Дневник "Нова Македонија", Скопје, 15. јули 1992.

 

 

Премиери

Орфеј како Словен

Кон премиерата на „Словенски Орфеј" од Зоран Стефановиќ, во режија на Горан Тренчовски, а во продукција на Народниот театар „Антон Панов" од Струмица. „Дојрански ракувања", 1992.

 

Старата тема - бунтот против боговите - во последната премиера на Народниот театар "Антон Панов" од Струмица е проектирана во модификуваната приказна за Орфеј, при што јасно се одделуваат две тенденции, поточно, две определби: на драматургот и на режисерот. Од една страна, авторот на текстот Зоран Стефановиќ, ја користи можноста да експериментира со легендата, да ја стави во тематски координати што ќе му овозможат конципирање на сосема поинаква драмска материја, во која се прекршуваат ритуалот, елаборацијата за словенството и, навистина - оддалеку назначени, паралели што се допираат до сегашниов политички момент. Режисерот Горан Тренчовски ја користи можноста што ја дава присуството на ритуалноста во драмската материја и гради претстава во која преку стилизирани обредни моменти, ќе се експонираат како примарни изразни средства гестот и пластиката на актерското тело. Во таквата определба своја мошне изразена и точно определена функција имаат и маските (што ги изработи [Драгомир] Чеда Николиќ) кои се надоврзуваат на режисерската идеја и го заокружуваат актерското остварување.

На овој начин конципираниот режисерски ракопис, често се поставуваше прашањето за функционалноста и оправданоста на фарсичниот израз што, евидентно, беше определба на Горан Тренчовски. Нагласената фарса, доволно дозирана, не до крај се вклопуваше во структурата на проектот, од време на време разбивајќи ја дури и естетската хармонизираност на претставата. Не спорејќи со употребата на фарсата како еден од начините да се експлицира атмосферата во дворот на богот на виното Бахус, сепак се наметнува впечатокот дека преголемото инсистирање на овој начин на игра ги прекрива другите актерски и режисерски елементи на изразот.

Зоран Стефановиќ определувајќи го Орфеј како Словен ја трансформира легендата за бунтот на уметникот, поточно, ја обработува дилемата за можноста и (не)рамноправноста на борбата меѓу смртникот (дури и кога тој како свое оружје ја користи уметноста) и боговите. Во пиесата на Стефановиќ, Орфеј е само инструмент во меѓусебните непријателства на двата бога - Аполон и Дионис.

Зборувајќи за "словенизирањсто" на Орфеј, интересно е да се одбележи оригиналниот паралелизам што беше предизвикан од проекцијата на методот на драмскиот автор во режисерската скрипција при оформувањето на претставата. Имено, режисерот Тренчовски потпирајќи се на насловот на проектот - „Словенски Орфеј" - во ритуалната концепција воведува елементи карактеристични за словенскиот фолклор, на тој начин инвентивно оплодувајќи го драмскиот материјал. Во таа насока, доволно оригинални, но сепак со задржани комуникативни и лесно препознатливи стилизации беа и костимите на Благој Мицевски, за чија костимографија, по неколкуте проекти во кои учсствувал, може да се рече дека има оформен и чист стил.

Во "Словенски Орфеј" учествуваа Трајче Ѓоргиев, Владо Јовановски, Марија Ѓурчева, Кирил Здравески, Бранко Бенинов, Тинче Ристеска, Валентина Митрова, Весна Таковска, Ленче Василева и др. Сценографијата е на Марјан Пецев, а музичката илустрација на Христо Бојаџиев.

Кога се работи за настапот на актерскиот ансамбл, забележливо е дека нивната креативност најмногу доаѓа до израз во сцените во кои комуникацијата се достигнува, пред се, со форми што не го третираат зборот како основно изразно средство во театарот. Во такви моменти се одделуваа Трајче Ѓорѓиев (Орфеј) и Владо Јовановски (Дионис). Точно и без напори користејќи се со пластиката на телото, овие двајца актери го профилираа докрај стремежот на режисерот во одделни делови на проектот да го искористи ритуалот како почетна точка во сценското обликување на претставата. Во тоа им помогна и инвентивната музичка илустрација на Христо Бојаџиев, која со правилно одмерените осцилации во тонот и со звучната слика го оформуваше дефинитивно проектот. Од друга страна. беше очигледно дека на актерите, посебно на Владо Јовановски, напати им пречеше пренагласената фарсичност на ликовите. Треба да се одбележи и придонесот на Марија Ѓурчева, Кирил Здравевски и Бранко Бенинов.

Мишел Павловски


Главна странаСловенски Орфеј - позоришна драмаСловенски Орфеј - радио-драма
ХронологијаРецензијеБиблиографија, театрографија...Документи
О Орфеју у миту и уметностиЛинковиПројекат РасткоСрпско позориште и драма