Notice (8): unserialize() [function.unserialize]: Error at offset 8213 of 21482 bytes [CORE/cake/libs/cache/file.php, line 192]
Проект Растко Македонија: Илинденка Петрушева : Сонце на дирек

Илинденка Петрушева

Сонце на дирек

мали приказни за македонските филмски сонувачи

Македонска реч, Скопје, 2005

ISBN 9989-163-06-5

Книгава им ја посветувам на оние што ми го просветлија животот
- на моите родители и брат Олга, Кирил и Бранд Петрушеви и на моите Ferro-вци
Алисија, Бранд, Сара, Миа и Хуан Карлос

СОДРЖИНА

ЗОШТО?

Нашата семејната библиотека е доста голема (за домашни услови, се разбира). Започнал да ја оформува дедо ми Стојан Комитов од град Полин (Стар Дојран) кон крајот на 19 век. Ја збогатувале моите родители и брат меѓу двете светски војни и по ослободувањето, и, засега, финалниот удар врз домашниот животен простор го зададовме јас и моите деца. Елем, сакав да кажам дека во делот за филмска литература во таа домашна библиотека под број 1 се наоѓа една скромна книга со бел тврд повез: Филмски лексикон од Владета Лукиќ и Бошко Токин, издаден во 1953 година во Нови Сад. На првата страница - посвета. Со зелен туш напишана:. „На Илинка, за да го сака филмот, а кога ќе биде голема за да го проучува! Лина и Саша Маркус, На Илинден 1957, Скопје“. Полнев 13 години. Бев пресреќна од подарокот. Мајка ми, пак, со блага насмевка, но со прекор во гласот, му се обрати на Саша: „Каков филм, какви бакрачи, Сашенка. Јас гледам да испливаме од ова...“. „Испливувањето“ се однесуваше на татко ми кој веќе вторпат (од ослободувањето па наваму) беше на подолг „престој“ на еден севернојадрански остров. А семејството на Маркус беше едно од ретките, покрај Рубен, Велкови, Лена Мусева, д-р Копанданов, Стефан Гајдов, Стефан Драгомански и проф. Капсарова, кое имаше храброст да позвони на нашата врата. Такви беа времињата! Мајка не се лутеше, туку само се бореше мене да ме израсне и очекуваше татко да се врати. Горчината што веројатно ја носеше во душата никогаш не ја покажа. И се издржа, додржа и дочека. И татко да се врати, и мене да ме израсне, та дочека и на внуци да се радува. Но, дочека да се исполни и „пророштвото“ на Сашенка Маркус.

Заразата со филмот започна уште во училишните денови со гледањето филмови во скопските кина (ги имаше бајаги), па со Лексиконот, па со Филмски свет, Cine-revue, Сinemond... (Овие последниве, француските филмски списанија, ги купував во „Култура“, во Ристиќевата палата, во подрумот каде што беше сместена странската литература.) Па Академскиот киноклуб каде без пардон ме „втурна“ Хуан Карлос, па списанието за млади „Фокус“ каде почнав да пишувам по секојдневното инсистирање на Георги Василевски (тоа по нашки се вели „ми се качи на глава“)... Се сеќавам, беше почетокот на 1974 година. Упаѓам дома сета еуфорична. „Готово, им велам на моите старци, правиме Кинотека. Другарка ви Деса е супер!“ Тоа „другарка ви Деса“ се однесуваше на тогашниот министер за култура проф. д-р Деса Миљовска. Ретка личност, и таа, и нејзиниот сопруг проф. д-р Кирил Миљовски. Таа, министерката Миљовска, го разгледа нашиот елаборат за формирање на Кинотеката на Македонија, се консултираше, веројатно и со други личности од тогашната власт и најодзади н? повика во кабинетот. Поставуваше разновидни прашања, сакаше докрај да биде информирана и најодзади рече: „Добро, готово е! Ќе донесеме закон за формирање на Кинотеката, ќе формираме и привремен раководен орган и правете Кинотека!“ (Со оглед на подоцнежните случувања се покажа дека Кинотеката ја формиравме во вистинскиот момент). Значи, доаѓам дома сета еуфорична, ја соопшувам големата вест, а мајка ми (навидум незаинтересирано) се приближува до една од полиците со книги и наеднаш в’ раце и е стариот, излитен, бел Лексикон. „Значи ’пророштвото‘ на Сашенка се исполнува“, рече и седна во фотелјата како издуван балон. Таа, „диктатурата на пролетаријатот“, како што ја нарекуваа татко ми и Хуан Карлос, во тој момент ми заличи на жена чии надежи истекуваат незнајно каде... Клекнав крај фотелјата: „Па ти мамо, откако паметам за себе, ме водеше во кино, „Тимур...“, „Селската учителка“, па ти ми ги пееше песните од филмовите на Александров, со тебе расправавме за секој виден филм... немој сега вака...“. „Те водев и во театар“, одговори. Но нејзиното нерасположение мигновено замина. Во наредните денови и години и татко ми, и мојата „диктартура на пролетаријатот“ со големо љубопитство го следеа развојот на нашата Кинотека. Ѝ се радуваа. А кога заминаа во вечните ловишта (набргу еден по друг) луѓето од Кинотеката ги организираа нивните погреби. Но, тоа се други приказни.

Сакав да одговорам на прашањето ЗОШТО токму оваа книга?

Со формирањето на Кинотеката на Македонија се отвори можноста најопстојно да се истражува онаа историска „дупка“ помеѓу времето на Манакиевци и повоената македонска кинематографија. Ацо Петровски, нашиот кинотечен Чале (основач и прв директор на Кинотеката), и Борко Георгиев, стар кинаџија и кинотечен колега, најдоа начин како да ми ја „подметнат бувата“ за истражувања. Ќе протурат, во најобичен разговор, некаква интересна информација и веќе следниот миг започнува „копањето“, потрагата по дополнување на бегло пласираната информација. Елем, во повеќедецениското истражување на нашето кинематографско минато (особено на киноприкажувачката дејност), покрај прибраниот архивски материјал, имав можност да ги забележам и сеќавањата на луѓето (или на нивните потомци) кои во времето до Втората светска војна ја создаваа историјата на македонската кинематографија. Најголемиот дел од нив не се повеќе меѓу живите. Останаа записите. Историографските трудови што ги објавував или со кои настапував на стручни и научни симпозиуми беа „стегнати“ во строгата научна рамка. А записите/сеќавањата што останаа, тие мали приказни за големите филмски сонувачи, го добија третманот на последно рангиран научен извор. Тоа е така! Во нив немаше место за душата/интимата. Но во мене тлееше желбата да ги раскажам тие приказни со сиот раскош што го носат во себе - за духот на времето, за душата на тие мали/големи луѓе, за нивниот сон наречен филм. И така се роди СОНЦЕ НА ДИРЕК. Мали животни приказни за Пане Напески (фотограф и киноприкажувач од Прилеп), Михаил Пема (киноприкажувач од Битола), Ристо Зердески - Зерде (прв македонски школуван филмски актер и киноприкажувач од Прилеп), Кирил Миноски (сликар, ликовен педагог и филмски автор од Прилеп), Благоја Поп Стефанија (фотограф и филмски автор од Охрид), Благоја Дрнков (уметнички фотограф и филмски автор од Скопје, еден од основоположниците на повоената македонска кинематографија), Илија Џонов (сопственик на патувачко кино од Богданци), Димитар Станоев - мискеџијата (сопственик на патувачко кино од Пехчево), Лазар Кртев (киноприкажувач од Велес) и Матеа Ристоски (печалбар и киноприкажувач од Тетово. Нивните приказни покажуваат само едно: Македонија во тоа време не била „au bout du monde“.

ДА СЕ ДОФАТАТ ЅВЕЗДИТЕ

Во една пригода, познатиот историчар на филмот Тери Ремзи, со извесна доза на носталгија, ќе каже дека „предисторијата и почетоците на филмот наликуваат на циркуски шатор во кој се измешани бројни философи, научници, свештеници, ѕвездознајци, мислители, шегобијци, истражувачи, забавувачи чии заеднички усилби во областа на оптиката го покажуваат прогресот на човештвото низ вековите, нешто без кое не би се појавил кинематографот. Сите овие занесеници, експериментатори, фантазери и волшебници сакаа да создадат чудо - да ги оживеат сликите на стварноста“.

Човекот од пештерата Алтамира ги нацрта првите слики „во движење“: животни со умножени нозе. Движење! Но што со светлината како значаен елемент за идната (по многу векови) филмска проекција? Laterna magica или волшебна ламба е следниот чекор. Уште во древните Индија и Кина омилена разонода била гледањето сенки и силуети на параван со помош на светлосен извор. Кон средината на 17 век германскиот езуитски свештеник Анастасиус Кирхер конструира усовршена волшебна ламба. Во првата половина од 9 век дојдоа оптичките играчки. Тауматроп на Џон Перис, Фенакистископ на Плато, Стробоскоп на Штамфер, Зоотроп на Хорнер. До кинематографот има уште чекор и половина. Чекорот е да се искомбинираат оптичките играчки со волшебната ламба. И во 1853 година австриецот Франц фон Ухациус го прави тоа: ги комбинира тие две „атракции“ и - ете го првиот проекционен апарат наречен кинестикоп! Е, ама филмот не е подвижен цртеж, туку е подвижна фотографија. Уште половина чекор... И тука сега се вклучуваат други сонувачи, други експериментатори... Ниепс, Дагер, Жансен, Мареј, Мајбриџ... Пионери на фотографијата! Сè е поблиску времето кога ќе треба, неминовно, да „потече“ филмската лента.

Во 1894 година Томас Едисон и неговиот помошник Вилијам Диксон го конструираат апаратот кинетограф кој снима одредено дејствие во дел од секундата и тоа врз целулоидна лента. Набргу ѝ го претставуваат на јавноста и вториот апарат наречен кинетоскоп во форма на дрвена кутија во која се уфрла паричка и само еден гледач можел да ги види оживеаните слики. Овие двајца пронаоѓачи истата година на Бродвеј ја отвориле првата „Кинетоскопска сала“ во која, покрај филмските апарати, биле поместени и други Едисонови пронајдоци (грамофони, фонографи). Но, „оживеаните“ слики, како што веќе реков, можел да ги гледа само еден човек - еден по друг, во редица, со големо нетрпение и љубопитност. Весниците објавуваат: „Чудо на науката! На нашето потомство сега веќе нема да им оставиме само фотографии, туку и „живи“ слики од венчавки, концерти, театарски претстави...“ Своите филмови, во траење од одвај дваесеттина секунди, Едисон ги снимал во своето студио наречено „Црна Марија“, подвижна барака со отвор на покривот низ кој влегувале сончевите зраци. Многумина му препорачувале на Едисон своите филмови да ги извади од кинетоскопот и да ги проектира на платно, за поголем аудиториум. Но тој сметал дека на таков начин профитот од овој пронајдок рапидно ќе се намали. Дури во април 1896 година, под голем притисок на своите соработници, Едисон се согласил да ја даде првата јавна проекција на своите филмови во еден бродвејски мјузик-хол. Но, за примат било веќе доцна. Колебањето на Едисон предизвикано од желбата за поголем профит се покажало непродуктивно. Првата јавна филмска проекција веќе била одржана неколку месеци порано отаде Големата бара.

Браќата Огист и Луј Лимиер, синови на познатиот фотографски индустријалец од Лион Антоан Лимиер, биле познати и своевидни занесеници, фантазери, пронаоѓачи. На 19 март 1895 година Луј Лимиер со својот „мал“ пронајдок, малата камера, во Лион го снима својот прв филм „Излегување од фабриките Лимиер“. Три дена подоцна, браќата Лимиер го прикажале овој филм во Париз пред членовите на Националното здружение на пронаоѓачите. На 30 март ги патентирале своите пронајдоци. Инженерот Жил Карпентие, соработник на браќата, започнал сериско производство, посебно на проекторите „Лимиер“. Во текот на годината браќата сиимиле повеќе филмови што ги прикажале на разни стручни и научни собири (на Сорбона, на Конгресот на научното друштво, на Конгресот на фотографското друштво итн.). Кон крајот на годината одлучиле да одржат јавна проекција. Таткото Антоан организирал конференција за печатот на која најавил инаугурација на еден нов спектакал за 28 декември. Тој сметал дека пронајдоците на неговите синови треба да ѝ се покажат на пошироката јавност, а потоа, по затворањето на спектаклот, работите нормално да се одвиваат во рамките на науката. Триесет и тројца посетители дошле таа вечер (28 декември) во Иидискиот салон на „Гран кафе“ на булеварот Капусин во Париз. Влезот чинел 1 франк. По налог на Антоан Лимиер фотографот Клеман Морис ги фотографирал посетителите. Потоа полека започнало затемнувањето на салонот. Врз белиот екран се појавила фотографијата на портите од фабриката „Лимиер“ во Лион. Сликата била статична. Се слушнало мрморење: „Па тоа е старата латерна магика“. Но наеднаш сликата оживеала. Портите се отвориле и низ нив потекла река од работници (мажи и жени). Протрчале и неколку кучиња, а се појавил и автомолбил кој преминал преку екранот. Фасцинација во гледалиштето! Таа вечер биле прикажани десетина филмови распоредени на котури од 17 метри должина што овозможувало континуирана проекција. На крајот од претставата восхитот на посетителите бил повеќе од очигледен.

Познатиот илузионист и директор на театарот „Робер Уден“ Жорж Мелиес срдечно им честитал на Лимиеровци и го прашал таткото Антоан за цената на ова „чудо“. Таткото Лимиер му одговорил: „Изумот не е за продажба. За Вас, драг мој пријателе Мелиес, тој нема да значи ништо. Тој можеби извесно време ќе се користи како научен куриозитет. Надвор од науката, кинематографот нема иднина”. Каква кусогледост, папа Лимиер! Добро е што не му поверува ниту Мелиес, та не му поверуваа ниту неговите синови Огист и Луј. Браќата Лимиер обучија и опремија цела една армија сниматели и ги испратија низ светот да го снимаат животот. И така ги поставија основите на документарниот филм. А Жорж Мелиес, пак, набавувајќи камера и проекционен апарат од англичанецот Р. В. Пол и филмска лента од Кодак, во Венсан крај Париз гради филмско студио. Тука тој ќе ги снима своите фантастични илузионистички филмови. И со тоа ги постава темелите на уметничкиот игран филм. Експериментира со камерата и со филмската лента. Открива можности за бројни трикови. И ги користи во своите фантастични филмови, со коишто, практично, го инаугурира жанрот на филмската фантастика. Филмовите на Мелиес биле прифатени со големо воодушевување. Во целиот свет. Особено во Америка каде Едисон (без согласност на авторот) изработил и продал стотици копии. Но, како што обично бидува, по извесно време спласнува интересот за филмовите на Мелиес. Тој и неговото семејство се наоѓаат на работ од сиромаштвото. Од 1923 година па до почетокот на триесеттите години продава играчки на станицата на Монпарнас. Тука го откриваат двајца новинари и така јавноста дознава за судбината на големиот илузионист. Во 1931 година му е доделен орденот Легија на честта, а Антоан Лимиер и Дејвид Грифит му одаваат признание како творец на кинематографскиот спектакл. Една година подоцна Жорж Мелиес и неговата сопруга Жан д’Алси (актерка во неговите филмови) се згрижени: кинематографското социјално здружение за заемна помош им доделува стан, а државата Франција - пензија. Мелиес со својата работа и откритија го овозможи, практично, „второто раѓање на филмот“ - филмот како уметност!

1897 година - Мелиес снима повеќе филмови меѓу кои е најзначаен „Фауст и Маргарита“. Во Македонија се случуваат првите филмски проекции во Скопје и во Битола.

1905 година - Фердинанд Зека го реализира познатиот филм „Париските крадци“. Јанаки и Милтон Манаки ги снимаат првите филмови на Балканот.

1917 година - Чаплин ги снима филмовите „Емигрант“ и „Полицаец”, а Абел Ганс се појавува со два филма „Право на живот“ и „Зона на смртта“. Во Прилеп, во октомври, започнува со работа киното на Пане Напески сместено во неговата стара семејна куќа.

1919    година - Германскиот режисер Вине го снима антологискиот „Кабинетот на доктор Калигари“. Во Велес, во кафеаната Ада кафези/Касина, е отворено постојано кино. Тука ја започнува својата долгогодишна киноприкажувачка дејност Лазар Кртев.

1920    година - Фред Нибло го снима филмот „Знакот на Зоро“ во

кој блеснува новата ѕвезда Даглас Фербанкс. Во Битола, на 20 октомври, проработува постојаното кино на семејството Пема.

1922 година - Се појавуваат две ремек-дела: документарецот „Нанук од Северот“ на Роберт Флаерти и играниот „Носферату“ на Мурнау. Прилепчанецот Ристо Зердески - Зерде ја завршува во Загреб првата школа за филмски актери.

1923 година - Реализирани се големите филмови „Алчност“ на Ерих фон Штрохајм, „Нибелунзи“ на Фриц Ланг и „Детективот Шерлок јуниор“ на Бастер Китон. По сценарио на Арсениј Јовков е снимен филмот „Македонија во слики“ по повод 20-годишнината од Илинденското востание.

1927 година - Светот се восхитува од „Зора“ на Мурнау, „Крајот на Санкт Петербург“ на Пудовкин и „Наполеон“ на Абел Ганс. Во Загреб, Ристо Зердески - Зерде го снима филмот „Тие двајцата“. Тој е копродуцент и толкувач на главната машка улога.

1929 година - Се појавуваат „Алелуја“ на Кинг Видор, „Генерална линија“ на Ејзенштејн, „Арсенал“ на Довженко и „Андалузиски пес“ на Буњуел. Со отворање кино во Гевгелија започнува киноприкажувачката дејност на Илија Џонов од Богданци.

1933 година - Со голем успех низ светот се прикажуваат „Супа од шатка“ на Лео Мек Кери со браќата Маркс (Гручо, Харпо, Чико и Зепо), „Малата женичка“ на Џорџ Кјукор, „Кралицата Кристина“ на Роберт Мамулиан со Грета Гарбо, „Приватниот живот на Хенри VIII“ на Александар Корда, „Големата игра“ на Жак Фејдер... Во магионачарскиот патувачки циркус на Димитар Станоев-мискецијата од Пехчево започнуваат филмски проекции. Печалбарот-повратник од Америка Матеа Ристоски отвора постојано кино во Тетово.

1935 година - Сè е под знакот на „Модерни времиња“ на Чаплин, „Херојскиот Кермес“ на Жак Фејдер, „39-те скалила“ на Хичкок, „Злосторството на г-дин Ланж“ на Жан Реноар, „Младостта на Максим“ на Козинцев и Трауберг... Во Скопје, со првите аматерски филмови започнува богатата филмска кариера на една од најзначајните фигури во македонската кинематографија - Благоја Дрнков.

1937 година - Појава на голем број значајни филмови, меѓу кои се и „Големата илузија“ на Жан Реноар, „Пепе ле Моко“ на Жилиен Дививие, „Кеј вомагла“ на Марсел Карне... Пријателите Благоја Поп Стефанија од Охрид и Кирил Миноски од Прилеп, со мала 8-милиметарска филмска камера, започнуваат снимање на аматерски филмови.

Сите овие сонувачи, истражувачи ги дофатија ѕвездите. Ѕвездите на бескрајот, на филмот! И не случајно легендата на нашата повоена киноприкажувачка дејност Кузман Кузмановски, во холот на скопското кино „Бамби“/„Манаки“, ја постави, врамена како слика, следнава мисла: Иако малечко, филмското платно е бескрајно!

СОНЦЕ НА ДИРЕК

Шеснаесетгодишен момчак со голема кошница в’раце (прекриена со бело платно) снове низ сокаците на градот меѓу еснафлиите и меѓу војниците стационирани во него. Продава топли мекици. Секое педаче му е добредојдено. Што повеќе педачиња ѕвечкаат во неговиот џеб, толку поблиску до планот што го има замислено. И кога ќе се спушти сонцето зад планините, момчакот е повторно со кошницата, но тогаш се упатува кон долгиот двор на Шесколеновци. Брзо ги распродава мекиците и потоа со ширум отворени очи им се восхитува на подвижните слики што на ѕидот од куќата ги проектира подвижниот проектор на германската војска. Се восхитува и посакува и тој да има кино. Животот да го подреди на тоа ново „чудо“. Педачињата што ги собира од продажбата на мекиците се наменети за купување, ене, онаков проектор. Cinema paradiso!

Секвенци од филм ли се ова? Може да биде, но ова се сцени од реалниот живот.

Прилеп. Паланка прилепена на пелагониската висорамнина, притисната од легендите и митовите, притисната и од историската оптовареност. Воена 1916/1917 година. Градот, пооддалечен од фронтот, служи како полигон за одмор на војските. Низ неговите сокаци севезден сноват разни воени разузнавачи и контраразузнавачи. Сноват шпиони од разни сорти, се врткаат и шпекуланти со бројни понуди од големиот свет.

Шеснаесетгодишниот момчак што продава топли мекици е Пане Напески. Прилепска легенда - киното на Напе, фотографски хроничар на Прилеп...

За Панета Напески најнапред слушнав од Бранко Варошлија и од Коле Чашуле. Коле расправаше за настанот кога светнала светилка пред киното на Напе и прилепчани вчудоневидени коментирале: „Гледај, сонце на дирек!“ И еден убав пролетен ден, 7 април беше од 1977-та година, со Бранко Варошлија седнавме во автобус и правец - Прилеп. Се упативме кон зградата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“. На главното џаде/улица за Битола (тогаш го немаше обиколниот автопат). До зградата на театарот, прилепена и малку вовлечена, се наоѓаше една симпатична еднокатница од старата прилепска архитектура. Пред портата не пречекуваат двамина во поодминати години. Со благородни физиономии. Пане Напески и жената му Слободанка. Скромно облечени, но со отворено срце. И домот нивен е скромен, но со атмосфера на благородност, убавина... А горе на катот е пијаниното марка „Франц Фух“. Пане Напески е едноставен, секогаш подготвен да расправа за својата работа, за своите сограѓани, за филмот, но над сè за фотографијата којашто му остана пасија и професија до крајот на животот. Во малиот хол се сместени неколку паноа од неговата последна фотографска изложба. Во трпезаријата, на големата старинска маса чичко Пане распостила фотографии, плакатчиња, дипломи. Тука е и Мајсторската диплома/писмо за положен киноапаратерски испит од 1932 година. Времето лета. Четири часа како еден миг. Испреплетени спомени од минатото со бројни духовити реплики за сегашноста. Ве меѓувреме жената на чичко Пане Слободанка принесува ручек. Ние се опираме, но нема каде: „Гости сте ни, скромно е, но од срце е“, вели домаќинката. Некаде кон четирите саатот Пане погледнува на часовникот: „Деца, одам на утакмица, треба да сликам. Ќе продолжиме некој друг ден.“ Ги обесува околу вратот двата фотографски апарата (една „Лајка“ и другиот 6x9), се поздравуваме и тој заминува в’десно, кон стадионот. Со лесен, чиниш младешки чекор. А тогаш имаше 75 години. Во Прилеп одев уште три пати „вооружена“ со фотоапарат и касетофон. Чичко Пане расправаше, а во паузите свиревме на пијаниното. Или тој сам, или јас сама, но најчесто четворорачно. Свиревме познати филмски мелодии. Особено онаа од филмот на Александров „Овчарчето Костја“: „И тот кто с песни/ по жизни шагает/ тот никагда и нигде/ не пропадјот“.

Од неговите приказни насетив дека комплетната документација од киното ја зачувал, но тој ми покажуваше само по нешто. Она што тој сакаше да го покаже. Јас дискретно ќе потпрашав нешто, а тој дипломатски ќе го одбегнеше одговорот. Испраќајќи ме до портата, при мојот трет престој во Прилеп, ме праша: „А чија си ти Илинке? Гоче нешто ми кажа.“ Гоче е помладиот брат на Панета. „Па така како што Ви кажал Гоче. Тој знае чија ќерка сум“, му одговорив. Се насмеа: „Голем човек е татко ти, и чесен. Беа пријатели со Ченто. Слушај, следниот пат да дојдеш со кола или комбе и расчисти го таванот.“ Така и беше. Документацијата за киното на Напевци пристигна во Кинотеката. А приказната за Панета Напески се најде на страниците на повеќе списанија и весници (вклучувајќи го и „Кинотечниот месечник“). За него беше направен и телевизиски документарец насловен како „Сонце на дирек“.

Пане Напески е роден на 6 мај 1902-та година во Прилеп. Мајка Донка, татко Димко. Таткото бил фотограф и за тоа време важел за нашетан човек. Престојувал во Париз и таму го изучил фотографскиот занает. Во Париз за првпат го видел и најновото чудо - филмот. Било тоа во 1912 година. Кога се вратил во Прилеп им раскажувал на своите најблиски. Најверен слушател му бил синот Напе кој се одликувал со невообичаено љубопитен дух. Уште како дете го интересирале сите нови технички пронајдоци. „Татко ми, за да ми го објасни феноменот на филмот, ми го споредуваше со караѓоз-пердеси, со оној, нели, турски театар на сенки. Си замислував, сонував, ама дојде ден во живо да го видам она што татко го расправаше.“

Во воената 1916-та година Пане првпат се соочува со новото техничко чудо - кинематографот. Во долгиот двор на прилепското семејство Шесколеновци германската војска организирала филмска проекција. Пане бил восхитен. И одлучен - ќе направи сè за да отвори кино. Договор паднал меѓу него, татко му и мајка му. Сè што ќе се спечали да се штеди за купување кинопроектор. И така почнува. „Мајка ми Донка правеше мекици, а јас - со кошницата низ град, меѓу војниците... Мајка ми замесуваше и пржеше, јас продавав. Во паузите, дење, играв и фудбал во нашиот клуб ’Огнена искра‘. Филмот, фотографијата и фудбалот ми се најголемата љубов. А? Сè на Ф или 3 Ф!“

Во месец март од 1917-та година во Прилеп повторно доаѓа подвижно кино на германската војска и тука останува два-три дена. Овојпат киното се сместува во Големата џамија под Саат кулата (прилепчани ја нарекувале и Чарши џамија оти се наоѓала среде чаршијата). Пане ги гледа сите проекции. „Плаќавме влезница 50 фенинга. Имаше еден смешен филм (после разбрав дека главниот глумец бил Макс Линдер) и еден филмски журнал. Воен - имаше тенкови, оклопно оружје. Јас си продавав мекици, штедев и гледав филмови. Но, повеќе ме интересираше проекторот. Се врткав околу него, војниците ме забележаа и се спријателивме. Имав среќа оти оние што ракуваа со проекторот се сместија во нашата куќа. Со нив отидов дури до селото Лисолај, кај Битола. во близина на фронтот. Гледав и учев.“ Војниците од подвижното кино му дале на Панета и рекламни проспекти и му препорачале што е најдобро да набави за своето идно кино. Пане и татко му Димко одлучиле со заштедените пари (и со нешто позајмени од лево и десно) да купат проектор „Ернеман 1“ во производство на германската фабрика „Круп-Ернеман“ од Дрезден. Парите му ги предале на еден од војниците што заминувал за Германија на кратко отсуство. И набргу потоа во Прилеп пристигнал проекторот. „На нашата радост и немаше крај. Проекторот беше на рачен погон, а за светлосен извор се користеше светлина добиена од газолин. А киносала ни беше една барака, или ако сакаш повеќе поголема шупа што се наоѓаше во дворот од нашата стара семејна куќа. Ја затемнувавме со црни платна, а внатре поставивме две црвени ламби на газија.“ А старата куќа на Напевци не беше на сегашново место кај Театарот. Беше нешто прудолу, на кај реката, меѓу Грчката и Старата црква, или како што се наречени црквите „Св. Преображение“ и „Св. Благовештение“.

И би кино!

Октомври 1917 годииа. Повеќе од 250 гледачи се сместиле во салата. Кои седеле, кои стоеле. Проекторот забрмчува. Со него ракува таткото Димко. Пред платното е сместен полуконцертен клавир. Свири - Пане Напе. Прв филм - „Дамата со камелии“ (првата екранизирана верзија на познатиот роман на Александар Дима-синот) и еден журнал. Журналот го снимил некој германски воен снимател и е насловен „Изгледот на Прилеп“. Киното на Напевци ќе го добие и својот назив: ПРОГРЕС. Почнува да се остварува сонот на младиот Пане.

„Ех, какво време беше тоа. Воено. Една војска ќе замине, друга ќе дојде. Добра заработувачка во киното. И војници, и прилепчани, а доаѓаа и од поблиските места. Вистинска врвулица. Ама тоа со војниците - требаше да се внимава што филмови пуштаме. Еве на татка што му се случи: во градот беа стационирани српско-француските војски. Во салата кај нас едно чудо француски војници. Татко, нешто расеан, зема ролна и ја постава на проекторот. Јас седам до клавирот и се спремам да ја стокмам музиката според сликата. Татко ми го пушта филмот не погледнувајќи низ прозорчето за да ја провери проекцијата. Јас се стаписав: на екранот оди парада на гардата на цар Фердинанд сред Софија! Срипаа француските војници, офицерот со пиштол в’рака ќе го апси татка. Провокација било, велат. Среќа, во кабината со татко ми се згоди еден негов пријател, Турчин, кој знаеше по нешто френски. ’Не е намерно, вели и мавта со рацете, грешка е, грешка, простете...‘ Се извлече некако татко ми од оваа непрјатност, но оттогаш не застана до проекторот. Јас го заменив. Станав киноапаратер.“

Но работата на проекторот со помош на газолин создавала проблеми во уедначеноста на сликата. И така, Пане, во јануари од 1918-та заминува во Софија каде купува мотор (марка „Дајц“) и динамо за производство на електрична струја (марка „Сириус“). Киносалата малку ја подотерал, инсталирал струја, а пред киното поставил рекламни светилки. Прилепчани биле вчудоневидени. Велеле: „Гледај, сонце на дирек!“ Во киното „Прогрес“ ќе работи целата фамилија Напески: едни ќе стојат на влезот и ќе продаваат билети, други ќе го одржуваат редот во киносалата, а Пане ќе работи со проекторот. Одвреме навреме крај проекторот ќе го замени некој од неговите, а тој, Пане, ќе седне крај клавирот и ќе ги „придружува“ немите филмови. Работата во киното оди добро. Филмовите ги рекламираат со испишани плакати залепени на ѕидовите, оградите... „Најбројни посетители беа младите. Е, моите прилепчани, оние повозрасните, почнаа да негодуваат, те филмовите лошо влијаат врз младите, ќе ги расипат... Малограѓанштина, што да ви кажувам. Ама јас бирав добар репертоар, ми помагаше прилепската интелигенција, ете, Мината (Кирил Миноски) помагаше најмногу. Тој беше одлично информиран за филмот. Читаше многу... знаеше.“

Во 1921 година Пане Напе ќе дознае дека закупецот на киното во битолскиот Гранд хотел „Америка“ (Темелко Трајков од село Цапари, повратник од Америка) го откажал закупот и еве шанса да се прошири работата на Напевци. Три месеци од таа 1921 година Напе ќе го „разработува“ тоа битолско кино, но настаните во неговото прилепско кино ќе го примораат да ја напушти Битола и да се врати назад, во Прилеп. Што се случи? „Ех, што се случи. Беше голема зима, таа 1921/22, натрупа многу снег. А бараката наша (киното) стара, дотраена. Се сруши. Извлековме сè, расчистивме, но што со кинопроекциите?“ Најнапред киното на Напевци ќе биде инсталирано во кафеаната „Велика Србија“, но власта реагира и доаѓа до нова преселба. Новата локација е на Старо Корзо, во кафеаната „Кајмакчалан“. По извесно време киното повторно се враќа во „Велика Србија“. „Не одеше повеќе вака, преселбите носеа ризици најмногу по техниката. А и публиката се разретчи. Едно е да имаш постојана киносала, а друго е да се рашетуваш по кафеани. Имаше само две решенија - или ќе се откажеме од киноприкажување и ќе се зафатиме со нешто друго или, пак, ќе треба да се бара чаре. Мајка пресече (татко ми беше веќе починат, ненадејно): ’Ќе се задолжиме, ќе купиме земјиште и ќе градиме кино‘. И така бидна.“ Во ноември 1931 година започнува изградбата на киното на Напевци. Тоа е зградата на сегашниот Народен театар. Киното е градено од цврст материјал, салата е долга 18,50 метри, широка 9,65 метри, а висината е 7,50 метри. Во партерот има 283, а на балконот 76 седишта. Седишта фиксирани за подот кој, пак, има одреден нагиб. Постои прво, второ и трето место. Според удобноста и цената на билетите. Најскапи се оние за балконот, а најефтини за трето место (напред, пред платното). И кинокабината е стокмена според сите правила. Вистинско кино! „Е да, вистинско кино, ама за да проработи, покрај сите можни дозволи, планови и решенија, требаше да се исполни уште еден услов. Во Кралството Југославија постоеше Закон за дуќаните (за трговијата) во кој беше децидно кажано дека не може да се отвори ниту едно кино доколку киноапаратерот нема положено мајсторски испит. Јас занаетот го знаев на прсти, но мораше да се полага. Да се разбереме, тоа беше добро оти сè зависеше од киноапаратерот - и копиите, и односот на публиката... Значи заминав за Белград, се полагаше во киното на Новаковиќ. Беше март 1932-та година. Заедно со мене имаше уште дванаесетмина кандидати од други градови на Кралството. Еден од комисијата гледа од каде сум дојден и, пред почетокот на испитот, ми вели: ’Што си дошол, треба да се знае, а не само да се рашетуваш по патиштава’. Мислеше дека во мојата глава нема ништо, ама ќор му излезе есапот. Како топ одговарав, те за противпожарните мерки, те за марки на проекторите, те за тонот... Ме изрешетаа надолж и попреку, ама не ме фатија да не знам.“

Пане Напе во Прилеп се врати со мајсторско писмо/диплома за киноапаратер. Пред отворањето на киното Пане Напе ќе набави и тонски уред марка „Телевизија“ што ќе му биде придодаден на постојниот проектор „Ернеман 1“. На 25 октомври 1932 година киното на Напе ќе биде заведено во регистарот на трговски дуќани при Прилепскиот првостепен суд. Како сопственици се водат Пане Напески и мајка му Донка Напеска. Вработени во киното се Пане, мајка му Донка и Слободанка и Ружа Напески.

Новото кино, сега именувано како „Балкан“ ќе ја одржи својата прва проекција кон крајот на октомври 1932 година. На репертоарот е звучниот филм „Титаник“. Прилепчани се восхитени! Во почетокот и сè до 1938 година киното ќе работи двапати неделно (во саботите и неделите), но и за државни и верски празници. Подоцна веќе, од 1938 година па натаму, во кино можело да се оди од петок до понеделник и, се разбира, во празнични денови. Програмата се менувала четири пати месечно. Но во летниот период, кога сите беа на поле, киното престанувало со работа. До крајот на полските работи.

(Во 1935 година во Прилеп ќе биде отворено уште едно кино - она во Занаетчискиот дом. и сè до вселувањето на Народниот театар во киното на Напевци во годините по Втората светска војна, прилепчани имаа избор во кое кино да појдат, што филмови да гледаат. Денес, веќе, ја немаат таа шанса. Во Прилеп не постои ниту едно кино! Одвреме-навреме ќе се сврти некој филм во Домот на културата „Марко Цепенков“, но таму кинопроекторите - набавени нови кога беше изграден Домот - од мирување остареа, сетики имаат по некој проблем, по некој дефект).

Пане, опкружен со своите пријатели, вистински филмофили, со големо внимание го составува репертоарот. Воспоставува одлични деловни врски со најпознатите дистрибутери во Кралството Југославија, особено со „Меркур филм“ од Загреб. Прикажува американски, француски, англиски, шпански, чешки, руски, италијански филмови... Со филмовите како „Грофицата Валевска“ и „Дамата со камелии“ со Грета Гарбо, со „Источниот крик“ со Паул Муни, со „Багдадскиот крадец“, „Раѓањето на цивилизацијата“, „Манон Леско“, „Лордот Нелсон“, „Том Соер“, „Пикова дама“ со Пјер Бланшар и други значајни филмски иаслови Паневото кино ќе го заработи епитетот „прилепски културен центар“. Но, уште еден епитет ќе му биде придодаден. Имено, од 1938 година, па се до почетокот на Втората светска војна, Пане на репертоарот ќе стави цела една дузина советски филмови - „Петар Велики“, „Моите универзитети“, „Волга, Волга“, „Овчарчето Костја“, „Чапаев“, „Сорочински саем“, „Стенка Разин“ и со тоа ќе го заработи епитетот „Црвеното кино на Напе“. Во раце го држам рекламниот плакат за филмот „Петар Велики“ на Петров, со Черкасов и Тарасова во главните ролји. Го читам текстот што самиот Напе го напишал: „Советски велефилм за основачот на големата и силна Русија, работен според прочуениот роман на најголемиот писател на денешна Русија - Алексеј Толстој. Филм за легендарниот цар - работник. Пример на историската репродуктивна уметност. Идеален тип на критички историски филм.“ Слушнав од повозрасните прилепчани дека билетите за советските филмови биле поевтини. „Ех, да. Сакав што повеќе луѓе да ги видат. Да дојдат и оние што немаа многу пари. Билетите за овие филмови ги продававме во книжарницата „Просвета“ на браќата Попоски. Е, ама кога дојде окупацијата, властите ми застанаа врз глава. Те германски, те италијански, те унгарски филмови. Кај мене беше останат, од оние руските филмови, само ’Волга, Волга‘. Го скрив кај пријател ми Пецо Јандреоски од Варош. И добро направив. Дојде ослободувањето и јас го отворам киното, трешти звучникот и го најавува ’Волга, Волга‘. Трешти музика, река народ од митингот право в’кино.“

Го замислувам чичко Панета како е растрчан меѓу киното и збиднувањата што сака да ги забележи со фотографскиот апарат. Тие први повоени денови. Еуфорични! Со сон и идеали! Напе слика за да остави за историјата. А квечерина пушта филмови.

Но, работите набргу добиваат поинаков тек. Пане остроумно ги расчленува нештата и на 14 јуни 1946 година го испраќа следново писмо до Филмското претпријатие на ФНРЈ - Дирекција за Македонија: „Разбирајќи ја улогата на филмското претпријатие и потребите на државата го подарувам на филмското претпријатие мојот биоскоп со зградата и целиот инвентар на улица Маршал Тито број 104...“ И само моли, бидејќи нема други приходи, да остане во киното како киноапаратер, а жената му да биде касиер, вратар или слично. Но, новата (народна) власт нема да му удоволи на молбата. Напротив. Заради тоа што во времето на окупацијата проектирал филмови од германска и италијанска продукција Битолскиот окружен суд (во името на народот) ќе донесе пресуда за конфискација на Напевото кино. Иронија на судбината! Но, ѕвездите може да се дофатат и поинаку. „Така започна мојот втор живот. Во тие повоени години имаше толку многу работа. Започнав да обучувам киноапаратери, а во тие денови ја формиравме и Народна техника. Раководев со курсевите за фотоаматери и возачи. Колку сум обучил? Не паметам. Многу! Велат преку 5000 курсисти. Можеби. И никој од Народна техника не ме заборава. И овие од градов, и оние од Републиката. За секој јубилеј ме повикуваат. И разни признанија ми доделија. Сакам на младите да им помагам, да научат нешто добро, корисно... Откако престанав со киното, цело чудо фотографии исликав. Прилепчани ме нарекуваат, ’фотографски хроничар на градот‘. Ете, лани ми направија голема, како велите, ретроспективна изложба во Домот. Не се жалам. Добро е! А еве, и во зградата на киното сега е нашиот народен театар. Малку го адаптираа, ама тоа е тоа. Одиме на претстави со жената ми Слободанка. Нè канат. Па театарот ни е во дворот... Ајде сега да ја засвириме и запееме онаа од „Овчарчето Костја“. После ќе морам да одам, има фудбал, ќе направам некоја фотографија...Ако сакаш почекај ме, па по утакмицата може да прошетаме до кај Пата во книжарницата, а потоа на ќебапи кај Методија...“ Јас останав да ги гледам фотографиите од човекот што му остави историја на Прилеп (како што тоа добро ќе го уочи Тачко Локвенец во еден свој текст за Панета Напески). Фотографски сведоштва за Прилеп во текот на цели шест децении - занаетчии (ортомари, кожари...), градски и селски куќи, полиња, тутуноберачи, природа, манастири, за Маркови кули, пак, да не зборуваме...

Почина кон крајот на мај во 1979-та година.

Некаде есента од 2002-та година ми се јавува внукот на Панета, писателот Ѓоре Напески. „Илинка, дојди на промоцијата на мојот нов роман. Има нешто што ќе те интересира“. „Прочитав во весниците, му одговарам, но не ќе сум во Скопје, за жал“. „Добро, јави ми се штом се вратиш“, го завршува телефонскиот разговор Ѓоре. На 5 октомври истата година се сретнавме и ете го неговиот роман „Тренда“ во моите раце. Она што дискретно ми го спомна во телефонскиот разговор е на страниците од 145 до 151. Киното на Напевци! Главната хероина на романот раскажува:

„...Поради сето теа кога со Ристета Ричка се зедовме, се венчавме, наместо на свадбено патување, си појдовме на две најпосетени места во градот. Најпрвин во слаткарницата на Биџовци, к’де што си к’снавме по неколку шербет баклави а потем во бископот, во киното на Напевци, к’де што се скинавме од смеа гледајќи го Шарло како со нож и виљушка јадит еден варен чевел. Филмот го вртеше Пане, синот на Димко Напе, оној што ме кадроса на свадбата пред црквина порта. Порано Димко бил тој што ги прикажувал филмовите, а Пане свирел на пијанино, ги придружувал. Тој уштем оттогаш бил запаметен како голем занесенко... Подоцна, по мојата мажачка со Ристета Ричка. Баш во теа време, Пане заедно со мајка му Донка (татко му, во меѓувреме, ќе умре апансас) ќе се зафати со изградба на нова и аслим зграда за киното... Беше време никакво. Мрачно, мачно, тегобно... Уште поцрно стана по убиството на Александар, кралот... Во градот имаше поќем џандари отколку војници во касарната... Баш во тие години, мож малку и подоцна, Пане да ти набавит за прикажвање руски, советски филмови... Еден од нив - „Овчарчето Костја“ - два пати го гледавме. Нè привлече со песните... Многупати кога ете, така ќе ми наиде мелодијата на таа песна од „Овчарчето Костја“, на Панета Напе помислувам, ми навираат сеќавањата за него. А бе тој или беше ептен будала или немаше похрабар човек од него во градот! Се прикажвале ли советски филмови во тоа време, при таква власт со диктатури, обзнани...“.

ПРИЛЕПСКИОТ ЏЕМС КЕГНИ

„Оставете ме да сонувам;
ако тој сон е мој живот,
не будете ме!“

 Мигел де Унамуно
кино ’Балкан‘
за Пане Напески, Прилеп

 

„Драги друже Пане,

Ти праќам детето со филмо ’Марти‘ шо Го зедов од Скопие, јас Го играв 6 дена многу е убав само во почетокот нема натписи но то не пречи.

Те молам дајму на детешо два филма од америнаските па јас ќе ти дам други филмови шо ќе ми донеса.

Сега да знајш оти на овој начин е решено за биоскопите. Само за филмојте ’Волга‘ и ’Петар Велики‘ се дават от Агит-Проп и тие филмој се дава на база 60% за Агит-Проп, 40% за биоскопо без да се плаќа никаква такса. Другите филмој шо ќе ги даваме ќе си плаќаме како до сега само државната такса и друго ништо.

Јас скоро ќе идам до Софија да земам филмој да имаме да играме дури да се отвори пато за Белград.

Чекам писмо од тебе.

Зерде“

Кино ’Бугарија‘

Христо Зердев, Битола - 10 ноември 1944

За Ристета Зердески имав слушнато многу одамна. Некаде по новогодишните празници од 1969-та година. Бевме собрани во просториите на Академскиот кино-клуб во Скопје и со големо исчудување ја читавме статијата на Димитар Димитровски - Такецот „Милиони за филмската уметност“ посветена на извесен Ристо Зердески. Беше објавена во „Нова Македонија“. Со голема скепса ги коментиравме наводите во споменатиот текст. Многу подоцна, веќе бев во Кинотеката, под рака ми дојдоа некои весници од Загреб од педесеттите години во коишто беа објавени прилози за првата филмска школа во Загреб, формирана во далечната 1922 година. Тука се спомнуваше и името на Зердески, како курсист на таа школа, но и како актер во филмот „Тие двајцата“, снимен во Загреб во 1927 година. И сè така некако ме следеше тоа име - Ристо Зердески - Зерде. Во 1975 година се појави монографијата на Такецот „Манаки и Битола“ и кога таму - еден многу кус животопис за Зердета со две фотографии. Провокацијата беше тука! Почнав да се распрашувам меѓу старите кинаџии, меѓу прилепчани... Коле Чашуле кратко ми го кажа следново: „Прилепчани велеа ’со лажица да се срка златото на Зердевци не може да се досрка‘. Но Зерде го досрка. И тоа за филмот. Каков сонувач, каков романтичар, каков идеалист беше тој“. Моето љубопитство уште повеќе беше поттикнато од раскажувањата на Илија Милчин: „Кога дојдоа фотоматеријалите од филмот ’Тие двајцата‘ во Прилеп ние, тогашните боси дечиња од основното училиште, секој ден минувавме крај дуќанот за дребулии на Тресиглаа каде во излогот беа изложени овие фотографии. И гледај, беа поставени заедно со тогашните наши филмски идоли - Хари Пил, Мачиста, Том Микс, Глорија Свансон, Пола Негри... Со восхит го гледавме нашиот Ице. На фотосите многу прилегаше на подоцнешната филмска ѕвезда Џемс Кегни. Подоцна, кога го продолжив образованието во гимназијата битолска, го запознав Зердета (имаше закупено кино во Битола). Тогаш сознав дека Зерде и по темпераментот, и по движењата, и по гестовите беше како близнак на Кегни, кого веќе често го гледавме на екраните. Сето слободно време ние, прилепските гимназијалци во Битола, го минувавме со Зердета - тоа ни беше нешто како кружок за филмската култура и уметност.“ И со показалецот високо подигнат, како што тоа знаеше достоинствено да го направи нашиот голем маг на македонската култура професорот Илија Милчин, со посебна интонација (како да е на сцена) заклучуваше: „Ице Зерде чесно го понесе името прв македонски филмски актер. Неговата неспокојна, крајно љубопитна, речиси барокна природа како да беше предодредена да се обиде во филмската уметност, пред се како актер.“ И Пеце Тасламически, стариот киноапаратер од киното во прилепскиот Занаетчиски дом, нашироко расправаше за дружењето со Ицета: „Зерде беше нешто друго, не како останатите сопственици на кина. Тој беше уметник. Беше и артист. Беше учен, сакаше да запознава нови работи, да открива. Водата стои, Ице не стои, секогаш имаше разни идеи, околу филмот најмногу. Мислам дека филмот му стана животна опсесија и тоа подоцна го дотолчи.“

И ја започнувам потрагата по Ицета Зерде. „По војната семејството се отсели во Загреб“, ми кажуваат. Вјеко Мајцен, мојот незаменлив колега од Загреб, пребарува и конечното известување е дека не може да фати никаква трага. Вјеко претпоставува дека семејството се отселило. Па сепак има нешто - ми го дава телефонскиот број на Маша Перенчевиќ, ќерката на Џука Беркеш (режисер на филмот „Тие двајцата“). Се јавувам. Таа не ги познавала многу, татко и одамна починал, но мисли дека Зердевци не се повеќе во Загреб. Ми испраќа фотографии од филмот. Копија од филмот нема. Следна дестинација - Крушево. Севастија, мајката на Ицета Зерде потекнува од крушевското семејство Нешкоски. „Одамна ги изгубивме контактите“, велат роднините, па сепак даваат неколку информации: Ристо починал, ќерка му се омажила во Нови Сад и мајка и заминала со неа. Не знаат како е новото (по мажа и) презиме на ќерката. Ѕвонам кај Карољ Вичек во Нови Сад: „Види Зердески, дојдени од Загреб, да!“ „Што работат?“, прашува Карољ. „Не знам. Таткото, кој најверојатно е починат, бил глумец, погледни во весниците од 27-та година, филм ’Тие двајцата‘“, му додевам на режисерот Вичек кој во тоа време подготвува игран филм. По едно десетина дена Карољ одговара дека не може трага да фати. Плус, никој од филмаџиите никогаш ништо нема чуено за тој филм. Претпоставува дека семејството се отселило од Нови Сад. Каде, побогу??? Останувам со празни раце. Само со сеќавањата на луѓето. Прилеп, Загреб, Нови Сад... каде?

Белград, 1981 година. Студена февруарска ноќ. Завршуваат полноќните проекции на белградскиот ФЕСТ во „Сава центарот“. Една љубезна госпоѓа, гимназиска професорка по биологија, се нуди со своето возило да н? префрли до хотелот во градот. И кога бевме некаде на половина од мостот преку Сава, таа, онака едноставно, напомнува: „Вие филмаџии, ама и јас имам една моја филмџика. Додуше таа е професор по музика, но татко и бил филмски глумец. Одамна, пред војната. Зердески.“ Јас којзнае како сум крикнала, па Георги Василевски и љубезната госпоѓа испаничено ме прашуваат да не ми е нешто лошо. Во мојата глава - бомба! Во тој момент за мене ФЕСТ-от заврши. Утредента, точно во 10 часот, доаѓам во скромниот дом на Павлина Зерде, сопругата на Ристе. Како потстанар живее во строгиот центар на Белград, наспроти тогашното Сојузно собрание, на вториот кат од куќата со број 13 на улицата „Драгослав Јовановиќ“. Живее сама. Белокоса, но и во овие поодминати години - убава жена, со манири на дама. По некое време доаѓа и ќерката Стефанка која живее со своето семејство во Нов Белград. Професор по музика. Ме прашува за диригентот Ванчо Чавдарски, тие биле колеги на Музичката академија во Белград. „Во Австралија е, Ѝ одговарам, замина од Македонија“. „Многумина заминаа, ете и ние, мојот Зерде...“, тивко и со болка се уфрла Павлина. И почнува приказната. Бројни фотографии, спомени. Следуваа повеќе средби и една убава, човечка, преписка. Прекрасен ракопис, висока писменост, чиста мисла. Ги чувам нејзините писма. Во едно ми порачува дека „животот без работа е бесмислен, па ти пожелувам, драга моја Илинка, многу успех во работата и добро здравје“. Не ме чуди тоа што Зерде, некогаш одамна, безмерно се вљубил во убавата, умна и образована Павлина. Не го најдов Зердета жив, но во тој дом го најдов неговиот дух. Дознав: Ристо Зердески починал на 1 мај 1970 година во Загреб. Што можевме во тој момент да направиме за Ицета Зерде? Најважно беше да го сместиме на вистинското место во културната историја на нашата земја. Во лексиконите и енциклопедиите да има одредници за овој голем фантазер, сонувач, вљубеник во филмот, човек што се обидел да ги дофати ѕвездите во ова наше мало, убаво, но и трагично поднебје. И... Загреб, 1985 година, зима. Голем снег. Со хрватските актери Реља Башиќ и Слободан Димитриевиќ се упатуваме кон градските гробишта во Мирошевац. Парцела 302, гробно место број 185. Скромен гроб со надгробна плоча и натпис: Ристо Зердески - Зерде (1906, Прилеп - 1970, Загреб). На белата снежна покривка ставаме раскошна жардениера со црвени рози низ кои е испреплетена лента. На лентата напишавме: На Зерде - со љубов.

Приказната може да започне...

Во преписот од Сведителството за свето крштевање, издаден на 22 јануари 1943 година од храмот „Св. Благовештение“ во Прилеп стои дека „Христо Михаилов Зердев е роден на петтиот ден од месец август илјада деветстотини и шестата година во град Прилеп, од православни родители Михаил Зердев и неговата законска сопруга Севастија. Светото крштение е извршено на петнаесеттиот ден од месец август 1906 година.“

Мајката Севастија била од семејството Нешкоски од Крушево, а таткото Михаил од познатото старо прилепско трговско семејство Зердевци. Ристо бил роден во раскошната стара куќа на Зердевци во тогаш главниот прилепски сокак (зградата и денес постои, се наоѓа спроти градскиот стадион, и во неа извесно време беше сместена градската геодетска управа). Ристо имал постар брат кој се школувал во Софија. Имал и две сестри. Но сите тие умреле доста млади и така Ристо останал единствено дете во семејството. „Ристе многу ми расправаше за неговиот дедо, стариот Зерде, раскажува Павлина. Тој бил богат трговец, сопственик на голем трговски карван (со камили) што се движел на релацијата Цариград - Виена. И ете, мојот Ристо кога бил мал најмногу сакал да се дружи со деда си. Одвај чекал дедо му да се прибере од некое патешествие. И кога ќе пристигнел, го земал внукот Ицко и правец накај манастирот. За Трескавец зборувам. Оделе дотаму пеш.“ А таму, во тишината на манастирот под Златоврв, се плетеле приказни за непознати пространства, за далечни земји... Ице, речиси без здив, ги впивал во себе приказните на деда си - за тие некои други луѓе, за нивните обичаи, облеки, танци... Љубопитството на малото момче немало крај - сакало се да знае, прашувало сенешто. А кога дедото бил на пат, внукот талкал покрај шатрите на патувачките театарски дружини. Со ширум отворени очи и без здив ја впивал умешноста на актерите. „Ице ми расправаше дека уште како дете посакал да стане актер, расправа Пеце Тасламически. И кога семејството било интернирано во Бугарија (во време на балканските војни) Ице и таму, во Софија и во Карлово, секое слободно време го минувал на театарски претстави. Е, во Прилеп се враќаат во 1920 година и колку што ми држи умот татко му Михаил беше кратко време претседател на Прилепската општина. Ама се поболе, истата таа 20-та година. Заминал за Солун на лекување и таму умрел.“ Во тоа време Ристо е веќе гимназијалец и започнува да настапува во училишната театарска група што ја формирал професорот Савченко. Играл во „Ревизор“, во „Сомнително лице“, „Народен пратеник“, потоа во француската комедија „Тој е глув“. Со „Тој е глув“ гостувале во Битола, во неколку други поголеми градови во Србија и конечно се претставиле и во Белград, во салата „Мањеж“ (денешното Југословенско драмско позориште). Во салата бил и големиот Добрица Милутиновиќ. Го забележал младиот гимназијалец кој и со својата игра и со својот изглед се издвојувал од останатите. По претставата му предложил да остане во Белград за да учи глума. Ице би летнал, но тешко бреме надвиснало над Зердевци. Смртта на татко му ги подзапрела соништата на момчакот. Останале сами - тој и мајка му Севастија. Биле безмерно богати, како што велат прилепчани „со лажица да се срка златото на Зердевци, не ќе се досрка“. Добрица Милутиновиќ и пишал писмо на мајката, но таа не сакала да слушне ниту за театар, ниту за нешто слично. „Ице мора да биде тука, во Прилеп, да ја продолжи семејната работа, трговијата. Мора да ми помага, немам кој друг“, велела Севастија. „А да си признаеме, се сеќава Павлина, во тоа време артистичката професија не беше многу популарна. Те есапеа за комедијант. Инаку Ице бил многу омилен, имал многу другари, играл и во прилепскиот фудбалски клуб. А бидејќи имал многу пари, мајка му не можела да го спречи парите да ги троши за помош на патувачките театарски дружини. Сакал да помага. За убави нешта да дава пари. И тука Севастија била немоќна. Ама Господ си ги реди работите. Некаде кон крајот на 1921 година, ми расправаше Ристо, Господ си ја повикал кај себе и Севастија. Мој Ицко останал сам со огромното семејно богатство.“ И што се случува? Љубопитството, немирниот дух, желбата за нешто ново, љубовта кон театарот и кон новата уметност - филмската, на чии дела Ристо им се восхитувал во киното на Пане Напе (а патем читал и разни филмски списанија што му доаѓале под рака), ќе го втурнат во една нова голема авантура. Возен билет за Загреб! И веднаш прашањето - зошто Загреб? Читајќи разни списанија Ристо бил добро информиран дека во Загреб се случуваат многу интересни работи во театарот и посебно во филмот.

Имено, по завршувањето на Првата светска војна, оптимизмот на хрватските филмски ентузијасти расте и со тоа Загреб станува центар на кинематографската дејност во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во 1919 година таму е формиран Сојузот на филмските претпријатија, а нешто подоцна (во 1924 година) и Сојузот на кинематографите на чело со Александар Араницки. Во 1919 година загрепската компанија „Кроација“ го снима првиот игран филм „Матија Губец“ според сценариото на Марија Јуриќ-Загорка. Ваквото интензивирање на филмската дејност во Загреб ја оживува старата идеја на Хамилкар Бошковиќ за отворање школа за филмска глума. Во 1922 година компанијата „Југославија филм“, на главната загрепска улица „Илица“ ја отвора првата школа за филмски актери во Југославија. Предавачи биле руските емигранти А. Базаров, Е. Грохман, Александар Верешчагин и други. Курсевите траеле по пет месеци. „Не се двоумев, ќе изјави Ристо Зерде во интервјуто со Такецот во 1969 година. Се спакував за Загреб. Во срцето носев голема љубов за филмот, во џебот многу пари од наследството, а во куферот облека по последна мода.“ Во школата Ице Зерде воспоставува бројни познанства, но посебно ќе го зацврсти пријателството со Џука Беркеш, еден од предавачите. По завршувањето на школата, каде, меѓу 40-те курсисти, е еден од најдобрите, Ице се враќа во Прилеп. Се движи на релација меѓу својот дом, киното на Напевци и прилепската театарска дружина. Во 1924 година дружината започнува да ја подготвува „Македонска крвава свадба“. Ице го игра ликот на дедото. „Колку што се сеќавам, расправа Тасламически, пробите ги држеа кај еден мој пријател фотограф - Димкарот. А премиерата се одржа во месец ноември во кафеаната „Велика Србија“ каде во тоа време работеше и киното на Пане Напе. Се сеќавам имаше многу публика и не ја збираше во салата. Многумина стоеја простум, некои ѕиркаа низ прозорците, а еден дел си заминаа дома. Поради ваквиот успех дружината реши поопстојно да ја подготви истата драма. Ице ми расправаше дека по селски алишта отишле во Кривогаштани. Сакале костимите да бидат, како се вели она, да, автентични. Следната претстава ја дадоа во Гимназијата. Каква турканица беше и тука. Јас ги гледав и двете претстави. Не оти Ице ми беше пријател па го гледав со поинакви очи, но ми се чинеше дека тој е поинаков од сите останати. Некаква магија имаше во него и околу него.“

Кон средината на дваесеттите години во главните југословенски центри се чувствува криза во филмското производство. Голем број филмски претпријатија и компании пропаѓаат. Меѓу нив е и „Југославија филм“ од Загреб. Но упорниот филмски ентузијаст Џука Беркеш ќе успее да присобере капитал за да ја заживее дејноста на оваа компанија. Кон крајот на 1926 година во рацете на Беркеш доаѓа текстот на комедијата на Пеција Петровиќ „Тие двајцата“. Тоа е класична комедија на забуна, при што еден актер треба да толкува два различни лика - селско момче, од една, и богато разгалено градско момче од друга страна. И двајцата се вљубуваат во селската убавица, а таа не знае кој е кој. Беркеш му се јавува на Зердета. Му ја нуди главната машка улога. Зерде „долетува“ во Загреб. Но, и покрај капиталот што го вложува компанијата „Југославија-Беркеш“, ќе се констатира дека за филмот недостасуваат уште пари. Во помош прискокнува и новото филмско претпријатие „Јадран филм“, но значаен дел од средствата вложува и Ристо Зерде. Што би се рекло - станува копродуцент. Златото на Зердевци полека се разретчува.

Режисер на филмската комедија „Тие двајцата“ е Џука Беркеш, снимател германецот Ханс Берге, а за главната женска улога била ангажирана убавицата Отилија Зампа, Мис на Загреб за 1927 година. Во останатите улоги настапиле Стјепан Визнер (професионален актер, најдобриот Хамлет на Загрепското глумиште), потоа Мила Мелантиќ, Олива Јанкова, Дмитриј Грузинскиј и други. Главниот (двоен) машки лик го толкувал Ристо Зердески. Снимањето на филмот се одвивало доста брзо во текот на пролетните месеци од 1927-та година. Голем број љубопитни загрепчани го следеле снимањето - низ загрепските улици, по шеталиштата и на плажата на Сава. Снимањето било вистинска атракција. Кон крајот на летото филмот се појавил во киносалите. Но, печатот не покажал некоја поголема наклоност кон ова дело на Беркеш. Му се забележува техничка

недотераност и драматуршка некохерентност. Но без исклучок, во сите гласила со големи симпатии се издвојува глумата на Зерде кој во филмот, тоа го истакнуваат сите, имал тешка задача - да толкува два различни лика. Печатот тоа го бележи и како своевиден куриозитет: „...овој филм е интересен по тоа што во него еден глумец (Ристо Зердевиќ) игра двојна улога, а тоа е досега - колку што знаеме - единствен случај во нашата играна продукција...“. И покрај неповолните оценки во печатот, загрепчани оделе во кино да го видат овој филм. Прво, поради улогата на Зерде, второ поради убавицата Отилија Зампа и најодзади за да им се восхитуваат на убавите загрепски глетки со кои обилувал филмот „Тие двајцата“. Во секој случај, филмот не донесол профит, компанијата на Беркеш рапидно пропаѓала, а Зерде размислува кариерата да ја продолжи во Виена. Но, „златото што се сркало со лажици“ полека се топи. Ристо Зерде откупува една копија од филмот „Тие двајцата“ за 50.000 тогашни пари и се враќа во Прилеп.

„Во тоа време низ Прилеп и Битола се зборуваше за Ристета како за вистинска ѕвезда, раскажува Павлина Зердеска. Зборуваа дека снимил филм во Загреб, зборуваа дека е вистински џентлмен, галантен... некој велеше дека личи на Џемс Кегни. Не знам. Се запознав со него кога се врати од Загреб. Дојде во Битола на еден карневал и тука нè запозна еден мој братчед. Што се вели се вљубив на прв поглед - строен, убав, со високо чело и питоми очи, што да ти кажам. Ама, и јас му западнав в’очи. Те ова, те она... сè ќе најдеше причина да се сретнеме. На 11 октомври 1927 година се венчавме. Таа свадба и ден денес се памети - од Битола до Прилеп, поворка од автомобили и пајтони. Милтон Манаки, се сеќавам, н? фотографираше. Роднините велат дека снимал и со камерата, ама јас не се сеќавам. Бев до гуша вљубена и она што го паметам е дека тоа беше еден несекојдневно убав ден. Потоа заминавме на свадбено патување. Во Загреб, јасно! Ме запозна со пријателите, одевме во театар, на опера, оперета... Зерде многу ја сакаше музиката, но во доверба да ти кажам тој самиот немаше многу слух. Добро е што нашата Стефанка се метна на мене. За музиката, се разбира. Инаку, на лика е целата на Ицета. Гледаш и самата, моја и на Ицета принцеза!“

По свадбеното патување младите сопружници се враќаат во Прилеп, за набргу да заминат во Битола каде Зерде, со остатокот од наследството, го зема под наем киното на браќата Манаки. Ова го прави со надеж дека прикажувачката дејност ќе му донесе профит и со тоа ќе смогне финансиска кондиција за заминување во Виена. Закупот на киното се однесува за периодот од 1 јануари 1928 година до 31 декември 1931 година. Годишната наемнина е 75.000 динари. Според договорот, Ристо Зерде бил обврзан киријата за 1928 година да ја исплати однапред, а за наредните години во месечни рати од по 6.500 динари. Зерде инвестира во модернизација на киносалата (со пари од продажбата на еден од фамилијарните дуќани во Прилеп), организира добра реклама, ангажира оркестар од Скопје што ги придружува немите филмови, го зема за апаратер искусниот Симо Георгиевски. Но најголемо внимание му посветува на одбирот на филмови. Тој прави напори во своето кино да прикажува филмови со високи уметнички квалитети. Длабоко верува во големото влијание што го има филмот врз гледачите, па со посебно одбраниот кинорепертоар настојува да го подигне културното ниво на киногледачите. Но, конкуренцијата е жестока. Во тоа време во Битола постојат уште две кина - она на Михаил Пема и киното во Гранд хотелот на Јефтиќ. Во овој период Зерде интензивно соработува со Напевци (Пане и Гоче) од Прилеп. Тој е длабоко поврзан со нивното кино уште од младешките години, верува во естетските критериуми на Панета, се консултира со него и со брата му Гоче. Заеднички договараат значајни филмски дела што ќе се прикажуваат во нивните кина. Најдобро соработуваат со дистрибутерите од Загреб. Работата тргнала на добро, па окуражен, Ице, во текот на неколку месеци, организира филмски проекции и во прилепската Соколана. Но набргу ќе се откаже од ова, бидејќи наеднаш попушта работата со киното во Битола. Расходите се големи, а приходот мал. За да го задржи нивото на киното, нивото на репертоарот, на рекламата и за да го исплати оркестарот од Скопје, Зерде го продава последниот дуќан во Прилеп за 400 златници. Но и ова не ги поправа работите, па така, на 31 декември 1929 година го раскинува договорот и со киното повторно работат браќата Манаки. Со овој чекор, и надежите за Виена бавно, но сигурио се топат во финансискиот колапс на некогашниот богат прилепски наследник. Но неуспехот нема да го истави од филмот. Тој сè уште се надева... Со малу пари и со многу долгови зад себе Зерде заминува за Скопје. Тука извесно време работи кај киносопственикот Нахмијас, но набргу заминува за Белград. Работи во киното „Луксор“ на Милош Савковиќ. Тука конечно се соочува со реалноста - му станува повеќе од јасно дека од сонот за Виена и за филмска кариера нема ништо. За такво нешто се потребни цели богатства, а тие сега за него се дамно минати времиња. Но, донесува значајна одлука: ако нема да прави филмови, тогаш барем да биде во дружба со филмската лента. Неотповикливо - дружба со филмската лента! Кога е веќе во Белград мора да го положи мајстроскиот испит за киноапаратер. Но и за ова се потребни пари! „Јас го продадов семејниот накит (оној од баба ми, од мајка ми), расправа Павлина. И така мојот Ице го заврши киноапаратерскиот курс во Белград и во 1932 година го положи и испитот и доби мајсторска диплома“. На 1 декември 1936 година Ристо, со помош на Нахмијас и со нешто пари заштедени од работата во Белград, од Хипотекарната банка повторно го зема битолското кино на Манакиевци под закуп. Според договорот за закуп, кој важи десет години, годишниот наем е 24.000 динари. Киното, кое се наоѓа на главната битолска улица „Крал Петар“ број 93, го добива називот „Корзо“. Ристо Зерде го преуредува киното, од Загреб набавува нова тонска апаратура за прикажување звучни филмови марка „Филипс“. За сево потрошил една добра сума пари - околу 30.000 динари. Во моментот се чини дека работата со киноприкажувачката дејност ќе тргне на добро.

Во 1939 година Зерде, за своите роднини и пријатели, во киното приредува проекција на филмот „Тие двајцата“. По проекцијата копијата на филмот останува во кинокабината. На Дуовден во истата таа 1939 година, на вечерната проекција на францускиот филм „Женски затвор“ во киното избувнува пожар кој уништува сè. Во него изгоре и копијата на филмот на Џука Беркеш, со Ристо Зерде во главната машка улога. „Уништен, извесно време работи со Дурацо, во неговото кино. Па пак замина за Белград. Ја водеше рекламата за филмовите во киното „Луксор“. Кога почна Втората светска војна мој Ице се врати во Битола. Почна да работи во старото кино во хотелот на Јефтиќ.“ Киното го носеше називот „Бугарија“.

Последното сведоштво за кино-прикажувачката дејност на Зерде е писмото што му го упатува на Панета Напески во Прилеп. Со датум - 10 ноември 1944 година.

Во едно интервју Благоја Дрнков, директор на Филмската дирекција за Македонија, спомнува дека, кога во 1946 година дошол во Битола за да го преземе киното „Македонија“ („Бугарија“) во хотелот на Јефтиќ, ја слушнал приказната за последниот закупец на киното - Зерде. Лично не го запознал. Слушнал и тоа дека некогаш бил филмски глумец и дека снимил игран филм.

И да ја завршам приказната. Напуштен и заборавен од сите се обидел уште еднаш да ги дофати ѕвездите. Во печатот на штотуку ослободената земја ја открив вестта за судењето на една битолска група која организирала канал за бегства во соседна Грција. Меѓу обвинетите е и Ристо Зерде. Првиот од групата (жена) е осуден на смрт и стрелан. Зерде, според тежината на делото, само е условно казнет. Значи, вината е ништожна! Па, сепак - заборавен и напуштен од сите! Кога го слушнав овој крај се сетив на Жорж Мелиес. И на останатите пионери на филмот. Судбина им била, веројатно, сопственото семејно богатство да го „прокоцкаат“ за љубовта спрема фантастичниот свет на подвижните слики. Но сите тие останале во историјата!

Зерде, веројатно длабоко разочаран, заедно со сопругата Павлина и ќерката Стефанка земаат возни билети во еден правец - Загреб. Таму ги воспоставува старите познанства и почнува да работи како трговски патник. Но не како дедо му - со карвани. Работи и за македонските претпријатија, ги пласира нивните производи на пазарот во Хрватска. Животот му згасна во станот на четвртиот кат во зградата со број 4 на Лениновиот плоштад во Загреб. На 1 мај 1970 година.

На еден научен собир, одржан во 1988 година во Прилеп, на тема „Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни“ поднесов реферат за дејноста на Ристо Зерде и на Кирил Миноски. Неколкумина од „правоверните“ (безмерно ги почитувам оние што со големи идеали се бореа за слободата на мојата Македонија) ми забележаа дека е недостојно да се пишува за еден народен непријател каков што е Зерде. Водителите на собирот, почитуваните Крсте Црвенковски и Вера Ацева, ме прашаа дали јас ќе одговорам или пак тие да одговорат. Јас одговорив. „Да ве прашам, драги мои, дали кога би имале некаков сон за нешто бескрајно и безгранично каков што е филмот и наеднаш се стрефите во некаков нов систем во којшто, се шушка, дека нема да има место за мечтатели, туку само за работничка класа, дали тогаш, драги мои, не би помислиле да заминете и да помогнете и на други да заминат?“ Потоа ги прочитав обвинението и пресудата. Во салата - молк. Никој не реплицира. На крајот бев и малку повеќе арогантна, за што денес навистина жалам. Реков: „Не

знам колкумина од вас ќе го заслужат местото во нашата историја, дали ќе имате енциклопедиски единици. Ристо Зерде има енциклопедиска единица во една од најдобрите светски филмски енциклопедии, онаа на Лексикографскиот завод на Хрватска. Единицата јас ја потпишав. И се гордеам со тоа. Но не ги почитувам оние кои добија боречки стаж со потпишани изјави. Тоа не се ’релевантни енциклопедиски единици‘“. Седнав на местото и се чувствував изгубено и посрамено заради мојот еуфоричен настап. Сепак, сите тие старци се бореле... требаше да имам такт, да покажам малку дипломатија... На паузата дојде Вера Ацева: „Браво, иста си како Олга“, а Крсте Црвекоски ме прегрна и ми шепна: „Имаш право, така беше. Ице е голема личност и не треба да се валка со нашите чаршиски малограѓанштини“.

Ице Зерде остана во историјата на филмските магови!

ШИРЛИ ТЕМПЛ - ЗА ДОБРЕДОЈДЕ

Некаде во почетокот на нашата транзиција, кога кај нас прекуноќ почна ословувањето со господа, ме повика една млада новинарка (почетник) од Ма кедонското радио да разговараме нешто околу вечната тема - филм. Емисијата одеше во живо. И уште на почетокот ме ослови со госпоѓа. Мене мрак на очи ми падна и во истиот момент зажалив што пред микрофонот не е Благоја Куновски, па да направиме вистински „симпозиум“ за новокомпонираното однесување/ословување. Не додржав и наместо да одговорам на првото поставено прашање, одржав цело едно пледоаје: „Јас сум филмски критичар, а дали сум госпоѓа таа и таа тоа треба допрва да се види. Треба да се исполнат едно чудо предуслови за некој да биде ословен така. Не можам некого да ословам со господине (како што „тераат“ во Парламентот) доколку знам дека на дотичниот му недостасуваат првите седум години од животот“. (Ова беше метафора, се разбира.) Новинарката беше стаписана; млада и неискусна, не знаеше како да ми реплицира. (Ах, Доре, си мислев, повторно шеташ по белосветските фестивали, а тука можевме да направиме вистински „фестивал“ на зададена тема.) И за да ја смирам младата новинарка и да се вратиме на темата „филм“ и реков: „Ќе ви дадам еден пример - во 1978-та година правев интервју со еден стар битолски кинаџија. Михаил Пема му беше името. Од првата средба со него сфатив дека не можам да го ословувам ниту со другар, ниту со чичко. Тој беше Господин во вистинската смисла на зборот - со однесувањето, со зборувањето, со манирите... Ме потсеќаше на мојот загрепски професор д-р Анте Фиаменго. Е сега, да одговорам на вашето прашање...“. Новинарката здивна!

За Михаил Пема имав слушнато поодамна. Некаде во средината на седумдесеттите години. За него и за неговото кино ми расправаа повеќемина битолчани - и Стефче Хаџи Андоновски, и Миле Михајловски, и Томе Лазаревски - Шефо, и Симо Георгиевски. Но обидите да стасам до него подолго време не вродија со резултат. Причината беше многу едноставна - нарушеното здравје на Пема. Годините си го правеа своето. Оставија печат врз некогаш челичното здравје на познатиот киноприкажувач или како што битолчани имаа обичај да го ословуваат - „живата историја на битолските кинематографи“. Конечно, за 20 септември 1978 година е закажана првата средба. Со мене доаѓа и Стефче Хаџи Андоновски. Пред влезот на една стара битолска куќа на улицата „Страшо Пинџур“ број 3 нè дочекува сопругата на Михаил Пема. Со неа се искачуваме на вториот кат. Пред влезот од станот „Добредојде“ ни посакува Ширли Темпл. Тоа е кукла од картон во природна големина на иекогашната малечка филмска ѕвезда. И оттука натаму ние сме во царството на

битолскиот „чудотворец“, вљубеник во „сликата што оди“, (страст што ќе го втурнува во најнеразумни животии ситуации, љубов што ќе го измачува целиот живот). Се најдувам пред Михаил Пема. Безмерно благородна физиономија, бела коса, високо чело, благ поглед, дискретна насмевка на складното долгнавесто лице. „Има ли господинот Пема нешто благородничка крв во себе?“, му шепотам на Стефчота. Тој полн со гордост што успеал да ја „удене“ оваа средба, само дискретно се насмевнува. Првичната резервираност на Пема спрема нас набргу исчезнува. (Вакво однесување - првична резервираност - забележав кај речиси сите бивши киносопственици со кои имав можност да се сретнам и да разговарам. Заклучувам дека тоа се должи на претрпените трауми од времето на национализацијата на нивните кина и на понижувањата што во тој период, а и подоцна, ги доживеале. Оставени на работ на егзистенцијата - сите, речиси без исклучок.) Широка насмевка набргу го покрива лицето на Пема, а потекува и река од сеќавања. Во еден момент (мислам дека тоа беше во текот на нашата втора средба) ми вели: „Ве молам Илинка, ословувајте ме со чичко Михаил или само со Пема, та сега, мислам, дека сме пријатели.“ Жената му гласно потврдува и клима со главата. Внимателно му предлагам да направиме ТВ-емисија (лично бев убедена дека ќе одбие заради здравствената состојба). А тој, прекрасниот господин Пема, одговара: „Се согласувам, само да биде тоа што побрзо, оти со моето здравје никогаш не се знае...“. Во текот на ноември таа иста ’78-ма година со Васил Тоциновски и екипата од Втората програма на Македонската телевизија ја снимаме емисијата „Сликата што оди“.

,Драга Илинка, го примив твоето писмо на време и ја видов емисијата од 11 декември. Ме бендиса многу. Ти благодарам и за фотографиите што ми ги испрати, навистина многу ме израдува. Мило ќе ми биде да се видиме пак, а дотогаш прими ги моите искрени поздрави, како и поздравите од мојата сопруга. Користам можноста да ти го честитам доаѓањето на Новата година, како на тебе лично така и на целата екипа, односно сите што ме посетија во Битола, со желба за многу среќа и успех во животот и работата. Со почит, Михаил Пема; Битола 26. 12.1978“

Во наредните две-три години, престојувајќи во Битола по повод прапочетоците на Фестивалот на филмската камера, наоѓав малку време да „скокнам“ до семејството Пема. Здравјето на чичко Михаил одеше сè подолу. Во почетокот на ноември 1982 година ми се јавува Стефче. „Вчера почина Михаил Пема“. Почина на 6 ноември, на 85-годишна возраст.

Но остана неговата историја... Куклата Ширли Темпл исчезна. Нешто подоцна ќерката на Пема, Мери Сапунџиева ми објаснува: „Не знам каде исчезна во тој метеж но смртта на татко ми. Ја барав во подрумот, ја барав секаде, но ја нема.“ Можеби заминала со оној што ја создаде, што ја направи. „Куклата ја стававме пред влезот од киното секогаш кога се даваше филм со Ширли Темпл. Сите ја сакаа таа малечка филмска ѕвезда. Значи, кога се даваа филмови со неа во киното немаше празно место“, ми расправаше Пема. И потоа,

со децении беше во неговиот дом како потсетник на едно минато време. А кога умре Пема, и куклата исчезна...

„Знаете ли што велеа битолчани кога браќата Ташко и Коста Чому започнаа да прикажуваат филмови во 1909-тата година во зградата на стариот турски театар? Ех... велеа: ’Оди да видиш луѓе што излегуваат од платно и мрдаат со електрика!‘ Навистина, појавата на кинематографот беше вистинско чудо“, ја започна својата приказна Михаил Пема.

Чевларскиот мајстор Анастас Пема, заедно со своите двајца синови Димитар и Михаил, држел голем кондураџиски дуќан во центарот на Битола. Биле добри мајстори и како такви биле почитувани во чаршијата. Но што е тоа што го натерало на самиот почеток на дваесеттите години да започне со една наполно нова (и во тоа време доста непозната и ризична) дејност - киноприкажувачката? Било ли тоа поттикнато од љубопитство кон новото/непознатото или пак од желбата за поголема добивка? „Јас често одев во киното на Чомовци. Бев восхитен, не ме оставаше на мир волшебноста на подвижните слики. Сè тоа ми се вртеше во умот. Еден ден собрав храброст и му предложив на татка да отвориме кино. А тој ми вели: ’И јас така нешто размислував, може да биде добро, да се обидеме. Ајде да отвориме кино. Но под услов, чевларскиот дуќан да не го напуштаме. Ќе си ја распределиме работата.‘ Сè можев да очекувам од татко ми, но дека и тој размислувал за кино - тоа никако. И така започна сè.“

Семејството Пема имало капитал за да ги набави сите неопходни работи за едно кино. Но се поставило основното прашање - проблемот со зграда за киното. Во тоа време Анастас Пема бил одборник во Битолската општина. Разговарал со претседателот на општината и успеал да ја добие нод наем зградата на бившата српска гимназија. Оваа зграда се наоѓала во дворот на стариот театар. Браќата Димитар и Михаил се нафатиле да ја потсредат салата - ја подотерале и ја оспособиле за кино. За тоа време таткото Анастас заминал за Виена. „Таму остана два месеца. Најнапред испитал што е најдобро да се купи. Најодзади, по сите можни консултации, одлучил да набави двоен проекционен апарат „Херланго“, мотор со динамо и киностолчиња. Од Виена се врати некаде кон крајот на месец март 1920 година. Не можевме да не се радуваме. Јас пак го гледав проекторот како нешто најмило. Мојот сон почна да се остварува.“ Веднаш започнала монтажата на киноопремата. И дошол големиот ден - ден Велигден, недела, 20 април 1920 година. Во киното именувано „Белград“ се одржала првата кинопроекција. Турканица - невидена. (Официјалната регистрација на киното „Белград“ е извршена во почетокот на 1921 година.)

„Но човек да не е мирен. Киноапаратер беше извесен Вангел. Не си спомнувам за презимето. Човекот се разбирал од оваа работа. На втората проекција - дефект. Вангел чепкаше ваму-таму, ама ништо. Проекторот наполно онеме. За публиката, да не ви расправам. Почна да протестира, да тропа и да пее една песна што беше смислена за проекциите во другите кина кога снемуваше струја или пак се случуваше дефект на проекторите: ’Дај Пема (Чому или Манаки, зависно од киното) парите, да не си ја земиш белата.‘ Значи, зборот ми

беше за дефектот за време на втората проекција. Меѓу публиката се најде и еден шофер по име Лаки, па и тој нешто почна да гледа и на крајот востанови дека во моторот се потрошил бензинот. Ете, за сè треба да си мајстор.“

Репертоарот на киното се менувал на секој трет ден. Филмовите биле набавувани од дистрибутерски куќи од Белград и Загреб кои биле претставници на големите светски дистрибуции (Парамаунт, Колумбија, Твенти сенчери фокс, Јунајтед артист...). „Дневно имавме по две проекции - во 18,30 и 20,30 часот. Филмовите беа неми. Но, обезбедивме музичка придружба. Најчесто свиреше оркестарот на браќата Сламари (имаа две виолини и еден ут), но одвреме-навреме го ангажиравме и воениот оркестар. Значи сакам да кажам дека во моето кино „Белград“ деведесет отсто филмовите беа придружени со жива музика. Што се однесува, пак, до дијалозите, нив ги преведувавме, ги испишувавме на плочи и ги пуштавме како дијапозитиви. Филмовите беа, што би се рекло, сензационални од различни жанрови. Публиката најмногу ги сакаше авантуристичките, комедиите, вестерните, криминалистичките... Битолчанки, пак, се восхитуваа од мелодрамите. Ги имитираа филмските ѕвезди и во облекувањето и во фризурите.“

Со отворањето на киното работниот ангажман на семејството Пема се проширил. И направиле распределба на нештата - таткото Анастас и братот Димитар раководат со киното, а Михаил со чевларскиот дуќан. Но не за долго. Судбината ќе ги вплетка своите прсти во животот на семејството. Во 1925 година братот Димитар загинал во еден несреќен случај. Две години подоцна починал и таткото Анастас. „Сè легна на моите плеќи, и дуќанот, и киното. Некаде во 1927 година, непосредно по смртта на татко ми, во битолскиот театар гостуваше артистот Даниловиќ. Тој често доаѓаше кај нас во киното. Сакаше да гледа филмови. Се спријателивме. Во една пригода ми понуди комплетно кино во Ниш кое било затворено поради тоа што немало кој да го купи или пак да го земе под наем. Интересна понуда. Размислив и решив да го земам под наем.“

И така Михаил Пема, со двајца помошници (едниот од нив бил киноапаратерот Јанко), заминал за Ниш. Работата со битолското кино Ѝ ја доверил на сестра си Флора. Така, на крајот на 1927 година Михаил Пема ќе има две кина: „Белград“ во Битола и „Европа“ во Ниш. „Е, токму во тоа време, поточно во месец декември од 1928-та година, во нашето битолско кино го прикажавме првиот тон-филм со синхронизирани плочи, она како што се вели најдл тон. Беше тоа филмот ’Крил‘“.

И сè одело добро, ама... Наскоро во Белград се појавиле првите звучни филмови. Публиката почнала да ја бара таа новост и интересот за немите филмови рапидно почнал да опаѓа. „А јас немав финансии за да набавам тонска апаратура. Работата почна лошо да врви. Видов-невидов, најнапред го затворив киното во Битола. Целото семејство се пресели во Ниш. Ама и таму работата веќе не одеше. По една година го затворив и киното „Европа“. Направив пауза во работата со кината. Занаетот чевларски не ми бегаше, но јас сетики си мечтаев повторно да отворам кино.“

Во 1931 година битолскиот хотелиер Никифор Јефтиќ отворил кино во својот Гранд хотел во центарот на Битола, наспроти театарот. (Дел од овој хотел постои и денес, во пасажот меѓу плоштадот и уличето што води кон старата чаршија. Практично, постои делот во којшто до пред извесно време работеше киното „Македонија“. Последното битолско кино. Доколку ги исклучиме повремените проекции во Домот на културата, Битола денес практично нема кино. А во 1933 година во градот имало три постојани кина.) Елем, Јефтиќ сакал да набави тонска апаратура, па му предложил на Пема (со кого редовно контактирал) тој, заедно со братот на Никифор, Милорад, да се погрижи околу таа набавка. Истовремено го поканил Михаила да се врати во Битола и да раководи со неговото кино. „Така повторно се најдовме во Битола. Го монтирав тонскиот проектор во киното на Јефтиќ и започнавме со работа. Првиот звучен филм беше ’Фра ѓаволо‘. Атракција беше, нема збор. Му конкуриравме на Манаки оти тој сè уште работеше со неми филмови. Но, нешто што е добро не може вечно да трае. Браќата Јефтиќ, Никифор и Милорад, нешто се скараа и се поделија. Никифор остана да го води Гранд хотелот, Милорад - киното, а јас... јас добив отказ.“

Михаил Пема ќе се најде во ќорсокак, но не ја напушта идејата да работи во кино. И така кратко време ќе работи во киното кај Манаки, но мислите му се постојано околу тоа како повторно да отвори сопствено кино. „И како што се случува во приказните, и мене ми се насмевна среќата. Таткото на мојата жена, Марко Димитров кој штотуку се беше вратил од Америка, ми даде пари и заедно со него набавивме тонска апаратура. Старите апарати беа сè уште кај мене, во зградата на старото кино. Новата апаратура ја купивме од Белград, од Колудер кој во тоа време беше познат производител на вакви апаратури.“ Михаил Пема ќе издејствува од Општината и нова локација за своето кино. Ќе ја закупи салата во самата зграда на Театарот. Киното започнува со работа во 1933 година. Река народ се точи кон киното на Пема. Работата тече повеќе од одлично. „Значи, сакам да подвлечам - во 1933 година во Битола работеа 3 кина: нашето што го нарековме „Балкан“, потоа киното на Јефтиќ и киното на Зерде што го презеде од Манакиевци.“

Михаил Пема особено се грижел за кинорепертоарот. Соработувал со познати дистрибуции, но и со постојните кина во Македонија. Особено добра соработка имал со киното на Ѕиката од Велес, кое го раководел Лазар Кртев. Секогаш бил во тек со новитетите од светот на филмот. И многу бргу реагирал - се борел час поскоро најновите светски остварувања да се најдат во Битола, во неговото кино. „Париз во пролет“, „Тајниот курир“, „Инферно“ (филм работен според „Пеколот“ на Данте Алигери), „Песна на гаучите“, „Миленик на боговите“, „Кнегиња на чардашот“ со тогашната ѕвезда Марта Егерт, „Аве Марија“, „Бура над Африка“, „Дмитриј Карамазов“ се само дел од филмовите што се прикажувале во киното „Балкан“. Инаку, годишно Пема обезбедувал околу 100 премиерни филмови, меѓу кои и филмови што особено ги сакала битолската публика. Оние за Тарзан, оние со Чаплин, со Бастер Китон, Глорија Свансон... Не пропуштал ниту еден филм со Ширли Темпл. Таа била врвната љубимка. „Епохални“, „супер шлагери“, „вонредни филмови“ - имал обичај Михаило вака да ги најавува филмовите во своето кино. На плакати специјално отпечатени во битолските печатници и во весниците. „За филмовите за кои имаше голем интерес организиравме и вонредни проекции. Еве една случка од тоа време: една вечер се прикажуваше еден многу убав филм. Гледачите се беа занеле во дејствието, мува да минеше ќе се чуеше. Едно време во салата влегуваат тројца битолски боеми и, онака, во тишината извикаа – ’Значи еве каде е народот. Ние се чудиме: корзото празно, Битола празна, па каде е народот? Еве откривме каде се сокриле битолчани!‘ Инаку јас посебно се грижев за одбир на уште поквалитетен репертоар во време на државни и верски празници. Еве, се сеќавам за Божиќ во 1938-та година го дававме ’Гусари‘ со големиот актер Гари Купер. Го рекламирав вака: ’Вонреден филм - супер шлагер за кој се потрошени осум милиони долари‘. Но, да го имате следново предвид: ние салата ја делевме со театарскиот ансамбал. Се знаеше точно кога има кинопретстави, а кога театарски. Во театарот немаше настап само нашата, битолска, театарска група, туку имаше и гостувања од други театри. Особен интерес предизвикуваше гостувањето на Скопскиот театар.“

За време на Втората светска војна киното „Балкан“ континуирано работи, но со малку повидоизменет репертоар. Сега филмовите се набавуваат од Софија и претежно се од германска, италијанска и унгарска продукција.

Доаѓа крајот на Војната. Ослободување. Киното на Пема уште кратко време работи во зградата на Театарот. Со формирањето на Народниот театар настануваат проблеми со киното. Окружниот народноослободителен одбор во Битола донесува решение со кое салата во Градскиот театар може да се користи само за театарски претстави. И така, во 1945 година престанало да работи киното „Балкан“ на Михаил Пема. „Јас подадов молба со која замолив да ми се одобри друга сала за моето кино. Ме одбија. Само ми препорачаа дека е добро кинопроекторот да се искористи и да одберам некој друг град каде би работел. Немав друг избор. Се согласив. Кинопроекторот го инсталирав во Ресен. Таму работев сè до национализацијата.“

Крај на приказната. Крај на соништата. Останат без приходи, Пема му се враќа на чевларскиот занает. Останува куклата Ширли Темпл да ги дочекува гостите во домот на Пема и да сведочи за едно одминато време. А тие, Михаил, жената му и децата - со ширум отворено срце и душа. Го задржаа своето човечко достоинство. Ми расправаат битолчани - „Кога ќе се појавеше Пема во чаршијата, со паларијата срдечно ги отпоздравуваше познаниците (а сите му беа познаници). Ние му отпоздравувавме со ’Добар ти ден, господине Михаило, како денес здравјето, како е семејството?‘ А тој насмевнат, никогаш не рече дека нешто му фали, дека нешто не е во ред. ’Добро е, добро е, се крепиме, поминете кај нас на кафе, локум и лаф муабет‘, велеше. И кога ќе појдевме кај него, часовите се претвораа во мигови - сеќавања за минатото, за неговиот вечен сон - киното. ’Имаше едно чудо смешни и несекојдневни настани во киното кај мене, почнуваше со сеќавањата чичко Пема. Слушај, го знаеш едикојси, е тој, ќе дојдеше во киното, ќе седнеше до кинокабината и зуењето на апаратите го успиваше. Сетики моравме да го будиме на крајот од проекцијата. А, слушај, често имаше и тепаници во киното. Одам јас така една сабота во киното и гледам - во дворот турканица, е оној, го знаеш де, познатиот битолски лекар кренал сабја и мавта со неа. Што била работата - некои правеле неред во киното, тој не можел мирно да го гледа филмот и почнал да ги брка. Бидејќи проекциите течеа нон-стоп, имаше луѓе што не излегуваа од киното. Таквите моравме да ги бркаме со сила. Го прашувам едикојси зошто така прави, а тој мене - па поефтино да ми дојде гледањето.‘ Е, кога се поболе, ги проретчивме одењата кај него. Ии испраќаше пораки дека му недостасуваме. Ние му возвраќавме дека и тој нам ни недостасува“, завршуваат со раскажувањето моите битолски пријатели.

Стефчо ми се јавува: „Цела Битола му беше на погребот“. Му возвраќам: „Седни и напиши текст зa ’Кинотечниот месечник‘ - Ин меморијам, да.“

Јас, пак, ја напрегам меморијата да се присетам кој беше последниот настан што ми го раскажа, тој, прекрасниот господин Пема. Погледнувам во нотесот. Да, тоа е она на што помислив. А тоа е ова: „Цената на билетите беше 3 динари. Доаѓа едно момче, бара билет. Има само два динари. Сфати дека никој не ќе го пушти во киното без билет. Виде-невиде, зеде еден шал, го завитка околу едното око и му вели на татко ми Анастас: ’Еве чичко Анастас, дај ми билет за два динари, ќе гледам со едно око‘“. Во мојата канцеларија е портретот на господин Пема. И фотографијата на картонската кукла Ширли Темпл - за добредојде и за збогување!

СЛИКАЈ МЕ КАКО МИНАТА

Кирил Миноски - Мината, ликовен уметник и педагог, го запознав во далечната 1978 година кога во Прилеп ја снимавме емисијата за киното на Пане Напески. Мината дојде некако тивко и смирено сочека да се подготви телевизиската екипа. Потоа пред камерата лежерно (без повторувања) и докрај концентрирано (наспроти поодминатите години кога човек може да очекува поголема доза на заборавност) ги соопшти своите сеќавања за Прилеп меѓу двете светски војни. Зборуваше за културата во градот под Маркои кули, за кината, за театарските и ликовните дружини... Најмногу, се разбира, зборуваше за киното на Напевци. За себе кажа многу малку, а јас, признавам, во тој момент, не знаев повеќе детали за неговиот живот. Директорот на прилепскиот историски архив Михаило Атанасоски ми имаше спомнато дека Миноски, со аматерска камера, го снимил митингот во Прилеп на денот на ослободувањето 3 ноември 1944 година. И толку. Бидејќи во тој момент брзав да ги забележам сеќавањата на старите (живи) кинаџии, со Мината се договоривме да се сретнеме во некое догледно време за да направиме запис за неговиот живот. Тоа „догледно“ време, за жал, не дојде. По моја вина, заради мојата зафатеност (ако може тоа да биде некакво оправдување). Кон крајот на мај 1986 година Слободан Беличански ми испраќа исечок од прилепскиот весник: Ин меморијам - Почина Кирил Миноски. Почувствував како нештата да истекуваат од мојата подотворена дланка. Михаило набргу ми соопштува дека не само филмот за митингот се наоѓа во нивниот архив, туку има и уште еден филм. Постар филм. За прилепското противпожарно друштво. Значи, останав со една единствена средба со Мината, онаа за време на снимањето за киното на Напевци. Повеќе пати го погледав делот каде што зборува Мината. Безмерно благородна и интелигентна физиономија. „Мината беше дел од прилепската интелигенција, ми расправа Беличански. Безмерно ги сакав неговите акварели. Ми предаваше ликовно. Неговите часови беа нешто посебно. Не учевме само да цртаме, туку учевме да го запознаваме животот во неговите најпозитивни изблици. Ја учевме филозофијата на животот. Мислам дека Мината, како професор, изврши најголемо влијание врз моите етички принципи и естетски погледи“. Внимателно ги слушам моите драги пријатели Михаило и Слободан, а размислувам како да го надоместам изгубеното. Мозаикот за Мината полека започнав да го составувам врз основа на неговите филмови. на документацијата, на сеќавањата на прилепчани. Но најмногу ми помогна големата пресретливост на неговите синови - Илија и Мино Миноски. Илија и неговата сестра Цветанка (не ја запознав затоа што живее надвор од Македонија) продолжија по патот на татка си - тие се денес афирмирани ликовни творци.

Приказната за Кирил Миноски започнува некаде во почетокот на дваесеттиот век. Во познатото прилепско трговско семејство Миновци, 1907-та година е во знакот на новороденото малечко човече. На Илија и на Стева им се раѓа синче. Му даваат име - Кирил. „Но радоста не траела долго време, расправа Илија, синот на Кирил. Набргу дедо ми Илија бил затворен во турските зандани. Но, во 1908 година бил пуштен и веднаш потоа заминал за Америка. Набргу по него заминува целото семејство.“ Илија ми покажува една стара пожолтена фотографија: „Ова е снимено во Америка. Во 1912 година. Еве, ова е татко ми Кирил, ова е неговата мајка Стева, а ова е нејзиниот брат Веле, вујко на татка.“ Во истата таа 1912-та година, во Америка, умира Стева, мајката на Кирил. Таткото Илија, носен од големата идеја за ослободување на Македонија, не мирува ниту во Америка. Агитира и собира доброволци за борба против османлиите. Веднаш по смртта на жена си се враќа во Македонија и учествува во Првата балканска војна. Гине во битката на тромеѓето, кај Ѓурумџина. Децата на Илија и Стева се враќаат од Америка како сирачиња. Во Прилеп ги прифаќаат и ги одгледуваат дедото Стефан (татко на Илија) и чичкото Данаил. Кирил го завршува основното образование и започнува да работи во бакалницата на деда си. Желба на семејството е Кирил да ја продолжи семејната трговска традиција. Но момчето поседува други дарби, наполно спротивни од рационалната трговска умешност. Неговиот интерес е свртен кон освојувањето на духовната убавина.

„Татко ми, расправа Илија, уште од најрана младост па сè до староста се интересираше за сè она што е ново, прогресивно. Ги прифаќаше и се вклопуваше во нив. Беше безмерно љубопитен, но знаењето што го стекнуваше не го затвораше во себе, туку секогаш го споделуваше со другите.“ Кирил со страст чита. Открива нови светови. Горки, Толстој и Достоевски ќе му бидат најомилените автори до крајот на животот. Од друга страна, пак, фантастичниот/бајковидниот амбиент прилепски (разнообразната околина, градските кепенци, кривите сокаци и прилепските шантани) ги пренесува на сликарски табак. Поттик за уште поголем ангажман на планот на ликовната уметност му дава сликарот Љуба Ивановиќ. „Честопати татко се сеќаваше на таа средба. Ми расправаше: ’Еден ден во нашиот дуќан во чаршијата дојде прочуениот уметник Ивановиќ. Бил на пропатување низ Прилеп. Го искористив тој момент и истрчав до дома за да ги земам моите слики. Сакав да ги види. Го замолив да ми каже што мисли за нив. Тој некако мистериозно се насмевна. Ништо не ми рече за сликите. На заминување ме прегрна и ми шепна: Сликарството е тежок занает. Сепак, продолжи. Тоа на татко ми му дава нов полет. Работи во дуќанот, а сето слободно време го посветува на уметността.“ Мината ја сака и музиката. Свири на виолина. Учествува во повеќе прилепски оркестри. Во чаршијата бил многу популарен. Кога како ерген Мината, заедно со своето боемско друштво, ќе влезел во некој од прилепските шантани, оркестарот почнувал да ги свири неговите најомилени мелодии „О соле мио“ и „Вечерен ѕвон“. Се дружи со актери - аматери од прилепските драмски дружини. Кирил е нивниот пример, како што би се рекло со денешниот вокабулер ’го прави мејк-апот‘. Или уште повеќе: тој е тогашен прилепски ’стилист‘ ликовното обликување на секој грим го приспособува спрема ликот што го толкува соодветниот актер. А за карневалските поворки да не зборуваме! Тука Кирил ја ’истура‘ сета своја креативност. Со голем ентузијазам ги осмислува и ги креира костимите, ги обликува маските и гримот. Илија ми покажува стара фотографија од 1928 година снимена во фотографско ателје: Мината е среде карневалџиите - индијанци, каубои, боеми, рицари... Сè повеќе слика, ја следи својата интуиција, го надградува својот талент... „И така конечно татко ми се определил за својата животна професија - сликарството. Во 1938 година станал член на ликовното здружение „Сеуметност“. Во ова здружение биле и познатите прилепски ликовни уметници Димо Тодороски, Ѓорѓи Ачески, Орде Паноски и други.“ Сликарството не го запоставува ниту во времето на Втората светска војна. На 23 мај 1943 година во Прилеп е отворена првата самостојна ликовна изложба на Кирил Миноски. Весникот „Целокупна Бугарија“ во рамките на освртот за оваа изложба поместува и репродукции од два акварела на Мината: „Жетвари“ и „Манастирот Трескавец“. По ослободувањето извесно време работи во АГИТПРОП (декорации во градот веднаш по ослободувањето, а заедно со Киро Трпче го изработил и првиот партизански печат во Прилеп). Потоа доаѓа понудата да работи како ликовеи педагог. Да предава ликовно воспитување. Мината речиси воопшто не се двоуми. Напротив, со голема радост ја прифаќа понудата и сè до своето пензионирање работи како наставник по ликовно. Генерации и генерации го паметат својот професор. Во јули 1999 година, во неделникот „Денес“ објавив текст за Мината во две продолженија. Бев изненадена колкумина се јавија откако го прочитале тој текст. Многумина од нив биле ученици на Мината и со восхит расправаа за исклучителниот учител по ликовно. Еден ми вели (по телефон, се разбира): „Мината нè учеше како да ја запознаеме и да ја сакаме убавината. Беше висок, со вита става, со бела коса, достоинствен. Од него бликаше бескрајна добрина.“ Морам да признаам дека бев безмерно радосна што еден текст предизвика толку позитивни реакции, наспроти се поголемата концентрација на негативна енергија што одден-наден нараснуваше во односите меѓу луѓето. Животот на Кирил Миноски завршува во 1986 година. Тогаш има 79 години. Зад себе - богат живот. Познат сликар и почитуван ликовен педагог. Во меѓупростор се открива уште една приказна за Мината. Што малкумина ја знаат.

Развивајќи го својот талент во ликовното творештво, Мината им се приклонува и на новите визуелни уметности - фотографската и филмската. Но, има и уште нешто. „Татко ми беше исклучително фотогеничен. Како се вели она? Објективот од фотографскиот апарат го сакаше неговото лице!“ Илија распостила по масата недобројни фотоси/портрети од татка си. Ме „гледа“ лик со исклучителна благост („благоста татко ми ја наследил од своите родители, особено од татко му Илија. Гледаш, јас го носам името на дедо ми“) и нескриен оптимизам, со очи бескрајно љубопитни. И една широка, безгранична насмевка. Ваквата фотогеничност на Мината многу рано ја уочиле прилепските фотографи. Особено Јоска Американецот. „И така татко ќе стане еден вид фотомодел. Неговите слики беа изложени во излозите на прилепските фотографски дуќани. Еден негов портрет ќе предизвика вистинска сензација во градот. Знаеш, во старо време нашиве луѓе се сликале седнати во удобни столчиња во фотоателјеата, сериозни, со раце вкрстени на колената. Насмевката била отсутна од тие стари портрети. А забите? Какви заби, тие во никој случај не смееле да се покажат. Ама татко мислел поинаку. Му кажал на Јоска: ’Јоска, подготви се за сликање. Јас ке се свртам со грбот кон апаратот’. Во моментот кога Јоска штракнал, татко ми се свртел и широко се насмеал. И забите се покажале, јасно. Е, за старите прилепчани тоа бил вистински срам. Но – ’Јоска, сликај ме како Мината!‘ биле најчестите барања на младите кога влегувале во фотографскиот дуќан кај Јоска - Американецот.“

Кирил Миноски своето огромно љубопитство го остварувал и со читање и следење на многу списанија-оние што излегувале во Југославија, но и оние што му ги испраќале роднините од Америка. Собирал и фотографии од филмските ѕвезди и проспекти/прикази за најзначајните светски филмови. На тој начин бил во тек и со сè она што се случувало во светот на филмот. Сите тие сознанија ги искористил на најдобар можен начин. И тоа во неколку насоки. Првата ќе биде во блиската соработка со Панета Напески. Тука ќе се вкрстат љубопитноста, енергичноста и знаењето на овие две исклучителни личности. Информиран за сè она што е најзначајно во светското филмско производство Мината ќе му биде најблизок советник на Напета во одбирот на филмовите за неговото кино. А Пане, пак, со својата позната настојчивост, успева да ги набави за своето кино најексклузивните филмски наслови. И да ги прикаже пред сите останати кина во Македонија. Такво ексклузивно право Пане остварил со премиерното прикажување на „Петар Велики“, „Марија Валевска“, „Наполеон“.... Својата информираност од светот на филмот Мината ќе ја поврзе и со својата осведочена фотогеничност. И со својот скриен актерски талент. Што прави Мината? „Пред фотографскиот објектив татко ми се слика како големите филмски ѕвезди. Ги имитира - во нивните пози, костуми, изрази...“ Пред мене е цела серија фотографии на Мината како Чаплин, Даглас Фербанкс, Рудолф Валентино, Рамон Новаро, Хемфри Богарт во млади години. Размислувам - колкаво е влијанието на филмот врз гледачите! Било, е и ќе остане! Да се имитира, да се однесува, да се облекува како омилените јунаци од големиот екран!

Ама не ќе е Мината - Мина, доколку остане само пред објективот. А што и како е отаде објективот? „Некаде во 1928 или 1929 година татко купи еден мал фотографски апарат ’Кодак‘. Тоа беше неговата нова ’играчка‘. Со колку само љубов го гледаше апаратот и со колку внимание се однесуваше со него. Ќе го обесеше околу вратот и, заедно со другарите, со саати талкаше низ градот и околината. И направи едно чудо фотографии.“ Со внимание ги разгледувам фотографиите на Кирил Миноски. Уочувам дека Мината обрнува големо внимание на композицијата со што овозможува извонредна визуелна атмосфера на амбиентот. Плус - со невидена хроничарска страст го ’бележи‘ просторот. Но притоа создава и сопствен креативен однос во ликовното обликување на одреден даден податок (објект). Од тој огромен фотографски опус ме заплиснува бранот на сознанието за една голема ликовна култура што Мината ја има во себе, околу себе, низ себе... Сето тоа искри во амбиентите на старите прилепски сокаци, на чаршијата, на театарските дружини, на противпожарното друштво во акција, на прилепската боемштина, Го задржувам подолго погледот врз фотографијата на дедото Стефан седнат пред својот дуќан во чаршијата. Каков раскош од факти за нешто одминато (минувачи/раздвиженост, кепенци, производи пред дуќанот, дуќани и смирената/отмена фигура на дедото кој ја следи раздвиженоста во чаршијата). „Еве ти уште неколку интересни податоци. Татко ми, со својот апарат, ја забележал и појавата на првиот автомобил во Прилеп, појавата на првиот грамофон. А, еве, ова овде е чичкото на татко ми пред двокрилен аероплан за запрашување. Кога ’акале‘ низ градот и околината татко ми и другарите се сликале и меѓусебе. Еве гледај, ова е татко во чаршијата, ова пред кафето на мајсторите, ова е со позадина на Маркови кули, а ова во позадина е Селечка Планина.“

Во периодот помеѓу двете светски војни во Југославија, а особено во Вардарска бановина, е забележано присуство на бројни странски филмски екипи. Тие ги снимаат природните убавини на земјата што до неодамна била под турско владение, ги снимаат обичаите, го снимаат иародот од овој простор којшто, поради големата затвореност на Отоманската империја, бил речиси (на филмски план) недопирлив. Во овие снимања доминирале екипите на компанијата „Парамаунт“. „Е, со ’Парамаунт‘ има една епизода во животот на татко ми, расправа Илија. Во 1929 година оваа компанија дала оглас со кој бара филмски актери со изразена фотогеничност. Татко знаел дека е многу фотогеничен, а бил свесен и за својот талент. И така, пополнил формулари, собрал фотографии и... се пријавил. Одговорот пристигнал многу бргу - го информирале дека според фотографиите тој одговара за таа работа и со задоволство го известуваат дека е примен. Но го молат само да ги извести со кој странски јазик се служи. Е-хе... јасно, татко не одговори, но цел живот посакуваше да научи некој странски јазик, па когатогаш да ѝ одговори на Компанијата.“

Во истата таа 1929 година Миноски ќе воспостави едно пријателство кое ќе трае до крајот на животот. Од тоа пријателство ќе се родат филмови што ќе го наредат Мината (а и неговиот побратим Поп Стефанија) меѓу пионерите на македонскиот филм. „Во ’29-тата година татко ми замина на отслужување на воениот рок. Во Скопје. Таму, во воената единица се запознал со Благоја Поп Стефанија од Охрид. Ги зближила љубовта кон фотографијата. Пријателството меѓу нив продолжи и по отслужувањето на воениот рок. Се сеќавам, редовно се посетувавме. За родендени, имендени, слави, празници... Ние одевме во Охрид, тие доаѓаа во Прилеп. Практично, татко ми и чичко Благоја станаа побратими.“

Во 1937 година Благоја Поп Стефанија, кој имал фотографски дуќан во Охрид, добил од компанијата „Агфа“ осуммилиметарска камера „Мовекс 8“ и неколку касети со филмска лента. И веднаш му ја соопштил оваа новост на Мината. А Миноски во тоа време бил активен член на противпожарното друштво во Прилеп. И уште повеќе - бил еден од основачите на друштвото во 1935 година. Кога дознал за камерата Мината дошол на идеја да сними филм за ова друштво. И тоа не обичен документарен запис, туку инсценирана акција за гасење на пожар. Замислено - остварено! „Пролетта од ’38-та година татко не собра и отидовме на гости кај чичко Благоја во Охрид. Ја зеде камерата, стави

една ролна филм и нè сними мене и сестра ми Цветанка како си играме на брегот од езерото“, расправа Илија. На враќање во Прилеп Кирил ја земал камерата за да ја реализира замислата за филмот за противпожарното друштво. По снимањето, му ја вратил камерата на Благоја, Со истата таа камера „Мовекс 8“ побратимите Кирил и Благоја во зимата на 1942/43 година ќе снимаат документарен запис за еден скијачки натпревар на Буково. Набргу потоа, немаштијата во годините на окупацијата ќе го принуди Поп Стефанија да ја продаде камерата. Тоа ќе биде и крај на кратката аматерска филмска дејност на Поп Стефанија. Но не и на Мината! Играта на случајот ќе сака Мината крајот на војната да го дочека со камера в’раце. Како? „При напуштањето на Прилеп, Германците оставиле во куќата на Аџиспировци разни ’тајни‘ материјали. Соседите го повикале татко ми да погледне што е тоа. ’Тајната‘ била откриена – ’тајниот материјал‘ бил една мала 8мм камера и две касети филмска лента. И така татко ми го дочекува конечното ослободување на Прилеп со една мала камера.“ Со оваа камера Мината го овековечува првиот митинг во штотуку ослободениот Прилеп на 3 ноември 1944 година. За ова снимање ја искористил едната касета, на која (при крајот на лентата) снимил еден краток запис од својот семеен живот (семејството со пријатели снимени во дворот од куќата). Втората касета ја искористил за снимање на велигденски адети во Варош. Тоа е она што се знае за филмскиот опус на Мината. Но не е исклучено дека тој, и со едната и со другата камера, снимил и други настани, но за жал тие досега не се откриени.

Значи, аматерскиот филмски опус на Кирил Миноски (во овој момент) го сочинуваат филмовите „Противпожарно друштво во Прилеп“ (1938), „Деца крај езерскиот брег“ (1938), „Скијачи на Буково“ (1942/43), „Митинг во Прилеп на 3 ноември 1944 година“, „Во градината“ (1944) и „Велигденски адети во Варош “ (1945). Дел од овие филмови се црно-бели, дел колор. Сите се на 8мм лента. Сиве овие филмови, како впрочем и филмовите на пионерите на филмот, ја потврдуваат констатацијата на Болеслав Матушевски, кој уште во далечната 1898 година во својата брошура „Нов историски извор“ забележува: „Кинематографијата претставува најубава победа што човекот ја остварил над заборавот: таа го чува и повторно го воспоставува она што обичното сеќавање не може да го врати во живот.“

Полезно ќе е, во приказната за Кирил Миноски - Мината, да се каже збор-два за дел од неговите филмови. Знаеме - Мината ги гледал сите филмови што доаѓале во Прилеп. Мината многу читал, особено за фотографијата и филмот. Мината имал природна дарба за ликовниот израз. Тоа се факти! Што искористил од сето тоа знаење/умеење/талент во своите ’мали‘ филмови? Сè! Ќе го земам примерот со филмовите „Противпожарно друштво во Прилеп“, „Деца крај езерскиот брег“ и „Митинг во Прилеп на 3 ноември 1944 година“. Првиот филм е инсценација на една акција на прилепските пожарникари. Значи, не е тоа документарен запис, туку целото дејствие е изрежирано. Има почеток, развој на дејствието и крај. Затворена драматуршка целина/елипса! Но нема ниту еден монтажен рез! А има 53 кадри. Планови - најразлични, од тотали, преку средни до крупни детали. Камера - статична и швенк. Тотал: се одредува локацијата на секојдневната активност (пошумување на месноста Сарика) и масовноста на акцијата. Среден: се детализира дејствието. Детали: трубачот најавува акција, пожарникарите во трк, ликови на граѓани што гледаат. Општ план: пожарникарскиот камиот излегува од гаража, пожарникарите се качуваат, камионот поаѓа - статична камера, па потоа во швенк го следи поаѓањето на камионот. Крупен план: водачот на пожарникарите дава инструкции, статична камера. Општ план: камионот минува преку мостот на Дабничка река, камера статична. На местото на пожарот: детали од катот што ’гори‘, потоа среден план со пожарникар на надворешно скалило, статична камера, потоа камера што го следи движењето на пожарникарите угоре... крупни планови на луѓе што гледаат, крупен план на полицаец, крупен план на водачот кој ја координира акцијата... ’Пожарот е изгасен‘, крупно - чекори на пожарникарите по калдрмата, камерата во швенк; камерата продолжува со швенк и во наредниот кадар - го следи заминувањето на камионот, го минува мостот, но сега во спротивна насока; општ план - претставници на властта ги одликуваат пожарникарите, камера статична. Меѓукадар: покриви на стари прилепски куќи со Саат кулата во втор план. Следуваат средни и крупни планови од секојдневната работа на пожарникарите, камерата е час статична, час швенкува. Филмот завршува со општ план и статична камера: пожарникарите се повторно во месноста Сарика на пошумување. Затворање на елипсата! И сето ова во 53 кадри! И без никаков монтажен рез! Сиц!! Што значи ова? Ова едноставно значи дека Мината снимал моитажно. А тоа потаму значи дека за снимањето извршил детални подготовки, знаел: Што, Каде, Како, Зошто...Се прашував - направил ли Мината ’стори-борд‘ како што во тие времиња правел Ејзенштејн за своите филмови „Иван Грозни“, „Александар Невски“... Се сомневам, но кој знае...?! Цртежи не најдовме. Мислам дека Мината имал снажна перцептивна моќ со која, од гледање филмови по кината прилепски, ги уочил основните законитости на филмскиот јазик и интуитивно ги применил. Разни планови, разновидно движење на камерата...? Немало во тоа време некоја стручна филмска литература, па да се учи филмскиот јазик. Ова само како поткрепа за големиот интелектуален потенцијал на Мината. Документарниот филмски запис „Деца крај езерскиот брег“ прилега на пејзаж симнат од слика. Композицијата на кадарот е поделена во три хоризонтални планови, кои се стоиени во една единствена глетка. Во прв план - дел од езерото со брегот, во втор план - две деца (Илија и Цветанка, децата на Мината) час стоечки, час клечејќи фрлаат песок и камчиња во водата и зад нив се распрострала третата хоризонтална глетка со поле и планински венец над него. Камерата е статична, но движењето е внатре во кадарот (децата и водата). Исклучителен ликовен аспект на филмската глетка! Значаен филмски историски документ е секако документарниот запис што Мината го направил на 3 ноември 1944 година од митингот во штотуку ослободениот Прилеп. Во вкупно 30 кадрови Миноски ги доловува атмосферата и настаните на тој масовен народен собир. Го користи тоталот за да ја покаже масовноста и да ја лоцира местоположбата (на плоштадот, пред зградата на Занаетчискиот дом); го користи крупниот план за да фиксира одредени личности, пароли или делови од декорацијата; ја користи статичната положба на камерата, но одвреме-навреме прави и бавни панорамски движења за да фиксира одредени ситуации или ликови. На филмската лента е забележана една цела плејада првоборци (Методија Андонов-Ченто, ген. Михајло Апостолски, Бане Андреев, Киро Глигоров, Борко Темелкоски, Светозар Вукмановиќ-Темпо, Крсте Црвенковски, свештеникот Методија Гогов и други). Како рекол Матушевски? „Филмот е победа над заборавот!“ Мината, со својата вродена интелигенција и интуиција ни остави непроценливи сведоштва. За нас самите!

А прилепчани (оние повозрасните) и ден-денес велат: „Ај да се сликаме како Мината“. А оние помладите, кои не ја паметат оваа легендарна икона прилепска со прекар Мината, во голем број дојдоа пред неколку години во Домот на културата да видат со што тоа оваа личност го задолжила Прилеп. За време на предавањето и филмската проекција ги набљудував со внимание нивните реакции. Беа изненадени, восхитени... Повозрасните честитаа за настанот/вниманието што му го направивме на Мината (Роберт Јанкулоски беше најголемиот „виновник“ за ова), а помладите нè окружија и немаше крај од прашања, одговори...И повторно од почеток -приказните за Мината, за Зердета, за Напета. Се исчудуваат младите: „Во наш Прилеп?“ Е, така ќе е - во Прилеп, вистинска концентрација од филмски сонувачи! Судијата Беличански, современ филмски сонувач, ми вели: „Има Прилеп публика, гледаш, го сака филмот, само немаме кино! Има публика за убавите нешта, ама треба некој да поттурне.“ Есенва, на погребот на Платнарот, Беличански ми шепоти: „Платнарот ги поттурна работите во Домот, ама, ете... малограѓанштината го сотре. Може ли да замислиш ако таму, како што вели професорот Мухиќ, Горна Земја се сретнат Платнарот, Напе, Зерде и Мината? Што би било?“ „Експлозија од убавина!“, му одговарам.

AGFA-MAN

Д-р Волф Ошлис, германски научник што ги истражува културите на источните земји, во повеќе наврати престојувал во Охрид. Ја проучувал културната историја на оваа древна престолнина на словенската писменост. И станал зависник од божествената убавина на тој простор/амбиент. Во летото на 1980 година г-дин Ошлис повторно се нашол во Охрид со податокот дека во овој град би требало да живее стар фотограф кој меѓу двете светски војни, преку својот фотографски дуќан, бил застапник на компанијата АГФА за југозападна Македонија. И така, д-р Ошлис се нашол во домот на Благоја Поп Стефанија, таму некаде крај езерскиот брег, под Долни Сарај, во близина на „Св. Софија“. Неколку месеци подоцна во германското списание Werk Zeitung ќе се појави репортажа од оваа средба, во која педантниот германски научник ќе го запише и ова: „...тој 75-годишен господин е една умна, симпатична, весела и срдечна личност...“ Ние, пак, од Кинотеката, до таа „жива, моторизирана фотографска историја на Охридскиот регион (постојано е на моторот и со едно чудо фотоапарати обесени околу вратот)“ како што го нарекуваат охриѓани својот сограѓанин Благоја Поп Стефанија, стигнавме со еден друг податок. Дека камерата „Мовекс 8“ со која снимал прилепчанецот Кирил Миноски била сопственост на Поп Стефанија. Сакавме од овој пријатен старец (со бела бујна коса, со младешки елан и енергичен чекор) да дознаеме нешто повеќе за пријателството со Миноски, да дознаеме кога и како ја набавил таа камера. Откривме многу повеќе - откривме фасцинантна ризница од фотографии за едно одминато време, откривме дека и Благоја снимил неколку аматерски филмови.

Значи, на 6 ноември 1987 година, со мојот помлад колега Јонче Петковски, „вооружени“ со камера, магнетофон, фотоапарат и со старото кинотечно комбе „Застава“ се најдовме во Охрид. Пресретливите домаќини Благоја и жената му Невенка ширум ни ги отворија својот дом и своето срце. Е, тука има една епизода за којашто до ден денешен се зборува во Кинотеката. Благоја, расправајќи за фамилијарното стебло со голема љубов раскажува за својата мајка Викторија. „Ајде да одиме до Струга, предлага Благоја, таму е семејството на вујко ми, имаат и некој мал проектор, па да видите...“ Нам не треба два пати да ни се каже. Квечерина, по посетата на семејството Попоски во Струга, се враќаме кон Охрид. Некаде кај Подмоље - штотуку се случила тешка сообраќајка. Јонче го паркира комбето, ги пали трепкачите и излетува да помогне. Полицијата пристигната, запалени разни сигнални светла, од авион се гледа дека на патот нешто се има случено. Чичко Благоја седи на совозачкото седиште и некако не го држи место. Ја отвора вратата и сака да излезе. Јас, седната на последното седиште во комбето, му велам да не излегува и да ја затвори вратата. Ме послуша. Во истиот момент кога ја затвора вратата во нашето комбе одзади (со сета силина) удира една кола. Комбето лета на другиот крај од патот. Јонче трчеечки се враќа, со него и еден полицаец. Му помагаат на Благоја да излезе. Во ред е! Јонче, распаметен, ја отвора другата врата. Му велам: „Најди ми ги очилата, ништо не гледам“ и излегувам од комбето. Правец - колата што удри во нас. Сè околу неа (вклучително и возачот) „труе“ на алкохол. Којзнае како сум го нападнала (со сочни зборови, се разбира) оти и Јонче, и чичко Благоја, и полицаецот беа шокирани од мојот настап. Плус, полицаецот ги држи моите очила (чудо, нескршени) и му вели на Јончета: „Очигледно, ништо не и е. Но за секој случај појдете до амбуланта“. Комбето е во невозна состојба. Го оставаме на патот, до Охрид нè префрла една полициска кола. Пред амбулантата чичко Благоја ми вели дека нема да влезе, го знаат сите, ништо не му е и ме моли: „На жената ми Невенка ниту збор. Не смее да дознае. Ќе се поболи.“ Го испраќаме до дома и ветувам дека наредниот ден повторно ќе дојдам. „А нели вечерва ќе си одевте?“, прашува Невенка. „Нема потреба ноќе да возиме, утре ќе одиме“ и одговарам. „Е убаво. Утре ве чекам на ручек“, весело ни отпоздравува сопругата на Благоја. А тој, сетики ми трепка со очите. Да ме потсети да не зборувам за настанот. Вечерта со Јонче се прибираме кај неговите роднини. Јонче му се јавува на Мартина (Панчевски), му кажува за случката и за состојбата на комбето. Мартин, пак, од своја страна, му се јавува на колегата Драги (одговорен, покрај другите обврски, и за комбето): Драги, имаш комбе?“ „Имам“, одговара Драгиша. „Е, немаш“, му реплицира Мартин. Утредента со првиот автобус Драги се појавува во Охрид и заедно со Јончета го организираат транспортот на комбето. Јас, пак, се упатив кај Поп Стефанија и уште неколку часа ги бележев сеќавањата на двајцата сопружници. Во Кинотеката оваа случка доби комична конотација со она „имаш комбе - немаш комбе“, но мене секогаш морници ме полазуваат кога ќе помислам на евентуалниот исход доколку чичко Благоја излезеше од колата.

Благоја Поп Стефанија е роден на 3 март 1905 година. Едно е од деветте деца (3 женски и 6 машки) родени во семејството на Леон и Викторија Поп Стефанија. „Татко ми Леон потекнуваше од многу стара охридска фамилија. Се збореше дека корените ѝ се уште од 15 век. Куќите на фамилијата се наоѓале во Сарајшче. Татко ми Леон работел сè и сешто. Бил чунар, колар, одгледувал крави и продавал млеко, бил и кафеџија, возел пајтон. Како кираџија разнесувал стока по пазарите во Струга, Елбасан и Подградец. А мајка ми, пак, Викторија, ех...за неа цела приказна може да се раскаже.“ И еве ја приказната за Викторија Поп Стефанија: родена е во Струга кон крајот на 1880 година (на 25 декември). Родители - Зарче и Василка Попоски. Татко и бил трговец и занаетчија. Зборувал повеќе јазици. Мајка и Василка била исклучителна песнопојка. Умрела од колера во 1913 година. Викторија имала два брата - постариот Јонче бил трговец и меанџија, а помладиот Ставре бил фотограф - самоук (со овој занает се занимавал целиот свој живот), бил боем (убаво свирел на мандолина и пеел) и течно зборувал седум јазици. Викторија била убава, стројна, со убав бел тен на кожата, големи сини очи и долга црна коса. Се облекувала елегантно. Од мајка си го наследила талентот за пеење и танцување. Во почетокот на јануари 1900 година ја свршиле за охриѓанецот Леон Поп Стефанија. Не го имала видено до денот на свадбата. Свадбарската поворка се движела на релација Струга-Охрид по езерото. Со чунови. Поради својата блага природа и голема дружељубивост Викторија ги пленила срцата на охриѓани. Пеела, беспрекорно ги играла ората, раскажувала приказни. Нејзиното познавање на народниот мелос набргу почнало да ги привлекува во Охрид собирачите на народни умотворби. Познато е дека во 1938 година американската пијанистка и етнограф Естер Џонсон направила повеќе магнетофонски записи со баба Вита (подоцна е издадена грамофонска плоча со 6 нејзини песни) и снимила документарен филм за неа (со 8мм камера) по барање на американската филмска компанија „Парамаунт“. По Втората светска војна интересот на нашите фолклористи (во прв ред Ганчо Пајтонџиев) за умеењата на баба Вита уште повеќе ќе се засили. Оваа ретка жена ќе се појави и во неколку документарни филмови, а ќе биде и епизодистка во првата македонска играна филмска комедија „Мирно лето“. Е, сега нешто и за нејзиниот помлад брат Ставре Попоски. „Вујко ми беше боем, ја сакаше музика, но целиот живот му го посвети на фотографскиот занает, расправа чичко Благоја. Во тоа време фотографскиот занает беше подеднакво развиен и во Струга и во Охрид. Уште во почетокот на векот се појавиле првите пасионирани фотографи Димитри Митан, Панде Василевски, Митре Михајловски и Митре Нически во Охрид, и Гапе Чакар и Сотир Ландро во Струга. Но вујко ми беше првиот фотограф што професионално се занимаваше со овој занает по 1918 година. Во 1920 година во Скопје го положи и мајсторскиот испит.“ Првото „ателје“ на Ставре бил природниот амбиен на градината од семејната куќа. Најмногу работа имало во пазарните денови во Струга и пред Велигден кога се правеле повеќе стотина моментални портрет фотографии. Во 1923 година Ставре го приспособил долниот кат од куќата за ателје и тука работел до крајот на својот живот. Бил почитуван мајстор-фотограф. И како таков во 1930 година Општото занаетчиско здружение го испраќа на саем во Прага. Оттаму Ставре ќе донесе еден радиоапарат „Филипс“ и еден 8мм кинопроектор „Пате“. Купил и повеќе кратки забавни и цртани филмови. И направил домашно кино. Во ателјето ги собирал роднините и пријателите (меѓу нив биле и Ристо Крле, Никола Плевнеш...), им прикажувал филмови, а потоа... потоа следувала убава песна и свирка. До доцна во ноќта! „Е, токму кај вујко ми Ставре, во таа атмосфера на љубопитност, боемштина, убавина и добродетелност, јас го изучив фотографскиот занает, раскажува Благоја Поп Стефанија. Знаеш, бев роден во невреме - надојдоа војните. Почнав да учам кај учителот Ристо Катиљ (Кузмановски), па потоа војна. Малку учи, малку пауза, па нови учители. Големата војна донесе голема немаштија. Татко ми Леон се снаоѓаше, а јас... јас продавав слатки. И сè така до 1920 година кога го завшив првиот клас од прогимназијата. Моите тогаш одлучија да ме испратат кај дедо ми Зарче во Струга, па ако ми фаќа „лејката“, да го изучам фотографскиот занает. Нема да ми фати „лејката“? Јас, љубопитен по сè што е ново, многу бргу научив сè што требаше да се знае за фотографијата: да ја наместам фотографската плоча, да ја одредам светлината, да ја стокмам позадината, да ги наместам луѓето и... да направам фотографија сетне. И кога набргу вујко ми замина на отслужување на воениот рок, работата ја водевме дедо Зарче и јас. А дедо, рака на срце, многу строго ме држеше, небаре чупа бев. Не смеев да се задржам подоцна од седум часот навечер.“ Благоја кај вујка си во Струга работи до 1925 година. Се враќа во Охрид и дома, како ополномоштеник на вујкото, работи како фотограф. Во 1929 година Ставре Попоски отвора фотографски дуќан во Охрид, на улицата „Михајло Пупин“. Тука Благоја започнува голем „бизнис“. Оди по околните села каде има училишта и ги фотографира учениците со наставниците. До есента на 1929 година успеал да сними околу 70 училишта. „Потоа заминав на отслужување на воениот рок. Шест месеци бев во Петроварадин, во Нови Сад, а потоа во Скопје, во третиот воздухопловен полк. Бев распореден во фотосекцијата. Ги фотографирав војничките активности, но специалност ми беше снимање од авион со големите фотоапарати „Фокус 25“. Во исто време, во истата касарна во Скопје, само во авто-одредот, беше и Кирил Миноски од Прилеп. Се зближивме многу. Тој беше восхитен од мојата фотографска умешност, а јас пак од неговата голема артистичка и ликовна дарба. Така се роди пријателство за цел живот. Еве ти пример: славата на Мината беше Петковден. Ниту една година не ја пропуштив! Се сеќавам, една година времето беше многу лошо. Врнежливо. Јас се натоварив со 20 килограми риба, го „јавнав“ моторот и правец - Прилеп. Кај Ресен ме фати пороен дожд. Преспав во Јанкоец и утредента натоварен со рибите се качив во автобус. До Битола. Потоа се префрлив во воз до Прилеп. Мината се чуди - како по ова невреме се доаѓало?! Пријателството си е пријателство. Ете, кога ми јавија дека Мината починал, јас бев болен. Ама си реков: ако треба и со кревет, ама одам за Прилеп.“ По враќањето од војска (1932) Благоја продолжува да работи во охридскиот дуќан на вујка си. Но се подготвува да отвори свое сопствено фотографско ателје. За таа цел, на 9 февруари 1934 година, го полага мајсторскиот испит за фотографскиот занает и со тоа стекнува право да отвори сопствен фотографски дуќан (согласно Законот за трговски дуќани). И веќе кон крајот на март истата година Благоја го отвора дуќанот „Фото-турист“ сместен во една еднокатница на самиот езерски брег. Уште истата година, преку југословенскиот застапник на АГФА Драго Швегли, го добива застапништвото на АГФА за југозападна Македонија. Фотографира во ателјето за разни потреби на населението. Но најголем дел од времето го минува надвор - нарамен со фотографски апарати и со долгогодишниот свој „придружник“ моторот, крстосува по поблиската и подалечната околина, снимајќи сè она што се случува. Ја бележи историјата, ги овековечува човечките судбини. Во фотографскиот дуќан работи и неговата сопруга Невенка, ќерка на учителот Коста Лештар. Таа работи во лабораторијата и е добар ретушер. Но, Невенка и фотографирала! Одела во турските куќи и ги снимала анамите.

„Во 1937 година АГФА ми испрати 8мм филмска камера ’Мовекс 8‘ и неколку касети филмска лента. Требаше да ја изложам во излогот за продажба. Ама љубопитството беше поголемо и јас си ја купив за себе. И веднаш му јавив на Мината. Со таа камера и со тие касети ги снимивме нашите аматерски филмови. Самостојно снимив неколку кратки филмови - отворање на споменик, одржување на слет и убавини на охриските плажи. Еве, ова се тие. Ги снимав и охридските рибари, ама филмот се изгуби, не знам каде е. Со Мината, пак, заеднички снимивме скијање на Буково. Некаде кон средината на окупацијата (Втората светска војна) ме навјаса немаштијата и ја продадов камерата. На доктор Здравев од Прилеп. И така заврши мојата кратка филмска аматерска ’кариера‘. Мината потоа најде некаква друга камера и сними уште неколку филмови.“

Фотографскиот дуќан на Поп Стефанија ќе работи сè до национализацијата во 1948 година. Но, бидејќи фотографијата им е извор за егзистенција, Благоја и жената му Невенка продолжуваат да работат дома. Штедат пари за да купат нов дуќан. Оваа желба им се остварува во 1952 година кога купуваат дуќан на главната охридска улица „Маршал Тито“. Така повторно оживува „Фото-турист“. Се работи само со агфа-материјалите. И сè така до 1983 година кога Благоја и Невенка, притиснати од годините, се повлекуваат од професионалното фотографско работење. Но тоа не е ’збогум‘ на фотографијата. Дома, сетики ќе се најде нешто да се пресними, да се зголеми, но и да се среди богатата фотографска историја на Охрид и Струга. Убави пензионерски денови минуваа Благоја и Невенка во куќата крај езерото, таму под Долни Сарај. Дочекуваа и испраќаа катадневно роднини, познаници и пријатели со кои честопати и ќе застанеа пред објективите на старите фотографски апарати. За спомен!

„Фотографијата ми е сè. Професија, живот, идеја, желба, пасија... Професија?! На младиве им велам: ако без страст го работиш тоа што ти е професија и таа, професијата ќе ти биде фалш. Не е само да заработиш. Туку да оставиш нешто за иднината, за историјата. Јас, ете, бележев со фотографијата сè што мислев дека ќе е значајно. За она утре! Како сега би ти кажал дека додека сум жив ќе го паметам Страшота Пинџур. Ги фотографирав сите тие млади, напредни луѓе од студентската колонија во Калишта, летото на ’38-та. Страшо беше голем веселник, ама и голем патриот, голем другар. Ширеше, како го велиш она ти - позитивна енергија. А за филмот најмногу ми расправаше Мината. Признавам, не знаев многу за тие „подвижни слики“. Иако, тука во Охрид редовно си одев во киното на Петковски. Не пропуштав ниту еден филм. Ама, Мината, те за овој филм ми расправа на долго и широко, те за оваа или онаа филмска ѕвезда, што да ти кажам, Мината беше жива енциклопедија. И кога ми ја испратија камерата, како да не ја купам? Како да не се опитам да снимам со неа нешто? Или како да му јавам на побратимот мој Мината? Да нè видеше тогаш, ќе паднеше од смеа - се радувавме како деца. Те ова вака, те она онака. Ќе снимаме ова, ќе снимаме она.“

Е, од тоа ’ќе снимаме ова, ќе снимаме она‘ од Благоја Поп Стефанија останаа неколку аматерски филмски записи/филмови. Гледајќи ги овие материјали ми се наметна сознанието дека огромниот љубопитен дух на Благоја го натерал, снимајќи, да ги открива сите тајни на камерата, на филмскиот израз. Па, така, користи и статичен кадар, но користи и швенк за да го акцентира просторот. Зумира, за да истакне нешто значајно. Во почетокот, особено во филмот „Споменик“ (1937), камерата е немирна. Јасно е дека неискуството го зема својот данок. Но, потоа нештата се менуваат. Камерата се стабилизира и зборува само со својот јазик! Пример за ова се филмовите „На плажа“ (1938) и „Слет“ (1940). Во првиот филм, во само четири кадри, е раскажана приказна за охридската градска плажа. Статична камера - општ план на плажата, потоа камерата се раздвижува - прави швенк по капачите и најодзади зумира на едно детенце кое влегува во водата. Вториот кадар е една вистинска „мала приказна“: општ план - жена влегува во водата, доаѓа до детенцето, го зема за рака и го турка кон брегот, од десно се појавува чамец, жената влегува во него, детенцето излегува од водата и кадарот завршува онака како што започна со поглед кон капачите. Една убава мала игра во еден кадар! Третиот кадар е повторно општ план - чамецот се оддалечува од брегот. Во четвртиот кадар камерата, од езерскиот општ план со чамецот што се оддалечува, се „приближува“ до две девојчиња кои на самиот брег си играат со песок, во длабината е детенцето штотуку излезено од вода. Во филмот „Слет“ се искористени сите можности: имаме и статични кадри, има бавни (но ефектни) швенкови, имаме општи, средни и крупни планови. И сето тоа е ставено во функција да се долови атмосферата на еден фискултурен слет што се одржува во Охрид, на самиот езерски кеј. Фискултурци, гледачи, околни куќи, езерска шир... Се назначува точната локација на одржување на слетот, со деталите на фискултурните справи се „објаснува“ разновидноста на слетските вежби, со општите планови се потенцира масовноста - и на учесниците, и на набљудувачите.

„Ете, ја направив и таа авантура - со малата филмска камера. Беше, како да ти кажам, како игра кога сакаш да откриеш нешто непознато. Беше еден убав миг, за сеќавање, ама животот си одеше потаму. Требаше да се живее, а тоа беше мојот основен занает - фотографијата. Од неа живеев, нејзе ѝ се радував, кај неа истражував, создавав... еми, Невенка ми е најголемата љубов, децата, а фотографијата... таа остана во мене. Гледаш, и Мината му се посвети на сликарството. Е добро де, му останавме верни на ’статичниот кадар‘. Јас со фотографскиот објектив, тој со сликарската четкичка и платно. Филмот ни беше еден мал (но убав, признавам) излет за да го задоволиме нашето љубопитство.“

И по ’87-та, при секое одење во Охрид наоѓав малку или повеќе време да ја посетам куќата крај езерскиот брег, под Долни Сарај. И секогаш ќе дознаев некој нов податок, ќе слушнев некоја нова приказна. И секогаш пред мене се распостилаше раскошната фотографска ризница на Благоја Поп Стефанија. Учениците од Велмај, Велгошти, Требеништа и Арбиново. Со своите учители, во заднина училишните згради, а лево и десно идиличната околина на тие села. Или пак фотографиите од разни свадби во кои ја откриваме сета раскош на обичаите, облеките/носиите, архитектурата. Но најчесто сакав да ја гледам и повторно да ја гледам фотографијата на старецот Петре Темјаноски од селото Велмеј снимен во ателјето на Благоја - пред мене блика сета убавина, сета љубов и благородност што легнала врз лицето на овој стогодишник. Извонредната игра на светлината што Благоја ја искористил во портретирањето на Петрета уште повеќе ги истакнува овие особини, па така пред мене, како да е симнат од големите фотографски списанија, седи достоинствен старец со луле во десната и бастум во левата рака, во својата велмејска носија и со сета мудрост животна врз лицето. И при секое доаѓање во куќата под Долни Сарај повторно ѝ се восхитував на серијата уметнички фотографии под назив „Брановите на Охридското Езеро“, којашто има добиено специјална награда од компанијата АГФА. Сонамбулични глетки на разбрануваното езеро! И при секоја средба со овој волшебен свет не се изненадував, туку едноставно повторно и повторно (по којзнае којпат) останував без здив како пред нестварна убавина што траела мигновено... а се повторува, со помош на фотографиите, безброј пати. „Гледај, ова ми се другарите, охридските боеми, пред рибарницата, еве ги тука пред автобусот што возеше од Чинарот до плажата. А ова е циркуска шатра кај Крст џамија, а ова се охридскиот шеик и дервишите. Што да ти кажам, векот беше полн со провокации за мојот фотографски апарат. Ете, во Охрид во 1934-та година се одржа Меѓународен хидробиолошки конгрес. Како да не сликаш? Направив цела серија фотографии. Исто беше и со студентската колонија во Калишта, четири години подоцна. Е, што да ти кажувам, треба пак да ја повторувам нриказната. Подобро, ајде на прошетка, да го видиме дуќанот на главната улица.“ И поаѓаме на прошетка. На секој чекор „здраво-живо“, па до дуќанот на главната улица доаѓаме за едно два часа. Со секое „здраво-живо“ - други приказни. Интересни! Но јас сакав да ја раскажам оваа приказна. За човекот на АГФА, за човекот на моторот, за човекот со фотоапарати. За благородниот чичко Благоја Поп Стефанија. Никогаш не го прашав дали на жената си Невенка ѝ кажа за настанот кај Подмоље во квечерината на 6 ноември ’87-та година. На враќање од Струга.

И сега, кога наминувам во Охрид, имам чувство дека некаде од толпата туристи ќе се појави белокосиот жизнерадосен старец со куп апарати околу вратот во потрага по објект на својата нова фотографија. Но, не се појавува. Го нема!

ВЕЛЕШКАТА КИНО ЛЕГЕНДА

Кога на повозрасните велешани ќе им спомнеш дека ќе одиш до театарот, ќе речат: „А! Во киното на Ѕиката“. А пак, кога ќе потпрашаш за киноприкажувачката дејност во Велес, сите едногласно те упатуваат: „Лазо Кртев знае сè! “ Беше тоа пролетта на 1978-та година. Прва средба со Лазар Кртев. Први записи од неговите сеќавања. Неколку месеци подоцна со Васил Тоциновски и со екипа од Втората програма на Македонската телевизија го реализираме документарецот за старите велешки кина „На калдрма кино има“. Во меѓувреме - во велешкиот Народен театар се обидувам да откријам на што останало од првобитниот изглед на зграда на киното на Ѕиката. Од тогашната фасада е останат автентичниот покрив со карактеристични оџаци, а при влезот, може да се забележи остаток од горната орнаментика на влезот од старото кино. Денес, салата на театарот е нешто проширена, но од извесни градежни интервенции може да се согледа како и каде биле распоредени потпорните греди на плафонот во салата. Значи нешто од ентериерот е останато по старо“, пред адаптацијата за потребите на театарот. А и таа, адаптацијата, денес, на почетокот на 21-от век, е веќе вистинска руина. Но луѓето од театарот (како „последните мохиканци“) работат тука, даваат претстави, без оглед дали надвор истура дожд или снег, или пак пука горештина. (Во работилницата за изработка на сценографија „врне“, само нешто послабо од она надвор. Се зборува дека во Велес ќе започне изградба на нова театарска зграда. Се зборува подолго време. Што ќе биде само Господ знае. Дотогаш „последните мохиканци“ го сонуваат својот театарски сон во старото кино на Ѕиката). Како што и Лазар Кртев, во своите пензионерски денови, нашироко расправа за својот вистински сон наречен - кино!

„Скоро разбрав, ми кажа Трајко Ицков од Музејот, дека го добил проекторот со којшто Арсо Картов ги одржал првите проекции во Велес. Пази, во 1909 година! Јас не сум бил ни роден, ја започнува својата приказна Кртев. Роден сум една година подоцна, во 1910-та. А што мислиш, можеби некакви невидливи бранови од тие проекции ми влијаеле, па уште како детиште почнав да се врткам околу кината. Којзнае!? Ајде, појдете со (Олга Ташевска, директор на Велешкиот историски архив, м.з.) горе, на Којник. Мене нозете не ме држат.“ И детално ни објаснува каде што ќе најдеме.

Мала плоштатка. Куќите - еднокатни и двокатни, убаво бојосани, чисти. Со убави портали. Две пазаришни тезгиња. Некој нешто продаваше. Во длабочина - две прекрасно разгранети дрва, чиниш гранките ја прекриваат целата плоштатка. И повеќе дуќанчиња современо дизајнирани. Во убавото и сончево мартовско пладне повеќемина постари луѓе излегле пред своите домови. Љубопитно погледнуваат кон нас, непознатите дојденци. И приоѓаат со прашањето што и кого бараме. Атмосфера како во некое мало медитеранско место. А ова е Којник - средиште на истоименото маало, висорамнинка над десниот брег на Вардар. Во Велес. Удолу или угоре, зависно од тоа дали заминувате или доаѓате на Којник, тесни, стрмни улички. На десната страна од плоштатката, поголема колонијална продавница. Кртев ни кажа: „Во сегашната колонијална продавница, на почетокот на 20-от век беше кафеаната на Трајко Иванов. Како што ми кажуваа, била изградена во 1908 година. Тука, на Којник имаше неколку фурни, бакалници, една млекарница во која до доцните вечерни саати можеше да се најде овчо кисело млеко, имаше и бербер, и кондурација, и кројач, и еден слаткар. Единствена кафеана беше онаа на Трајо, така го викаме ние велешани Трајкота Иванов. Значи, тука, во оваа кафеана се одржала првата филмска проекција. Пази, во 1909 година! Ми кажа Ицков од Музејот дека Арсо Картов прожектирал со мал проектор ’Оригинал будерус‘. За ова, ти реков, не се сеќавам. Не сум бил, де, роден. Ама се сеќавам кога, во 1916 година, проекции организираше германската војска. Имаа подвижно кино. Киното го сместија во училиштето ’Св. Кирил и Методиј‘. (Иако ова воено кино било првенствено наменето за разонода на војската, сепак се одржувале претстави и за населението.) Јас веќе имав 6 години. Ме ’заслепија‘ филмовите. Цело време минував во киното. Германецот што ракуваше со проекторот за шише ракија или вино нè пушташе нас, децата, бесплатно. Ме забележа дека сум постојано тука во салата и ме пушти да се врткам околу проекторот. Чудо невидено! Гледав и упивав. Како ја мести лентата, како ја врти рачката... Ми беше сето тоа како една детска игра.“ Со доза на носталгија Кртев продолжува: „Кога заврши војната, војската се повлече, а со неа замина и киното. На луѓето им олесни оти заврши војната, ама јас... јас тагував. По киното, јасно. Детска работа. Мислев дека повеќе никогаш нема да видам такви чуда.“

Ама стравувањата на малиот Лазар се распрснале многу бргу. Веќе во 1919-тата. И оттогаш, па сè до крајот на животот, Лазар Кртев ќе се дружи со филмот и ќе стане вистинска велешка кино-легенда.

Нешто подоцна ми расправаше Стефан Гајдов (во 1987-та година, седнати на терасата од неговата охридска куќа со божествен поглед кон езерото): „Двата дела на градот ги дели Вардар, а во тоа време ги сврзуваа само два моста: малото дрвено мосте и големиот, наречен Стар мост... Кога се одеше ’спротива‘ (за преку Вардар, на левата страна) се одеше на малото мосте што иочнуваше под хотелот на Милан Ѓорев Војницалија. Требаше да се помине под железничкиот пропуст кој одеше према Вардар. Кога ќе се поминеше мостето, од левата страна беше ’Ада кафези‘. Тоа беше мал остров (ада) обраснат со врби, тополи, со разни грмушки и трева. Тука имаше една долга зграда со многу прозорци и два влеза со по три-четири камени скалила. Паметам, надвор, под дебелите сенки, имаше многу маси и столови. И внатре и надвор свиреа чалгии. Тука се правеа највкусните ќебапи. ’Ада кафези‘ беше оградена со многу бојосани летвички.“

„Ада кафези“ била сопственост на општината велешка. По пат на лицитација ја издавале под наем. И тука, во 1919 година Ѓоко Михајловиќ и Јоца Димитриевиќ отвориле кино. Назив: „Биоскоп касина“. Од Белград набавиле кинопроектор „Пате“. Кртев расправа: „Тоа беше вистинска вест за мене. Бев веќе момчак. Наќе Тахов, со кого бевме соседи, ми рече дека во киното дошол некој апаратер од Белград со кој сопствениците на киното потпишале тримесечен договор. Ми го кажа и тоа дека тој, Наќе, ќе му биде помошник. Еве шанса, си реков. Цело време се врткав таму. Наќе многу бргу се обучи да ракува со проекторот и дојденецот од Белград замина за Струмица пред да истече договорот. Така, Наќе стана киноапаратер, а мене ми предложи да му бидам помошник. Речено - сторено! Мојот сон почна да се остварува.“

Проекциите во „Биоскоп касина“ се одржувале по една во саботите и по две во неделните и празничните денови. Филмовите биле набавувани од Скопје, од застапниците на компанијата „Пате“, компањоните Салваторе Мусафија и Моис Асео. Копиите биле доста изабени, често се кинеле, па така помошникот на киноапаратерот Лазар имал полни раце работа. И иако копиите биле такви какви што биле, гледачите не реагирале многу. Ним им било важно да гледаат филм! И патем да мезат, да пијат... ,,’Ада кафези‘ беше ресторант. И знаеш како е - маси, клупи, столчиња, луѓето си ручаат. Кога ќе дојдеше време за проекција, салата само ќе ја замрачевме и ќе го пуштевме проекторот. Добро, беше тоа импровизација, ама не беше лошо. Потоа нешто се споречкаа закупецот на ресторанот (ми се чини дека се викаше Бранко Вукомановиќ) и закупците на кинотермините Јоца и Ѓоко и работата се растури. Потоа општината велешка во 1921 година го даде објектот на лицитација. Имаше многу перипетии околу тоа. Најнакрај, општината ѝ ја додели на користење на неопределено време на Соколската организација. И така старото турско ’Ада кафези‘, па потоа ’Биоскоп касина‘, полека се претвори во Офицерски дом. Наќе Тахов положи стручен испит за машинска струка и се вработи кај Трајкота Ѕиков, наш велешки индустријалец, во неговата фабрика за зејтин. Јас, пак, останав да чекам некое ново кино.“

Чекал до летото на ’23-та година. Управата на Офицерскиот дом му овозможила на Ѕико - индустријалецот (Трајко Ѕиков) да организира летно кино во бавчата на Домот. Повторно заживеале подвижните слики во „Ада кафези“. Сега, проекции се одржувале три-четири пати во неделата. Зад кинопроекторот бил Кртев. А бидејќи филмовите биле неми, Ѕиков набавил пијанино и повикал една руска пијанистка која свирела за време на проекциите. „Ѕиката потекнуваше од богато семејство. Имаа ниви, моторна мелница за брашно, фабрика за зејтин... Сето тоа го започна Петре Ѕиков, таткото на Трајко. А Трајко беше агилен, способен. Работите ги водеше беспрекорно. Во Велес важеше за двигател на стопанскиот просперитет на градот. Ама тој остави и траен белег во културниот живот на Велес. Мислиш дека Ѕиката се задоволи со проекциите во Офицерскиот дом? Ма, не! Тој реши да изгради вистинско кино!“

И додека течат проекциите во Офицерскиот дом, значи летото на ’23-тата, Ѕиката започнува со изградбата. Отспротива, значи на левиот брег на Вардар, во близината на „Ада кафези“ (Офицерскиот дом), зад зградата на Уќуматот, до дворот иа општинскиот затвор, на имотот на Ѕикови (крај нивната шарлаганџилница) забрзано се гради летната кинобавча и зградата на киното. Бидејќи кинобавчата била изградена многу бргу, проекциите започнуваат летото од истата таа ’23-та година. Со ова била ставена точка на филмските проекции во Офицерскиот дом, односно „Ада кафези“. „Киното на Ѕиката го доби називот ’Вардар‘. Во кинобавчата беше изградена една импровизирана кинокабина. Тука го сместивме проекторот од типот ’Ика‘. Јас самостојно ги вршев проекциите, расправа Кртев. Филмовите беа неми и Ѕиката ангажираше разни музички групи кои свиреа во кинобавчата. Некаде кон крајот на ’23-та заврши и изградбата на затворената киносала. Е, таа ги задоволуваше сите стандарди за едно нормално кино. Имаше партер, ложи и посебна кинокабина. Тука поставивме проектор ’Ернеман‘. Ѕиката овие проектори (и ’Ика‘-та и ’Ернеман‘-от) ги набави од Белград. На плафонот во салата поставија огромен вентилатор. Е, за неговото функционирање се грижеше цела една сурија деца кои Ѕиката ги пушташе бесплатно да ги гледаат филмовите. И да не заборавам - во киното се влегуваше низ еден импресивен влез, а пред салата имаше голем хол. Убавина, нема што! Јас летав од радост.“ Ѕиката набавил и пијанино кое било сместено на едниот крај од екранот. Свирел Стефан Гајдов: „Ѕиката ми предложи да свирам во неговото кино. Договорот беше ваков - бидејќи дома немав клавир, Ѕиката ми овозможи да вежбам во киното, а за возврат да свирам четири пати во неделата кога имаше филмски проекции. Така и бидна.“ „А јас уживав да го слушам Гајдов додека вежбаше, дополнува Кртев. Јас во кабината ги премотував или ги лепев филмовите, де, ги подготвував за проекција, а Гајдов вежбаше. Уживав да работам додека тој вежбаше. Беше мајстор, уште тогаш се виде дека ќе биде голем човек. А сега за филмовите да ти кажам. Ги земавме најчесто од Скопје, од сопствениците на киното ’Вардар‘. Но и во Велес, одвреме - навреме наминуваа застапници на разни дистрибутери (Парамаунт, Пан филм, Универзал), па и од нив земавме. Гледавме филмовите да бидат разновидни. Вистинска сензација предизвикаа проекциите на ’Рапсодија‘ со Вили Фрич, ’Малиот трубач‘ со Џеки Куган, ’Црниот орел‘ со Рудолф Валентино, ’Дивите орхидеи‘ со Грета Гарбо, ’Еротикон‘ со Ита Рина, ’Отело‘ со Емил Јанингс, ’Брачен триаголник‘ со Глорија Свансон и Рудолф Валентино... Како го рекламиравме репертоарот? Испишувавме рачно плакати и лепевме низ градот. Ама кога ќе дојдеа големи филмски хитови (ете, се сеќавам за ’Десетте божји заповеди‘), тогаш организиравме жива реклама. Што е тоа? Артистичко-музички поворки кои низ градот во живо рекламираа одреден хит-филм. Вистински циркус! И ете ти река народ во киното. Ама, многу често се случуваше копиите што ги добивавме да бидат многу лоши. Ми вели еден пријател: ’Слушај Лазо, неодамна бев во Белград и го гледав филмот што сега ти го прикажуваш. Ама ова овде нема никаква смисла, толку е осакатен што нема врска со она што го гледав во Белград.‘ Што да се прави?! Некои реагираа, повеќето не. Луѓето сакаа да гледаат филмови, па за пропустите гледаа низ прсти.“

Лазар Кртев значи започнал да работи во киното на Ѕиката „Вардар“ од самиот почеток. Работел за плата, ама немал решение. Решението го добил во 1925 година. Лазар бил киноапаратер - самоук, но многу трудољубив и дисциплиниран. И над сè, го сакал филмот. Во 1932 година заминал за Белград и таму го положил испитот за мајстор-киноапаратер. Истовремено положил испит и за професионален шофер. „Ова се покажа многу добро. Ајде, од киното живеев и мораше да се положи тој испит. Но се покажа добро и она со испитот за шофер. По ослободувањето, значи по Втората светска војна, по национализацијата на кината, јас почнав да работам во Задружниот сојуз како шофер и со подвижен 16мм кино-проектор вршев проекции по селата. Гледаш, двете дипломи во едно! И да ја продолжам сега приказната за киното на Ѕиката. Во 1928 година Ѕиката зеде компањон во работата со киното. Трајко Наков. И од таа година до ’32-та киното имаше двајца сопственици. Ама Трајко Ѕиков, не знам зошто, во ’32-та година реши да го напушти Велес. Замина со семејството за Србија. Го распродаде имотот. Само киното остана. Во тоа време се појави и второто велешко кино. Во хотелот ’Белград‘ на Милан Горев Војницалија. Тоа кино под наем го зеде Трајко Наков, а кај нас, во ’Вардар‘ дојде Јаков Мандил од Скопје. Ама и тој брзо си замина. Работата одеше сè полошо. Конкуренцијата си го направи своето. Се намали посетеноста. Секој сака нешто поново... Ама јас си работев. Одржував проекции, но сè почесто во салата се одржуваа театарски претстави и музички концерти. Се сеќавам на концертот на Милое Милоевиќ. Салата преполна, нема игла каде да фрлиш.“

Во професионалниот живот на Кртев ќе се вмеша и второто велешко кино. Она во хотелот на Војницалијата. Инаку Милан Ѓорев го изградил хотелот во 1908 година, а во 1929 година направил проширување за потреби на едно постојано кино. Инаку хотелот „Белград“ се наоѓал на главната велешка улица. Но со задниот дел, оној што гледал кон исток, бил паралелен со железничката пруга и со Вардар. Значи, не бил „отаде“. „Хотелот на Војницалијата беше срце на велешката боемштина. Тука имаше поетски читања, концерти, а гостуваа и театарски дружини. Тука се среќаваа Коста Рацин, Коле Неделковски, Венко Марковски, Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Борис Бегинов, Георги Шоптрајанов... А и самиот Војницалија беше поет. И така тој во својот хотел направи кино. Располагаше со 200 седишта. Први што го изнајмија киното беа Трајко Наков и Томе Ќерамитчиев. Набавија нови проектори - тонски од типот ’Цајс икон‘. На помош им дојде Наќе Тахов, ги монтираше проекторите и кратко време вршеше проекции. Ама си замина. И така јас се нафатив и со ова кино. Ги терав проекциите и тука и во она ’отспротива‘, во ’Вардар‘. Ама работата со едно кино не е едноставна. Луѓето мислат - нема проблем, ќе заработиме добра пара. Треба и со киното да знаеш - не е ’купи-продај‘! Па сакам да ти кажам дека до почетокот на војната (Втората светска војна) се променија едно чудо закупувачи на киното во хотелот - Исак Ково, Славко Гајдов, Никола Палеолог... Едно кратко време, пред самиот почеток на војната, киното го закупивме Горѓи Ацев и јас. Но Горѓи набргу се откажа и останав сам. Добро!“

На 5 јули 1940 година киното во хотелот „Белград“ го добива својот последен сопственик/закупец кој ќе ја дочека и повоената национализација. Тоа е легендата - Лазар Кртев. „Сега сета преокупација ми беше ова кино. Го суредував, проекторите ги држев во беспрекорна состојба. Сè сјаеше! Земав филмови од Софија. Германски, италијански, унгарски... какво време, такви филмови. А имаше и публика. Слушај го ова: прикажував еден италијански филм. Љубовна драма. Еден велешанец го гледам на една проекција, па на втората, го гледам како и по трет пат гледа еден ист филм. ’Толку ли ти се допадна филмот?‘, го прашувам. ’Па не ми се допадна толку филмот, ама сè чекам возот да задоцни‘, ми одговара. А што е работата? Има една ваква сцена во филмот - една убава жена на прозорец започнува да се соблекува. Те палтото, па блузата и еве, сега треба да ги соблече последните парчиња од облеката и... да остане гола. Ама во тој момент, во кадарот влегува воз и го покрива прозорецот со соблазнителната глетка. Ете што чекал мојот велешанец. Да задоцни возот! Имаше сè и сешто во тој мој кинаџиски век. Кој на сè ќе се сеќава? Важно кината ги одржавме. Па дојде ослободувањето, па национализацијата, ама јас си останав во киното. И како киноапаратер, и како раководител. Сакав да ги гледам луѓето како се туркаат пред киноблагајната, сакав да ги гледам нивните лица кога гледаат филм, сакав да го слушнам нивното мислење по проекциите. Како да имав двоен живот - едниот во семејството, другиот во киното. Пензија си дочекав во нашето кинопретпријатие. Еве и сега си одам во кино. Младите ме почитуваат, сетики по нешто ме прашуваат, па кога дојдоа проектори со ламби (не со ќумурчиња/електроди) ’ајде чичко Лазо помогни ни, ова-она да се наштелува...‘ Деца, ама добри! Важно е, киното во Велес добро врви. Има публика.“

Ова беше во 1978-та година.

Денес во Велес нема кино. Го затворија кон крајот на 2004-та.

Пролетта на 1979-та година се јавува Лазар Кртев: „Дојдени сме со жената ми на гости кај ќерката, да, тука, во Скопје. - Ќе дојдам до Кинотеката, имам еден мал подарок за вас.“ Го дочекувам пред влезот на МРТВ. Жизнерадосно се движи, иако се жали на болки во нозете. „Бев и до кај Кузман (Кузмановски, легендата на скопските кина, м.з.), убаво си поприкажавме, како лав се бори за кината. Ах... еве ова е за Кинотеката.“ Нешто големо, завиткано во хартија. Најдл/тонски-плочи за немите филмови! На големата кинотечна изложба по повод 100-годишнината од појавата на филмот (во 1995-та), во една од витрините посветени на старите кина, поместени се и кино-експонати на кои пишува: Од оставнината на Лазар Кртев од Велес.

Лазар Кртев не дочека да го види грдиот крај на велешкото кино. Неговиот скопски колега Кузман Кузмановски, за жал, дочека да го види распадот на скопското кино-царство и потоа издивна.

АУДИОСКОПИК

„Ете, нашето кино ’Балкан‘ во Тетово прво во Вардарска бановина го прикажа најновиот (за тоа време) изум на филмската индустрија аудиоскопикот. Тридимензионален филм! Од дистрибутерите ни беше препорачан како чудо. Заедно со филмот добивме цел сандак со книжни очила во две бои. На едното око црвена, а на другото сина боја. Ги продававме на благајната по цена од 1 динар. Без очила не можеше да се гледа – сè беше заматено. Кога ќе ги ставиш очилата наеднаш се наоѓаш во средиште на дејствието. Чудо едно! Материјалот не беше класичен филм, туку беше составен од повеќе разновидни инсерти кои овозможуваа најдобро да се почувствува тридимензионалноста. Се сеќавам, имаше инсерт со еден виолинист со гудало на чиј крај се наоѓаше едно мало глувче. И кога виолинистот ќе го испружеше гудалото, глувчето ’влегуваше‘ во салата. Овој тридимензионален рекламен материјал го прикажавме пред редовниот игран филм ’Ноќ во операта‘.“

Сензацијата аудиоскопик „гостувала“ во тетовското кино „Балкан“ од 24 до 28 март 1937 година. Рамно 66 години и некој ден плус подоцна (на 18 април 2003-та година) седам во пријатниот дом на пензионираниот дипломиран инженер архитект Ристо Ристоски. Во една од високоградбите во строгиот центар на Тетово. Повеќечасовен убав разговор со пријатен соговорник. Ги бележам неговите сеќавања за некогашното кино „Балкан“ во сопственост на неговиот татко Матеа Ристоски. На лист хартија, со прецизни потези на пенкалото во рака (што може да ги направи еден висок професионалец - архитект) ја исцртува внатрешноста на киното. Сè е прецизно: димензиите, колку фиксни и колку подвижни столчиња, екран, кинокабина, благајна, хол... Ме прашува дали некогаш сум била во тетовските кина. Одговарам потврдно. „Пред едно 25 години во киното ’19 Ноември‘ (во строгиот центар на градот) имавме многу успешна кинотечна програма“, му одговарам. „Е, гледаш, токму тоа кино е нашето, старото ’Балкан‘. Таму беше и Дирекцијата на Градските кина. А другото кино, она старото ’Лешковиќ‘, а потоа ’Братство‘ е десно од плоштадот, во едно помало уличе. Ама кога се градеше, тоа беше центарот на Тетово. Сакаш сега да ги видиш кината?“, љубезно ме прашува мојот домаќин. Јасно дека сакам и ќе прошетам до таму, но сега е сè доста изменето и искажувам сомневање дали ќе се снајдам. Архитектот повторно го зема пенкалото и лист хартија - во миг пред мене се оформува ситуациониот план/тлоцртот на центарот на Тетово. На заминување господин Ристоски ме испраќа до лифтот, ме потсетува, доколку сакам и имам време, се разбира, да појдам да ги видам кината. „А утре кога повторно ќе дојдеш, кажи ми ги впечатоците“. Поаѓам од плоштадот кон улицата „Тодор Циповски – Мерџан“. Во заднина - бликнало волшебното Бал Тепе. Ги наоѓам локациите и на двете кина. Некогашни! Закатанчени влезови, напуштено/запуштено... „Кинопретпријатието е во стечај, има и стечаен управник, ама никаде го нема. А ние треба да ја преземеме документацијата, инаку ќе пропадне, па после оди и истражувај“, ми појаснуваат колегите од Тетовскиот архив. Утредента, господин Ристоски уште од врата ме дочекува со испитувачки поглед: „И?“ „Немам коментар“, одговарам. „И јас немам коментар. Веќе десеттина години не работат кината. Има повремени проекции во Домот на културата, ама и тоа е преку година. Еј..., воздивнува мојот домаќин, на што спадна мое Тетово; кон крајот на деветнаесеттиот век го имавме првиот дипломиран фармацевт во Македонија, Александар Парлиќ, уште на почетокот на дваесеттиот век имавме индустриски капацитети, имавме хидроцентрала, имавме училишта, имавме болница, имавме театарски и музички групи, имавме кина... Имаше печалбари, имаше имотни тетовски семејства, имаше интелигенција и сите заедно се грижеа за напредокот на градот. Може некој да ми забележи што велам ’мое Тетово‘ оти ние сме дојденци од Гостивар, ама јас од четиригодишна возраст сум во Тетово и како да не речам ’мое Тетово‘.“

Мојот домаќин, архитект Ристоски, ги кажува основните податоци: роден во Гостивар, во 1928 година. Татко - Матеа Ристоски од Гостивар и мајка - Анѓа Ристоска (моминско Божиновска) од Тетово. И додава: „Ако татко ми не притиснеше да одам на студии по архитектура (тој ја откри мојата дарба за цртање, проектирање...), можеби ќе бев киноапаратер. Оти го знаев тој занает. Ме интересираше киното. Сега скоро читав една книга за Тетово (ја има пишувано она младо момче Светозаревиќ од Архивот) и таму гледам - во Тетово имало филмски проекции уште од 1919 година. Биле повремени, во бавчата на Александар Парлиќ во маалото Јаковчеа чешма, ама, важно имало проекции.“

Но, да ја раскажеме приказната за тетовското кино „Балкан“.

Матеа Ристоски бил роден во Гостивар, во 1892 година. Татко му Ристо по занает бил бојаџија и целиот живот се занимавал со таа работа. Матеа во Гостивар го завршил основното образование и започнал да му помага на татка си во бојаџиската работилница. Под влијание на својот стрико, кој бил печалбар во Америка, Матеа, на 19-годишна возраст (значи во 1911 година) заминал за Америка, во Детроит. И Матеа во Америка ќе помине вкупно 24 години, со повремени подолги и покуси престои во Македонија. Во Детроит најнапред работел како работник во автомобилската индустрија, но штедејќи успеал да стане сопственик на драгстор. Значи, започнал да се занимава со трговија. Кон крајот на дваесеттите години Матеа се враќа во Гостивар. Со себе носи добра заштеда. Се вљубува во едно младо моме, Анѓа Божиноска од Тетово. Се земаат и на 10 август 1928 година им се раѓа машко дете. Го крштеваат по името на дедото Ристо. Тоа детуле е сегашниот мој соговорник, архитект Ристоски. Со посебна интонација на гласот (со многу љубов) зборува за мајка си и за нејзиното семејство: „Мајка ми Анѓа потекнуваше од едно познато тетовско трговско семејство. Имаше помлад брат Јован (Божиноски), јас си го викав Јошко. Тој беше роден во Тетово, во 1912 година. По занает беше столар. Но подоцна Јошко стана најблизок соработник на татко ми во работата со киното. Но, уште една роднинска врска ќе го ’врзе‘ татка со киното. Јован Атанасовски беше познат тетовски рентиер и тој со татко ми беа баџанаци. Значи, беа женети со две братучетки. Е, тој Јован Атанасовски, во почетокот на триесеттите години, во центарот на Тетово изгради убава семејна куќа со додатен станбен и деловен простор во дворот. И тука некаде почнува приказната. Татко ми скоро вратен од Америка и без некое определено занимање се сложил заштедените пари да ги вложи во кино. Значи да прецизираме - мотивацијата на татко ми да се зафати со киното била - нешто да се работи! И да знаеш - иницијатива и големо влијание за оваа одлука имал блискиот роднина на мајка ми Анѓа, харизматичниот Кузман Најденоски. Треба да знаеш дека Кузман Најденоски бил двигател на културниот живот во Тетово и бил сопственик и главен уредник на весникот ’Глас Полога‘. Гледај како сега се врзуваат работите! За оваа идеја се заинтересирал и баџанакот на татка Јован Атанасовски. Тој веќе го имаше изградено објектот во центарот на градот. По мое гледање, според едноставноста, тој објект веројатно бил изграден за магацин или за работилница. Но паднал договор - тука ќе се прави кино!“

Јован Атанасовски го дал објектот, а Матеа Ристоски вложил во опремувањето на киното. Купил кинопроектор, озвучување, неопходна инсталација, мебел... На 15 март 1932 година банот на Вардарска бановина, врз база на повеќе законски прописи и извештаи, издава решение со кое се одбрува работата на киното „Балкан“. Матеа Ристоски го сели семејството во Тетово. Во почетокот на 1932-та година. „Се сместивме во дворната куќа на Атанасовски. Се сеќавам, кога беше лето, кај нас доаѓаа пријатели и роднини и од дворот, низ отворените врати на киното, ги гледавме филмовите.“

Киното „Балкан“ имало фоаје, благајна, кинокабина над благајната и интерполирана во висина на салата, киносала, санитарни јазли, прирачни магацини и до објектот била изградена мала барака во која бил сместен трансформаторот. „Киносалата имаше околу 370 седишта и тоа вака распоредени: напред имаше десет реда клупи, па потоа неколку реда столчиња поврзани со летви за да не се мрдаат и на крај имаше 22 маси со по три столчиња. Ти велам, не беше тоа модерна киносала, немаше ниту балкон, ниту ложи, ниту фиксни седишта, а и подот беше рамен, значи немаше косина која ќе овозможува подобро гледање. Ама нејсе, публиката си доаѓаше. Ова е интересно - забележи го: фоајето беше озвучено. Пред проекциите и во паузите мегу чиновите пуштавме модерна, забавна музика, а кога ќе почнеше проекцијата и од холот можеше да се следи дијалогот или музиката од филмот. Кинопроекторот беше „Ернеман 2“ со Цајсиконова оптика. Татко ми го набави од Германија. Светлосниот извор се обезбедуваше со помош на јаглени електроди. Тоа беше посебна песна. Требаше нон-стоп да се внимава - електродите брзо се трошеа и тоа влијаеше врз јачината на светлината и со тоа на самата слика. Сега е лесно - со ламби, апаратерот е слободен.“ Во прво време проекциите ги водел Живоин Тотиќ, киноапаратер од Лесковац. Но во 1936 година Јошко Божиноски го положил испитот за киноапаратер и целосно ја презел обврската околу техничката работа во киното.

„Киното работеше секојдневно. Во делничен ден имавме само вечерна проекција, а во неделите и празниците и матине и вечерна. Во киното немавме бифе. И сега слушај: имавме еден проектор и кога требаше да се менуваат ролните - ете пауза од 3-4 минути. И тогаш доаѓаа сопствениците од соседната слаткарница и нудеа слатки. Оние пак што сакаа да се напијат клакери одеа до соседниот дуќан.“ Инаку репертоарот бил договаран за цела година. Дистрибутерите, пред секоја нова година, доставувале каталози и ете ја можноста да се направи најсоодветен избор. Во тоа време Тетово било некако скраја, немало добри транспортни врски, па затоа Ристоски и Божиноски филмовите ги менувале седмично - еден филм, една недела. Инаку комбинирањето на програмата била вообичаена за тоа време: најнапред „актуелности“ (филмски журнал, најчесто од Фокс), па потоа игран филм. Така било во делничните денови. Но кога бил празник или недела тогаш програмата изгледала вака: најнапред бурлеска, па игран филм и најодзади филмски журнал. „Се сеќавам, вели архитект Ристоски, беше Велигден. Кај нас на репертоарот еден хит-филм за Исусовото воскресение. Билетите беа распродадени со денови однапред. Дојдоа воглавно средновечни и стари луѓе. Жените, кога ги гледаа сцените кога Исус го носи крстот, не седеа туку клечеа на душемето и се крстеа. Ова го паметам многу добро. Инаку, големи турканици имаше и за филмовите ’Во знакот на љубовта‘, ’Бенгали‘, ’Шпанска романса‘, ’Преријата во пламен‘, ’Вива Вила‘, ’Модерни времиња‘, ’Тарзан‘, ’Грофицата Валевска‘ и за редица други. На повозрасните тетовци филмски љубимци им беа Марлен Дитрих, Жан Габен, Шарл Боаје, Грета Гарбо, Рамон Новаро, додека ние помладите ги сакавме Гари Купер, Џони Вајсмилер и други ѕвезди што настапуваа во авантуристичките и вестерн филмовите. Многу млади тетовци се фотографираа, имитирајќи ги своите филмски љубимци. Меѓу нив беше и вујко ми, Јошко Божиноски. Нему му беше лесно. Работејќи во киното имаше најголема можност да ги ’простудира‘ однесувањето и позите/манирите на големите ѕвезди и да ги имитира пред фотографскиот апарат. Што се однесува, пак, до рекламирањето на репертоарот користевме плакатирање. Исцртувавме големи плакати и ги постававме на најпрометните места во градот. Во фоајето постававме паноа со оригинални плакати од дистрибутерите, и од филмот што е на репертоар и на оној што доаѓа. Ама во чаршијата имаше уште еден начин за реклама. Еве, за секој филм што ќе дојдеше правевме пробна проекција во потесен круг на која обично имаше и по некој претставник од власта. Тие проекции по правило беа наутро. Еден час по завршување на проекцијата во чаршијата веќе се знаеше каков филм ќе има. Пожива реклама од ова - здравје!“

Киното го посетувале претежно чаршиските луѓе (поимотни занаетчии, трговци) и интелигенцијата. Тие доаѓале иа вечерните претстави, и тоа фамилијарно. Во Тетово имало и поголем број државни службеници и тие доаѓале само да ги видат журналите и потоа заминувале. „Знаеш, Тетово беше патријархален град. Не можеше да се замисли девојка сама да појде во кино. Или, пак, со момче! Можеше, евентуално, со некоја другарка, но со многу молења и кумења. За учениците беше строго забрането сами да одат во кино на вечерните проекции. Беше вообичаено на вечерните проекции во киното да има по некој дежурен професор. Исто како и дежурањето на корзото. Ќе дојдеше седум часот навечер, ќе се појавеше на корзото лично директорот на гимназијата и ние - магла, да нè нема!“

Киното „Балкан“ во првите три години работело рентабилно, но веќе во првата половина од ’35-тата се чувствува извесна криза. Неколку месеци подоцна, поточно на 23 октомври 1935 година, во Тетово проработело и второто постојано кино „Лешковиќ“. „Е тоа веќе беше модерно кино. Ги имаше сите предуслови што се неопходни за една културна институција. Имаше 460 седишта. Имаше партер, балкон и ложи. Но набргу во семејството Лешковиќ се случи голема трагедија. Некако едноподруго починаа двата сина на стариот Лешко, па со киното раководеа нивни блиски роднини Саво Нонески и Борис Петроски.“

Појавата на второто кино ја поделило публиката. Во град со жители чија бројка се движела помеѓу 14000 и 15000 - две кина биле премногу. И двете работеле на работ на рентабилноста. И така, во 1938 година, Матеа Ристоски повторно заминува за Америка. Таму, во земјата отаде Големата бара, го затекнува Втората светска војна. Во Македонија се враќа по војната, во 1946 година, со првиот брод што отпловил од Америка за Југославија. Што се случува со киното? „Во киното остана да работи вујко ми Јошко. Тој полека почна и мене да ме воведува во работата со киното. И така јас, кој пред тоа бев само набљудувач или ако сакаш најточно „лево сметало“, почнав сернозно да работам во киното. Најнапред вујко ми ме обучи да пуштам музика, потоа научив да ги премотувам ролните и на крајот научив да работам и со кинопроекторот. Во 1942 година се случи моето огнено крштевање како киноапаратер. Самостојно го пуштав филмот ’Робин Худ‘.

“И дојде Втората светска војна. Тетово е во италијанско-албанската фашистичка окупациона зона. Врз Јошко Божиноски се врши притисок да го отстапи киното. И тој, за да го сочува животот на семејството (и неговото и на Матеа), потпишува дека киното им го предава на други сопственици: Даут Имери, Ќамил Иљази и Јаја Сељмани. Платиле за инвентарот - ништожна цена, колку да се каже дека нешто платиле. „Тоа беа смешно мали пари за откуп на инвентарот на киното. Беше тоа само форма како да се приграби нешто што не е нивна сопственост. Но вујко ми морал да се согласи затоа што, во тоа време, можеше темнината сите нас да нè проголта. Инаку, ние си продолживме да работиме во киното: вујко ми беше цело време таму, а јас се почесто ја вршев киноапаратерската работа. Од сопствениците во киното наминуваше само Даут Имери. Тој по професија беше шофер. Останатите двајца никогаш не ги видовме. Јаја се занимавше со политика, му беше помошник на злогласниот Џемо. По војната Јаја и целото негово семејство беа егзекутирани. А Ќамил Иљази и Даут Имери се иселија за Турција.“

По ослободувањето Јошко Божиноски бара од новата власт дозвола за продолжување на работата на киното. Ја добива. Во тоа време од Америка се враќа и Матеа. „Се собравме повторно сите. И вујна почна да работи во киното како благајник. Работата тргна. И тука има еден интересен момент: Татко и вујко Јошко, заедно со раководителот на киното ’Лешковиќ‘ Сава Нонески и со сопственикот на гостиварското кино ’Уранија‘, формираа едно заедничко приватно киноприкажувачко претпријатие. Со тоа ги намалија издатоците за изнајмување и за рекламирање на филмовите. Филмовите ги пендлуваа - еден ист филм се прикажуваше во сите три кина, но со различно време на почеток. Така ролните можеа да се пренесат од едно до друго место. Убаво тргна. Јас размислував за факултет, ама киното ме имаше врзано како со магнет.“

Ама дојде онаа ’48 година. Што многумина ќе ја паметат!

„Еве како се сеќавам за таа година. Беше топло пролетно време. Вујко ми и јас бевме во фоајето и цртавме плакати за наредните филмови. Наеднаш влегуваат тројца и ни наредуваат да го напуштиме киното. Велат: ’Национализирано е. Од овој момент киното е државно‘. Ни кажаа само дека примопредавањето ќе го изврши некаква комисија. Татко ми и вујко ми повеќепати бараа да видат што се случува со таа комисија, но сè остана залудно. Тоа ми се чини беше пресудно и татко ми рече: ’Терај на факултет. Да не те видам тука, учи, а ние ќе се снаоѓаме‘. Јас и подоцна, кога веќе бев студент, наминував во киното. Беа набавени нови Искрини проектори, во киното почна да работи и градскиот театар. Се сеќавам некаде 1951-53 се извршија некои адаптации, беа изградени и гримиорни. Во киното се всели и Управата на Градските кина - Тетово. Кога доаѓав дома, во Тетово, наоѓав време да направам и некоја сценографија за театарски претстави. Еве, направив сценографии за ’Заеднички стан‘ и за ’Македонска крвава свадба‘. Јас докрај останав врзан за тој простор. Татко ми и вујко ми си тераа своја работа, но никогаш повеќе не зборуваа за киното. Знам дека тоа ги болеше, ама молчеа. Тагата си ја носеа во себе. Јас, пак, ете поинаку. Сакав да дојдам до киното, да го осетам мирисот на холот, да ги слушнам проекторите... И сега каде да појдам? Затоа инсистирав да појдеш, да видиш! Каде сега да одам? Да ја видам замандалената врата?“

Сега, пензионираниот инженер архитект Ристо Ристоски ќе се види на кратко со некои блиски познаници, ќе направи убаво кафе, ќе позборува за времето кога во Тетово беше главен градски архитект и толку. Или, пак, ќе појде до Скопје да се види со децата и нивните семејства. „За киното немам со кого да зборувам. Вујна е болна, а и таа не сака да зборува за киното. Но, ете, дојде ти и, гледаш, три дена едноиодруго зборувам, зборувам... Ме врати во едно друго време. Мое Тетово со занаетчиите, со центарот Бунар, со Масларскиот пазар, со Горна чаршија... и над сето тоа - Бал Тепе. Знаеш како велевме ние тетовци за нашиот град во тоа време? Тетоо наше ка мау Париз“. Заминувам од домот на господин Ристоски. „Дојди и другпат. Без повод. Ќе помуабетиме. А може и до кината да скокнеме.“ Со последниот автобус се враќам кон Скопје. Единствен патник сум. Шоферот ми покажува - еве, ова е Карпалак. Зад мене останува Бал Тепе. И еден господин кој станал познат архитект, а почнал како киноапаратер. Сонувачи на секој чекор!

МАГАРЕ, ОВЦА СО ПЕТ НОЗЕ И КИНО

Подвижните/патувачките кина најчесто се поврзуваат со пионерските денови на кинематографијата. Во недостиг на постојани киносали, градовите и помалите места ги крстосувале подвижни кина. Во циркуски шатри, во кафеани, на отворен простор, тие ја прикажувале новата атракција - подвижните слики. Такви кина се појавиле веднаш по 1895-тата година. Подвижни кина се појавиле и кај нас - во 1897-та година ги одржале првите филмски проекции во Битола и во Скопје. Нешто подоцна, што значи кон почетокот на дваесеттиот век, но и понатаму, голем број нашинци се снабдувале со подвижни кинопроектори и во разни населени места прикажувале филмови. Подвижното кино на скопјанецот Милан Голубовски од 1907 до 1909 година посетило голем број населени места во Западна Македонија и во Албанија, додека велешанецот Арсо Петров Картов, во истиот тој период, со својот мал проектор се движел на релација Велес-Овчеполие-Бугарија. Многу подоцна, некаде во втората половина на триесеттите години ќе се појават и подвижните кина на Димитар Станоев (мискеџијата) од Пехчево и на Илија Џонов од Богданци. Е, нивните приказни сакам да ги раскажам.

Најнапред две лични сеќавања.

Од најраното детство, покрај ѕвонот на белградските трамваи во раните утрински часови, во мојата меморија останало прекрасното ѕвездено небо над Богданци и појот на штурците. И тука, пред основното богданско училиште, меѓу бистите на повеќе првоборци, ми остави особен впечаток ликот на Боро Џони. Децении подоцна, дознавам дека киноприкажувачот од тие наши јужни краишта Илија Џонов е татко на Боро Џони. Кога кон крајот на седумдесеттите години почнав со потрагата по Илија Џонов, најнапред дојдов до синот на Боро Џони, познатиот универзитетски професор д-р Илија Џонов. „Дедо ми одамна не е жив.“ И ме упатува до неговиот чичко, професорот Кирил Џонов. „Тој ќе има што да ти каже. Летно време, кога се враќаше од студии на ферии му помагаше на дедо ми околу киното.“ И така бидна. Приказната за Илија Џонов ја раскажа нековиот син Кирил. А беше снимен и телевизиски документарец.

Во првата половина од седумдесеттите Години започнав да ја запознавам мојата Македонија. Пред тоа, мојата релација во татковината беше Скопје-Охрид-Богданци-Дојран. Останатото беше надвор од Македонија. И некаде кон среднната на тие седумдесетти Години одиме да ја откриеме Швајцарија во Македонија - Малешевието. После Виница, во клисурата на реката Осојница, некаде на половина пат, чешма! Од неа блика студена изворска вода. Над чешмата - фотографија/портрет и натпис: „Патнику, застани. Одмори се и напиј се од убавата планинска вода. Тоа ти Го пожелува - Димитар Станоев-мискеџијата “. Некој месец подоцна Панта Мижимаков ми расправа за еден пехчевец кој многу одамна имал подвижно кино и една мала животинска циркуска дружина. Ми го кажува името, а мене - нешто познато. Заклучуваме дека мискеџијата од чешмата и овој за кој расправа Панта е една иста личност. Жив е! Таму е, во Пехчево. Следуваат две средби: една во неговото Пехчево, втората во Скопје, во Кинотеката. Последниот негов фотографски портрет Го сликам во Кинотеката. Набргу потоа Панта ми соопштува дека големиот ,факир‘ Станоев починал. Остана неговата приказна.

„Татко ми Илија беше многу љубопитен човек, расправа Кирил Џонов. Беше полн со енергија, сакаше да патува, да запознава други луѓе, со еден збор - човек со немирен дух. Некаде во почетокот на 1924 година татко ми беше на пат во Ниш и Крагуевац. И од таму донесе две работи - еден фотоапарат и еден кинопроектор 35мм. Марка: „Синема Пате“. Донесе и неколку филмови. И веднаш организира проекција во Гевгелија. Имаше и една латерна, па преку неа пушташе музика и правеше реклама за киното. Народ - колку сакаш! Ама татко сакаше и луѓето од околината да го видат ова чудо. И ќе го натовареше магарето со проекторот и латерната и - ајде по селата. Луѓето во шок! Се појавуваат на платното возови, диви животни и гледачите - масовно бегаат. Па потоа пак ќе се вратеа...“

„Нашата Малешевија беше некако од пат за новите светски атракции. Најмногу имавме комити и борби. А јас љубопитен, уште како дете сакав да талкам по планините, да собирам плодови, да се дружам со животните..., ја започнува својата приказна Димитар Станоев. Кога потпораснав требаше да подработувам, да заработам нешто. Им помагав на моите, ама тоа не беше тоа. И така полека-лека почнав со еден вид трговија. Купи-продај! Ама не било што. Одев по пазариштата и купував дребулии, ама интересни, уникатни. Посебно набавував и разни мириси. Па жените лудуваа по нив. Младите, се разбира. Јас на тие, да ги кажам, патувања (Кочани, Штип, Велес, Скопје...) запознавав многу интересни луѓе. И сетики од нив ќе научев нешто. Така научив и разни трикови, маѓионичарски, и се правев важен меѓу моите во Пехчево.“

„Некаде во 1929 година татко ми одлучи да се селиме во Струмица. Кинопроекторот, нормално, го зедовме со нас. И само што дојдовме, татко се договорил со сопственикот на кафеаната „Вардар“ и оп! -проекции. Не редовни, ама одвреме-навреме. И пак, со магарето натоварено во поход на струмичките села. Босилово, Турново, Дабеле... Атракција! Луѓето, најголемиот дел од нив, ни плаќаа во натура. Што леб, што брашно, чушки, патати. Некои ќе дадеа и по некоја пара. Ама од сиромашниот не можеш да бараш, ако има ќе даде, ако не - добро, нека гледа филм. А децата се научија и од дома ќе украдат јајца и еве ги на кино. Е, кога бевме во Струмица, проекторот нешто се расипа, долниот котур не влечеше и лентата паѓаше во кошница. Татко виде, не виде, реши да набави нов проектор. Се упати кон Србија по нов проектор. Ама и стариот го зеде со себе. За секој случај! И патем, организирал проекција во Кратово. Во хотелот, ако не се лажам, ’Белград‘. Ама, проекторот неисправен, се запалила филмската лента, а изгорел и проекторот. Татко се заколнал дека повеќе нема да се занимава со оваа работа, ама кратко му траело нерасположението. Проекторот и така бил стар. Со еден свој пријател го продолжил патот кон Србија.“

„И така моите малешевци ме завикаа ’факир‘ и ’мискеџија‘. Реков пред тоа дека многу ги сакав и животните. Дознавам на еден пазар дека некој донел теле со две глави и го продава за да се заколе. Какво колење! Се нагодив со продавецот, платив нешто и телето си го зедов. Набргу потоа еден познаник од Умлена ми вели: ’Имам овца со пет нозе, ајде продај ја на пазар, нечија софра ќе се замрси‘. Јас му велам: ’Дај ми ја овцата, а ти за возврат одбери од моиве дребулии што сакаш‘. И така бидна. Си создадов мое мало циркуско друштво: јас со моите ’ќерефеки факирски‘ во друштво со телето и овцата. И ајде, по селата малешевски. Не наплатував. Кој што ќе даде - по некое јајце, малку брашно, луѓето немаа. Си мислев само - нека се порадуваат со мојот ’циркус‘“. И така животот им е скапан. Е, во 1933 година одам јас на пазар во Скопје. А ќе ти кажам дека веќе имав видено филмови. Што во Штип, а и во Скопје навраќав, во тоа бараката на киното ’Вардар‘. Одамна беше. Значи, одам на пазар во Скопје и кога таму еден белобрад човек продава нешто интересно. Ми вели: ’Ова е мал кинопроектор, имам и осум филмови за него‘'. Ми се претстави, ама го заборавив името. Нешто како Топалов, или Топлов, не се сеќавам. Прошетав низ пазарот, ама умот ми е во проекторот. Си есепам: ’Ако продадам толку и толку мириси, ќе ми се исплати проекторот.‘ Среќата ми се насмеа, Ги продадов мирисите и си Го купив проекторот сосе филмовите. Тој Топалов ми покажа како се ракува со проекторот, како се местат филмовите. Никаква филозофија! И тргнав кон мојата Малешевија.“

„Значи татко ми, со еден негов познаник, отиде до Белград и таму купи една мала подвижна киноапаратура. 35-ка, се разбира. И таму, со некои дистрибутери се договорил како да ги набавува филмовите. Неколку филмови за период од два месеца, па потоа други филмови и сè така, на подолг период. Беше тоа во 1935 година. Дојде лето, јас си дојдов дома и татко вели: ’Ајде ќе направиме една кино-турнеја‘. Јас среќен, поарно тоа, отколку на поле. И вака: магарето наше го натоваривме - од едната страна кинопроекторот, од другата акумулаторот. И тргнавме: најнапред струмичките села, па Малешевијата до Берово. Кино-турата траеше две недели. Филмовите беа стари, често се кинеа, ама јас добро го совладав лепењето. Добро ми одеше. Ќе прашаш каков ќар имавме. Задоволството беше големо од таа авантура. Ако вечеравме, добро, ако не - не! Најчесто ќе се собереше ’материјал‘ за чалбур. Малку сирење, неколку јајца и вода. Милина! Јас бев восхитен од турнејата, татко исто! Се среќававме со многу луѓе, дознавме за многу судбини. Обично после проекциите некој ќе не поканеше дома, софра сиромашна, ама полна со љубов. Е, тоа беше нашиот ќар!“

„Си дојдов дома, во Пехчево, и веднаш се пофалив: ’Ќе имаме атракција, ќе пуштам кино!‘ Жената ми се крсти, не верува, ама јас по свое. Се растрчаа младите, бојосавме еден ѕид и следната вечер - јас напред, го носам проекторот, по мене овцата и телето. Каква вечер! Најнапред неколку мои факирски точки, а потоа пуштив четири кратки филмови. Комични и авантуристички. Моите пехчевци восхитени. Еми, цел ден да се зборува за тоа. 'Ете мискеџијата има циркус и уште и подвижни слики.‘ За ден-два се расчу низ сета Малешевија. И почнаа: ’Ајде дојда кај нас во Берово, ајде во Разловци, ајде во Митрашинци‘. Стигнавме со мојата компанија и до Пекљане и до Блатец. Се чудат селаните: теле со две глави, овца со пет нозе, факир плус живи слики. Од тоа немаше профит. Важна ми беше мојата радост што на луѓето им приредувам нешто убаво.“

„Наредното лето, значи во 1936 година, само што се прибрав дома, татко вели: ’Подготви се, сега ќе одиме на една поголема турнеја‘. Татко ми на почетокот на таа година (на 18 февруари) имаше добиено сертификат/диплома за мајстор-киноапаратер и со тоа беше послободен за поголеми кино-потфати. Се натоваривме. Пљачките наши со нас, а на магарето исто - на една страна проекторот, на другата акумулаторот. И тргнвме - од Струмица, па Костурино, Валандово, Удово. Секаде одржуваме проекции. Интерес - да не ти кажувам. Кај Клисура, каде што Вардар е мирен и плиток, ја минуваме реката боси. Магарето нема проблем. Секаде одржуваме проекции. Еве вака по ред: во селото Клисура, па во Неготино и околните села, во Кавадарци (во кафеаната ’Балкан‘), во селата Конопиште, Чемерско, Дреново. Стигнавме во Прилеп, таму имаше постојано кино, ама ние сред град - проекција. Продолживме кон Битола, Таму имаше повеќе кина и проекции организиравме само во битолските села Кажани, Маловиште, Магарево... Беа тоа влашки села, луѓето знаеја што е кино, па за нив тоа беше свеченост. Навечер, со фенери и фамилијарно, ќе дојдеа до просторот каде бевме стационирани и уживаа во проекциите. Потоа вечери, седенки, не не пуштаа да си одиме. Така планот малку ни се поремети, останавме многу подолго одошто планиравме. Во Ресен имавме неколкудневни проекции во ’Ѓупското кафе‘. И стигнавме до Охрид. Имавме неколку проекции, но веќе фати есен. Требаше да се враќаме назад. Татко го продаде магарето, мене тоа многу тешко ми падна, но така мораше да биде. Се вративме назад со разни превозни средства - со автобус, па воловска кола, важно живи-здрави сосе проекторот и филмовите се вративме во Струмица. Јас си продолжив на студии, а татко одржуваше проекции во околината на Струмица. Сега да ти кажам како ги рекламиравме филмовите. Јас цртав плакати на пак-папир со водени боици и ги лепевме на ѕидови, на огради... Бидејќи филмовите што ги прикажувавме беа неми, коментарите за време на проекциите ги правеше татко ми. На гевгелиско-струмички дијалект. Ми падна в’очи дека за проекциите најмногу интерес покажуваа учителите. Нè канеа дома, се дружевме, понекогаш, за да не одиме пешки, ни помагаа во превозот (коњи, чези...). Магарето беше само за проекторот.“

„Ми доаѓа еден ден еден пријател од Митрашинци и ми вели дека ќе дојде во Малешевијата една циркуска трупа од Скопје. ’Па јас предложив, ми вели, и ти да учествуваш во програмата.‘ Се согласувам. И дојдоа циркузантите. Направија арена, заградена, огласија, ме ставија и мене и моите компањони (телето и овцата) на плакатите. Се собра цела Малешевија. Јас си го зедов и проекторот. Билетите распродадени. Ама се стуши небото, истури порој дожд. Се откажа претставата. Рекоа: ’Билетите важат за утре вечер‘. И така бидна. Трешти музика, настапуваат акробати и на крај ме најавуваат мене: ’Мискеџијата од Пехчево‘. Шетам јас со мои компањони, изведувам разни маѓионичарски трикови и најнакрај - пуштам филмови. Незаборавно! Имаше уште неколку настапи на тој циркус во други малешевски места. И јас одев со нив. Кога заминуваа ме поканија да појдам со нив. Ама јас не се делам од мојата Малешевија. Одбив и им посакав среќен пат.“

„Кога почна Втората светска војна татко ги прекина проекциите. Се занимаваше со трговија. Кога загина брат ми Боро Џони, ми се чини, тоа го уништи. Оној немирен авантуристички дух наеднаш се смири, замолча. И замина. Во вечните ловишта.“

„Откако заминаа циркузантите, јас уште некое време прикажував филмови. Одев и по училиштата, децата многу се радуваа на киното. Еден ден среќавам еден пријател од Царево Село (тој многу често доаѓаше да гледа филмови) и го прашувам: ’Што те нема? Одамна не си дошол да Гледаш‘. Ми одговара: ’А бе види мискеџија, могу врне во твоите филмови‘. Знам, си мислам, изабени се веќе, стари, колку пати само поминаа низ проекторот. Како рече ти она за ’дождот на лентата‘, а да, крацери велиш. Е, се ’искрацерираа‘ моите филмови до крај. И заврши моето кино. Амајас си продолжив со моите компањони (телето и овцата) да ги развеселувам луѓето од мојата Малешевија. Па ете, и чешмата што ја изградив кај Осојница, за луѓето е!“

И луѓето ги спомнуваат. И Илија Џонов, и Димитар Станоев-мискеџијата. Оставија малку повеќе љубов, малку повеќе радост за своите сограѓани. Својот сон се обидоа да им го пренесат на оние обични, напатени луѓе од својата Македонија.

МОЈАТА МАКЕДОНИЈА

На 8 март годинава (2005) се јавувам кај маестро Благоја Дрнков. „Ви го честитам 91-от роденден, еве, на патерица. Како сте, што правите?“ „Благодарам што се сети, а како сум и што правам - повели, дојди.“ Речиси две години наназад, на разни проекции (најчесто на етнолошки филмови) се среќавам со маестро Дрнков и кога ќе го прашам што работи ми одговара: „Дојди и види“. Ветувам дека ќе појдам, ама од немукает не го исполнувам ветувањето. Ама сега решив да појдам. На 21 март повторно се јавувам по телефон и договарам визита за наредниот ден. „Е, сега лично да ви го честитам роденденот, а не онака по телефон.“ Дрнков со широка насмевка одговара: „Сега навистина на патерица дојде да ми честиташ.“ Јас збунета. Во сите биографски единици стои, јасно и гласно, денот на раѓање - 7 март 1914 година. „Така стои, така остана, стар-нов календар, ама јас сум роден точно на 21 март. И ти доаѓаш точно на време. А тоа со датумите, две недели порано или подоцна, исто му доаѓа.“ Најнапред малку муабет, па послужување и потоа да видиме: ги

изнесува огромните панорамски фотографии. Блешти Македонија, на фотографиите и во неговото срце. „Десет големи панорами направив, треба уште многу да се направат, но не знам дали ќе најдеме пари за таа изложба. Климе Коробар се ангажира, ама ќе видиме. Еве, и монографијата за македонскиот накит и вез е подготвена, ама нема издавач. Скапо е, велат. Така беше и за ’Мојата Македонија‘. Добро што се нафатија МАНУ и Скенпоинт, па излезе.“ „Ова сè компјутерски го работите, нели?“ прашувам. „Внукот ми помага, ама нема што, технологијата оди напред и ти мора да ја следиш. Нема да веруваш, ама купив и дигитален апарат. Не е тоа - тоа, ама треба да се види. Еве, направив цела серија од 400 фотографии: цвеќиња, што од мојот двор, што од цветниот пазар, што од другите пазари. Одбери си од овие ’фотографски цвеќиња‘. Да знаеш дека Дрнков, еве, се фатил и со дигиталната техника.“ Му кажувам на маестрото дека подготвувам книга. И дека според концептот, бидејќи тој е сврзникот меѓу предвоената и повоената македонска кинематографија (мислам на Втората светска војна), приказната за него ќе биде последна во книгата. Како завршница на едно време и почеток на друго, ново, време. И го молам за дозвола насловот на таа приказна да го носи оној од монографијата ’Мојата Македонија‘. „Ќе ги користам податоците од интервјуто што го правев со Вас во ’77-та година, она што излезе во ’Кинотечниот месечник‘ број 6“, продолжувам. „Согласен сум, само види дали е сè во ред.“

Мојата приказна за маестро Благоја Дрнков има повеќе почетоци. Дел се лични, дел професионални.

Кога во ’48-та се доселивме во зградата на доктор Ремон Рубен (младите тоа го знаат како ’МЦМ‘) моите кажаа дека во тој стан претходно живеел Благоја Дрнков. Татко расправаше за него со голема љубов и почит. „Не се дели од фотографскиот апарат и од камерата. Како да му сраснале со телото“, велеа моите.

Многу, многу подоцна, доаѓа Дрнков во Кинотеката и ми подава еден плик. „Ја расчистував мојата архива, па најдов некои твои негативи Иле.“ Си мислам, од каде мои негативи кај него. Кога гледам, негативи 6x6 од времето кога сум била бебе, па детуле... „Ги имам овие фотографии, но немав поим дека сето тоа Вие сте го сликале“, одговарам. „Јас, јас, се смее маестрото, те сликав од бебе па понатаму. Бевме добри пријатели со твоите. Се почитувавме, се посетувавме...“

Вистинскиот почеток на приказната, оној професионалниот, започнува во 1977 година. Во март го правам големото интервју со маестро Благоја Дрнков, мајстор на уметничката фотографија на АФИАП (уметник на Интернационалната федерација за уметничка фотографија), филмски автор, еден од основачите на повоената македонска кинематографија.

Детството на Благоја Дрнков минува во едно од најстарите скопскии маала - Маџар маало. И токму тука, при едно заедничко фамилијарно фотографирање, 9-годишниот Благоја првпат ќе го види тоа чудо од фотографски апарат. И ќе го запамети. „Се сеќавам, за мојот 12-ти роденден некој од фамилијата ми подари детска играчка кинопроектор со монтирана бескрајна/кружна 35мм филмска лента. Инаку во дуќаните се продаваа филмови на таква лента. И јас, како што го добив проекторот, започнав џепарлакот да го користам за купување на такви филмови. Обично купував во дуќанот ’Бечки базар‘ кој се наоѓаше некаде на местото на сегашниот Дом на Армијата.“ И заедно со другар му Апостол Шатев организираат маалско кино. Проекциите обично ги одржуваат во мрачни простории, најчесто во подруми. „За нашето маалско кино наплатувавме и влезници: 25 пари или како што тогаш велевме една ’дупната пара‘. Со собраните пари купував нови филмови. Ќе признаам дека во тоа време филмот за мене беше само една техничка иновација, го прифаќав и го негував само како техника. Далеку бев од помислата сам да снимам филмови. Ама, ете, испадна поинаку. Во училиштето имав професор по физика, Михајло Живковиќ му беше името. Тој се занимаваше со фотографија. И јас, малку по малку, кај него во лабораторија и започнав да му помагам при развивањето на фотографиите. И тука ја направив и мојата прва фотографија. А јас имав сон да станам книговодител!“ Во 1928 година Дрнков, на кредит, го купува својот прв фотографски апарат. Марка „Цајс икон“ 9x12. Ги фотографира своите блиски, своите другари, но започнува и со поинакво око да ги гледа амбиентите на својот град. Започнува да прави композиција во своите фотографии. „Но животот не беше лежерен. Семејството одвај врзуваше крај со крај. И јас започнав да работам како трговски помошник во една книжарница. Потоа се префрлив на работа во една занаетчиска задруга. И бидејќи бев наумил да станам книговодител, паралелно со работата учев во вечерното трговско училиште. И со успех го завршив.“ Го заврши училиштето и работејќи ќе сфати едно нешто - дека на неговиот темперамент не му одговара статичната сметководителска работа. И ќе ја чека првата пригода за да ги смени нештата во својот живот. Фотографијата не ја напушта, напротив, таа му овозможува исполнување на неговото битие. Таа е неговиот немир, неговата радост... „Во тоа време многу често го посетував фотографскиот дуќан на Теодосие Вучидолац ’Фотоаматер‘. Таму се снабдував со фотографски материјали. Беше некаде 1933 година кога Вучидолац ми предложи да се вработам кај него како кореспондент. Во почеток тоа, а потоа и како книговодител и деловодител/раководител. Овие предлози на Вучидолац ги прифатив со голема радост. Тоа за мене беше како да сум влегол во ветената земја, оти тука имаше сè - фотоматеријали, камери, фотоапарати...“ И тука, во тој, за Дрнков, бајковиден свет, ќе започне неговата нова авантура наречена - филм. „Во дуќанот на Вучидолац најдов една веќе користена 9,5мм филмска камера ’Пате‘ и еден кинопроектор на рачен погон. Бев пресреќен. Веднаш порачав филмови на 9,5мм лента и... во ’33-тата го снимив мојот прв филм. Или ако сакаш - моите први филмски кадри. Во дворот имавме петли кои често се бореа. Значи, најнапред ги снимив петлите во борба, а потоа ја снимив и мојата помала сестра како плаче. Со истата камера, во ’35-тата година, го снимив и филмскиот запис/филм ’Католичка процесија на улиците во Скопје‘.“

Од 1935 година во дуќанот започнува продажба и на помали, 8мм, филмски камери. За нив биле заинтересирани неколкумина инженери и други љубопитници. Ги купиле камерите и снимале. „Се појавија и колор филмовите. Јас со 8мм Агфа камера и со колор филмови снимав низ Скопје и во околината. Снимав народни обичаи, носии, земјоделски работи, свадби и друго. Ги снимав и домашните и пријателите и соседите...“ И бележам: филмскиот (аматерски) опус на Дрнков од 1933 до крајот на Втората светска војна изгледа вака - „Борба со петли“ и „Сестрата плаче“ (1933), „Католичка процеси-а“ (1935), „Свадбата на Ферчо Стојанов и Вера Глигорова“ (1938), „Бомбардирана Битола“(1939), „Едриличарски митинг“ (1939), „Слободанка Дрнкова во паркот и во зоолошката градина“ (1942), „Светле бебе“ (1942), „Фудбалски натпревар меѓу ’Левски‘ и ’Македонија‘“ (1942), „Воен коњички натпревар“ (1942), „Првиот комбајн во Скопје“ (1942), „Зајачиња“ и „Тројцата мускетари“ (1943), „Светле и Рената“ (1944). Да се забележи она што се случува, да се сочува за иднината... Дрнков знае од филмската глетка да го извлече она најбитното. Знае како со филмски јазик да ги лоцира нештата, како и кога да детализира, а кога пак треба да се сними во општ план за да се фиксира амбиентот. Сè е на свое место. „Дел од овие филмови ги видоа само поединци. Ги вртев филмовите дома. Но, организирав и проекции во студентската колонија во Охрид, во текот на летниот период од 1938-та до 1940-тата година. И што се случи потоа со филмовите? Дојде окупацијата. Во 1941 година Германците ми го ограбија дуќанот и филмовите исчезнаа.“

Во тоа време дуќанот „Фотоаматер“ беше веќе сопственост на Дрнков. Имено, во 1938 година, тој и неговиот пријател Ферчо Стојанов го преземаат од Вучидолац овој фотографски дуќан. И покрај „заслепеноста“ со филмот, Дрнков не ја запоставува фотографијата. Напротив, сè повеќе се усовршува и станува вистински мајстор. Во јануари 1936 година весникот ’Скопски гласник‘ објавува дека во почетокот на наредниот месец (февруари) скопските фотоаматери Цветко Иванов, Благоја Дрнков и Киро Билбиловски (со презимиња на српско ’ќ‘, се разбира) ќе ги изложат своите фотографски дела на голема фотографска изложба во Белград.

„Лабораторија немав. Обично работев дома, ноќе, со ламба. Најчесто (во старата куќа каде е сега комплексот на банки) ќе се вовлечев под кревет, а мајка ми ќе ме покриеше со сите јоргани што ги имавме. Користев газиена ламба. И така работејќи, еднаш се случи да изгубам свест, па филмовите се осветлија, а јорганите се потпалија. Потоа татко ми направи сандак од штици 1 на 1 метар кубен и го постави во дворот крај шупата. Е тоа беше мојата прва лабораторија.“

Работата во дуќанот „Фотоаматер“ му овозможува на Дрнков да запознава интересни луѓе, да склучува убави познанства. Оти, јасно е, во еден таков дуќан влегувале, да кажам, посебни луѓе. Оние што се занимавале со нешто посебно - фотографија и филм. А во тоа време тоа, сепак, било шик. „Тука во дуќанот се запознав со Милтон Манаки. Дојде по некои материјали. И врзавме муабет, та за малку ќе го испуштеше возот. Втората средба со него ја имав во Битола. Што се случи? Во 1939 година Италија, по грешка, ја бомбардираше Битола и јас веднаш заминав таму за да снимам репортажа за тој морничав настан. И така, одејќи по битолските улици и снимајќи со мојата 8мм камера ’налетав‘ на Милтона. Тој безмерно се израдува и ме покани в’ кафеана да се почестиме. Тој пиеше ракија, а јас млеко. Милтон покажа голем интерес за мојата камера, ја разгледуваше, а потоа почна да расправа за својата работа, за киното, за камерата... Милтон беше извонреден раскажувач, многу духовит, знаеше многу анегдоти и знаеше како да ги каже. За мене сето тоа беше многу интересно, неочекувано и пријатно. И така останав еден ден подолго во Битола, бев кај Милтона дома, на гости. Ми покажуваше фотографии и непрестано расправаше за доживеалиците од својот бурен живот. Од познанствата што ги направив преку фотографскиот дуќан, покрај Милтона, во сеќавање ми се најмалку уште две. Еве вака: најнапред се запознав со луѓето што работеа во кино-лабораторијата на Скопскиот Хигиенски завод. Лично го запознав раководителот на таа лабораторија и филмски снимател Стеван Мишковиќ. Ги запознав и неговите соработници Глишо и Јордан, ама презимињата не им ги паметам. Често наминував во Хигиенскиот завод, во лабораторијата. Така дознав за нивните активности на полето на филмот - тие снимаа наменски филмови од областа на здравството (филмови за борба против маларијата, тифусот, другите заразни болести). Сите нивни филмови ги видов. Лабораторијата на Хигиенскиот завод подоцна, по ослободувањето, стана база од која започна организираното филмско производство во Македонија. Имено, лабораторијата ја сместивме во ’Америкен палат‘, до кино ’Култура‘, во старото фотографско ателје ’Венус‘. Второто познанство за кое се сеќавам до ден-денешен беше она со Сифрид Миладинов од Куманово. Тоа е таткото на Ангел Миладинов, го познаваш, нели? Тој доаѓаше во дуќанот, се спријателивме и еден ден ме покани на гости кај него, во Куманово. И таму ми го покажа неговиот филм ’Галичка свадба‘, што го снимил на 16мм филмска лента. И тоа во колор!“

Веднаш по ослободувањето малата 8мм камера повторно започнува нежно да брмчи. Дрнков ќе ги бележи настаните што се случуваат во неговото Скопје. За да не се заборават! „Првомајска парада во Скопје 1945“, „Второ заседание на АСНОМ", „Пречек на Димитар Влахов во Куманово и Скопје“, „Пречек на 48-мата дивизија во Скопје“ и „Свечено пуштање во употреба на Железничкиот мост во Скопје“. Патем и фотографира! Да не се заборави!

Потоа малата 8мм камера ќе се повлече пред другите (поголеми) предизвици. Маестро Благоја Дрнков станува еден основоположниците на повоената македонска кинематографија. Најнапред прв директор на Филмската дирекција на Македонија (ФИДИМА) и прв дописник на „Филмски новости“ од Македонија. 8мм камера ја заменува со онаа поголемата - 35мм-ката. Работи на организирање на филмското производство, но и самиот создава. Снима, создава исклучителен филмски опус. Од „Филмскиот преглед“ број 1 и „Во избори за нови победи“ до „Изморениот патник“, преку „Радосно детство“, „Ѓурѓовденски обичаи во Скопско“, „Бели штркови“, „Препородени полиња“... Професионални филмови! Црно-бела филмска фотографија! „Црно-белата фотографија и во филмот и во фотографијата е нешто посебно. Таа има толку нијанси, не се добројуваат, таа ја дава драматичноста на филмската глетка. Не сум против колорот, да се разбереме, и тој има многу нешта ’да каже‘, ама финесите на црно-белата фотографија се безмерни.“

Благоја Дрнков се пензионира во 1969 година како режисер на документарни филмови и телевизиски серии во Телевизија Скопје. И тогаш, ми се чини, започнува втората младост на маестрото. Не мирува, фотографира, оди и ја открива својата Македонија. Му ја прикажува на светот. И нам - за да ја запознаеме подобро! Авионските снимки на родните полиња, како вез од носиите, како шари од футите, бескрајното небо со невообичаената за други поднебја светлина, бескрајот на малите кристални езера, планинските снежни врвови, луѓето, да луѓето - сето тоа на фотографиите од неговата Македонија. И малиот изморен патник, она малото вовче со кое ние децата сакавме да патуваме во едно изминато време, еве го повторно пред мене како жизнерадосно ги минува планинските превои. Та магарето побрзо одеше од него. Ама сите ние го сакавме, тоа мало пампурче. Тоа и го кажува маестро Дрнков во својот последен филм од опусот во „Вардар филм“ во ’61-та година. И како што вели Матушевски: „Филмот го победи заборавот“. Ама ова се други приказни за Маестрото и за неговата Македонија по Втората светска војна. Јас сакав само да раскажам за она меѓу двете големи (светски) војни.

„Еве, овде имаш една фотографија на Бардовските конаци. Сум ја снимал негде во триесеттите години.“ Денес во Бардовските конаци се наоѓа филмското депо на Кинотеката на Македонија. Таму се чува сеќавањето.

Заминувам од домот на Благоја Дрнков. Ме испраќаат тој и сопругата. Знам дека одзедов многу време. Од неговото драгоцено време за да ја раскаже приказната за Македонија. Низ волшепството на фотографијата. Низ деталите од делата на копаничарите, низ нежните нитки на конецот во везот од кошулата... „Погледни каква убавина. Каква прецизност. Ма, мора да најдам пари за оваа изложба и за онаа монографија, за везот и за накитот.“ Неуморен, со бескрајно позитивна енергија. Ми мавнува со раката. „Види дали нешто може да се направи за материјалите за Дојран“. „Ќе се обидам“, му ветувам. Заминувајќи, имам чувство дека таму некаде зад мене, во малата куќа на „Орце Николов“, се собрала сета Македонија. Онаа на маестро Благоја Дрнков.

Белешка за авторот

Илинденка Петрушева е познат македонски филмски критичар, публицист, советник - филмолог во Кинотеката на Македонија. Член е на ФИПРЕСЦИ (меѓународна асоцијација на филмската критика). Родена е во 1944 година, образованието го оформила во Скопје и во Загреб. Со филмска критика се занимава од почетокот на седумдесеттите години. Објавувала филмски рецензии и есеи во „Филм-фокус“, „Вечер“, „Културен живот“, „Денес“, „Премин“ и во други домашни и странски списанија. Главен и одговорен уредник е на единственото македонско списание за историја, теорија и култура на филмот „Кинопис“. Во Кинотеката на Македонија раководи со неколку капитални истражувачки (историографски) проекти. Учесник е на многу домашни и странски научни симпозиуми. Била соработник во изготувањето на на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб, а соработува и во подготовките на Македонската енциклопедија на МАНУ. Автор е на трудовите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (1991) и „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (2000).

На Растку објављено: 2007-12-11
Датум последње измене: 2007-12-10 15:20:24
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија