западниот крај 2,80 а на исток 2,95 м. Ширината кај сите ѕидовие идентична и изнесува 0,60 м. ѕидовите се подигнати на самата површина од карпата без вкопување. Висината на суперструкцијата се движи од 0,55 кај западниот ѕид, 0,70 кај источниот, 0,80 кај западниот и северниот (заедничкиот со Просторија бр.1) 1 м. ѕидањето е идентично како и кај Просторијата бр.1, во opus incertum, со исто така кршен и приделкан камен со нешто помала големина. Иако ретко но сепак се појавува и употреба на фрагменти од тули кои нивелираат редови, особено во источниот ѕид кој е најквалитетно граден. И овде е употребена глината како средство за врзување. Јужниот ѕид, во западната половина, под притисок на земјата се деформирал и има искривуванје кон југ од 0,40 м. Во правец на запад тој продолжува и надвор од габаритот на простроијата во потесен ѕид во должина од 1,80, ширина од 0,45 и висина од 0,35 м. Просторијата има два отвори врати: еден кон Простроијата бр.1, кој е опишан погоре и еден на западниот ѕид која води кон, со камени плочи, поплочениот трем.  Отворот за западната врата е со широчина од 1,15 м и овде како и на западната врата од Простроијата бр.1 е зачувана јагленисана дрвена греда. Во источната половина од просторијата има канал вкопан во карпата и покриен со камени плочи. Каналот влегува во просторијата преку источниот ѕид, 0,45 м од северниот, продолжува кон запад во должина од 1,80 па скршува кон југ под агол од 90º и во должина од 2,50 м, по ширина ја сече просторијата и преку јужниот ѕид влегува во голема јама надвор од неа[4]. Целата просторија како и останатиот дел од објектот е подигната на карпа. Заради помалата површина има пад од север кон југ за 0,23 м. Подот, вообичаено, е слој од набиена глина со различна дебелина во зависност во кој дел од просторијата е. Во јужните делови тоа слој е подебел. Во оваа просторија се вкопани две јами со поголема димензија. Двете се со пречник од 1,55 м со неправилни кружни основи. Јамата 1, која е во источната половина, е со длабочина од 1,44 м, додека Јамата 2, во западната половина од простроијата, е малку подлабока и се спушта до 1,52 м. Околу двете јами има помали кружни јами со пречник до 0,20 м, кои асоцираат на лежишта за колци со кои, можеби, тие биле оградени. Јамата 2, од југозападната страна има две помали проширувања кои се на различни нивоа и имаат функција на скалила за полесен пристап кон јамата. Двете јами беа исполнети со земја со тоа што Јамата 2 има истата содржина на стратиграфијата како и просторијата. Кровната конструкција била од греди, од кои се зачувани големи фрагменти во јагленисана состојба. Кровот бил веројатно на една вода со пад кон југ. Покриен бил со тегули и имбрекси со истата форми и димензии како во Просторијата 1.

Во Просторијата бр.2 се влегувало преку трем од западнта страна. Тремот е  со димензии 3х1,80 м во правец север-југ, затворен од север со западната половина од јужниот ѕид на Просторијата бр.1 и јужен ѕид во должина од 1,80 м, широк 0,45 и зачувана висина од 0,35 м. Тој не го следи правецот на јужниот ѕид од Просторијата бр.2 туку има отстапување од 0,20 м кон југ. Граден е идентично како и останатите ѕидови. За разлика од останатите подови кои се од набиена глина, овде тој е поплочен со масивни камени плочи (0,90х0,50 м) со трапезоидна форма. Вообичаено под нив, 20-тина сантиметри пониско, се стигнува до карпата која и овде е со јами.

Просторија бр.3

Просторијата го зафаќа североисточниот дел од објектот. Има правоаголна форма со внатрешни димензии од 4,15х3,15 м во правец исток-запад. Ширината на ѕидовите е стандардна и изнесува 0,60 м. Субструкцијата е фундирана во самата карпа до длабочина од 0,30 м. Суперструкцијата е различно сочувана, во висина од: 0,87 м кај јужниот и источниот ѕид, преку 0,90 кај западниот до 1,15 м кај северниот ѕид. Со исклучок на јужниот ѕид, кој е најоштетен, ова просторија е најубаво ѕидана. Останатите три ѕида се ѕидани во техниката opus incertum, со запазување на хоризонталните редови., со покомпактни и рамни површини на лицето. Каменот со кои се ѕидани е приделкан со неправилно правоаголна форма и со димензии 0,40х0,30 м. Просторот помеѓу овие камења е исполнет со поситни кршени камења и глина како средство за врзување. Влезот во оваа просторија е во југозападниот агол, на западниот ѕид. Широк е 1,20 м, убаво формиран од приделкани камења. Прагот е поплочен со камења со димензии 0,40х0,20 м. И овде се зачувани јагленисани греди кои биле дел од рамката на вратата. До северниот довртаник се наиде на слој од добро зачувани примероци од непечена тула. Тулите се со димензии 0,22х0,14 м и со различна дебелина од 0,05 до 0,08 м. Сите имаа правоаголно вдлабнување на пошироката страна за подобро прилепување на врзивниот слој. Правени се од црвена глина со примеси на дробена карпа. Тулите се користени за доѕидување на горните површини од вратата и веројатно за врамување на прозорците. По должината на целиот источен ѕид, веднаш над нивото од подот се наиде на компактна  глинена маса во просек широка 1 и дебела 0,10 м. Горната страна и е убава мазнета, а со подигањето се констатираа отпечатоци од греди од долната страна. Ширината на овие отпечатоци е од 0,04 до 0,08 м. Се работи за остатоци од ѕидни  маси градени во бондрук техника, односно техника на дрвен скелет исполнет со дебел слој од глина со кој бил граден горниот спрат од оваа просторија. Подот е од набиена глина, со различна дебелина во зависност во кој дел од просторијата се наоѓа но во просек 0,06 м. Подигнат е повторно на карпа која иако има пад во правец север-југ од 0,28 м, сепак се има впечаток дека во оваа просторија нивото од карпата е погрижливо нивелирано. По целата површина од карпата се наоѓаат ископани јами со различни димензии и длабочини. Но забележително е дека поголемите јами, чиј пречник се движи од 0,60 до 1,2 м се сконцентрирани во источната половина од простроијата. Во западната половина и тоа во нејзиниот централен дел, се сконцентрирани неколку помали јами со пречник од дваесетина сантиметри. Но и една поголема, елипсовидна јама, во северозападниот агол која има пречник во должина од 1,10 м. Забележително е и тоа што јамите, особено четирите јами покрај самиот источен ѕид се поврзани помеѓу себе со плитки канали. Покривната конструкција и овде е стандардна, најверојатно на две води, со веќе познатите форми и димензии на тегули и имбрекси со тоа што во ова простроија застапен е и тип на имбрекси со димензии 0,43х0,17х0,025 м. Пронајден е и еден примерок на тегула со прстенаст отвор на средината-комина. Должината не е зачувана во целост, но широка е 0,43, дебела 0,003 м, со пречник на прстенот од 0,14 и висина од 0,045 м. Како на подот не констатиравме огниште тоа најверојатно било на катот.

Просторија бр.4

Просторијата е сместена помеѓу Просторијата бр.3 и Просторијата бр.1. Иако  не е целосно истражена  сепак може да и се одредат димензиите[5]. Има правоаголна форма, долга,  во правец исток-запад, 4 м а широка 2,7 м. Северниот ѕид и е заеднички со јужниот од Просторијата бр.2 а источниот со западниот од Простроијата бр.1. Откопани се само делови од западниот и јужниот ѕид но во обем кој не дозволува да се направи релевантен опис на истите. Исто така иако во истражените делови се симна до ниво на карпа неможеше да се констатира формиран под. Влез во откриените делови не се откри. Во профилите кои останаа видлив е дебел слој од голема концентрација на градежна керамика.

Просторија бр.5

И ова просторија само минимално се истражи, дури по обем и помалку од Простроијата бр.4[6]. Во интерес на техничките податоци се отворија само неколку точки кој дадоа податоци за димензиите на просторијата. Се откопаа југозападниот, југоисточниот и североисточниот агол. Северниот ѕид  е заеднички со Простроијата бр.4 а источниот со Простроијата бр.1 кон која има и влез кој се опиша кога се обработуваше оваа просторија. Има трапезоидна форма во правец север-југ. Долга е 5,40 м, широка на север 4 а на југ 3,60 м.  Во делот кој се истражи неможе да се констатира под, односно тука и не се стигна до карпата. Во профилот на неистражениот дел видлив е дебел слој од голема концентарција на градежна керамика но и остатоци од непечена тула и глинен лепеж. Во ова состојба во која е оставена оваа простроија неможе да се констатира дали овие градежни елементи се дел од Просторијата бр.5 или се паднати делови од други простории.

Објектот страдал во пожар

Во сите обработени простории има дебел слој на гареж и пепел со дебелина и до над 0,50 м. И не само тоа. Вертикалната стратиграфија е точно таква каква што може да создаде објект кој се срушил како резултат на силен оган. Јасно се издвојуваат слоевите. Тргнувајки одозгора, прво се наидува на слој од камења срушени од ѕидовите, дебел и до 0,70 м. По подигањето на овој слој, следува друг во кој доминира покривната керамика заедно со големи остатоци од јагленисани греди, по кој следува слојот од гареж веднаш над подот. Покривната керамика најчесто е сконцентрирана покрај јужните страни од северните ѕидови. По запалување на кровнта конструкција попуштила прво јужната страна, северните греди издржале подолго, и под тежина на керамидите целиот кров прво се срушил во јужниот крај и тоа следејки го падот на теренот така да има состојба на тегули и имбрекси косо наредени еден преку друг. На северниот ѕид од Просторијата бр.1 имало поставено и дрвени полици. Во неговото подножје се наиде на остатоци од јагленисани даски. Гореле и дрвените врати на влезовите во сите простории. Над камените се зачувани и дрвените прагови како и остатоци од дрвените рамови. Покрај сите влезови се пронајдоа и голем број на големи, масивни железни клинци со траги од интензивно горење. Овие клинци се дел од конструкцијата на вратите и според чија големина може да се утврди дека тие  биле правени од дебели и масивни даски. Над прагот од вратата помеѓу простроиите бр.1 и бр.5 се пронајде и клучот кој стоел во бравата додека таа горела заедно со целиот објект.

Движен археолошки материјал

Речиси целокупниот движен археолошки инвентар се најде во слојот од гареж и пепел односно на ниво помеѓу подот и слојот од падната покривна конструкција. Силниот оган и паѓањето на кровот придонеле за оштетување на предметите, кај металот силни се последиците од интензивното горење а кај керамиката оштетувањата од притисокот при паѓањето на покривната конструкција. Но тоа истовремено била и добра заштита за зачувување на целокупниот инвентар кој останал на местотот на кои се затекнале за време на пожарот во вековите кои следуваат. Истовремено, според присуството на одреден материјал во одредени простории, а тоа е многу видливо, може со голема сигурност да се утврди и намената на просторијата.

Вообичаено најбројна е керамиката. Ја има речиси во сите простории но со различен интензитет и во различни форми[7]. Најбројна е во Просторијата бр.1 и тоа во нејзиниот северен дел, покрај ѕидот или непосредно до него. Веројатно на ѕидот имало дрвени полици на кои садовите биле наредени. Во пожарот полиците изгореле и садовите паднале во негова непосредна близина. Потоа биле затрупани со паѓањето на кровот од просторијата при што најголем дел од нив се оштетени. Но иако во фрагменти тие се комплетно зачувани  во изворната форма.

Во овој дел од просторијата зачувани се вкупно 25 садови. Најчесто се работени на грнчарско колце но има и примероци работени на рака. Од формите најзастапени се грнињата и тоа во повеќе варијанти и по форма, боја и квалитет на изработка. Најбројни се грнците со една вертикална рачка, со топчесто или сверично тело, широк обод најчесто издаден нанадвор. Палетата на бојата се движи од светла кафеава до кафеаво-црвена сите со траги од горење. Украсени се едноставно со плитки врежувања, обично под ободот или по телото.

Бокалите се вториот најброен тип на садови. Ђи има со сверично или благо издолжено тело со рамно или конкавно дно. Сите се со една рачка и со широк но краток врат кој може да биде со обод благо исфрлен нанадвор. Декорацијата е многу едноставна, со прстенасто здебелување под ободот и со врежани паралелни линии по вратот и телото. Само во еден примерок имаме бокал со широко, речиси биконично тело, со рамно и  широко дно, висок и конусоиден врат со прстенасто разгранет обод. Има една вертикална рачка која излегува од најширокиот дел на телото и завршува во ободот. Во коренот на рачката има две паралелно врежани линии кои одат околу целото тело.

Како посебни се издвојуваат два примерока на садови  кои за прв пат се појавуват на овој локалитет[8]. Се работи за садови со топчеста форма со широко рамно дно. Ободот излегува директно од телото и косо е исврлен нанадвор. Имаат по две лентести вертикални рачки кои завршуваат во коренот на ободот. Тоа што ѓи прави посебни се гутусите кои излегуваат веднаш под ободот. Кај едниот примерок тој е краток и цилиндричен, додека кај другиот тој  силно го надвишува ободот, инакасто ширејки се кон крајот. И кај двата примероци гутусите задвшуваат прстенасто. Првиот примерок нема никаква декорација додека на вториот телото му е со пластично нагласени паралелни ребра.

Рачно работената керамика во фрагменти ја има во трите целосно истражени простории но цели примероци се зачувани само во простроиите бр.1 и бр.2. Иако се работени на рака сепак станува збор за убаво обработени садови од средно пречистена глина најчесто се темна па дури и со црна боја. Ги има во два вида: бокали и грнци[9].

Бокалите се со издолжено тело и рамно дно, со краток конусоиден врат кој завршува во тролисно разгранет обод. Имаат по една вертикална рачка кој излегува од најширокиот дел од телото и завршува под ободот. Немаат декорација.   

Грнците се со сверично или издолжено сверично до биконично профилирано тело. Дното им е рамно или конкавно. Примероците кои немаат врат имат широк обод кој е или рамен или благо засечен кон внатре. Примероците со издолжено сверично тело имаат конусоиден врат со благо нагласен, прстенаст обод. Сите типови имаат хоризонтални рачки, вкосени кон горе. Најчесто немаат декорација.

Капаците се многубројни како инвентар. Најчесто се во фрагментирани но ѓи има и цели или во состојба која дозволува да се утврди нивната форма. Застапени се повеке варијанти главно со разлика во формата на телото. Но сепак доминираат поклопците со сверична, калотеста или конусовидна форма. Ободите се одноставни и најчесто непрофилирани. Имаат нагласени прстенасти држалки.

Големите садови застапени се со 4 примероци, по два откриени во делумно истражените простории бр.4 и бр.5. Се работи за питоси но со помали димензии високи до 0,70 м. Двата од нив, пронајдени во Простроија бр.5 се откршени до половина но потоа покриени со камени плочи[10]. Во еден од нив беше пронајден рачно работен бокал со тролисен обод. Едниот од питосите во Простроијата бр.4 беше целосно вкопан во карпата а другиот саму делумно. Првиот беше затворен со масивна кружна камена плоча. Имаат топчесто или сверично тело со мало но масивно јаболко на дното со додатно вкопано дупка за него и кое служело како стабилизатор. Двата целосно зачувани примероци се со ниски прстенасти вратови со рамни ободи.

Трпезна керамика од типот на чинии, подноси или слично во овие пет простории не се пронајде дури ни во фрагменти.   

Ламбите се застапени само во два примерока. Првиот примерок е зачуван само во фрагмент од дискосот. Тој е кружен, вовлечен кон малиот кружен отвор за масло одвоен од рамото со двоен пластичен раб. Рамото е лачно профилирано украсено со пласични, густо поредени гранули.

Втората ламба е од типот на северноафриканските луцерни со елипсовидно тело кое преминува во издолжен масивен клун. Рачката недостасува. Рамото е рамно,  декориран со палмин венец врамен во пластично профилиран раб. Дискот е елипсовиден, вдлабнат и во кој се наоѓа престава на пластично изведен крст. Крстот исто така декориран со кругови кои ѓи имитираат драгите камења. На дискот има два кружни отвора. Еден во центарот на кругот и друг на крајот од кракот од крстот кој е до самиот клун на кого пак се наоѓа голем, јајцевиден отвор. Има благо нагласена, прстенаста нога. По целата долна страна, од рачката до клунот, исто благо нагласено ребро. Должината и е 10,6 цм, ширината 6,3 цм и висина  3 цм.

Стаклото исто така е присутно како инвентар. Фрагментите од рамно, дебело стакло со заоблени краеви се секако дел од застаклените прозорци. Го има во сите простории. Во Простроијата бр.1 се срекаваат и примероци од финио обликувано стакло. Иако многу фрагментирано може да се утврди дека тоа се делови од стаклени чаши.  Возможно е да се реконструираат два типа на чаши многу слични меѓу себе со единствена разлика во должината на ногата. Имаат кружно, масивно стопало конкавно вдлабнато кон горе. Подолга или кратка нога со кружно или биконично задебелување. Телото има е полутопчесто со благо нагласен прстенаст обод. Кај примероците со подолга нога тој е извиен нанадвор. Примероците со кратка нога имаат пластично прилепено фино стаклено ребро кое започнува од задебелувањето на ногата и оди кон ободот каде формираат по две мали вертикално поставени потковичести држалки. Имаат фина проѕирна зеленкаста боја. Висината им се движи од 7,5 до 10 цм со ширина на стопалото од 4,5 до 5 цм и ширина на ободот од 7,5 до 8,2 цм.

Металот како инвентар е најброен движен археолошки материјал[11]. Карактеристично е тоа што во одредени простории се срекаваат одредении типови алатки и уталитарни предмети. Земјоделските алатки ги има само во Просторијата бр.2. Застапени се по еден примерок на срп и мотика. Српот е од ковано железо со типична форма која не се менува низ времето. На средината е со широк лист кој се стеснува кон краевите. Има долг трн на кој се насадувала дрвената држалка. Во Просторијата бр.1, покрај северниот ѕид каде воглавно се сконцентрирани наодите, пронајдени се два фрагмента на сечива од српови, но кои тука тие имале сосема подруга намена. Мотиката е исто така железна со масивна, трапезоидна форма. широка 0,27 м со долг тулец со правоаголен пресек. Големите масивни ножици застапени се во некоку примероци од кои двата фрагмента само на сечиво пронајдени покрај северниот ѕид од Просторијата бр.1 сигурно ја немале улогата за стрижење на волна туку исто како и фрагментите од српот биле употребувани како сечива.

Во Просторијата бр.2, покрај земјоделскиот се пронајдени и алати за сосема подруга намена. Пред се мали но цврсто ковани железни копачи со трапезоиден пресек. Должината им се движи од 0,17 до 0,29 м. Карактеристично за сите нив е тоа што немаат отвор за посадување на дрвена држалка. Заедно со нив, во истата просторија, одат и повеќе примероци на длета и секачи. Длетата се со должина од 0,15  широки 0,003 м. Со исклучок на големото масивно длето кое се пронајде во Простроијата бр.5 и кое има должина од 0,32 а ширина од 0,003 м. Секачите се исто од ковано железо долги од 0,10 до 0,15 и широки 0,004 м.

Во веке споменатиот простор пред северниот ѕид од Простроијата бр.1 меѓу останатите наоиде се пронајдоа и 5 примероци на ѕвона за овци. Изработени се од железо со должина од 0,08 до 0,13 м, широки 0,08 м. Сите имаат иста форма: благо сплескан трапезоиден цилиндар[12].

Малку чудно, но ѕвоната беа измешани со брави за врата. Зачувани се неколку комплета брави изработени од железо, во два дела, со квадратна и правоаголна форма. Споени биле со железни нитни. Имаат отвори за клуч.

Еден од клучевите беше пронајден на местото каде што тој стоел: помеѓу јагленисаните остатоци од вратата помеѓу просториите бр.1 и бр.5. Се работи за голем и масивен железен клуч долг 0,17 м. Има кружна, прстенеста глава која продолжува во долго тело со правоаголен профил и рамна нога свиткан под агол од

90º во однос на телото[13]. Ногата која му е широка 0,065 м има два заба.

Покрај влезот од кој се влегува од тремот во Просторијата бр.2 се пронајдени и два лентести предмета изработени од бронза со должина од 0,065 и ширина од 0,001 м со две кружни перфорација на краевите. Веројатно се работи за предмети кои се дел системот на затварање на вратата или за нејзино прикачување на дрвениот рам.

Покрај сите влезови се пронајде голем број на железни клинци кои имаат должина и до 0,16 м. Вообичаено имаат кружни или калотести глави, често свиткани исто како и краевите под агол од 90º. Кај одредени примероци краевите се разделени во два крака. Сигурно е дека тие се дел од конструкцијата на дрвените врати, но големиот број пронајдени примероци по целиот објект а особено нивната димензија укажува дека дел од нив биле употребени и за зацврстување на дрвената покривна конструкција. Помалите примероци се користени и за дрвените полици кои ги имало барем во Просторијата бр.1.

Во Просториите бр.1 и бр.2, најчесто покрај поголеми железни кружни обрачи се пронајдоа долги клинци со плочести триаголни глави. Најверојатно се работи за наосници[14] од тркалата на запрежните коли.

Оружјето е застапено само со еден примерок[15]. Се работи за железно копје на локална варијанта од типот ango[16]. Копјето е долго 0,54 м  од која должина на  сечивото отпаѓа само 0,18 м. Останатото е издолжено тело со квадратен пресек и  кое за дрвениот дел од копјето се прицврстувало со тулец кој во овој случај не е зачуван. Сечивото е во форма на издолжен лист со елипсовиден пресек свиткано на врвот.

Камената продукција исто така била доста богата. Во простроиите бр.1 и бр.2 се пронајдоа неколку камени рачни млинови. Правени се од ситнозрнеста карпа, вообичаено се кружни со купаст пресек. Горните половина имаат по две перфорации. Централна, која го перфорира рачникот по целата висина и која служела за прицврстување со долната половина. Помалата перфорација вообичаено е покрај работ и не го пронижува целото тело. Во неа било вметнувано дрвена држалка со која се придвижувала горната половина во процесот на мелење на житарицата.

Иако застапени само во два промерока од камен се изработувани и чаши. Едната е зачувана само во дното кое е кружно и масивно. Има пречник од 0,13 м и дебелина од 0,10 м. Вториот примерок е зачуван во половина по вертикален пресек. Има рамно, кружно дно од кое страната излегува под прав агол. Зачуваната висина е 0,13 м, со дебелина на пресекот од 0,09 м, пречникот на дното 0,08 и дебелина од 0,11 м. Веднаш над дното е зачуван коренот од рачката која била со кружен пресек. Чашата била со цилиндрична форма. Заедно со рачката направена односно изделкана од едно парче на камен, со убаво изработени страни со мазна површина.

Пронајдени се и неколку камени точила со неправилна правоаголна до елипсовидна форма, вдлабнати во средината и силно истрошени од долгата употреба. Должината не им преминува 0,10 м, ширината вообичаено е околу 0,003 со дебелина не повеке од 0,025 м.

Од вкупно пронајдените 70 тегови за разбој, само еден е керамичен, пронајден во Просторијата бр.2[17]. Сите останати се тегови направени или изделкани од камен. Само 6 од нив се пронајдени во Просторијата бр.2, сите останати на мал простор ви централниот дел од пред северниот ѕид од Просторијата бр.1. Наоѓани се најчесто групирани во повеќе примероци, најмногу до 11. Карактеристично е и тоа дека се наоѓани заедно со метални предмети како клинци, мали обрачи и железни стеги. Многу се различни и по големина и по форма и по тежина. Тежина им се движи од 175 до 1500 грама. Формите им се најразлични, најмалку ѓи има вообичаените пирамидални или конусовидни форми. Најчести се издолжените елипсовидни тегови со убаво измазнети страни. Одредени форми на кои имаат и анторпоморфен изглед наведуваат на мисла дека овие тегови немаат само уталитарна вредност туку треба да им се бара и подлабока пософистицирана димензија. На некои примероци има и врежано графити. Најчесто е врежана римската бројка XI[18]. За разлика од нив керамичките пршлени за вретено се многу ретки, пронајдени се само неколку примероци.

Вистинско мало изненадување беше проанаоѓањето на две мали камени секири. Имаат форма на издолжен трапез со мали димензии: долги се 5,5 широки 3 а дебели 1 односно 1,5 цм. Особено е убав примерокот пронајден во Просторијата бр.1 мазнет до сјај со зеленомаслинеста боја прошаран со темнозелени фуги. И дали неговото пронаоѓање во структурата на ѕидот нема некоја посебна функција кои овие камени секири ја имале за корисниците на овој објкет[19]?

Намена на просториите

Со вака сконцентрираните по типови, наоди прилично лесно може да се утврди функцијата на секоја просторија пооделно но и на целиот објект како и да се одреди со што се занимавале луѓето кои тука егзистирале пред векови. Сепак со свртено внимание дека објектот а и целиот комплекс не е целосно истражен со што ќе се покаже и извесна резерва на заклучоците кои тука ке бидат изведени.

Но сигурно е дека Просторијата бр.1 била повеќе наменска. Големиот број на садови со основна карактеристика за чување на намирници кажуваат дека една од  функција на оваа просторија била за за складирање на производи. Сигурно е дека садовите биле наредени на дрвени полици поставени по северниот ѕид[20]. Ако претпоставиме дека зрнестите намирници се чуваат во поголеми садови: питоси и долиуми тогаш веројатно во садовите пронајдени овде се чувале течни производи најверојатно млеко. Што не води до клопотарците пронајдени заедно со нив и кои според големината биле носени од овци. Веројатно на двете отворени огништа се варело млекото. Непронаоѓањето на керамички цедки незначи дека овде не се произведувало сирење. Цедењето на млекото и пресното сирење се врши и со цедилки од органска материја.

Големото присуство на тегови, 63 на број со сигурност кажуваат дека овдека бил сместен и ткајачкиот разбој. Особено што теговите беа измешани со разни железни алки и клинци кои можеби се дел од неговата железна конструкција. Двата фрагмнети од срп зачувани во сечивата не се тука случајно. Со нив се пресекувале конците во процесот на ткаење. Мала дилема сеуште постои врзано и со дилемата за постоење на спрат на оваа просторија, односно ако имало спрат дали разбојот евентуално бил на спратот. Но тогаш проблем би биле двете огништа односно димот кој бил стваран со нивно користење. Сепак откриените тегули со отвор-комини речиси сигурно кажуваат дека оваа просторија немало спрат па така и разбојот бил на долното ниво.

Дека ова просторија имала повеќе намени покажуваат и пронајдените рачни мелници. Овде се мелело и житото а се чувало и во помали количини затоа што во јама се пронајде и поголем фрагмент од питос.

Според инвентарот што се пронајде во Просторијата бр.2 а и според нејзината големина речиси сигурно е дека таа служела како просторија за чување на алат. Речиси се што се откри од алат во целиот објект се откри во оваа просторија. Веројатно и горната половина од камениот млин кој се пронајде овде и кој не беше оштетен од употреба овде бил само на чување.

Просторијата бр.3 е најнејасна во поглед на нејзината функција. Во неа, со исклучок на една ножица, не се откри друг алат. А таа е најдобро ѕидана и со потврдена спратност.

Иако двете простории бр.4 и бр.5 само делумно се истражени за нив е сигурно дека служеле како магацини за зрнеста и друга стока. Четирите откриени питоси тоа го потврдуваат, а речиси е сигурно дека во останатиот дел од неистражените делови од просториите се кријат уште питоси.

Во овој контекст мора да се споменат големиот број на јами вкопани во самата карпа во објектот и околу него. Инаку карпата која е основа на целиот овој локалитет по својата структура е ситнозрнеста и е многу лесна за обработка[21]. Јамите се со најразлични форми, димензии и длабочина. Ги има со дијаметар и длабочина од неколку сантиметри па се до 1,55 м како двете јами во Просторијата бр.2. Некои од ѕидовите на просториите поминуваат преку такви јами, што значи дека дел од нив се и постари од објектот. Иако поголем број од нив делуваат како лежишта за колци од праисториска кука сепак во  сегашниот стадиум на истражувања тоа неможе да се потврди, никаков друг материјал со праисториска провиниенција освен двете камени секирки не се пронајде. Можно е пред да биде урбанизиран на овој простор биле подигнати само стопански објекти од времен карактер со дрвена конструкција. Несомнено дека дел од јамите биле користени како лежишта за поголеми садови како што се двата питоси во Просторијата бр.4 кои се вкопани токму во такви јами во карпата. Исто во Просторијата бр.1 се пронајде поголем фрагмент од питос кој бил исто вкопан во јама. Случајно или не, еден од рачните мелници во оваа просторија се наоѓаше на површина од јама. Најголема концентрација од такви јами со најразлични големини и форми има на подот од Просторијата бр.1. Во оваа просторија во нејзиниот југозападен агол лоцирана е и единствената овална јама на чие дно во аглите и на рабовите од страните има помали јами кои асоцираат на лежишта за греди. Прашање е само колку од нив биле користени додека егзистирал објектот. Во Јамата 2 од Просторијата бр.2  беше пронајден материал, главно фрагментирана керамика, и во неа се регистрира иста стратиграфија како и таа од просторијата што укажува дека јамата била отворена и веројатно во употреба кога објектот страдал од пожар.

На само два метри источно од објектот откриен е канал изделкан во карпата со ориентација север - југ, следејки го падот на теренот, во должина од 10.50 м. и различна ширина која се движи од 0.35 до 0.50 м и длабочина до 0,70 м. Просторот каде што тој завршува сеуште не е истражен така да сеуште не е јасно каде тој води и како завршува. Во Просторијата бр.2, во источната половина има ист таков но помал канал покриен со камени плочи и кој започнува и завршува во две поголеми јами надвор од габаритот на ѕидовите. Со помали, поплитки канали се поврзани и помалите јами особено оние во Простроијата бр.1 и бр.3 каде по неколку јами во низа се поврзани со канали.

Засега нејасна е намената на поголем број од јамите. Иако за дел од нив речиси е сигурно дека се работи за јами од греди за дрвени конструкции и дека одредени јами служеле како лежишта за питоси и поголеми садови. Дали некои од  јами се користени директно за складирање на земјоделските производи и вода[22], односно дали  помалите јамите поврзани помеѓу себе со канали се дел од процеси на занаетчиско прозвотство на одредени стоки ке покажат истражувањата кои ке следуваат[23].

Производство и стопанство

Местоположбата, природните услови и наодите во самиот објект јасно говорат дека основата на стопанството било земјоделието и сточарството.

Имајќи ја во предвит големата надморска висина, климатските каректеристики и користените алатки најверојатно дека земјоделието било ограничено само на одгледување на житни растенија. Од присуството само на српови и мотики а отсуството на косери и дингели може да се донесе заклучок дека овде не се одгледувале овошни култури а ушта помалку виновата лоза. Впрочем и денес на овие височини застапени се само житните култури.

Главна стопанска гранка на овдешното население било сточарството, пред сé одгледување на овци[24]  и производството врзано за полупродуктите добиени од нив. Тешко е да се каже дали производството на сирење, кожи, волна и волнени производи биле само за да се задоволат сопствените потреби или се произведувало во количини кои биле економски исплатливи и за трговија. Големиот број на тегови за разбој зборуваат за интензивна текстилна продукција. Разрешувањето на дилемата околу можната употреба на јамите во процесот на обработка на волана и производи од неа, можеби ке ја разреши и дилемата на производство за на слободен пазар.

Во Просторијата бр.2, покрај алатки вообичаени за секојдневна употреба, пронајдени се алатки кои имаат поспецифична намена. Се работи за три мали копачиња кои вообичаено се користат во металургијата[25]. Покрај нив откриени се секачи. Ако на ова се додаде и податокот дека со ископувањата на објектот и неговата најблиска околина се пронајдоа и остатоци од железна згура тогаш мора да се размислува дека овде се преработувало и железо. Веројатно не за поголем пазар но за свои потреби секако-да. Печки за топење руда не се откриени но целиот овој простор сеуште мора да се доистражи. Можно е во некои од околните простории и  објетки кои допрва ќе се истражуваат да бидат откриени и вакви произвотствени објекти.

Тип на објектот

Секако дека трите целосно и двете делумно истражени простории од Објектот II, на локацијата Паприте, Црвено Поле, се дел од еден поголем комплекс. Од северозападниот надворешен агол од Простроијата бр.3, кон запад продолжува ѕид кој е откриен во должина од 1 м и со градежни карактеристики идентични со сите останати ѕидови од истражените простории. Сигурно е дека објектот се шири во овој правец. Засега е нејасно само карактерот на Објектот II, односно дали тој е само стопански или е дел од поголем стамбено-стопански простор на кој се одвивал еден интензивен живот со сите социјални и економски стандарди на тоа време. Или да не се многу комплицира да се постави директно прашање дали петте простории се pars rustica од villa rustica? Само за потсетување, покрај релативно богатиот инвентар во ниту една од овие простроии не се откри ни фрагмент од трпезна керамика. Што значи дека просторот кој бил наменет за живеење (cubicula) сеуште не е откриен. Дали тој е во западниот, неистражениот  дел од објектот односно дали со стопанскиот дел тие се во една целина или егзистирал посебно тоа секако ќе го кажат исакопувањата кои ќе следуваат. Но во овој контекст треба да се спомене и објектот кој е само 4,5 м источно од Објектот II.        

Објектот I е со правоаголна форма која во јужниот дел завршува апсидално, ориентиран север - југ со мало отстапување од оската и со димензии 8.50 x 5.00 м. Составен е од два дела: апсидален со ширина 5.00 м. и длабочина од 1.50 м. и правоаголен со должина 7.00м и ширина 5.00 м. Двата дела помеѓу себе комуницираат без посебен влез, односно не е констатиран преграден ѕид помеѓу апсидалниот и правоаголниот простор. Објектот е откриен  во темелни партии  со исклучок на мал дел од  севороисточниот агол и од апсидалниот  ѕид   каде се сочувани ѕидни партии од надворешна страна со висина од 0.30 до 0.45м. и ширина 0.55 м. а на поедини места е присутна голема деструкција при што недостасуваат и темелните партии како што е случајот кај западната половина на полукружниот ѕид. Граден идентично како и Објектот II: на карпата биле ископани плитки темели кои потоа биле исполнети со камен и земја. Потоа од надворешна страна било изведено надѕидување со што била оформена основата на објектот. Поради конфигурацијата на теренот која се спушта за 0.80 м. во однос од северниот кон јужниот ѕид, внатрешниот дел бил исполнет со камен и земја се до потребната нивелација. ѕидањето е изведено во opus incertum без нагласени хоризонтални редови притоа користејки кршен камен а како врзиво средство била употребена глина. Заради конфигурацијата на теренот, малата длабочина на кој е фундиран[26]објектот има претрпено големи оштетувања кои недозволуваат да му се одредат основните карактеристики и основната негова намена. Освен податокот дека лежи на карпа на која исто така има јами, дека според остатоците и тој има дрвена кровна конструкција со тегули и имбрекси, други податоци неможат да се извлечат од него. Неможе да се одреди влезот, дали имала спрат и сл. Но сепак тргнувајќи од изгледот, особено од апсидата на јужниот крај иако со доза на резерва објектот може да се определи како triclinium[27].

Датирање на објектот

Ако во оваа фаза на ископување неблагодарно е да се определи типот и структурата на објектот, тогаш датирањето е уште потешко и треба да се разгледува со многу голема доза на претпазливост. Сепак она што и во овој стадиум на истражување е јасно е тоа дека објектот е еднослоен односно дека по неговото разрушување тој не бил обновен. Тоа што неможе да се утврди е во колку фази тој е граден. Истражувањата покажаа дека петте простории се градени во две фази[28], дали има уште фази и во колкав временски период е доградуван објектот во моментот неможе да се тврди. Особено не во состојба на недоистраженост и во ситуација кога и движниот археолошки  материјал особено монетите се во фаза на

конзервација. Но сепак одредени податоци од материјалот можат да се извлечат. Од монетите кои малку се откриени, вкупно 10 и се во многу лоша состојба, засега е прочитана само една. Се работи за монета на Диоклецијан од 292 г, кована во Хераклеја[29]. Останатите монети со своите карактеристики можат да се датираат низ целиот IV век и до првите децении од V век. Но затоа пак останатиот материјал, особено примероците на керамички садови кои се типолошки  покаратктеристични и можат да се детерминираат, се датираат нешто потоа. Ова се однесува за садовите со гутус кои се датирани релативно прецизно: од 450 до 550 г[30]. Од средината на V век па нагоре се датира и копјето-ango[31]. Керамичката ламба со мотив на крст како типологија има поширока датација. Се појавува како северноафрикански тип на луцерни кон крајот на IV век но ги има се до почетокот на VII. Нашиот примерок иако многу квалитетно изработен сепак му припаѓа на некоја од локалните работилници од VI век која работи под влијание северноафриканските модели[32]. Ваквата датација која опфаќа период од речиси три века сигурно збунува, особено што целиот материјал е откриен во едно ниво, а монетата која по своите карактеристики не го префрла V век е најдена на само десетина сантиметри од ламбата. Дали навистина објектот егзистирал толкав период, навистина во моментот е тешко да се каже.

Тешко е да се утврди и кога објектот престанал да живее и која била причината за неговото уништување. Сосема е сигурно дека тој страдал во пожар. Но дали тоа била несреќа предизвикана од невнимание или пожар предизвикан од големите историски промени кои почнувајки од IV век го зафакаат целиот поширок регион? Дали заедно со него страдаат и околните објекти па и населбата која е само стотина метри посеверно? Кога точно се случило тоа? Кој го запалил? Дали копјето со свиткан врв пронајдено пред влезот во Просторијата бр.1 му припаѓало на еден од тие кои го запалиле? И каде заминале луѓето кои ја заклучиле вратата но неуспеале да го земат клучот со себе и кои потоа никогаш не се вратиле?


[1] Во 2004 г кога за прв пат започнаа  истражувањата на населбата на Јанина Чешма се ископа еден помал објект веројатно од стопански карактер.

[2] Найденова В., Римска вила в с.Кралев двор, Пернишки окръг, Разкопки и Проучвания, книга XIV, София 1985, стр.24

[3] Објектот за прв пат почна да се ископува во 2004 г, но заради недостаток на време се откопа само неговиот габарит, ископувањата продолжија во 2005 но повторно заради недостаток на време и средства, објектот не се истражи во целост.

[4] И одндворешната страна на источниот ѕид има иста таква јама вкопана во карпата.

[5] Се отворија само мали сонди по должината на севрниот и источниот ѕид со ширина од 1 м

[6] само сонда по должината на источниот ѕид во широчина од 1 м

[7] додека се работи овој труд керамиката е во фаза на реставрација и конзервација така што не сум во можност да дадам подетален опис .

[8] и во Македонија

[9] вакви садови се пронаоѓани и во некрополата  Гуштерова Чукарка, во гробови со кремација

[10] јужниот питос бил фрагментиран пред да му биде дадена оваа намена. Неговите делови се споени со 12 оловни кламфи

[11] исто така и металот е во фаза на конзервација

[12] во ниту едне примерок не се пронајде клатното

[13] Лилчиќ В., Прилог кон античкиот клуч, Macedoniae Acta Archaeologica №13, Скопје 1992, стр.202, ТI,4,5;  ТV, 6;

[14] Чангова Й., Перник, Том III, София 1992, стр.17, обр.1, 8

[15] иако авторот на овој текст сеуште има дилеми дали се работи за оружје или некој друг тип на предмет особено во состојба кога примерокот сеуште не поминал третман на конзервација.

[16] Христова В., Типологија на върхове на копия от Мизия и Тракия (I-VI в.), Оръжие и снаряажение през късната античност и средновековието IV-XV в., Acta Musei Varnaensis I, Варна 2002, стр.17, обр.1-5

[17] тегот е со типична пирамидална форма со четристрана основа. На двете спротивни страни има по еден графит. Едниот е латинската буква N, додека другиот е исто тоа само ја нема внатрешната коса линија.

[18] Сите се со различна форма и тежина

[19] Секирката беше пронајдена кога се обработуваше ѕидот, дали таа намерно била тука ставена или пак била ставена заедно со глината без да ја забележат тешко е да се каже.

[20]Ш20Ќ Вакви дрвени полици се регистрирани и во вилла рустица кај Обелја, Софија, Станчева М., Вила рустика в кв.Обеля, Археология 23, София 1981, стр.56-57

[21] Но и многу осетливи. Со камења изделкани од карпата се формирани гробовите на некрополата со кремација Гуштерова Чукарка, само една година по откривањео и оставањето на површината овие камења под дејство на атмосверските влијанија почнаа да се распаѓаат.

[22] Иако карпата во основа е доста ронлива и можно е да ситни каменчиња да се мешаат со житото и водата, но ако јамите биле користени за таа намена тие  биле обложувани  со глина, со што би било спречено ронењето.

[23] На Блискиот исток и денес во малите манифактурни работилници во процесот на обработка на кожи и произвотство на волна  се користат јами вкопани во карпа.

[24] Клопотарците, ножиците за стрижење волна се дел од инвентарот за одгледување на овци.

[25] Керамидчиев А., Извори за рударството и металургијата во Античка Македонија, Macedoniae Acta Archaeologica 3, Прилеп 1977, стр.109, сл.3

[26] Објектот пред ископувањето беше видлив на површината од теренот

[27] Динчев В., Късноримската резиденција SCRETISCA и рановизантийското селище ΚΡΑΤΙΣΚΑΡΑ,  Разкопки и  Проучвания, книга XXX, София 2003, стр.43-44.

[28] За потсетување: прво се градени просториите бр.1, 4 и 5 а потоа се доградени просториите бр.2 и 3

[29] прочитана од Маја Хаџи-Манева, кустос-нумизматичар во Нумизматички кабинет на Народна банка на Р.Македонија

[30] Raynaud C., Céramique commune grise tardive de Provance occidentale, Dictionnaire des Céramiques Antiques en Méditerranée nord-occidentale, LATTARA 6, 1993, 456      GR-PRO AB36

[31] Христова В., Варна 2002, стр.17

[32] Манева Е., Светилки од музејската збирка во Хераклеа, Зборник на трудови 4-5, Битола 1984, стр.54, Т III,5

На Растку објављено: 2007-12-11
Датум последње измене: 2007-12-10 15:23:23
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија